Досие: Планета Икс (извадок)

Извадок од книгата „Досие: Планета Икс (Тајни документи од приватниот живот на планетите)“ од Бранко Прља.

Досие: Планета Икс (извадок) 1
Ај’ договорете се кој ме открил, па да можам на раат да живеам

 

Прв се јавува Галилео Галилеј.

Галилео: Јас го забележав Нептун уште во 1612 година, можам како доказ и цртежи да приложам, но бидејќи мислев дека се работи за ѕвезда, сега никој не ми признава. C’est la vie!

Алексис Бувар: Во 1821 јас објавив астрономски таблици со движењата на сите познати планети (до Уран). Но, набљудувањата потоа откриваат значајни отклонувања на орбитата на Уран. Тоа ме зачуди и со вечери морав да одам во локалната опсерваторија (читај: гостилница), каде што со пријателите дискутиравме за ова и заклучив дека зад Уран мора да има непознато тело кое со својата гравитација влијае на него.

Џон Коуч Адамс: Да, и јас го знаев тоа, и во 1843 година, по дискусија во една англиска опсерваторија (читај: паб) бев инспириран да ја пресметам орбитата на хипотетската планета. Пресметките ги пратив на потврда кај кралскиот астроном, но бидејќи тој беше зафатен со организација на астрономски скапиот кралски бал, изуми да ми прати одговор и целата работа беше заборавена.

Урбан Ле Верие: Независно од Адамс, во 1845 и 1846, јас направив сопствени калкулации и ја пресметав положбата и орбитата на непознатата планета. Потоа се обидов да ги заинтересирам моите добродетели, но тие не беа заинтересирани. Каква мака преживеав со нив!

Урбан ги убедува добродетелите.

Урбан: Слушајте, оваа планета е значајна, замислете, цела е сина!

Добродетели: Сина, каква модна кривина! Оваа година црвената боја е во мода.

Урбан (мисли): Добро… а  што викате на тоа дека таму дуваат ветришта со брзина од 2100 км/час!?

Добродетели: Ах, каква незгода таму дреме! Како периките ќе ни стојат на глава во тоа невреме!?

Урбан: Но, атмосферата таму има -230 степени, а внатрешноста 5000 Целзиусови степени. Одлично за спортови летни и зимски, и тоа во исто време!

Добродетели: Тоа е примамливо, но сепак е премногу екстремно. Ние сме по обичните спортови, повеќе отколку по екстремните.

Урбан (му текнува): Таму живее една цела цивилизација составена само од жени – Нептунки и тоа згодни и тенки!

Добродетели: Урбане, златен сине, па ти знаеш дека нас науката нѐ интересира, а не некоја жена да нѐ масира.

Урбан (на крајот на силите): Е, па ако Франција не е заинтересирана, ќе одам во Германија!

Добродетелите од оваа изјава се шокирале, но Урбан бил решен и тие не го сопреле.

Урбан, како урбан човек, лесно во Берлин се снашол, низ нивниот моќен телескоп ѕирнал и Нептун веднаш го пронашол.

И само што го пронашол, национална гордост во Франција станал. А во Англија кога слушнале од мака пукнале. Џон Адамс на рамена го кренале и викале: „Ова е херој наш, на Нептун пронаоѓач!”. Адамс молчел и си велел:

„Не ме слушаа кога требаше да ме слушаат, а сега ме слават!?”

И така, двајцата биле прогласени за пронаоѓачи на Нептун. Но за оваа приказна е врзана уште една мистерија. Ќе ни ја раскаже познатиот детектив за астрономски измами, Ѕвездан Трејси.

 

“Фајлот Нептун”, детективска приказна

„Кога таа влезе во мојата канцеларија и погледна наоколу веднаш ми беше јасно. Таа е жена која сака да доминира. Зачекори решително кон мене, како да сака да го освои просторот околу неа и да го прогласи за нејзино кралство.

„Седни, маче” побрзав да кажам, за да ѝ покажам дека јас не сум лесен плен.

Таа се збуни, застана, се заврти лево-десно барајќи столче и седна.

Станав и си турив пијалок.

„Виски?”

„Не, благодарам”

Таа трепереше. Ми пречеше погледот на вознемирена силна жена. Таквите не се вознемируваат лесно. Неволја беше на повидок.

„Како можам да ти помогнам?”

„Маж ми почина пред неколку дена.”

Ја погледнав сомнително, а таа побрза да се одбрани, “Беше стар.”

Стар богат маж, млада жена. Класична приказна.

„Тој беше почитуван астроном, јас негова поранешна студентка. Тој ми беше повеќе од сопруг, ми беше ментор,  заедно  направивме  многу

астрономски  откритија.  Тој беше болен долго време, но пред да почине, сподели со мене една тајна.”

Тука ме заинтересира.

„Каква тајна?”

Таа ја отвори чантата и извади една стара, пожолтена папка. Ми ја даде.

„Внатре има повеќе контроверзни историски астрономски документи, вклучувајќи го и ‘Фајлот Нептун’”, рече таа.

Досие: Планета Икс (извадок) 2Рипнав од столчето.

“Прочуениот „Фајл Нептун!?… Па тој документ е исчезнат со децении… Чекајте, да не бил вашиот маж Олин Џ. Еген?”

„Да”

„Читав за тоа во весниците. Тој никогаш не призна дека го има овој фајл.”

„Мислам дека знаете колку се значајни овие документи.”

„Секако, секако…”

„Потрудете се да дојдат во вистинските раце,” рече таа и излезе.

Фајлот Нептун! Се чувствував како да имам златна рипка во рацете. Можев да свртам два-три броја од астрономски здруженија и наддавањето ќе започнеше… но, нешто не ми даваше. Можеби сум слабак, но нешто во нејзината приказна ме трогна…

Вдишав длабоко, миризбата од нејзиниот парфем сѐ уште лебдеше во воздухот. “Поизон,” помислив, омилениот парфем на Марија Кири, уште една жена која си го жртвувала животот за науката.

Го отворив именикот и свртев.

Слушнав едно прашално “Ало?…” од другата страна на жицата.

“Чкрабалски, имам сензационална вест за тебе…”

 

Утредента во весниците.

Сензационална вест: „Фајлот Нептун” пронајден!

„Фајлот Нептун” конечно е обелоденет и со него непобитно се докажува дека англискиот астроном Џон Адамс не бил сигурен во неговите пресметки за положбата на Нептун и дека францускиот астроном Урбан Верие е вистинскиот пронаоѓач на Нептун.”

 

По оваа вест, Англичаните се одлучуваат на штрајк со неиграње фудбал што прави потрес во светската економија и доведува милиони луѓе ширум светот до раб на нервен слом.

Репортер: Што мислите за скорешната одлука на англиската влада да се укине…

Случаен минувач (прво вреска, потоа бега): Ме брка голема топка, помоооош!

Репортер: Ете, гледате, драги читатели, колку значајна улога има фудбалот во нашата цивилизација.

Од публиката: Дури и Нептун има шари како фудбалска топка!

Како тоа? Е па вака.

 

Срамежливиот Нептун

Си бил еден Нептун, кој иако бил 4-та по големина планета во Сончевиот систем и господар на океанот и сите води, сепак бил срамежлив. Зошто?

Уште како мал, тој бил немирен, што е разбирливо ако знаеме дека најсилни ветришта во целиот Сончев систем дуваат на Нептун. Никој не можел да го сопре во неговата игра, но токму тие ветришта предизвикуваат пореметувања во неговата атмосфера и појава на темни дамки. Најголемата од тие дамки била забележана од Војаџер 2, во 1989 и наречена „големата темна дамка” (поради „големата црвена дамка” на Јупитер), назив кој Нептун особено го мразел.

„Каков срам! Не е доволно другарите што ме задеваат, па сега и цел свет знае за дамките на моето лице!” помислил Нептун. За среќа големата темна дамка брзо исчезнала но, за несреќа, се појавиле други. И така постојано.

Ох, им нема крај на маките на Нептун!

Поради сето ова, Нептун сака да седи во последна клупа и да ја спушти главата што е можно пониско додека професорот испрашува. И затоа понекогаш го пушта Плутон да седи пред него (тоа трае и по цели 20 години), што овој го прифаќа со особена радост. Но откако Плутон веќе не е планета, Нептун е сега постојано „планета од последната клупа” и може да се опушти во спокојството на вселенската бесконечност.

 

Како се викаш? А, зошто?

Учителката: Ти, во последна клупа, стани и кажи ни како се викаш?

Нептун станува полека, главата му е спуштена надолу. Во училницата се слуша придушено смеење.

Нептун: Се викам Нептун.

Учителката: Нептун, какво чудно име. Децата се смеат. Нептун крева глава и вика.

Нептун: Не е чудно. Сите мои роднини имаат име според римски божества, па така и јас…

Учителката: Добро, добро, не се вознемирувај. Раскажи ни нешто повеќе за твоето име.

Нептун (се мисли): Па… по откривањето не ме нарекоа веднаш Нептун. Прво ме викаа „планетата после Уран” или „планетата на Верие”. Потоа сакаа да ме викаат Јанус, па Океанус. Но Верие, како мој пронаоѓач, измислил дека добил официјална поддршка и ме нарекол „Ле Верие”. По интернационалното спротивставување, во астрономските алманаси, каде што јас стоев како „Ле Верие”, Уран беше сменет во „Хершел” според неговиот пронаоѓач.

Учителката (заинтересирано): Каква збрка! И, потоа?

Нептун: Со посредство на Руската академија на науките и интернационалниот притисок, на крај ме нарекоа Нептун, според римскиот бог на морето т.е. грчкиот Посејдон.

Учителката: Гледате деца. Нептун можеби има пеги и вас ви е тоа смешно, но гледате колку тој знае! Битно е она што го имате внатре, а не како изгледате. Нептун е можеби ладен однадвор, но во него гори вистински пламен. Браво Нептуне!

Нептун седнува и на неговото лице се појавува насмевка.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *