Наташа Сарџоска

Наташа Сарџоска (Скопје, 1979), поет, писател, литературен преведувач, полиглот толкувач (FR, IT, ES, EN, PT, HR, CA). Доцент по антропологија на Институтот за антропологија и етнологија при УКИМ и нерезидентен истражувач во Центарот за напредни студии во Југоисточна Европа во Риека во Хрватска. Живеела и творела во многу европски градови, меѓу кои Милано, Лисабон, Париз, Брисел, Штутгарт. Докторирала антропологија од Универзитетот Еберхард Карлс во Тубинген и на Нова Сорбона во Париз. Магистрирала книжевност, културолошки студии и комуникации на Универзитетите во Лисабон, Бергамо и Перпињан. Ги објавила книгите поезија „Сина соба“, „Кожа“ (објавена и во САД и Италија) „Тој ме повлече со невидлив конец“, „Жива вода“ и „Крстна коска” (објавена и во Косово и во Италија). Објавила раскази за издавачката куќа Бегемот и за Издавачки центар ТРИ. Објавува есеи, колумни и академски трудови. Нејзините песни сепреведени на повеќе од 15 јазици и објавени во поетски антологии и во престижни книжевни ревии ширум светот. Била повеќекратен финалист за наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата и за „Премио Наполи“ во Италија на издавачката куќа Гвида Едиторе за необјавена поетска творба на италијански јазик; ја добила наградата за поезија „Дон Луиџи де Лиегро“ за посебни заслуги за творештво на италијански јазик и наградата од Министерството за надворешни работи на Италија за најдобар прв превод на книгата „Пинокио“ ​​од Карло Колоди на македонски јазик. Превела од италијански, француски, шпански, каталонски и португалски стотина врвни писатели. Таа е прв и единствен преведувач на македонски јазик на Сарамаго и Пазолини. Настапила на бројни меѓународни фестивали меѓу кои се издвојуваат: фестивалот „Арс поетика“ во Братислава;  Меѓународниот поетски фестивал во Џенова; Меѓународниот поетски фестивал во Берлинво Академијата за уметности; Фестивалот „Шаар Хеликон“ во Тел Авив, во Индија, Хондурас, Мексико, како и на најголемиот светски фестивал за поезија во Колумбија во Меделин. Настапила и на музичко-поетски перформанси со истакнати музичари меѓу кои Раде Шербеџија, Ема Попивода, Шарлен Пуигиро и Георги Шарески во Музејот Револтела во Трст, во Академијата за уметности во Берлин, во Националната галерија на Македонија, во Јафа театарот во Тел Авив, во Дуждовата палата во Џенова. Соработувала со Францускиот институт во Скопје, организирајќи ја поетската вечер посветена на франкофонската поезија за егзил „Les rivages de l’exil“ како и со Амбасадата на Италија во Скопје, со којашто организирала поетско-музичка вечер „Il vino è la poesia della terra“. Одржала работилница за книжевен превод на фестивалот „Европски приказни“ во организација на Издавачки центар ТРИ. Настапила и на книжевни манифестации во регионот во Белград, Софија, Плав, Риека. Нејзината песна „Кукла на конци“ е објавена на англиски и шпански јазик во Меѓународната поетска антологија на поезија против злоупотреба на деца во рамки на меѓународниот фестивал „Крик за слобода“. Дел е од европската платформа Версополис и Лириклајн. Основала здружение за промоција на аргентинска култура, поезија, музика и танго. Нејзиното творештво испреплетува реминисценција на телото, изложува внатрешната болка и открива духовната свежина. Нејзината книжевна меморија има остар карактер кој ја доловува драматургијата на тегобноста во камерниот простор на човековото постоење. Во 2021, го објавува својот прв роман „Трамонтана“, во издание на Три.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *