Дува (извадок)

Извадок од романот „Дува“ на Божин Павловски.

ГЛАВА VII

Денот не беше убав. Ноќта врнело сѐ до мугрите, та утрото дрвјето капеа на тревата. Игор се разбуди меѓу првите во Дува, малку време слушаше радио во фоајето, потоа слезе кај клупата но не седна поради влагата. Езерото го имаше благиот спокој скоро без никакви бранови. Само неколку птици се нуркаа во водата ама без поголем успех зашто рибите навреме избегале. Небото пак се готвеше, црни облаци патуваа над водата. Времето не донесе најдобро расположение зашто тераше на спиење, сигурно затоа сите се успале. Игор изгледаше разочаран, тишината го дразнеше, како секој што избегал од голем град и тој се чувствуваше осамен. Малку се потсети на емисијата од радиото, кога спикерот рече: „Започнаа најпотребните дождови за насевите“ и како да зажали што мислел лошо за врнежливиот ден. Треба да се има добрина, помисли во себе, зашто илјадници гладни усти нестрпливо ги чекаат дождовите. Му текна за земјоделците од Малесија. А кога ќе заграби слободен ден за да намине во Малесија? Навистина момчето не ја чувствуваше Малесија фолклорно и со печалбарска тага туку обично како секој што сака да го види родното место, но таткото трговец го молеше и проколнуваше секако да отиде во родниот крај. Трговецот подвлече:„За да видат таму еден вистински господин“.

Лошите мисли не се изгубија така лесно. И езерската вода беше модра, дури и црна, поради сенката на облаците. Покрај брегот одлета мало јато гаврани што исчезна кон градините. Игор се убеди дека не ќе биде удобно на ниедна клупа ова утро и посака да се шета по патеката што се издолжуваше паралелно со езерото. Малку сакаше да прави споредби меѓу животот и условите во Канада и овие овде но брзо му текна дека тоа не е пристојно и се откажа. Само душата го дразнеше да мисли на другарите таму, на универзитетот и професорите, со тага се сети на еден стар и прост драмски монолог кој почнуваше: „Татковина ти е онаа земја во која си го минал детството“, но ова веќе не му остави којзнае каков впечаток. Сѐ уште беше длабоко уверен дека ќе го засака она езеро и луѓето, та ќе му се даде можност животот да го исполни со убави и корисни работи. Момчето, меѓутоа, не беше од идеалистите.

Кога ги направи првите чекори над плажата, нечии нежни женски раце му ги затворија очите. Тоа беше повик за невина игра и момчето ја прифати. На прашањето „Погоди кој?“, немаше потреба многу да се мисли. Зазбиваната Милица со детска радост се смееше и велеше: „Овде човек може да биде сам и осамен колку што му сака душата“.

„Госпоѓице, ајде да се шетаме?“, предложи Игор.

„О, вам ви е лесно, зашто сѐ уште не почнале големите излети. А кој ќе ја посврши мојата работа?“.

„О, вратете се веднаш и разбудете ги сите за да им ги суредите собите и креветите!“, подбивно рече Игор.

„Ама јас не мислев така. Да прошетаме ако ви е по волја, штом веќе другите се успале. Но што би си кажале ние двајца?“

„Не, госпоѓице, не морате!“, рече Игор.

„Е баш ми се шеткара!“, се насмеа Ми- лица.

Плажата ја изминаа со испитувачко молчење. Игор додуша крадешкум ѕиркаше во моминското тело што беше убаво; свежо, мило и природно формирано лице, коса врзана со бела панделка што задолжително ја носат сите собарки, сино фустанче и бело футиче на половината. Очите му запреа на градите, да, тоа беа најубавите гради што ги видел. Чекорејќи девојката потпевнуваше, а кога пред нив се покажа белата планина Галичица, таа радосно викна:

„Погледнете горе!“

„Што има, госпоѓице?“

„Планина!“, одговори собарката.

„Веќе ја видов вчера“, се пофали Игор.

„Сте ја виделе но сѐ уште не ви кажале ништо за неа“, со гордост рече Милица.

„А што тоа, госпоѓице?“, праша Игор.

„Па тоа, како да ви објаснам, таму нашите дедовци имале големи бачила. Ене таму горе на Галичица!“

„Сум читал, мила моја“, ја пресече Игор.

„А сте читале ли дека нашите дедовци таму немале мир поради Арнаутите?“, победоносно праша Милица.

„О, госпоѓице, колку сте мудра. Та и јас не пасев трева, знам малку од историјата на мојот народ“.

„А зошто вие ме понижувате?“, одненадеж праша собарката.

„Ве понижувам?“, викна Игор. „Ако добивте таков впечаток јас се повлекувам. Не знаев дека сте од стакло“.

„О, мене сите ми се потсмеваат поради мојот карактер. Си мислев дека вие не сте како другите, ете пак се излажав“.

„Вие да не живеете во облаците?“, ја прекина момчето.

„Не, јас не очекувам никаков принц“, тажно одговори собарката.

Пак чекореа со неприродна сериозност. Кога по малку време очите им се сретнаа, од двајцата избувна искрена смеа. Им беа смешни претходните постапки, та девојката праша: „Зошто сакаме да си попуваме?“. Да, она за бачилата и маките на дедовците од Арнаутите, таму горе кај снегот, таа го слушала од татка си, уште првата година по враќањето кога со него шетала по оваа иста патека. Од него научи како се живее на бачило, како се молзат овците, а за правење сирење веќе знае влашки рецепти.

„На Галичица пролетта задоцнува“, продолжи собарката со страст, „но нема поубава пролет од таа што доаѓа дури во мај, после снегот. А пак воздухот таму горе!?“, потскокна од радост.

„Госпоѓице, вие многу знаете. И сето тоа ви го кажа вашиот татко?“.

„А, татко ми е со големо искуство. Сега е многу стар и болежлив ама во младоста има ловено дури и ајкули. А на светов не ќе сретнете понесреќен човек од него!“, одговори девојката.

„Плаче ли вашиот татко за родното село?“.

„Многу често“.

„Тогаш сѐ е јасно. Вие имате татко паничар. Сум среќавал такви и во Канада. Еден ми рече: „Сине, ти ќе го видиш моето село Ѓавато. Еве ти два долара да ми донесеш грст земја“. Ете таков е вашиот родител! А што мислите? Ќе ја бакнува ли земјата ако му ја однесам? Не! Нему му треба за да се фали пред другите“, заврши Игор.

„Вие сте прост човек!“, се налути собарката.

„А вие?“.

„Што јас?“.

„Учевте ли вие некакво школо?“.

„Е, сигурно. Јас завршив хајскул“, одговори Милица.

„Да, госпоѓице. Но тоа не е многу. Да бидам искрен, тоа е многу малку!“, рече Игор.

„Речете му го тоа на мојот татко!“, се налути Милица.

„А што ќе ми каже тој мене?“.

„Дека не сте во право!“, одговори собарката.

„Пред мене не ќе прави капитал од печалбата, госпоѓице“, мудро ја пресече во зборувањето.

„Многу ви знае главата!“.

„Уел, зад мене останаа многу неспани ноќи, госпоѓице, јас не сум подобар од другите, уел, можеби полош, но барем сфатив дека треба да се живее едноставно. А вие?“, праша момчето.

„Едноставно, да, убав збор, а дали секој може така?“.

„Треба да се обидеме“.

„Е слушајте ме добро!“.

„Молам?“, се смири момчето.

„Ќе ме слушате ли како што треба?“, праша.

„Повелете, само да не биде плачлива приказна за изгубените печалбарски деца. Чесен збор, ми се смачи од тоа. Таму во Торонто се плаче на сите веселби. И жално и смешно. Плачат и сиромасите и богатите, а не им се даваат триста долари за авионска карта“, луто заврши момчето.

„Ќе ме слушате ли?“, упорно праша собарката.

Игор даде чесен збор.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *