Битолски триод (извадок)

Извадок од романот Битолски триод на Владимир Костов.

Гертруда

По една сеанса со дружината на Кметот, Стефан тргна за дома со пријатно чувство дека има дом, дека некој таму го чека. Кметот, Иљо, Јонче исто така имаа свои домови, околу нив се врткаа луѓе. Сам беше Спиро. Кметот велеше за него: „Со господ е!“ Ама тој за себе велеше дека е атеист, значи го напуштил бог, а и бог него и, значи, беше сам. Со смртта. Дома Стефан го чекаше добар ручек – колбаси. Тамам она што беше потребно за неутрализација на вишокот во крвта од идеологизираната ракија на Кметот. „Митовите не се нешто што се создава, уште помалку нешто што се пишува на хартија, – си мислеше додека со Ѓулшан ручаа – туку тие се нешто што никне. Како што никне компир, грав. Гравот, пак, оди со колбаси. И љубовта е нешто што се раѓа. Таа оди со секс. Подобро е да се произведуваат колбаси, отколку бомби. Или тоа е исто? Исто се топови и топовско месо!“ По ручекот, место да одат во шареното одајче, излегоа на чардакот. Тука Стефан седна на сандалијата и ја зеде Ѓулшан в скут. Тој крупен, со колена небаре тезгиња, а таа мала, ситна, доаѓаше како кукла во рацете на мајстор која се вљубила во својот творец – мајсторот Ѓузепе. Таа го прегрна преку вратот, малку вкочанет и јак како кај волк. Тој на волк и личеше – сив и свртен малку на јан. Од тоа што ги љубел маркизите, усните му беа троа влажни. Кога беше во неговиот скут, Ѓулшан обично си играше со дрвеното крвче на неговите гради. И на тој начин што му поставуваше неочекувани прашања. Не се задоволуваше со тоа да биде само објект на обожавање. Природно интелигентна, со интелектуална љубопитност, таа беше личност. Понекојпат оставаше впечаток на наивност, но зад тоа се криеше само женска итрина.

– Што значи крстењето? – го праша сега Стефан.

– Потсетување на крстот на кој бил распнат и мачен Спасителот, воскреснувачот на Лазар.

– И зар крстот, на кој бил распнат и мачен Спасителот треба да се почитува?

– Имаше некои меѓу христијаните кои, токму како инструмент на Христовото мачење, крстот не го признаваа. Но таквите беа гонети, измачувани и распнувани на крст.

Ѓулшан се прекрсти. Тоа го правеше како иронична реакција на нешто што за нејзиниот ум беше крајно неприфатливо.

– Слушај, Ѓулшан! – ѝ се довери Стефан. Јас од митовите одамна имам кренато раце. Со таква дејност на ситно, со 1% од печалбата, не се доаѓа до големо богатство. До големо богатство, впрочем, никако не се доаѓа, освен ако тоа не се наследи. Татко ми имаше наследство од пред најмалку шест века, уште од пред доаѓањето на Турците на Балканот. А можеби и отпорано. Можеби уште од пред илјада години, од времето на Владислав кој беше цар во Битола. Му го конфискуваа тоа злато. Го чуваше во грнчиња. Тоа значи му го украдоа. Татко ми умре од срам и од јад. Од срам што не го зачува златото и од јад што стана жртва на предавство – го предаде мајка ми. Оној далечен предок, кога Османлиите го зазедоа градот, кој сигурно бил исто така изложен на притисоци и тортури, успеа да го зачува златото и да го предаде во наследство. Татко ми успеа да го зачува само овој прстен.

Ѓулшан го остави крстот и се зафати со неговиот прстен.

– Можеби личен подарок од царот на некој мој предок за некоја државна заслуга! – ѝ рече тој. – Хрисовулот што го барав по крпениците на тапаните и дајрињата, одеше со овој прстен. Хрисовулот беше нешто како диплома или тапија за припадноста на прстенот. Та така, ако сакаш да дојдеш до злато, треба да го наследиш. Како што го наследил татко ми. Или да го украдеш, како што му го украдоа на татко ми. Кражбата честопати оди и со убиство. Друго чаре нема. Освен…

Стефан се колебаше дали да продолжи или не. Сепак, не сакаше да го остави тоа прашање отворено. А и Ѓулшан беше љубопитна.

– Освен?

– Освен ако се зафати човек со синтакса.

– Навистина? – се воодушеви Ѓулшан.

Таа, се разбира, не знаеше што значи тоа „синтакса”, првпат слушаше за таков збор, но претпоставуваше што може да се надоврзе на тој збор, какво злато: Проклето злато заради кое Спасителот, воскреснувачот, го распнаа на крст – мит што нејзе ѝ се залепи за срце. Особено поради воскреснувањето.

– Одамна, одамна со митовите не се занимавам. Преминав на јазик, на синтакса. Тоа е всушност пак занимавање со митови, ама на повисоко ниво, т.е. слегување во уште пониските нивни слоеви. Се разбира, пак во потрага по енергија. Поаѓам од битолскиот говор кој е словенски говор со многу влијанија од несловенски говори – еден типичен балкански идиом, со граматички форми што се резултат на вкрстувања на многу јазици, една вавилонска мешавина. И како таков многу погоден за проучувања од типот на оние кои мене ме интересираат. Моето предимство е во тоа што тој говор ми е роден, мајчин. Всушност, говор што сум го презел од татко ми, зашто јас мајчин јазик и немам, мене ме подигна татко ми, татко ми ми беше мајка. И оттаму кај мене неусогласеност меѓу „јунг“ и „јанг“ системот, меѓу машкиот и женскиот принцип, со пренагласеност на машкиот. А кај тебе, пак, на женскиот. Во тој поглед се надополнуваме.

– Битолскиот говор, како говор на македонскиот јазик, го компарирам со францускиот јазик кој, пак, сум го учел во Француското училиште во Битола, потоа го зборував со стрико ми и го усовршив во Париз. Така што тој стана моето второ јас. Предимството во паралелното изучување на синтаксата на тие јазици се состои во тоа што и двата се „машки“. Или, како што се нарекуваат во науката, аналитички.

Во планот на Стефан беше синтаксичкиот материјал да ѝ го изложи на Мелпомени, но гледајќи колку многу за него се заинтересира Ѓулшан, – таа просто зина во него – тој реши да ја започне синтаксата со неа. Во секој случај таа подобро и ќе го разбереше.

– Синтаксичките односи во тие јазици се искажуваат преку предлози. Важна улога тука игра и членот што исто така е машки принцип. Во францускиот тој е претпозитивно употребен, – оттаму кај Французите во сексот склоност кон хоризонтала – а во македонскиот постпозитивно што не го исклучува она што го има во љубовната практика на Французите, но само во однос на обратниот пол. Оттаму кај нас и изразот „ја опаши“.

– Море! – го прекори Ѓулшан.

– Не, сериозно! – не го прифати прекорот Стефан. – Во почетокот и јас на јазикот така му приоѓав: од неговата животинска страна. А така да ѝ пријдеш на една реченица, лезетски, можеш да ја искористиш максимално: ништо фазла да не оди. Како кога ѝ се трга ножот на свињата. Дури и цревата ѝ се ползуваат за колбаси. Не знам, Ѓулшан, дали знаеш, дали ти имам зборувано за тоа дека и колбасот е производ на митот. А можеби и самиот е мит.

Се уште беше под впечаток на колбасите што ги јаде за ручек. Ѓулшан не готвеше. Им набавуваше од една сендвичарница Кардашот.

Ѓулшан многу и не јадеше. Половината од нејзиниот оброк го дојадуваше Стефан. Тоа што јадеа тие, јадеше и Кардашот, ама тој во дворот, под чардакот.

– Само што тоа е површна енергија, и со краток здив. Како општествените структури што се трошат, така и тоа ниво на јазикот бргу се троши. Како што, впрочем, се троши секој извор на енергија кој е од материјален карактер. Еден рудник на јаглен на пример, сеедно од какви размери. И тогаш јас почнав да му приоѓам на јазикот од неговата друга страна, од онаа страна каде што тој пак се троши, ама истовремено и се обновува сам од себе. Го одвоив, Ѓулшан, јазикот од мислата.

– Обично јазикот се поврзува со мислата. „Мишление вираженое словами ест предложение”. Јас ги одвоив. Мислата, тоа е свињата. Почнав да го изучувам јазикот како гола форма, како чиста структура која некои ја сметаат за амбалажа: Шише од „кока-кола“ кое оди со еколошка порака: „По употребата, фрли ме на буниште!” И потрошувачите го фрлаат, фрлајќи се и себеси со него. А во шишето како шише се содржи сета мистерија на создавањето. Сите митови се собрани во знаењето да се направи тоа шише – како во фокус. Во тој фокус е тајната на животот и смртта. Во простата реченица, Ѓулшан. Во начинот на кој таа е направена од подмет и прирок. Подметот го содржи поимот за супсистенција, а прирокот за инхеренција. Со нивниот спој се доаѓа до предикација, до мисла која најсинтетично се содржи во глаголот „сум“. „Сум“ значи постојам. Затоа тој глагол е наречен уште и егзистенционален. Ама тој спој на супсистенцијата со инхеренцијата не е механичен спој, туку е нешто како копулативен спој на маж и жена. Да се разбие тој спој за одново да се спои е нешто пгго треба неопходно да се направи за да се дојде до сознанието за тоа како дејствува тој механизам. И ете, тоа е работа достојна за еден човечки ум, ете тоа е испит на кој човекот или ќе падне или ќе ја потврди својата зрелост. Тешкотиите произлегуваат оттаму што удираш на таа структура со најтешките чекани на умот, но таа претерано е флексибилна и не се дава да биде разбиена. А и деловите, што си ги откинал, се лигави и не можеш да ги фатиш, ти бегаат од раце како риби.

И Стефан беше лигав, плукаше по малку кога зборуваше. Тој беше небаре подметот во простата реченица за која зборуваше. А Ѓулшан, инхеренцијата или предикацијата, што ли, на неговиот скут, беше премногу жива, флексибилна. Нејзиниот женски принцип во копулата што тој и таа ја правеа, седнати на сандалијата сред чардакот, се чинеше дека беше премногу нагласен. Освен тоа, таа го чувствуваше отспротива и присуството на Земфира, нешто што ја предизвикуваше и ја правеше немирна во скутот на Стефан. Нејзината соперничка се криеше зад пердето од прозорецот на својата куќа и Ѓулшан, зад грбот на Стефан, упатуваше спрема неа шипинки на машки начин.

– Во физиката постои принцип според кој посматрачот го изменува она што го посматра не само преку аголот на посматрањето туку и со чинот на самото посматрање. Која е објективната стварност? Објективната вистина? Апсолутната? Треба да се побегне од личното, од интелектуалното, од емоционалното и од моралното за да може да се дојде до објективното. Да се побегне од сето тоа, но да се остане човек, со свест за интелектуалното, емоционалното и моралното во себе. Таков човек може да биде само воскреснатиот човек. Еднаш умрен, па оживеан.

– Кој ќе го оживее?

– Лазарката Ѓулшан!

Ѓулшан ги крена рацете и почна да се крши како лазарка во скутот на Стефан при што не пропушташе на Земфира да ѝ упатува по некоја шипинка. Понесен од неа, Стефан ја праша: „Сакаш да ти зборувам за Гертруда Стејн?“ И Гертруда Стејн ја имаше предвидено за Мелпомени, но сега си рече дека таа не е достојна за една таква суптилност. „За неа нешто идеолошко! – си рече. – Таа ќе се исцрпи на нешто идеолошко“.

– Сакам! – веднаш прифати Ѓулшан. Ах, колку сакам!
„О, мон дје! Таа сака! Таа мисли дека ќе ѝ раскажувам љубовен расказ за некоја маркиза!”

– На јазикот во поезијата се исцрпува речиси сиот поетски потенцијал. Како струјата која минува низ сплет од жици, па во најголемиот дел се троши на тоа да го совлада нивниот отпор. Меѓутоа, јазичните структури во поезијата на Стејн и не се јазични, туку чисто поетски. Всушност, во прашање пак е јазик, но ослободен од жиците внатре во него. Чиста форма. Празнина. Но да видиш каква енергија се содржи во тоа што е празнина! Предимство во нејзиниот јазик има глаголот, кој во јазикот, според неа, е активен машки принцип. Во него се содржи и именката, која е пасивниот принцип. Предикацијата се врши не по граматички пат преку жици, туку којзнае преку што. Едната страна дејствува, другата трпи, се му е подредено на глаголот. Нејзините текстови по правило одат и без интерпункција. Не се цепка, не се растура ни грам енергија. Нуклеарен реактор. Нема пропусни вентили. Се поаѓа од глаголот кој се објаснува со именка за на крајот да се дојде до извик кој во својата изворна форма може да се чуе кај животни при спарување. Јачи шумата, светот, вселената. Но кај Гертруда и тоа не е тоа! Тоа е тоа што е тоа и не е тоа туку е тоа! Тоа е како човекот со цела своја слобода да експлодира во себе, во својот мозок, но притоа да не ја разори или да не ја оштети кората на мозокот со нејзините десет милијарди клетки. Можеш да си претставиш, Гулшан, каква експлозија би била таа, на каква духовна енергија? И згора на тоа да си претставиш каква придобивка за човекот ќе биде тоа кога таа енергија би се трансформирала во материјална! И кога со своја форма, со свој дизајн, би излегла на пазарот! Може, се разбира, и обратно: Сѐ што е физичко да се преобрази во духовно.

– Може! – се согласи Ѓулшан. Така би било подобро!
„О, мон дје. Таа вели: Така би било нодобро!”

– Ама тоа не може да се појави на пазарот! Тоа не носи пари, злато!

– Црти, место пари!

– О, мон дје! Ти си Гертруда Стејн!

– Која е таа?

– Таа е таа. Како што тоа е тоа. Не знам дали си направи автопортрет. Зошто таа со зборови им правеше портрети на современиците. Знаеш како го портретира Карл Ван Вехтен?

– Кој е тој?

– Тој е тој. Знаеш како?

– Како?

„Ако тоа и како што тоа, ако тоа или како што тоа, ако е тоа како тоа, и тоа е како што и како што тоа. Или како што тоа. Уште и како што тоа. И згора на тоа како тоа. Како уште. И како згора“.

– Тоа е тоа! – рече Ѓулшан и плесна со рацете. Од сето „тоа“ таа го сфати само зборот „згора“.

– Гертруда вели: „Ако уживате, тогаш разбирате; ако разбирате, тогаш уживате”. Тоа е тоа. Ѓулшан, ама тоа не е се. Може да се зборуваат глупости, да се блада и, ако се нема свест за тоа дека се тие глупости и, ако се тие претерани, нивниот зборувач може да заврши в лудница. Но да се има свест за тоа, тоа е нешто друго. А уште и да се има и теорија за тоа, може да ти се допушти да држиш за тие глупости и предавања на универзитет, како што држела Гертруда Стејн, да ти се печатат и да ти се препечатуваат во книги, да влезеш во енциклопедии, во литературни истории. Од глупоста да се исцеди памет, ете тоа е памет во чиста форма и тоа е она што оди на пазарот.

Ѓулшан уживаше во зборувањето на Стефан.

– Зборуваш интересно – му рече. Во зборувањето имаш мекам.

– Не е тоа „мекам“. Тоа е клуч, Ѓулшан. Француски клуч.

„Впрочем, таа и не е без сознание за она што произлегува од зборовите со кои е портретиран Карл Ван Вехтен небаре со многу дречливи бои, баш по вкусот на Ѓупците – помисли Стефан. – Го има сфатено зборот згора. А тоа не е малку да се сфати. Тоа е поентата на секое зборување. Згора и здола. Позиција згора и позиција здола. Нешто што најмногу доаѓа до израз во шареното одајче. Да се биде во тоа, е нешто. Да се биде, а истовремено со свеста да се одвоиш од тоа тоа е веќе човечка позиција, тоа е позиција на човек што се разбира во синтакса. Тоа е тројство. Тоа е во името на Отца и Сина и Свјатога духа!“

– Ти си – ѝ рече Стефан на Ѓулшан – човек што се разбира во синтакса, Твојот приод кон таа проблематика во шареното одајче е плодоносен: материјалното таму се претвора во духовно. Ти си како некоја пророчица. Како пророчица Девора од библиската гора Тавор. Бог му се јавил на Мојсеј во Синајската Гора и таму му ги издиктирал светите божји заповеди.

– Ама тој можел да се види и во гората Тавор. Ѓупски баир е битолски Тавор, и кога бог се јавува во него, се јавува во твоето шарено одајче. Само и ти евтино наплатуваш. 1% провизија. Што е тоа? Па уште ако е на вересија! И јас така едно време во науката работев, ама сега повеќе не. Сега се обидувам духовното да го трансформирам во материјално и тоа исклучиво на синтаксичко ниво. Ако биде да биде! А да се постигне тоа, простата реченица од подмет и прирок треба да се преведе на математички јазик, да ѝ се изнајде формулата. Се чини дека тоа е лесно: 1,2,3 и готово. 1 +1= 2; 2 +1 = 3. Тоа секое дете го знае. А она што ретко кој го знае и што не се учи на училиште е дека 1 + 1 = 3. Ама тоа треба да се докаже. Го докажав ли тоа, на коњ сум. Една таква формула на пазар пари вреди, богатство.

– Има што купуваат такви нешта на пазар?

– Само такви нешта, Ѓулшан, само такви! Поинакви не. Поинаквите одат со провизија од 1% на бофл-пазарите.

Станувајќи од скутот на Стефан, Ѓулшан пак се прекрсти. Тоа го правеше како што ја имаше научено Стефан, со десната рака и со три прсти, споени во единство. Но, небаре прозелит, тоа го стори невешто како што тоа би го сторил правоверен со левата рака. Земфира, која дотогаш се криеше зад прозорецот, сега го отвори, се покажа на него и ѝ упати на Ѓулшан проклетство: заради кривоверството: „Арам да ти е!“ Заедно со проклетството и три „скали“, три чинки на опасната ѓупска маѓија со силен набој на негативна енергија.

Стефан го извади бележникот и, префрлувајќи нога преку нога, почна да ја прави сметката – заветот од татко му. Тоа беше работа која, само при допир со неа, веднаш целосно го обземаше. И сега целосно ѝ се предаде, се задлабочи во неа. Имаше впечаток – како што сугерираше и поимот продлабочување – дека оди, дека се нурка со мислата надолу. Тоа му го сугерираше поимот со кој ја поврза својата работа или, пак, тоа произлегуваше од природата на спекулацијата со која се обидуваше духовното да го трансформира во материјално, нешто обратно од она што го загатна Ѓулшан како трансформација на материјалното во духовно и што веројатно одеше со впечаток дека мислата се возвишува. Кога го допре дното, а тоа во неговиот случај беше границата до која можеше да стигне неговата мисла, тој го скина ливчето од бележникот, го искина на парчиња и парчињата им ги фрли на децата кои веќе беа насобрани под чардакот. Потоа погледна кон местото на кое веќе требаше да се наоѓа Камбурот за да ги прибере од децата ливчињата на неговата сметка. Уште не беше стигнат, но, сеедно, тие ливчиња ќе стасаат до него. По цели ноќи Камбурот ги составуваше, ги сложуваше на маса, секојпат добивајќи го истиот резултат: „Јас сум“. Понекојпат место „Јас сум“, броевите 1 и 2, комбинирани со нула, а во некои случаи и со бројот 3. Никојпат во животот не бил ставен пред потешка задача: да ја одгатне тајната на тие формули. Особено го мачеше француската варијанта на реченицата „Јас сум“ и невозможната сума од 1 + 1 = 3. Болно љубоморен на жена си, тој неа ја следеше во чекор. Бидејќи беше вработена како дактилографка во Општината, тој се јазеше по катовите на општинската зграда за да може преку еден прозорец да ја контролира. Со појавата на Стефан на Ѓупски баир, тој „зовре”. Француското „Јас сум“, „Се моа“, го полуде, му стана опсесија. Си замисли дека тоа е љубовна изјава наменета за жена му, дека странецот изнашол начин како да се добере до неа. Фамозната „тројка”, пак, му ја потврдуваше таа претпоставка, уверен дека тоа укажува на брачен триаголник. Не знаејќи што значи С’еѕt moi, ниту умеејќи правилно да го прочита, прочитано еднаш гласно од жена му, Се моа, додека тој ѕуреше во реченицата, таа реченица за него стана уште помистериозна. Од тие причини, додека не го расчистеше случајот, не го пријавуваше на надлежно место. А да го расчисти, не му поаѓаше од рака никако. Но не само тој, туку и Стефан живееше во таа опсесија. Со ноќи бдееше над бележникот. Тоа го правеше и во Париз. Во Париз – на Монмартр, во Битола – на Ѓупски баир. И во Париз и во Битола, судрени со тоа прашање, гледал пијаници како, пренапиени, вртат со главите, како удираат со тупаници по масите од крчмите, понекојпат и по главите, и пијат сѐ додека не ја изгубат свеста, додека „Јас сум“ не се претвореше во „Не сум“, „С’еѕt moi“ во „Се n’еѕt раѕ moi“. Во неможноста да го најде решението, и Стефан се фаќаше за шишето. Во Париз, по така минатата ноќ, добиваше главоболка и, зимно време, навраќаше кај Жил Рене кој точеше расолница. „Сред Париз расолница, тоа не е баш ласкаво за светската метропола, прочуена со многуте пикантерии!” – си велеше. „Но, прости, – си одговараше – тој е Париз и на Рене Декарт, на неговото „Соgitо еrgо sum“, на „Мислам, значи, постојам”, на „С’еѕt moi“, на „Јас сум“ – на тие два збора на кои ми истекоа очите и кои ми го исцедија мозокот! И не може да постои сето тоа, а да не постои и место каде се точи расолница!” Тој што има главоболка со Рене Декарт, ќе го пронајдеше во Париз и Жил Рене. А во Битола, се разбира, Кметот.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *