Ана Стојаноска (1977, Прилеп) театролог, писателка, редовна професорка на ФДУ – Скопје (предава на сите три степени, група предмети поврзани со теоријата и историјата на македонската и светската драма и театар). Раководителка на третиот циклус докторски студии на Факултетот за драмски уметности – Скопје.
Дипломирала општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје (2001). Постдипломските студии по театрологија ги завршила на ФДУ, каде што магистрирала (2003) и докторирала (2007). Работела како координатор во Институтот за театрологија при ФДУ (2001 – 2011). Активно се занимава со истражување и проучување на драмата и театарот. Специјализирала театарска музеологија.
Авторка на: Трогледало (драма, 2020, објавена во изборот на ЕУРОДРАМ: Нова македонска драма); Потпис: Трепетлика (збирка поезија, Три и „Антево перо“, 2020, за која ја доби наградата Антево перо за 2020) Јас и Лин, отпосле (роман, Блесок, 2016; за која ја доби наградата Рациново признание, 2017 и финалист за Роман на годината и второ издание, Култура, 2019), Дијалози во еднина (Култура, 2019), Лебед (роман, Полица, 2021), Театар – предизвик: Студии и есеи (УКИМ, 2018), Димитар Ќостаров – Реалистичката поетика и естетика на еден режисер (монографија, ФДУ, 2014) и Македонски постмодерен театар (монографија, ФДУ, 2006). Приредувачка на: Драми од Дејан Дуковски (Проартс, 2002) и Современа македонска драма (Микена, 2008). Нејзината монодрама Стаклен лампион е праизведена во продукција на Театра – Скопје, 2013. Авторка на деведесет студии и есеи објавувани во македонската и странската периодика, како и коавтор на неколку театарски монографии. Во 2019 година стана член на Друштвото на писатели на Македонија. Членува во повеќе здруженија и организации фокусирани на истражување на книжевноста и театарот. Пишува постојано, не сакајќи да се „вкалапува“ во ниту еден жанр (научен или книжевен), затоа пишува и проза и поезија и драмски текстови.