Чудо зад аголот (извадок)

Извадок од романот „Чудо зад аголот“ на Владо Јаневски.

8. СООЧУВАЊЕ СО СУРОВАТА РЕАЛНОСТ

2 јануари

9:00 – Успеав да се извлечам од лавиринтот за вентилација.

Се пречекав на сите четири пред некојси интересен човек потпрен на ѕид, поточно седнат на црвено килимче на плочникот од прометна улица. Непознатиот до себе има капа и мал куфер; сигурно лесно би ме собрало во него. Човекот дремеше. Ја душнав капата. Во неа неколку ситни парички. За почеток задреманиот ќе го викам Брус. Тропнав со ѕвончето закачено на ремчето. Сакав да му го свртам вниманието на Брус: да го замолам да ја отвори малата капсула со моите податоци, да ѝ се јави на Бети. Поѕвонив уште еднаш и мјаукнав. Тој наместо да ги отвори очите и да види дека пред него стои мачка во неволја, само си ја прибра раката в пазува, почна да хрчи.

9:20 – Јас сум учтив мачор.

Не сакав повеќе да му здодевам на човекот. Сфатив, многу е изморен, веројатно од новогодишниот пречек; решив да почекам додека не се разбуди. Како и секоја убаво воспитана мачка се склопчав крај него, се препуштив на малку набљудување и размислување. Го гледав светот што се движеше по улицата. Иако сè уште се чувствуваше празничната атмосфера, луѓето пополека му се враќаа на секојдневниот живот. Некои од нив приоѓаа кон мојот иден спасител, му пуштаа  ситни пари во капата. Ова ми се допадна. Брус по малку ми личи на мачка. Веројатно штотуку јадел, се измил, заспал – едноставно и убаво. Се чудам – зошто нема уште неколкумина како него испоседнати крај ѕидот.

11:00 – Брус спиеше мошне долго, дури и по мачешки стандарди. Најпосле се разбуди. Трие очи, мљацка со јазикот, веројатно е гладен; и јас сум, прилично. Брус го отвора куферот, внатре три гулаби. Свежа храна на менито? Не би имал ништо против да му се придружам во гозбата. Тој ги бакнува сочните залачиња по клуновите.

„Аман, човеку“, си велам, „зарем првин водиш љубов со храната или можеби не си многу гладен?“

Брус се врти кон мене. Првиот впечаток е многу важен, особено во вакви моменти. Предам гласно. „Нема ефект“, си велам. Треба нешто посоодветно, срцепарателно. Повик за помош, да. Брзо се поправам, му испраќам специјален поглед за приликата во која се наоѓам – „заглавен сум, избави ме одовде!“

Брус не реагира баш како што очекував. „О, здраво мацо“, ми вели, „како си?“

Ама на кого му е до „здраво мацо“, по ѓаволите! Сепак, не е лошо за почеток. Сконцентрирај се, мачору! Марчело, главата горе. Ако треба мафтај со опашот како послушно кученце, не ја испуштај шансата. Ме фаќа паника: што ако тој – како што изгледа – не знае да чита мачешки погледи? Немам голем репертоар, да…

Сега жив се јадам што во долгите часови поминати дома се излежував истегнат на софа; задлабочен во честопати бескорисни мисли за модерната наука или за фолклорот на некои не-знам-кој-си култури. Зошто во такви возвишени моменти на безделничење, освен гледање телевизија не се занимавав со попрактични работи, како, на пример, вежби со погледот и усовршување на мачешкиот израз со кој би можел да скршам и најтврдокорно човечко срце. На тоа поле секогаш е потребна макотрпна работа. Сега сум ставен пред свршен чин – треба да се снаоѓам со аматерски гримаси од својот штур репертоар. На прагот сум да кренам шепи, да му се предадам на очајот што безмалку ме парализира. Пред тоа пробам со уште еден посебен поглед, овојпат од типот – „баш сум сладок и паметен, итно помогни ми како знаеш!“

Пак утка!

Брус предупредувачки го крева прстот, ми вели да стојам подалеку од гулабите. „Мацо, можам да ти прочитам во очите, не им мислиш добро на моиве гулапчиња“, ми вели тој.

„Катастрофа“, си велам. „Човеков со тапија е почетник, дефинитивно не знае да чита мачешки погледи.“

Ами чаре? Почнувам со мјаукање на чист англиско-мачешки, па што ќе биде; му велам, „аман помагај, отвори ја капсулата закачена на ремчево, повикај ги моите луѓе.“

Брус пак погрешно ме разбра, неговиот ограничен систем за комуникација тапка во место. Си мисли гладен сум, го молам за храна.

„Прво да се разбереме зошто сум дојден тука и кај сакам да одам“, му велам, „потоа лесна работа за храна, ме разбираш, пријателе?“

Но тој продолжува да ме гледа бело. Да можам би зел молив и хартија и со големи букви би му напишал или нацртал што ме мачи. Наместо тоа, му лизнувам рака и му заѕвонувам со ѕвончето. Од ова појасно – здравје, сега очекувам мојот несуден ангел-спасител успешно да ги поврзе работите.

Пак промашување!

А да почнам да удирам со глава од ѕидот? Без навреда, но ми се чини дотичниов не може да се пофали со исклучителна интелигенција.

„Јас последно работев како готвач“, ми вели Брус, веќе си меле. „Еве тука, откаршија, во ресторанот. Сега сум присилно пензиониран. Поточно, ме избркаа. Знаеш, на сопственикот му откинав парче уво, го фатив на дело со жена ми.“

„Јас – Марчело“, му велам, подавајќи му ја шепата иако порадо би ги кренал и двете, безусловно би ѝ се предал на судбата клета.

„Еј, ти знаеш да пружаш шепа“, Брус е импресиониран.

Се прашувам што има тука толку импресивно; би можел и двете да ги пружам, што со тоа, голема работа.

„Сега сè е ОК, само гледаш, ја изгубив работата, лошо, лошо“, Брус продолжува, за миг очите му се исполнуваат со тага.

Неколкупати со шепата му мавнувам пред лице за да проверам дали уште е тука со паметот, по неочекуваниот бран на самосожалување.

„Но тоа што ја изгубив работата не пречи. Не, мачору мој“, за среќа мојот соговорник брзо се повраќа од малиот удар на тага: „Ако сакаш можеме да скокнеме зад кујна, мислам – ако си гладен. Сè уште ми следува бесплатна супа… ех, таму ги оставив моите најдраги рецепти.“

Сакав да си ја спакувам опашката, да се тргнам подалеку од овој меланхоличен навиенко. Меѓутоа фактот што сум учтив – не си одам додека луѓето ми зборуваат – плус мачното сознание дека ако не каснам нешто наскоро ќе припаднам од глад, направија да останам. За чудо, надежта дека Брус ќе сфати оти сум во невоља, не ме напушташе.

„А какви рецепти, за мерак“, продолжи Брус. „Некои уште ги паметам. Еве, сега да влезам во кујната, на старото место, можам да почнам со готвење, уште веднаш. Готвењето ме одмара. Значи, замисли, влегуваме в кујна и сега јас те прашувам што сакаш за појадок. Кажи ми кое било јадење, на пример, шунка на хавајски начин, може?“, живна тој.

Тука мјаукнувам како некој да ми пуштил поголем камен врз опашот. Брус најпосле запира со мелењето, ме погледнува испитувачки.

„Сè е во ред?“, ме прашува. „Ти да не си нешто болен или… знам, па да, кај ми беше паметот – мора да си веќе гладен. Да ти кажам право, и јас огладнев од толку зборување.“

9. РАЗМИСЛУВАЊЕ СО ПОЛН СТОМАК

12:00 – Благодарение на Брус, каснав топла супа и убаво парче пилешко.

„Подруго е кога си сит, тогаш полесно е да размислуваш за ред работи. Животот е долго патување во кое треба да учиш за себе и за другите“, значајно рече Брус, чепкајќи си ги забите после пилешкото.

Се согласив и си го загладив мустаќот.

„Ама што зборувам“, одмавна Брус. „Губење време, начисто сум изветреан…“

„Не си изветреан“, му реков. „Сè си има некоја цел. Ме разбираш, Брус? Сигурно било предодредено денес ние двајца да се сретнеме, судбина… можеби ти си мојот ангел-чувар.“

„Секогаш има знаци во животот“, Брус продолжи да размислува на глас, иако веројатно мислеше дека мачките не ги разбираат луѓето „Еве, на пример, земи ја авантурата на жена ми и оној скапан сопственик на ресторанов. Што се случи? Многу нешто, ама мислам дека јас не гледав од носот подалеку, а имаше знаци, не е да немаше. Како што реков, знаци во животот“, Брус се расплака. Грев беше.

„Ама те разбирам, кутар човече, престани да плачеш “, му реков. Го гледав соговорникот право во очи додека тој гласно размислуваше за знаците.

„Да знаеш, ти си една интересна мачка“, најпосле ми рече Брус, „тие очи, погледот… Не сум стручњак за мачки, ама дали ти кажал некој – имаш, како да речам, филозофски поглед. Аха, да, очите: нешто посебно во нив, дефинитивно.“ Тој се наведна кон мене, подзамижа, ме гледаше како да сака да ме анализира уште подлабоко. Ми стана по малку непријатно. Почнав да си ги лижам шепите колку да ја сменам темата.

„Немој да менуваш тема“, ми рече Брус (зарем овојпат ме прочита!?) „Сериозен сум, ти се една итересна мачка… да“, навалува тој. „Ако сакаш можеш да живееш со мене. Еве, гледаш, мошне сум едноставен, нели?“

„Поедноставен од ова здравје.“

„Немам којзнае што да ти понудам“, продолжи тој, „но барем ќе имаш бесплатен покрив над глава. Мислам, ако ти се допаѓа, за привремено…а?“

„О, Брус, убаво од тебе, но претпочитам да си одам дома. Капиш?“

Во неговите очи немаше видлива трага дека ме разбрал.

„Добро, види ваму“, се обидов уште еднаш, „не е дека не сакам да живеам со тебе туку си имам други обврски, мачешки работи. Ме разбираш, пази сега, сакам да си одам  д-о-м-а!“, колку што можев појасно ја нагласив мојата мака, го затресов и ѕвончето надевајќи се дека Брус конечно ќе ја прими пораката за капсулата со податоците – ќе му текне, по ѓаволите, ќе му текне!

„Умна мацо, одлична идеја“, Брус плесна со рацете. „Па да, ти можеш да ми бидеш и партнер. Зошто да не? Тоа со ѕвончето ти е супер-дупер убава идеја. Ќе седиш до мене на црвеново килимче и ќе им се заблагодаруваш на добрите луѓе што фрлаат по некоја пара. Мачка што знае да се заблагодарува со ѕвонче. Импресивно! За ова имаш не само бесплатен покрив туку и редовна исхрана од мене, дај си рака.“

Немав голем избор, видов-невидов, се согласив, му пуштив шепа.

„Ако немаш ништо против ќе те викам Пепито. Тоа ќе ти биде уметничкото име“, ми рече тој.

„Уште едно име повеќе прикачено за мојот опаш многу ќе ми помогне побрзо да се вратам дома“, бев целосно разочаран од несаканиот развој на настаните.

„Убаво име ти дадов, нели?“, Брус задоволно ги триеше рацете.

„Многу се намачи да го смислиш, сепак подобро е од Кристина“, си реков помислувајќи на Бети. „Кутрата, веројатно е веќе силно загрижена.“

Брус никако да замолчи. „Јас сум Хардвин Рабазилоф, можеш да ме викаш Харди. Вие, мачките, дали ги викате луѓето по име или работите само со мириси?“ Брус, т.е. Харди се смееше како да кажал нешто смешно.

Немав коментар, го гледав немо.

„Добро Пепито, извини сега за секунда“, Харди се фати за приватните делови. „Морам да трчам в клозет, не можам да го држам долго, не сум веќе така млад.“

Останав сам во оставата, веднаш до кујната. Го исползував моментот да се протегнам и набрзина да си ги светнам мустаќите. По нив уште имав од супата.

12:20 – Не стигнав пристојно да се измијам, кога од кај кујната се појави човечиште со голема метла в раце; ни пет ни шест без причина со неа почна да мава по мене.

„Зошто господине?“, измјаукав. „Нема потреба од насилство. Јас сум воспитана, домашна мачка“, му објаснував на разлутениот.

„Бегај оттука, мачориште погано… бегај! Да не сакаш да ти бројам златни рипки?“, викаше тој и удираше.

Морав да се кријам во ќошот меѓу фрижидерот и ѕидот. Сметав оттаму ќе можам поубаво да му објаснам дека сум само на поминување.

„Најпокорно се извинувам ако сум те вознемирил“, мјаукав од ќошот. Очекував во меѓувреме да се појави Харди, да ја расчисти непријатната ситуација. Но сè уште ни трага од него, да не пропаднал в клозет?

Човечиштето кога виде дека итро се кријам од метлата, ја заврте – почна да ме боде со стапот. За малку ќе ми го извадеше окото.

„Од каде ли му доаѓа толкава лутина“, се чудев. „Пишано ми било да завршам тука?“

12:30 – Стуткан во ќошот сфатив колку ми недостигаат Бети и Леон.

Најпосле, спасоносниот глас на Харди; овојпат навистина го видов како мој ангел-чувар. Кога беше најважно тој не само што ме спаси од убиствениот стап, туку и му се фрли на човечиштето фаќајќи го за врат. Го собори на подот.

„Еве ти една, еве ти уште една!“, го плескаше по лицето. „Ова ти следува ако уште еднаш те видам да му се пушташ на Пепито!“

„Мразам мачки!“, не се предаваше напаѓачот со метлата. „И тебе те мразам, не сакам уште еднаш да те видам да ми носиш мачоришта. Идиоте, ова е кујна со реноме!“

„Локален идиоту, не ми кажувај што е кујна со реноме“, му се загна Харди. „Половина живот го поминав во кујни, таму имав намера да останам до крајот на животот, сѐ додека не се појави ти и ме исфрли надвор ко пес.“

„Пак ќе те исфрлам”, му се закануваше тој под него, иако не можеше ништо да му направи. Видов дека ова е нешто сосема приватно меѓу Харди и, претпоставив, сопственикот на ресторанот. Си ја свиткав опашката, тргнав да си одам.

„Почекај, Пепито”, ми викна Харди, „си одиме заедно.“

„Кршете глава и двајцата”, по нас викаше лошото човечиште. „Кој ѓавол ве донесе тука?“

На крајот Харди заврши со клоца в задник; не се врати да ги израмни сметките, сакаше да ме стигне.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *