Дијалози во еднина (извадок)

Извадок од романот „Дијалози во еднина“ на Ана Стојаноска.

– разговори што се случиле и што можеле да се случат –

ПРВ РАЗГОВОР

– Имаат име ангелите?

– Имаат.

– А имаат ли соништа?

– Можеби.

– Кажи ми точно, не вака.

– Не знам најточно.

– Ти имаш име?

– Да.

– Како се викаш?

– Не се викам.

– Пак не ми кажуваш точно.

– Пак не ме прашуваш точно.

– Добро. Како ти е името?

– Ако ти го кажам, нема да слушаш потоа.

– Аха.

– …

– Имаш крилја?

– Да.

– Кај ти се?

– Овде.

– Тука немаш ништо, само лузни.

– Тука се.

– Леташ?

– Летав. Ах.

– Зошто молчиш?

– Не ме праша ништо.

– Само одговараш на прашања?

– Да.

– Зошто имаш лузни?

– Пробав да ги откорнам крилјата.

– Како?

– Со рацеве.

– И?

– Не можеше.

– Зошто проба да ги корнеш?

– …

– Кажи ми зошто проба?

– …

– Не молчи, те молам.

– Не бев јас. Затоа.

– Ништо не те разбирам. Како не беше ти?

– Тогаш.

– Некој проба да ти ги откорне?

– Да.

– Кој?

– …

– Има име?

– Да.

– Кое?

– Ако ти кажам нема да слушнеш.

Некаде трепери бесконечно ветување…

ЕДИНАЕСЕТТИОТ РАЗГОВОР

– Ти реков да не го носиш ни него, ни детето. Требаше да отидеш сама. Сега ќе се променат некои правила.

– Не!

– Да.

– Ти реков дека треба да се покаеш и да одиш по патот.

– Ми рече.

– Ти реков дека не може повеќе од тоа да паднеш. А можело.Зошто не разбираш? Зошто не слушаш?

– Зошто да слушам?

– Не си човек. Сега не си ни ангел. Знаеш што си?

– Жена што љуби.

– Зошто не го остави детето да премине?

– Ти кажав.

– А Натанаил?

– И за него ти кажав.

– За сè имаш одговор.

– За сè што ќе прашаш.

– …

– Немој уште еднаш вака!

– Некој треба да те сопре!

– И тоа си ти?

– Имам наредба.

– И ти си добар извршувач на наредби.

– Само си ги сакам крилјата на себе. И мирот во себе.

– Ти си добар, послушен извршувач на наредби.

– А ти си?

– Жена што љуби.

– Се гледаш себеси како жена. А ако не стигнеш? Ако тој исчезне? Знаеш што те чека, така?

– Смрт.

– И не каква било смрт. И не каков било пекол.

– Знам, за мене го избра последниот круг.

– Се спремаат долу, знаеш. Ти си им најчеканиот жител.

– Сè уште не сум им жител.

– Остави го детето. Остави го Натанаил. Брзај да го најдеш. Потоа нека има мир.

– Нема мир, знаеш ако Тој не сака.

– Знаеш дека правилата важат за сите, и ако е и Тој во прашање.

– Не сум сигурна во тоа.

– Каде е сега Натанаил?

– Во пештерата.

– Во која?

– Што е важно тоа. Го носам со себе. Ќе го однесам кај што треба.

– Зошто ти се сите тие книги?

– За да кажам тоа што не можам.

– Знаеш кога ќе кажеш сè што не можеш.

– Знам. Ама не сакам.

– Детето скри го подобро. Сенките нашле пат.

– Знам. Ги сретнав.

– Знаеш дека сенките сакаат деца.

– Знам.

– Нема да дојдам уште еднаш, прави како што треба и побрзај.

– Немој! Ме боли!

– Не сум јас.

– Кој е?

– Знаеш и сама кој е, само се плашиш да си признаеш.

– Не, не од мракот, те молам.

– Не зависи повеќе од мене. И Господарот од долу е среќен што направи тоа што направи. Те чека.

– Не сакам таму.

– Тогаш слушај.

НАЈЉУБОВНАТА ОД СИТЕ ЉУБОВНИ ПРИКАЗНИ НА СВЕТОТ

– Прво не ме гледаше. Само ме чувствуваше. Знаеше дека има нешто што седна до него, ама не знаеше што. Си ја потпрев главата на неговото рамо, како што седеше на работ на зградата, и му шепкав дека сум тука за него. Пред да ме оттргнат од него, за мене еден миг за него два-три дена можеби, почна да ме препознава. Ме праша како се викам? Му го реков истото што и тебе. Ми рече, не е важно како се викаш, само биди тука. Потоа ме бараше низ воздухот, сакаше да ме допре. Му проговорив како ти што викаш во главата и му реков дека го сакам и ќе го сакам ако постои засекогаш. Се насмеа. Не се уплаши како луѓето пред него, кога ќе им се обратев ако имаше потреба. Само се насмеа. Уште ја паметам неговата прва насмевка. И воздишката што му излезе од градите. Ми рече дека ме чекал цел живот, дека не постоела некоја друга жена што така ја сакал, а не ја знаел. Дека сум му дала надеж за живот. Дека сега почнало сè да има смисла. Тогаш јас се насмеав. Не знаев дека таа смисла ќе биде и награда и казна, зашто го однесоа да го чува светот од бесмислата. А ми рече дека е обичен човек, ги чува книгите во она што го викаат Библиотека и дека сака да ги чита. „Во книгите е сето знаење и сета мудрост, сета убавина, но и сета грдосија, во книгите има  многу животи и сите се вечни и смртни истовремено“, така ми шепотеше низ неговите  соништа. За мене еден миг, за него цела недела. И знаев дека тогаш и таму, ние еден без друг нема да можеме да постоиме. Дека тој постои за мене. Дека јас сум тука за него. Му ја зедов дланката и му ја ставив на мојот образ, ги затворив очите и му покажав како се лета. Ми рече дека можам да му правам што сакам, дека нема ниту страв ниту лоша мисла со мене. Потоа почнав да добивам облик. Го обвиткав со крилјата кои тој не ги гледаше туку само ги чувствуваше и ме прегрна со рацете. Можев засекогаш да останам во тие прегратки. Можев да бидам цела вечност така неподвижна. Место тоа останав да талкам цела вечност. Следниот миг за мене, ден за него, му реков дека сакам да останам во него, тој во мене, дека не сакам ништо друго освен него. Дека мојата смисла сега е тој и дека сето досега било само вовед кон него. Ме бакна токму во мигот кога почнав да добивам тело што тој го гледа. Не размислувајќи му реков дека се откажувам од сето свое само да сум со него. И тој ми рече, дека ќе ги даде сите книги и сето знаење и сета мудрост и цел живот само да остане со мене. Така останати еден во друг силно не оттргна сила. Мене ме однесе кај реката, истовремено него на крајот на светот. Не можев да видам што е со него. Сите способности што ги имав ги немаше. Потоа ми ги откорна крилјата. Викав, испуштав крици, урлав, се дерев, плачев, викав, немав глас, урнав три планини со гласот, неколку лавини уништија планински села, јас викав и викав. За тоа време го оставиле таму и му рекле дека ќе се спаси само ако јас го најдам и да ја зачува смислата на светот. Дека може да ме види само во неколку соништа и дека потоа ќе е сè празно. Дека ако не го најдам, ќе исчезне и тој и смислата на светот, дека со мене ќе се гостат долу и дека треба јас да знам да му помогнам. Дека ако го сакам, ќе го најдам и ќе му помогнам. Им рекол дека знае дека ќе го најдам и знае дека го сакам. И дека тој ме сака толку многу што се откажува од сè што има само јас да сум со него. Од неговите зборови трите света се измешале, а јас те најдов тебе.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *