Црна шума (извадок)

Извадок од романот „Црна шума“ на Симеон Јанков.           

Посакав да ја прашам нешто, да не молчам како идиот; првото што ми дојде на памет беше со што се занимава, но среќа, веднаш се свестив колку глупаво би звучел, па потоа каде израснала, што веќе ќе беше нешто понормално во околностиве, но на крајот го изустив она најбаналното…

„Како Ви се допаѓа зимата?“ Не, навистина не можеше да ми текне ништо поглупаво. Или можеби…

Изгледа, таа сериозно го сфати прашањето, или, поверојатно, се внесе во улогата, се подзамисли на неколку мига, чешајќи се по подбрадокот, и благо рече: „Сакам снег. За вечерва најавија вистинско снежно невреме. Иако, за мене нема да биде невреме, па колку и да напаѓа. А Вие?“

А јас веќе подготвено реков: „Ги сакам снежните зими, но како дете уште повеќе им се радував, му се радував и на ињето на прозорците.“

„А сега нема. Иње. Барем не на Вашиот“, изговори необично бавно, со очи насочени кон прозорецот. И моите погледнаа во тој правец. Иње, дефинитивно немаше, а и да имаше, сигурно ќе се растресеше заедно со стаклото. Баш дивјачко треснување на вратата!

„Аха! Кого гледам!“ Луд, манијакален поглед, поглед со психопатски бес и многу нерационалност за здравиот ум.

Се заледувам. Показалецот ми трепери кон него. „Мики Маус!“ Клара се обиде да стане, но тој ѝ се закани со вперениот пиштол.

„Да не си мрднала! Ќе те изрешетам! И тебе! Нема бегање!“

Даваше сè од себе да остане присебна, но беше очигледно вознемирена. Ноктите ги зари во фотелјата. Жилите ѝ се истегнаа по лебедовиот врат.

„Те молам, не прави глупости. Спушти го.“

Мики Маус да ја убие Клара? Никако! А и не е никаков Мики Маус. Некој идиот со маска на лицето.

„Да го спуштам?“ Почна гласно да се смее. „Толку време го планирам ова и сега сакаш да го спуштам? Мислиш дека сум идиот? Сега ќе видиш! И ти!“

Стравот ми го згрутчи срцето. Не за мене. За неа.

„Немој, Мики Маус, еве убиј ме мене. Поштеди ја неа.“

„Доста, будало!“ ‒ ми свика.

Направи уште еден чекор кон нас. Носи смешна маска, но очите му светкаат од бес. Овој е некој лудак. Навистина ќе нè убие. Ужаснат сум од помислата дека ќе ја видам мртва во фотелјата. Не можам никако да реагирам. Камо да имав… Имам! Која будала сум! Требаше веднаш да ми текне. Во меѓувреме Клара храбро се исправи.

„Вразуми се. Ќе се каеш.“

„Да се вразумам? Значи, ненормален сум?“

„Не го реков тоа. Само смири се, можам да ти помогнам.“

„Ти да ми помогнеш?“

Да му помогне? Значи, сепак го знае. Љубоморен маж? Не, немажена е. Овој ѝ е некој макро со кого има нерасчистени сметки. И дефинитивно ќе ја убие. Таа полека се спушти во фотелјата. Тука е нејзиниот крај. А и мојот. Сепак, нема да може.

„Еј, Мики Маус, сакаш во Дизниленд?!“ Еден истрел и тој се струполи. Гадна црвена прсканица ми го упропасти ѕидот. Му го истурив мозокот. Толку се беше загледал во неа, што не ни забележа кога скокнав преку креветот и го зграпчив пиштолот. Реагирав отсечно. Точен погодок во главата.

Таа си ја стави раката на уста и ме погледна ледено: „Зошто мораше да му пукаш во глава? Можеби само сакаше да нè заплаши…“

„Да нè заплаши? Ќе те убиеше! Кој ти е овој? Шефот?“

„Како? Не, не го знам.“

„А тој како да те знаеше“, настојував зајадливо.

„Има секакви лудаци. Можеби бил опседнат со мене…“ Замижа. Палците си ги втри на слепоочниците.

„Не ми се чинеше така.“

„Не ми е важно како нешто ти се чини“,  ми врати рамнодушно. Не ни сетивме дека веќе стоиме. Така е, во стравот го губиш чувството за простор.  Полека тргнав кон неподвижното тело. Сакав да видам како изгледа.

„Не! Не доближувај се! Ќе оставиш отпечатоци. А и полицијата ќе стигне секој миг. Мораме да се губиме одовде.“

И сега е присебна. Само минута-две пред тоа се обидуваше да го вразуми него, а сега истото го применува и на мене. Ѝ успева, но не сосема.

„А да му го проверевме барем пулсот? Мислам, да го дотепам ако треба?“

„Не, прибери се и тргнувај со мене! Не се преживува од таков истрел.“ Во право е.

„Да бегаме по скали.“ Ми ја зграпчи раката околу зглобот и го запре мојот чекор кон лифтот. Снаодлива е. Имаше право Фарук. И така, без да зборуваме, јурнавме низ скалите. Ја сфаќам нејзината нема порака. Мора да молчиме. Обајцата истрчавме задишани.

„Влегувај. Не, премногу си вознемирен да возиш. А и моја е колава.“ Ми олеснува од звукот на моторот. Оддалеку ги слушам сирените. За две минути се овде.

„Помош, помош!“ ‒ се расписка бабата од прозорецот на четвртиот кат.        

„Милиција!“

Полиција, глупачо, си мислам.

„Луѓе, милиција!“  Сè уште одекнува нејзиниот глас низ ноќта.

„Знам дека си во шок, но ќе мора да ме слушаш.“ Молчам. Гледам како се разминуваме со полициската кола. Неверојатна е! Помина покрај нив без око да ѝ трепне. Погледнав назад и видов како се паркираат во близина на зградата. Имаше право, моравме веднаш да исчезнеме оттаму.

„Каде одиме?“

„Кај моето друштво. Ќе ни се најдат за прво време. Таму си сосема безбеден.“

„Твоето друштво?“ Можам да замислам. Сега ќе морам да се кријам среде куп курви. Што ме снајде? – помислив, но не реков.

Таа го почувствува мојот презир.

„Ми се чини дека ги омаловажуваш.“

„Извини“,  ѝ реков иронично. „Мора да се некои професори и доктори.“

„Всушност, има еден доктор“,  ми врати смирено и притисна на гасот. „Од него зависат многу нешта. Затоа ти препорачувам кон него да се однесуваш со почит.“

Одлично,  помислив. Почитуван доктор на чело на таен бордел.

„Доктор? Зар не ви е главна некоја мадам?“ продолжив уште позајадливо.

„Стануваш вулгарен. А оддаваше впечаток на фин господин.“

И ти не си онаква каква што би сакал да бидеш – навреме се свестив да ја задржам мислата за себе. Уморен сум. Не сакам повеќе препирки. Ја наслонив главата на стаклото и почнав незаинтересирано да набљудувам. Во очите ми светкаат фаровите на возилата со кои се разминуваме. Надвиснатите облаци навестуваат дека ќе врне. Ми се чини топло, но декември е. Можеби ќе има нов снег. Ни оној од минатата недела не е дотопен. Кога ќе размислам, девојкава знае што прави. Нема паника на нејзиното лице, а тоа е добро. Дише нормално и вози неупадливо. Интелигентна е. Не сака да бидеме сомнителни. Знае дека полицијата нè бара. А можеби и некој друг. Образите ми се вцрвенуваат од измешаните чувства. Најпрвин помислив дека е глупаво што избегавме. Не сум убиец. Немав избор. Чиста самоодбрана. Освен тоа, мислам дека го спасив и нејзиниот живот. Се плашам и да си ја замислам мртва. Никој не заслужува таква гротескна смрт, а посебно не таа. Освен оној идиот, секако. И покрај проблемите во кои ме вовлече, не ја обвинувам повеќе. Некако ми е човечки мила и знам дека треба да живее. Без разлика на тоа каков скриен живот има. Не се каам што го убив копилето. Самиот си ја најде трагикомичната микимаусовска смрт. Можам да замислам какви ќе бидат вестите. „Престрелка во Скопје. Убиен е Мики Маус.“ Се смеам речиси незрело.

„Гледам, се орасположи.“ Сенка од тага, тага интимна, простодушна, на чуден начин примамлива, но непотполно дефинирана, ѝ блесна на челото прошарано со тенки руси праменчиња.

„Не баш, само ми текна на оној Мики Маус, баш идиотска смрт.“

„Можеби. Светот е полн со идиоти. И луѓе што не знаат за што живеат.“

Последново ме погоди. Се наѕре нов тек на разговорот, а тоа не ми се допаѓаше.

„Знаеш, ѝ се восхитувам на твојата смиреност. Како да не се плашиш од ништо“, пробав да ѝ поласкам и малку да го поправам впечатокот.

„Јас бестрашна?“  Ги стегна усните и ја запре колата крај автопатот. „Наивен си. Воопшто не сум.“

Ѝ упатив зачуден поглед. „Зошто застанавме?“

„Бидејќи не сум таква. Бестрашна, како што велиш.“ Ги преврте театрално очите и рече малку срамежливо: „Ме искинаа цревава. Морам во тоалет. А тоа е шумичкана.“

Покажа со носето кон дрвјата на 20-ина метри од патот. Воопшто не е ни шума. Триесетина елки и по некоја грмушка меѓу нив. „Мала е, но се надевам дека е доволно мрачна. Ама не и црна“,  додаде додека излегуваше од колата.

„Земи.“ Ѝ го пружив весникот што лежеше под моите нозе. Таа наеднаш се разведри, го зграпчи и ревносно туткајќи го, ми го плесна в лице.

„Нема потреба, има уште неистопен снег.“ Ме погледна со упорна, речиси детинеста, преувеличена строгост и се стрча кон дрвјата.

Си ја опфатив главата, засрамен што постапив бестактно. Звукот од туткањето продолжи да ми шушка во ушите, но веќе добиваше поинакви, погруби тонови, кои ми чадеа низ ноздрите и го замаглуваа ретровизорското стакло, а можеби и го боеја, го полираа со ротирачки трепет придружен со неподнослив и од некаде познат иритирачки звук. За миг рамената ми го приклештија вратот и го насочија мојот поглед отаде шофершајбната. Очите бојазливо ми трепнаа, веќе вперени во полициската кола што се паркираше на 5-6 метри пред мене.

„Добровечер“, ми рече средовечниот дебел полицаец со лузна на левиот образ. Главата му ѕирна низ отворената возачка врата.

„Вашите документи, Ве молам.“

Документи? Пробуричкав по џебовите.

„Сум ги заборавил.“

„Хм. Ваш е автомобилот?“

„Не, на една пријателка. Излезе. Треба да се врати за 2-3 минути.“

„Добро. Ќе ја почекаме.“ Ми го осветли лицето, па потоа задното седиште.

Леле, Клара, каде најде баш сега? Вријам додека таа си го брише газето со снег. Неверојатно. Овој може да ме уапси секој миг, а неа уште ја нема. Што ако забележала дека полицијата ни е зад пети и решила да исчезне со таков изговор? Се надевам дека грешам. Во спротивно би испаднал баш лекомислен глупак. Не верувам дека дебелиов чул за убиството, инаку веднаш ќе ме уапсеше. Ама може да чуе секој момент. Девојко, заврши и враќај се побргу!

Ја фиксирам дланката на разиграното колено, притискам силно, најголемиот ножен прст ми се свива во лак, нокотот ме заболува од судирот со дното на чевелот и цеди невидлива честичка пот. А јас процедувам смиреност. И чекам. И уште чекам. Скришно погледнувам. Една грмушка се ниша. Брзи чекори се ближат.

„Добровечер. Некаков проблем?“ Се врати конечно! Тој ги исправи рамената, изгледа, се сепна, како да не видел женско во живот, зинато ја одмери без да трепне и чудење му изби на лицето. Можеби очекуваше дека „пријателката“ ќе биде некоја баба, па го заслепе стројноста на Клара. А можеби само второто. Сеедно, се прибра најпосле и сериозно рече:

„Мал проблем, госпоѓо. Задната табличка ви е извалкана со кал. А Вашиот пријател нема документи.“

„Секако, повелете.“ Му ги даде документите, посегна по крпата на задното седиште, а тој го издолжи вратот кон нејзиното интимно задно седиште, небезбедно полусокриено од капутот, си ги растегна очните капаци, шмркна резигнирано и ми фрли бегла завист. Баш се напали на неа. Таа клекна да ја избрише калта.

„Се надевам дека сега е подобро, полицаецу.“

„Секако. Пријатна вечер“, рече, конечно, културно.

„И Вам“, му врати со сува љубезност.

„Конечно!“ ‒ издишав нагло.

„И тоа како! А замисли да нè стопираше црниот капетан!“ Како мало девојченце изглуми страв, се стутка во собраните лакти, прстите ѝ ги сокрија усните и се растресоа пред нив, испушти едно развлечено „брр“, ме нанишани со пиштолестата форма на дланката и ми намигна. Едно „бум“ ѝ излета низ јазикот, дувна во показалецот, од кого импровизираше цевка и зелено ми се насмеа. И јас исто.

„Црниот капетан?“ прашав откако завршивме со глупирањето.

„Не си ја чул приказната?“

Одмавнав кусо. Таа додаде гас и продолжи: „Одамна имало некој доблесен капетан во сообраќајната полиција. Го прегазиле на автопатот и сторителот никогаш не е најден. Оттогаш им се одмаздува на оние што возат пребргу. Неговиот призрак се појавува ноќе и ги убива несовесните возачи. Не може да се смири сè додека не го најде својот убиец. Ти се верува?“

„Не.“

„Ни мене.“

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *