Расказ од Наташа Сарџоска објавен во збирката раскази „Карантински приказни“ (ТРИ, 2020).
И денеска се разбудив, иако мислев сум умрела. Заглушувачкиот звук на тишина создаваше мртвило во Бергамо. Град на богати, а оскудни луѓе, кои, круто приврзани за староста на стварта, својот живот го водеа според застрашувачки редослед. Ќе бев ведра ако се разбудев другаде. Но, еве тука сум, сама далеку од светот. Со сѐ уште затворени очи ги кревам ќепенците од спалната соба, за да видам едно делче од светот. Но, светлината што влегува низ процепите е од друг свет. Тешка е. Тежок е и воздухот што се провира низ ноздрите. Пролет е, а надвор врне сивило. Не знам кој ден е. Не можам ни да претпоставам колку е часот. Мојот биолошки часовник го напушта времето. Низ речиси нечујното ехо на далечните возила разбирам дека градот е празен. Разбирам и дека, освен далечниот звук на ластовицата, има многу малку живот надвор. Надвор всушност нема свет.
Моето тело е врело. Чувствувам однатре горештина. Како да имам челуст во утробата што исфрла пламен и молњи. Горам. Легнувам пак. Ги затворам очите и мислам час на ластовицата и нејзината слобода час на моето ограничено движење надвор и внатре, надвор или внатре, веќе сеедно е. Ги отворам очите. Сѐ си е на свое место. Немало земјотрес. Немало поплава. Светлината е уште повеќе густа и ме боли во очите. Собата има поинаков мирис. Мириса на мене, на моето тело, мирис помешан со мирисот на предметите, на правта, на испуштениот воздух во текот на ноќта, на застоениот чај од нане, на црвеното вино неро давола од Сицилија, на гнили јаболка, на хидроген, на бетадин, на страв.
Толку сум сама што ми се чини дека во моето тело живеат подстанари кои не смеам да ги разбудам ниту да ги изневерам. Станувам и се движам, но не како жена, туку како бран течности и воздишки што ме водат кон едно точно место. Место што ме плаши и однадвор и однатре.
Се прашував колкумина умреле денеска, колкумина ли жртви изел тој гладен и безобразен вирус корона, колкумина ли живеат во инкубација, во прогон, во карантин, отсечени од стварноста, од текот на случувањата, од сиот свет што им давал до тогаш верба дека биле одредени за големи задачи, за нешто вредно за паметење. Се прашував колкумина надвор треперат од туѓите погледи и од туѓите тела. Се прашував долго време и знаев дека исчезнувањето зад прашањата нема да ми донесе никаква слава. Знаев веќе дека бројките се зголемуваат и не слушав повеќе ни вести. Човечкиот живот беше сведен на број. На останка од тишина. На глува самотија.
Преплавена од рој совети за здрав живот, за подобрен одговор на имунитетот, губејќи се себеси во мерките за претпазливост и заштита, решив да се исклучам од сиот порој на избезуменост и одземеност. Ја допрев градната коска. Мојата стерна. Лекарите ја нарекуваа таа коска sternum. Таму вриеше жариште. Ја допирав благо за да го сетам ритамот на дишењето. Дишам. Жива сум. Докторот Гвидо ми рече дека ако не можам да вдишам од надвор кон внатре, тоа значи дека имам голем внатрешен немир, а, пак, ако не можам да издишам од внатре кон надвор, тоа значи дека моите бели дробови имаат мака. По цели денови си ја повторував таа вежба. Вдиши. Издиши. Надвор. Внатре. Вдиши. Внатре. Издиши. Надвор.
На тоа се навикнав и конечно решив да живеам со мојот страв, кој, како и вирусот, беше невидлив, а тегобен, недосеглив, а присутен, нестварен, а неминовен. Решив да го претворам тој страв во сојузник и во можен или моќен пријател. Иако, сепак се плашев како риба на суво. Како дете изгубено од мајка си. Како пред испит по кривично право. Како пред првата голема љубов од кого немав никакви вести веќе четириесет години. Како бегалец на чамец. Се плашев за здравјето на мојот сопруг на дипломатска мисија во Техеран, којшто мораше да ги репатрира италијанските граѓани назад во Италија. Се плашев за мојата ќерка Кјара која работеше како педијатар во Лугано. Иако беше на Одделот по педијатрија веќе пет години, стравував дека во секој миг можеа да ја регрутираат на интензивна нега во клиниките во Швајцарија, каде што ќе беше изложена на заразата од вирусот корона.
Појдов кон прозорецот. Надвор на улицата Салвекијо ја гледав само камената калдрма. Отспротива ги гледав тивките белузлави силуети на калуѓерките зад матните прозорци од женскиот манастир Санта Агата. Иако постојано ја гледав истата таа слика речиси триесет години, сега таа за мене добиваше инакво значење. Значење на отуѓување, на отстранување, на оддалечување со коишто јас живеев и пред да започнат мерките за строга изолација, лишување од слобода и ограничено движење. Некаде прочитав дека германскиот филозоф Шопенхауер напишал дека ако не умееш да живееш сам, осамен, во самотија, тогаш не умееш ни да бидеш слободен.
Во мојот брак живеев изолирана. Бев оттуѓена, оддалечена и отстранета од себеси. Но, сега, принудната далечина на сопругот ми ја олеснуваше улогата. Не морав да ја играм постојано и по секоја цена. Кризата со корона вирусот ми донесе можност да одлучам да гледам поинаку на оваа самотија. Всушност, вирусот како да ме направи уште повеќе олеснета и радосна. Можев да бидам сама дома и поддалеку од мојот несигурен, погрешен избор: нешто што никогаш не сакав да си го признам. Бев заштитена и засолнета од вирусот, ги држев моите предавања по кривично право на Католичкиот Универзитет во Милано преку посебна електронска платфрма и воопшто не стравував за себеси. Стравував најмногу за ќерка ми. Доколку ѝ се случи нешто, би можела да го изневерам моето верно чувство кон животот и правото на живот, би можела да појдам во болницата во Лугано, макар и да се заразам, макар и да ме приведе полицијата.
Сите овие сознанија во мене будеа некаква вонредна состојба, некакво животно. Не можев повеќе да се вртам во круг. Станав и направив долго црно еспресо. Мирисот на кафе ми влеваше чувство на нормалност, на живост, на разум, на свест. Тој далечен, остар, пркосен, свеж, пргав. буден мирис на кафето, мирис на Етиопија или на Колумбија или на Бразил, ми всадуваше поразително чувство дека Европа бавно умираше од сигурна смрт. Вирусот сега ја косеше сурово и Шпанија. Франција.
И покрај долгогодишниот брак со Карло и статусот да бидам сопруга на дипломат, да патувам низ светот, да не работам, да имам личен шофер, да одржувам хуманитарни вечери, јас секогаш одлучував да останам во Бергамо, приврзана за мојата академска кариера, и од време на време да му се придружувам, кога тоа беше навистина нужно, за разни прослави, приеми, празници, политички чинови. Сега, тоа не само што беше невозможно, та дури и забрането, туку за мене беше некако и погодно и удобно.
Нашиот брак беше сцена. Не знам како му беше нему, не се ни прашував, но јас во тој брак бев функција. Свесно ја бев прифатила таа улога. Не знам дали заради Кјара, зашто таа сепак беше доктор, самостојна жена, или заради стравот да ги разбудам во мене гласовите што сакаа да излезат надвор од мене, да проговорат и да ме остават сама. Но знам дека од сите тегоби најтешка е онаа на слободата. Не само поради својот личен опит на жена, која ги следела секогаш туѓите одлуки и соништа, па дури и поради мојата одлука да поминувам повеќе време во Бергамо, што за Карло беше навреда, причина за бројни кавги, повреди, казнувања, туку и поради тоа што знам дека секогаш сторителите на кривични дела, дури и откако ќе излезат од затвор, пак прибегнуваат кон нови злосторства, иако свесни дека за кратко време пак ќе се вратат во затворот.
Прекинот на нашиот брачен однос поради пандемијата, ми овозможи да престанам да ја глумам улогата во сцената на нашиот брак: улогата на професорка по кривично право, на сопруга на амбасадар, на мајка на докторка. Како да се криевме зад тие костими и како нашиот брак да беше сцена. Како целиот живот да бевме заразени од вирусот на нашата улога до таа мера што верувавме во неа и во ништо друго: та дури ни во нас самите. Сега можев, како булка крај шините, да го набљудувам животот како се движи со заслепувачка брзина, а не само да го живеам принудно. Јас живеев во прекинот на животот. Иако моите колеги се жалеа на виртуелните предавања и обврски да снимаат подкаст, јас уживав во телематските врски, зашто бев оддалечена од органскиот допир со обврските, со луѓето, дури и со студентите. Правото беше стерилна материја, полна со страв, притисок, недоверба кон човекот. Ама, ете, јас само сакав да ја исполнам желбата на татко ми и се запишав на студиите по право, иако бев скромна и срамежлива и никогаш не сакав никому да му судам ниту пак некого да го лишам од слобода.
Полека разбирав дека, како што светлото на денот се провираше тегобно низ процепите на ќепенците, така и вирусот бавно ми ја всадуваше во телото слободата да бидам она што никогаш не сум била. Бев исплашена од овие сперливи помисли, но бев љубопитна за стварите што порано ги одбивав или не ги знаев. Додека грицкав од смрдливото сирење талеџо, намачкано на препечен ржан леб, кое беше како противтежа на горчливото кафе, затоа што немав повеќе кроасани и мармалад од малини, си ги замислував соседите како водат љубов зад скриените шумови на креветот. Во куќата од дванаесеттиот век, во којашто имаше шест стана, живеевме само ние, односно, сега, само јас и само семејството Локатели. Нашиот стан припаѓал на авангардниот уметник Елио Радичи. Ги гледав неговите дрски витражи врз кујнските прозорци, неговите двосмислени фрески на сводот во входот и гледав како светлината смело си игра со мојот наивен вид, прекршувајќи ги боите насекаде низ просториите. Замислував гласови отаде, како светлината да сакаше нешто да ми каже. Ја замислував среќата зад сината боја на секогаш спуштените пердиња на соседите од улицата Бартоломео Колеони, којашто се вкрстуваше со мојата улица точно кај пекарата. Посакував за миг да сум таму, да разберам зошто секогаш нивните пердиња се спуштени, зошто Бергамо, иако не беше град на сонце, беше град затворен со ќепенци, завеси, пердиња, оклопи, решетки: со тајни. Го разбирав стравот од бегалците и од доселениците, ама нашата полиција и нашето судство сепак добро си ја вршеја работата. Не разбирав зошто толку далечини и премолчувања?
Во стариот град не допираа звуците од долниот град, само камбанеријата од катедралата Санта Марија Маџоре секое утро во седум часот силно одекнуваше за да нѐ потсети дека сме уште живи на овој свет. Сирените на брзата помош не се слушаа повеќе. Немаше потреба. Никој немаше на улиците за да го спречи нивното движење. Сега имав време за секакви мисли. Мислев и на таксисот кој еднаш ме праша од каде ми е дождовниот мантил и дека сакал и тој таков да си купи за да се засолни од вирусот, но како можев да му кажам дека мантилот ми е од Прада, како можев да го изневерам неговото невино прашање, неговата чиста намера. Како можев да живеам со вина?
Откако се искапав и го испив црното кафе, се облеков во удобна облека од светол розов памук. Низ кепенците од салонот се провираше густа, матна светлина. Ширум ги отворив со недозволено чувство на радост. Ме заслепе остриот свеж зрак сонце. Погледнав десно кон зимзелените градини на Универзитетот во Бергамо. Погледнав лево кон пекарата и бакалницата од каде што купував свежо млеко: и пекарата и бакалницата беа затворени со железни кепенци.
Чекав да дојде Асад да му спуштам пари во платнена кеса за да ми пазари црвено вино, пршута, маслинки, моцарела, полента, путер, млеко, јаболки и рибизли од супермаркетот Пеликано. Доцнеше.
Додека го чекав наведната на прозорецот почувствував трепетна возбуда во долниот дел на стомакот што се триеше од работ на рамот на прозорецот. Погледнав кон небото и видов едно срамно синило што ми се потсмеваше. Ја набљудував вообразеноста на облаците како си поигрува со моите сетила. Низ моите ноздри влегуваше вообразениот кислород прочистен од самотија и тишина. Погледнав кон калдрамата со камен од десеттиот век и забележав колку светка сивилото. Видов колку е мазен и моќен сивиот камен. Во еден миг како египетска кралица на улицата Салвекијо се протегна црна мачка. И таа вообразено ме погледна. Природата ми покажуваше преку мојот прозорец колку е голема, а колку сум јас мала. Па пак кон небото. На непрегледниот простор се протегаше опашка со белило од авион. Можеби беа тоа патниците на мојот сопруг. Се сетив дека не бев одговорила на неговата вчерашна порака дека е добар и дека стигнал безбедно дома во раскошната куќа со базен и железни решетки. А што да му кажам? Мило ми е? Те прегрнувам? Едвај чекам да те видам? Се гордеам со тебе колку си храбар и посветен? Добра ноќ?
Гледав кон небото мислејќи дека е истото она небо што го гледав од лулашките каде што ме носеше баба ми. Патриција. Наеднаш одекна силно моето име низ глувата тишина на стариот град. Патриција. На крајот од улицата ги видов белите заби на Асад како одблеснуваат од сонцето и му пркосат на небото. Тој живееше од ова сега. Разнесуваше храна за богатите жители на стариот град. Соработуваше и со Црвениот крст како волонтер. Го отпоздравив, речиси сакајќи односно несакајќи да му ја покажам воздржано и дрско мојата позиција. Како сте, госпоѓо, ќерка ви, сопругот. Врати се, сега се сетив, имам стара облека од Кјара да ти спуштам. Сакав и да му подарам нешто за неговата мала ќерка. Тие беа од Палестина. Асад беше лекар, но чекаше да ги нострифицира дипломите за да може да работи во Клиниката Свето Срце во Милано. Решив да му кажам да го задржи кусурот, но не знаев како. Ќе го спремам моето предавање за Европскиот налог за апсење и екстрадиција, па кога ќе се врати ќе му објаснам зошто му ги оставам парите. Не сакав да го навредам. Помислив на тоа колку лесно Кјара доби работа благодарение на мојата и на интервенцијата на Карло, и на тоа колку Асад, со тоа арапско име, што тој еднаш ми рече значело лав, ја згазил својата смелост и гордост само за да преживее. Ти благодарам Асад, стави маска, те молам, чувај се, не ги земај првите производи од полицата, туку последните, оние по коишто човечката рака не може да досегне. Имам долги раце, госпоѓо, бидете спокојна. Одлично, те чекам.
Кога седнав да ја читам стручната литература, добив порака од Мајкрософт дека треба да се рестартира компјутерот. Сега ли. Зошто сега. Сакав да спремам сѐ сега, за кога ќе дојде Асад да му објаснам за облеката и за парите. Компјутерот ми побара веднаш да биде рестартиран. Додека траеше процесот, неовообичаено почна и да аплоудира програми што ги немаше порано. Вибер. Скајп. Вацап. Чекав. Ставив една чаша црвено вино и грицкав ореви, маслинки и бадеми. Веќе беше пладне и време за ручек. Ми стануваше топло од нетрпение. Мојата сатенска блуза со бретели се лепеше за потта на мојата кожа. Сакам да експлодирам во твоето тело. Сакам да ја почувствувам твојата телесна топлина. Сакам да ти покажам нежност и страст. Го тргнав немарно влакното од мојата уста додека ја лепев за стаклената чаша. Ти ми даваш живот, сила, ведрина, свежина. Мислам постојано на тебе, освен кога спијам. Па дури и тогаш знам дека те мислам, зашто те сонувам. Си ги допрев усните црвени од виното. Спаси ја мојата душа од мртвило. Си ги гризнав. Не беше тоа вино. Ми потече крв. Ако те немам тебе, знам дека ќе умрам. Додека процесорот брзо ја инсталираше новата прочистена и брза верзија на Мајкрософт, ме праша дали сакам најнова антивирусна верзија. Секако. Ти си смислата на мојот живот. Пред тебе бев мртов, сега ти ми даваш живот. Антивирус. Можам да те чекам до последниот ден од мојот живот. Вон себе растроена од својата оска само го стискав копчето Да. Те молам дај ми уште два месеци додека не се предомисли мојата сопруга за спогодбен развод. Ентер. Да. Те сакам. Ажурирање. Да. Ти ми даваш смисла на животот. Тоа беа пораките на мојот сопруг. Да. Не ме напуштај никогаш. Тоа беше неговиот број на вацап. Да. Но, тоа не бев јас. Јас не бев вработената во Секретаријатот на ОБСЕ. Да. Јас не бев таа. Таа не ни беше Секретаријатот на ОБСЕ. Таа беше љубовницата на мојот сопруг. Нејзиниот број не беше италијански, туку ирански.
Чудно, ама единственото прашање што почна да ме мачи немилосрдно беше зошто другата жена мораше да се нарекува Секретаријатот на ОБСЕ кога јас никогаш не го проверував неговиот телефон? Зошто морал да се крие?
Не знам зошто ама секогаш лагите се упорно прости. Неверствата се упорно предвидливи.
Пораките и натаму пристигнуваа. Неговите зборови не престануваа да ги бодат моите очи додека се ажурираше верзијата на вацап. Некои датираа од август 2019, некои дури од март 2019, а за некои, пак, не сакав да знам.
Ја кренав чашата, го оставив продорниот звук на бим-бим-бам и тргнав кон балконот од нашата бања облеана со светлина, со поглед кон стрмните ѕидини на стариот град, обраснати со бршлен. Погледнав во неговата пена за бричење и ножот за бричење. Ги зграпчив и фрлив во крпа во корпа.
Кога имаш многу избори е исто како и кога немаш никаков избор.
Пандемијата не ми го наруши животот. Таа ми го отвори животот. Вирусот ми го покажа мојот сопруг. Го запознав мојот сопруг онаков како што никогаш не сум го знаела. Тој никогаш не ми се обраќал со такви зборови. Тој никогаш не побарал да го спасам. Тој никогаш не ми рекол дека е мртов со мене и дека јас сум монструмот од кој бегал. Тој никогаш не ми рекол дека, меѓу Швајцарија и Иран, за својата дипломатска мисија го одбрал Иран. Тој за мене беше туѓинец. Беше добро што е далеку. Подобро во Иран отколку во истиот дом и во истата постела со мене. Ние спиевме заедно речиси 36 години. Сега разбрав дека сум спиела со странец. Не знаев дали да вреснам од сознанието дека сум сега слободна да изберам да спијам без него или дека сум само една обична изневерена жена која ќе се бори за својот имот, пари и статус. Почувствував слобода и гнев на лав.
А сепак, неговото неверство за мене беше слобода. Не сакав да бидам повеќе сопруга. Сакав да пиштам од бес и од среќа. Не се плашев од вирусот. Корона вирусот, иако невидлив, ми даде видливост, смелост и понизност да го видам она што никогаш не сум смеела да го видам.
Откако заврши ажурирањето на новата верзија на вацап, седнав пред мојот компјутер и успеав, на насловната страница на обновената интернет врска, да прочитам дека денеска починале 999 луѓе во Италија.
Тој ден го запознав вистински мојот сопруг. Тој за мене беше илјадитиот умрен.
Тој миг од домофонот одекна долго жестоко невоспитано ѕвонење. Како повик за војна или поточно повик за бегство. За спас.
Слободата беше токму тоа: да одговориш без да знаеш кому и да си заминеш без да знаеш каде.
Така почна мојата приказна што цел живот стравував да ја раскажам.