Владо Јаневски

Владо Јаневски е роден во Прострање, Македонија. Завршил гимназија во Битола, а високо образование стекнал на Универзитетот во Скопје. Од 1989 година живее во Сиднеј, Австралија и често патува по светот. Досега престојувал во преку шеесетина земји. Неговиот роман „Мртвите знаат најдобро“ е добитник на наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман на годината во Македонија. Објавени дела: роман „Мртвите знаат најдобро“ („Арс Ламина“, Скопје, 2020), роман „Чудо зад аголот“ („Магор“/„Пагома прес“, Скопје, 2020), роман „Под друга капа“ („Магор“, Скопје, 2019), роман „Made in Jabana“ („Слово“, Скопје, 2004), збирка наградувани раскази „Нема враќање“ („Студентски збор“, Скопје, 1985). Повеќепати бил наградуван на конкурсите за раскази на „Студентски збор“ и „Нова Македонија“. Застапен е и со наградувани раскази во книгите „Електролит 2006“, „Електролит 2007“ и во списанијата за литература „Маргина“ („Темплум“, Скопје, 2006, 2007, 2008) и „Балкански книжевен гласник“ (Белград, 2007). Во 2006 и 2007, под псевдонимите Буши Мит и Бромофон, повеќепати бил наградуван на конкурсот за краток расказ „Електролит“ на „Темплум“ од Скопје. Застапен е во антологиите „Македонската поезија во Австралија“ (Сиднеј,  1996), „Светски конгрес на поети“ (Сиднеј, 2003) и зборниците „Поетски иселенички меридијани“ (Скопје, 1996), „Коти на копнеж и страст“ (Сиднеј, 2003). Се занимава и со сликарство, скулптура во дрво, цртање стрипови и илустрирање. Објавил серија забележани карикатури во познатиот австралиски неделник „Булетин“ („The Bulletin“). Изложувал во Сиднеј и на интернет. Неговите слики се дел од приватни колекции на повеќе места во светот.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *