Од збирката раскази „Неми филмови“ на Димитар Димоски.
Да се доживеe историски настан значи да се биде сведок на настан што му се случил на светот, но сме гo доживеале лично, и не бил ниту прв ниту последен, туку едноставно се случил и за него може да се прочита во дневен весник.
Понекогаш, во мртвото време по полноќ, кога зборовите неповратно тежат, лежиме во еден ист кревет со брат ми. Гледаме во таванот, во неговиот дрвен плафон и си замислуваме фигури од сите тие малечки точки, симболи и рецки. Зборуваме за историјата на светот и за минатото. Во еден дел од нашите спомени, во еден малечок дел од множеството од чувства, сеќавања, слики, срамежливо ќе се открие една реченица, еден кадар, едно познато нежно лице, кое за миг како да оживува врз плафонот.
– Некогаш имам чувство како моето минато да му се случило на некој друг – ќе рече брат ми.
Мене, пак, ми се чини дека минатото на светот ми се случило токму мене и на никој друг.
Во обид да се сетам на своите први спомени, ги затворам очите толку силно, што под капаците ми се раѓаат светулки што итаат да создадат форми. И тогаш, помеѓу линиите на плафонот и светулките во темнината, се појавува слика: јас како дете втренчено гледам во телевизорот, а на него се прикажува Рамбо. Рамбо, кому по толку премрежја му се крши духот, легнува на под и плаче. Толку се соживувам со таа последна сцена од филмот, што и јас се фрлам наземи и плачам. Доаѓа татко ми, ме фаќа за уши, ме крева, па ме прекорува.
– Само Рамбо смее да плаче. Кога ќе бидеш маж како него, тогаш плачи и ти – вели, а јас, ете, по толку време додека лежам во овој кревет и зјапам во дрвениот плафон, сфаќам дека тоа што му се случило на светот, всушност ми се случило мене во вид на воспитна лекција.
Еден друг таков настан беше светското првенство во фудбал во Франција, во 1998 година, настан што исто така му се случи на светот, но ни се случи и нам, затоа што тоа лето водата во езерото беше топла, а ние исцрпени и изгорени во лицата се враќавме од плажа за да гледаме фудбал и да јадеме салата од домати. Финалниот натпревар помеѓу Франција и Бразил се одигра на 12 јули. Го изнесовме телевизорот во двор затоа што цело маало се собираше кај нас дома и постарите правеа гужва.
На полувреме, токму кога старите се изморија од викање, татко ми ме тргна настрана и ми соопшти дека тој и мајка ми ќе се разделат. Не реков ништо, но засекогаш ја запаметив таа ноќ – Зинедин Зидан беше прогласен за играч на натпреварот. Постигна два гола.
Некаде во тој период излезе филмот Титаник и ја расплакуваше мајка ми при секое прикажување, повеќе од крштевките и умирачките во нашата фамилија. Во тие мигови на непребол таа ме сакаше бескрајно, гмечејќи ги моите детски коски, а јас молчев и трпев, не знаејќи дека еден ден, кога ќе пораснам, ќе ме снајде полошо оти ќе бидам принуден да читам есеј од Жижек посветен на Титаник, со цел да ѝ се додворам на една здодевна девојка.
Ги поврзуваме многубројните вдлабнатини на таванот и така создаваме соѕвездија. Го прашувам брат ми:
– Се сеќаваш ли на нешто друго освен на детството?
– Се обидувам, но не ми успева.
Сфаќам дека имам тешкотии да го дефинирам концептот на време. Во мојот живот постојат само детството и сега.
– Постојат множество од противречности помеѓу – довршувам гласно и му се препуштам на мечтаењето.
Полека избледнуваат светулките во нашите очи и нивното место го зазема нежниот ветер.
Новиот милениум го дочекавме поведро одошто го испративме стариот. По тој повод го гледавме концертот на Мајк Олдфилд во Берлин, насловен по истоимениот албум, Цилиндрични ѕвона. Секоја наредна година ја дочекувавме со истиот тој концерт и дома таа 2000-та година траеше со години, сè додека еднаш мајка ми не собра храброст и ја прекина традицијата под изговор дека во концертот немало баш нешто пеење.
Во меѓувреме, Авентура го објави антологискиот Обсесион, а јас сè уште се сомневав во својата машкост, па албумот ми беше убав. Се случија и ред други убави нешта – Хари Потер се преведуваше на македонски јазик. Секоја зима штедев пари и како што излегуваа новите продолженија, така ги купував. Некаде помеѓу последните два дела, сфатив дека од книги човек може да биде само зијан, па престанав да ги купувам. Пресметав дека парите што треба да ги дадам за една книга, ќе ми бидат доволни за да одам на бербер во текот на целата година. Хари Потер стана толку популарен, што калфата од берберницата ми го прераскажа крајот додека ми го мачкаше лицето со колонска вода по бричење.
Се разденува и сончевите зраци го преплавуваат таванот. Утрово, наслонет на прозорецот од мојата соба, здогледувам девојка во жолт фустан со цветови. Чекори на спротивната страна од улицата и гледа во телефонот. Ако ја крене главата само за миг, ќе се погледнеме кратко. Ќе ѝ се насмевнам затоа што мислам дека ме познава. Го отворам прозорецот и собирам храброст да ѝ довикнам. Таа е убава, иако оди со наведната глава и не успевам да го набљудувам крајот од нејзините усни. Замислувам како одам зад неа, малку потскокнувам, но доволно за да ѝ кажам дека единствено што знам за сеќавањето е дека луѓето не се сеќаваат на нас онака како што ние сакаме.
Оттогаш па натаму сè потешко успевав да ја дефинирам хронологијата на настаните што му се случија на светот. Фрагментарно се сеќавам дека Џафранко Ѕола се врати на кратка екскурзија во Каљари, Дејвид Линч го сними својот последен филм, а во некои домашни, интимни библиотеки го открив Георги Господинов.
Ја пречекавме и ја испративме телевизиската серија Сопранови, а некаде за време на последната сезона неуморно расправавме дали Тони Сопрано заслужува да умре. На крај, единствениот што умре беше комшијата Ѓуптин. Умре од цироза или од тага, којзнае. Следуваа многу умирачки потоа – како што растев, така сенешто се умираше, како тоа да беше во мода.
На 19 февруари 2016 година почина Умберто Еко. Веста за неговата смрт ме изненади, не поради фактот дека умрел, туку поради тоа што мислев дека е веќе мртов. И покрај тоа што бдеев над неговите дела во сите студени зими пред тоа, и покрај тоа што религиозно ги негував неговите писанија, никогаш не ми текнало дека еден голем автор може сѐ уште да биде жив – за мене сите писатели се веќе мртви.
Два месеца подоцна, во еден изолиран историски настан, и Принц го напушти светот. За да го испочитуваме неговото испраќање од живите, со татко ми го гледавме Пурпурен дожд, нашиот омилен филм. Во кулминацијата, кога мисли дека го допрел дното и нема волја да продолжи со живеење, Принц се потпира на ѕид, клекнува, ги склопчува нозете и плаче. Неговото плачење изгледа бескрајно, но кога би го споредил со липањето на Рамбо, би рекол дека Рамбо плачеше за сите нас, а Принц си плачеше за себе.
И така, не сакајќи и без моја дозвола, животот си помина и, ете, токму сега стојам пред вратата што води кон дворот на Канео. Му намигнувам на клисарот додека тој ги мие рацете од чешмата. Го ставам прстот на уста, изустувам едно кратко шшшш, нежно како топол здив врз глуварче. Тој отпрвин е збунет, но потоа разбира – и тој гледа како чекориш накај олтарот, со истиот оној лесен, отсутен поглед од спротивната улица и набрзо ќе речеш едно кратко да, па отецот ќе се пошегува и ќе ти рече да викнеш погласно, па ќе изговориш уште едно да, па трето да, и сѐ така додека се насмевне и мајка ти и тетка ти и дедо ти и твоите другарки.
Кога ќе заврши церемонијата, ќе се скријам до чешмата и ќе останам така сè до мртвото време од ноќта, кога од плафонот паѓаат цртежи од ѕвезди, а зборовите се немоќни. Тогаш, ќе си признаам дека ова е уште еден настан што му припадна на светот, но всушност ми се случи мене.