Расказ од Наташа Сарџоска објавен во збирката раскази „Очудувања“ (Бегемот, 2018).
Во утробата на Париз
Беше петок. Сировата сребрена студена светлина подмолно се провираше низ зеленото кадифено перде на стариот париски прозорец во мојата соба. Утринскиот свеж кислород безмилосно навлегуваше во моите ноздри. Немо немушто талкање. Читање низ воздух. Доверлив разговор со воздухот. Ги отворив очите, како и секогаш не знаејќи каде сум, не знаејќи која сум, не знаејќи кое е ова време, кое се овие простори, дали сум секаде и секогаш, истата јас, или пак некоја друга, зад којашто се кријат изговори, скитања и немост, столчена, но, но, сега, ова утро покрај студенилото и светлината, во моите ноздри продираше и некаква чудна смрдеа. Сперма, пот, сол, здив. Моето тело. Се разбудив со една прилично јасна јаросна бодра поразителна свест, дека не сум се капела пет дена. Дека ни забите не сум ги измила пет дена. И дека згора на тоа освен горчеливата боја на црното кафе, мојот желудник не се соочил со други тонови или нијанси на светот и храната. Одбивање. Станав бавно со забавено дишење небаре требаше да одам на гилотина. Тоа растројство впрочем, знаев, се должеше на еден човек. Partner in crime? Sparring partner?
Во кујната, која сосема нејасно решив да ја обојам во топлите тонови на есента, ставив во устата банана. Но, веднаш моето грло се згрчи и ја исплукав. Ја извадив од себе како да беше инсект. И тогаш навистина видов инсекти како ползат во ѓубрето. Се стресов. Се раздрмав. Појдов накусо низ времето. Решив да го сменам времето. Со еден дебел нож, решив да го пресечам тоа згуснато, дебело место каде што лебдеше сето она што ме валкаше и истовремено челичеше: болката, таа гнасна заразна бодеж, лагата, изневерата, измамата, предавството, таа повеќеслојна кожа, гласови што од неа никнат.
Болката беше изговор. Но болката болката беше и доказ дека сум се впила во себеси самата. Сето тоа лебдеше некаде над мене, над мојата глава и со невидливи пипки, како полжав, упорно и нервозно ја допираше мојата коса.
Трансфузија.
Низ бледото светло што се одбиваше од зелениот бор, од валканите стакла на мојата соба, препознавав една топлина, една кревка нежна топлина, што тишината ја претвораше во злато. Има мигови во животот кога од итно значење е гледањето низ прозор, молчењето, бегството, и одморот, банален, тривијален, обичен, летен, зимски, викенд, секако, и сировата тишина, тоа длабоко, продорно, втренчено гледање од себеси, низ себеси, во себеси, во вакуумот на надворешниот свет, во просторот кој секогаш толку силно ме одредувал; тие мигови, чинам, се поважни од сите световни дразби: тое се нашите сврзни ткива, страшни поради својот полнеж со самотија, а сепак толку спокојни како ветрец над утринско море. Има такви мигови, како овој сега, кога решавам да запрам во сето ова грозоморно, труло и налудничаво пркосење на плотта. Временски залаци на простор, занемен, смрзнат, течен оган, каде што закочувањето на сказалките е од животно значење. Надвор нема никој, никаде ништо. Никој не постои, ништо нема. Само немо и бледо поигрување со телото. Низ светлината. Во оваа просторно-временска трансфузија решив да се оживеам себеси, да се вратам во онаа хипотетичка точка од каде што, ќе можам, сепак да го сменам течението на нештата, и да се вратам пак во тој ден на тоа место кога тегобата на мојата различност, конечно, стана светлина на мојата единственост.
Но, дали? Дали, дури и да можеме да се вратиме назад во времето, и да ги смениме одлуките и моментите и околностите во коишто сме ги донеле тие одлуки, би можеле, сепак, да ја смениме сегашноста, сега и тука? Не сум сигурна дека да.
Дрвениот под подмолно крцкаше под моите стапала. Мирисот на остро и полно кафе ме будеше и враќаше во една нова свест, во едно ново познание. Свирепо го цедев портокалот, додека наспроти мојата кујна весело се множеа гласовите и вревата на старите луѓе од домот за стари лица (звуци за кои постојано мислев дека се детски). Знаев дека Мароканката ми чуваше еден кроасан на пладне (обично пекарата во тоа време од денот беше празна, сè беше продадено) и така слегов, во пижами, со бушава коса, за да си го земам својот утрински оброк. Освен неколку збора со неа, имаше денови кога не изустував ниту еден збор. Секогаш ми се насмевнуваше. Допирот на мојата кожа и незината кожа. Свилен. Кадифен. Допирот на мојата кожа и топлата вода. Мирис на нане, лаванда, лимон, портокал. Хортензија. Африка.
Излегов.
Косата силно ми ја раздувуваше крволочниот блесок на надземното метро, се наоѓав под железните сводови на Бир Хакаим. Се упатив накај Паси, сакав да се качам на станицата Виктор Иго на метро линијата 2 и да се симнам кај Вилие за да ги избегнам турканиците и смрдеата на луѓе во линијата 13 на станицата Шанс-Елизе-Клеменсо. Носев кусо здолниште што подмолно се лепеше за горниот дел од моите нозе, се чувствував небаре одев гола. Ги замислував луѓето како се ебат како животни. Студенилото од сивиот париски асфалт лукаво се провираше низ кожните обувки во мојата кожа, одекнуваа потпетиците, ѕвечеа обетките, косата нескротливо се вееше, ги ставив во џеб дланките, виолетовите картички за метро, избегнував погледи, сакав да се напијам набрзина кафе во Кенеди, и да се згреам, да погледнам смирено, со надеж, со стаменост, во Сена, зад мене, да оставам сè, да оставам бакшиш, како и секогаш, речиси ритуално, мудро да подголтнам, бегло да погледнам кон улицата Албони, замислувајќи ги Марлон Брандо и Марија Шнајдер, и сета таа мапа на страста, тој карневал на мириси, на вкусови, на немост, на занемување на сетилата, и свечено да се упатам кон мојот стан, каде што ме чекаше материјал, којшто некој ми го пратил за моето истражување. Брзо ги искачив скаличките, сега веќе одев над надземното метро, со грб свртена кон него, имајќи чувство дека е змија што соучеснисчки лази далеку од мојот р’бет и ме штити и чува
Се враќав дома.
Но што е дома? И каде е тоа дома? Дали е тоа мојата родна куќа, дали е куќата во која живеам сега и тука, дали е тоа куќата што ја поседувам, што ја изнајмувам, или е куќата каде што се будам покрај студените машки тела? Што е тоа дом?
Морав што побргу да стигнам до станот, во сопственост на познатиот париски органист Сандер, и да ја земам таа голема, чудна пратка за мене. Стануваше збор за животни приказни поврзани со прогонства. Секакви. И секоја приказна ја раскажуваа одделно и различно Алба, Алма и Анелија. Нивните писма ги добив во еден куфер што стигна на мое име на адресата на домарката Марија, гастарбајтер од Србија, којашто ја примаше мојата пошта, во Париз, на улицата именувана по славниот математичар Адриен-Мари Лежандр, во седумнаесеттиот арондисман, и којашто, додека јас патував од воз во воз, од хотел во хотел, од аеродром до аеродром, работејќи на моето истражување за Сорбона, посветено ги чуваше сите мои писма. Јас правев интервју со сите три жени. Трите жени не се познаваа меѓу себе. Но, она што ги обединуваше во една жена, онаа тактилна, сетилна, невидлива, недефинирана, нелегална, непрописна, недолична желба да се биде верен на себеси и во најситното влакно, и во најсуривиот грабеж, во најкрволочното гризнување со заби, месо, плот, живот, копнеж по слобода, светлина. Прогонот. Бегството. Копнежот.
Но имаше уште едно нешто што ги обединуваше: улиците на кои тие живееја. И најважното, мрежата на оваа приказна, лимфата на ова соединување, во нивните слични животи кои се движеа по една речиси идентична хронологија и географија. Алба живееше во Милано, во близина на метро станицата Зара, на улица Торкавото Тарамели, според истоимениот италијански геолог; Алма живееше во Лисабон, во близина на паркот Принцип Реал, на улицата Рубен А. Леитао, според португалскиот писател, професор на Кингс Колеџ во Лондон, Рубен Алфредо Андерсен Леитао; а Анелија во Скопје, на улицата Ганчо Хаџипанзов, според македонскиот револуционер, активист и поет, (патем, којшто, исто како и Анелија, сонувал и мечтаел да замине да живее во Париз), во населбата Водно, во Македонија. Сите три беа вплеткани во триаголни љубовни врски.
Ги зедов списите. Се напив едно турско кафе со Марија. Марија ми понуди и парче гибаница со сирење. Марија како и секогаш се жалеше на кревкото здравје, пиеше седативи, беше тажна зашто била обележана од српската заедница во Париз зошто, ете, и покрај тоа што се омажила, маж ѝ ја напуштил, а тоа беше голем и низок удар за нејзиното семејство, црна овца, пораз на општеството. Послушно, верно ја слушав додека предано пиев од турското кафе и јадев парче од таа мека, чудесна српска гибаница, што таа успешно ја импровизираше со француските продукти, и ја слушав, чувствувајќи огромна празнина во стомакот, скрб, срџба, жал, но и одговорност зашто не можев да помогнам, да ја допрам полека, да ѝ кажам дека всушност надвор и покрај тоа што силно дува ветер, прекрасна светлина продира низ нејзините ќепенци, дека седативите се опасен порок, дека таа самата си се набила и навлекла на тој вител, но, но, не, залудно беше секое мое толкување. Затоа молчев.
Зашто молчењето беше вистина. Зашто молчењето беше единствената вредна човечка дејност. Интимна вистина. Единствената причина за спознавање на другиот пред нас, зад нас, пред нас, во нас. Молчењето беше најдостојно искажување почит кон другата личност.
Не сакав така брзо, надмено да си заминам, ми даде дури и чаша од тие вештачко обоени сокови, која исто така не можев да ја одбијам. Во овој град, суров змеј, месојад, тивко ја соголував човечката тага, поразена, срозена. Исто толку поразена и срозена, Марија, покорно ми го даде куферот назначен до г-ѓа Коен. Беше тажна што ја оставам. Иако се гледавме секој ден. Некои човечки односи, и покрај зачестеноста, и покрај довербата, и покрај сигурноста, се сепак тажни. Тегобно ги искачував дрвените скалила, кои мирисаа на пчелин восок, знаев дека госпоѓата Грамбер сигурно ги поминала, зашто имаше во неа, и покрај слепиот француски расизам и ксенофобија, и една мајчинска грижа за станбената зграда, и дека сега, таа, тој автентичен останок на старата Франција, трага на стариот наивен француски дух, ме чекаше на прозорецот, зад пердето, мислејќи дека јас не ја гледам, ѕиркајќи, чекајќи да види што има во тој куфер – зашто да се разбереме, мадам Грамбер знаеше сè за сите нас уште пред ние самите да го дознаеме истото за нас! -, возбудена, силно врежана во завесата, впиена во карневалот, опиена од театарот на мојот живот што сценски се одвиваше на еден спрат под неа, отспротива: таа знаеше како живеам јас, иако јас немав ни приближен поим за тоа како живеем самата јас.
Почнав да пишувам.
Самотијата на пишувањето може само да создаде крв во пишувањето. Живот. Празнина. Простор. Самотијата на пишувањето е живототворна.
*
Испив една чаша шардоне, се обидував да разберам зошто еден марокански поет на железничката станица во Трст ми беше кажал дека вистинското шардоне мириса на мочка од мачка, мрзеливо со сребрен нож си мачкав путер на препечено лепче. Забележав всушност дека воздухот собата мирисаше на секрет, на машка урина, на полова слинка. Задоволно, сега веќе победнички, се сеќавав на трауматичното и насилно детство, кога морав да си игра џамлија со машките, зашто девојчињата ме избегнуваа, бев срамежлива, имав кочници во телото, не умеев да се препуштам на скокот, на ластикот, на школката, а пак машките ме прифаќаа како помала сестричка, како девојче кое никогаш не би им се допаднало, на слабоста во колениците, сега веќе помодрени од бруталниот однос со подот, на валканите дланки со земја под ноктите, сега веќе со парчиња машка кожа, на должноста да молчам, да бдеам, да блеам, да внимавам, сега веќе беше сето тоа надмен избор, имав право на бепрекор и безмилосност, се смешкав. Некаде далеку во позадината тивко со бледата светлина се слеваше трубата на Мајлс Дејвис, па на Гато Барбиери, моќно извеани времиња на нечија страст, дива, нема, закатанечна во некоја хотелска соба, неискажана, потајно засведочена игра на давање и примање, на сплотување. Чекав да дојде тој. Тие денови беа вонвременски. Можев да си ги дозволам, затоа што преводите, што ги испорачував во Кривичниот суд во Париз, можев да ги довршам и следниот ден, работејќи двојно повеќе, но исполнето, задоволно.
Неговото име беше непознато, немаше јазик меѓу нас, ниту разбирање, само диво, немо душкање. Сите конвенционални и прифатливи идеи за машко – женските односи паѓаа во вода, немаше теорија ни психологија ни јазик што го толкуваше односот, немаше просто ништо световно, ништо опипливо, сè беше етер, месо, сирова емоција. Јас го сакав токму тоа. Тоа беше единствениот простор во којшто таа можеше да се доживее. Сакав да се нурнам во неговиот понор, да ја одгатнам неговата тишина, да ја припитомам неговата суровост. Како што минуваше ова чекање, се слушаа само сказалките на ѕидниот часовник и сказалките на моето срце. Мачкав путер, чекав.
Знаев дека нему ќе му треба токму путер. Појадувавме. Се мачкавме.
Наеднаш, се вратија пак тие грозоморни крикови на Анелија, жената од од третиот кат, којашто силно врескаше на португалски јазик, испуштајќи неразбирливи крикови. Никој ништо не преземаше со месеци. Еднаш сакав да се јавам во Здружението за заштита на жени жртви на семејно насилство, ама бев странец, не сакав да си имам работа со полицијата. Никогаш никој не зборуваше за тие крикови. Секогаш кога ќе се случеше тој џелатски преврат, сите прозорци и ќепенци се затвораа, сите се повлекуваа во тихиот и предавнички ритам на секојдневната летаргија. Човечката подлост. Нејзиниот сопруг не зборуваше. Никој го немаше видено. Беше разјарен. Верувам дека беше од Бразил. Силно ја удираше од ѕидот додека таа крволочно врескаше. Месојад? Силеџија? Сопруг? Љубовник?
Сосетката до мојот стан, Елса од Мексико, којашто се беше омажила со тој нејзин Французин, кој бил на одмор, поточно на сексуален туризам во Мексико, ми кажа дека работела како масерка, па му го пушела, па овој дошол пак, па си заминал дома, па ја посакал пак, и така ја повикал во Париз, и така таа останала, ми кажа дека еднаш Португалката сакала да скокне од третиот кат. Само тогаш се вмешале соседите.
Анелија никогаш не излегуваше надвор во нормално време. Ретко ја гледав и на улица, а уште помалку на скалите. Но, ја гледав токму од мојот стан. Редовно. Постојано. Ме возбудуваше нејзината пасивност. Нејзиното предавање и покорност на насилниот секс. Ја гледав секогаш. Од мојот стан на четвртиот кат. Можев да го видам одблесокот на нејзината алова коса, и сочната полнота на нејзината плота, меките нијанси на црвено-белиот фустан, па на портокаловиот, па розовиот…
Речиси никогаш сосема гола. Тој беше над неа, алчно и гладно ги глодаше нејзините коски, ја гризеше насекаде, ги гледав и нејзините модринки, зад зеленото кадифе, кое бесрамно и пркосно го отворав пред себе додека ги гледав, додека тој ја земаше и одзади, и на секој можен начин, рацете врзани, очите со превез, некогаш седната на стол, некогаш крај прозорецот, некогаш ја полеваше со жежок восок врз вагината, некогаш свирепо ѝ ја раскинуваше облеката со нож, додека лицето ѝ го удираше со безмилосни шамари. Имаше нешто болно во сето тоа, и едновремено пргаво здраво, како кинеско луто-благо јадење, нешто од што ми зовриваа цревата и срцето, и од што, истовремено, ми се замрзнуваше здивот, грлото, забите. Гледав. И иако се криев, сакав да бидам видена. Почувствував како мојот пол станува влажен. Ги соблеков гаќичките. Ги набљудував. Очите ококорени. Пулсот забрзан. Телото жешко. Почнав нежно да се допирам, потем посилно, потем свирепо. Мојот крик се слеваше во нејзиниот. Стануваа една чиста еднообразност. Наоколу занемуваа сите.
Бевме во утробата на Париз. Во челуста на месојадниот град. Во седумнаесетиот арондисман. Длабоко во внатрешниот двор на улицата Лежандр број 17. Метро Ги Моке. Или Бланш. Зовриваше сиот сончев болскот околу нас. Лимените кровови. Мачките. Песните на забавувачките во домот за стари лица. Топлиот кондензиран густ воздух.
Анелија беше надвор од себе, не знаеше кога ќе заврши таа перверзна игра, таа изопаченост, и само се покоруваше, исчекувајќи тој да се умори, конечно. Тој го испрска нејзиното лице со обилен млаз сперма. Таа беше срозена, падна ничкум на подот, влечејќи се како мачка до едно парче облека со кое поразено си го избриша тој ситен блик на крв што излегуваше од нејзиниот анус. Моите очи полека се отворија од силниот оргазам, устата полека се врати на скромната линија на забите, се затвори, грчот што се разлеваше по ишијасниот нерв полека спласна и се повлече во некои непознати меандри на моето тело, карлицата се затвори, дрвениот под го смири своето динамично крцкање, веќе не ми ѕунеше во ушите, слушав хармонични превирања на консонантност и дисонатност, тишина, гледав светлина, мирисав мирис на сардели, на лосос, чашата со шардоне беше разлеана на подот покрај зеленото кадифено перде и скршена.
Го нагрнав само мојот летен свилен виолетов фустан. Одеднаш бесмислено стана сè. И моето пишување. Илузија. Повторно сама, заборавена од светот што сакав да го заборавам. Сакав да ме заборави и светот. Не ми беше грижа што не зборувам со никого. Оваа самотија беше здрава, витална. Не ми беше грижа што престанав да излегувам во Сан Џермен де Пре во потрага по него. Ова незаконито самозадоволување ги исполнуваше моите пори, мојата сензуалност, ми влеваше доволна доза на изопаченост. Ми беше потребна таа порочна слобода за да пишувам. За да си играм со зборовите. Сама пред белилото на хартијата. Бев соучесник во тоа кривично дело. Фотограф на тој чин на насилство. Моите очи посегнуваа по неговите силни мускули. На само 3 метри отспротива го доживував и јас тој нејзин животински оргазам.
Но, зошто ги нема сега? Но, зошто никој не говори за тоа? Merde!
Во кујната пиштеше и кипеше мојот лонец, каде што варев чорба од јагне. Оттрчав. Ги изгаснав огнот. Мирисаше убаво. Мирисаше на некои далечни времиња, на село, на некоја питома кроткост. И како што растеше тишината од третиот кат, така се зголемуваше вревата од соседството: домот за стари лица, мачките, метежот одзади зградата, мадам Грамбер од петтиот кат свечено ги тргна завесите, Пакистанците од шестиот кат весело пржеа пилешко со кери и бамија, мирисаше целата зграда. Само во станот на Анелија и нејзиниот партнер тлееше во темница, пердето беше затворено, дури и воздухот се чинеше дека тихо лебди, згуснат, небаре закоравен.
Ја пуштив музиката од филмот In the Mood for Love. Морав да пишувам. Да бришам. Да пишувам. Да лажам. Да создавам сплет на настани, содржини. Нова свест. Го тргнав свареното јагнешко месо на страна. Си дотурив вино. Го тргнав зеленото перде, и забележав истовремено дека и пердето од станот на Анелија е малку поместено. Немаше никој. Моето тело беше олеснето. Оргазмот, кој како змеј се провираше низ мојот р’бетен столб, ме ослободуваше. Ги миеше сите валкани клетки. Ме олеснуваше. Покрај мојот кревет: Georges Bataille, La petite mort. Потпевнував, подготвена да му се посветам на мојот роман.
Бевме во утробата на Париз. Во челуста на месојадниот град. Во седумнаесетиот арондисман. Длабоко во внатрешниот двор на улицата Лежендре број 17. Метро Ги Моке. Или Бланш.
Не очекував повеќе да се јави ни Кристоф. Мојата прва љубов. Моето прво неверство кон себеси самата. Предавство на себеси самата. Верност и вистинитост. Така и се најдов себеси. Пак. Иако бев изгубена. Тука и се најдов себеси сама. Во тишина. Во полнота. Молкома. Во овој месојаден град. Град на кабареа и на курви. Пиев голтка по голтка за да го насетам џелатскиот ултразвук на соседниот стан, мирисот на животот. Наслушнував. Се мешаа звуците. Се мешаа зборовите. Се мешаа одговорите. Се мешаа прашањата. Одговорите стануваа прашања. Прашањата одговори. Звуците зборови, а зборовите излишни. И откако прашањата добиваа одговори, веќе немаа смисла познанијата. И така се раѓаа нови прашања. И веќе ништо не ми беше јасно. И веќе ништо не ми беше важно.
Во тој миг на слеаност со просторот околу мене, некој заѕвони на вратата. Се замрзнав. Никого не очекував. Знаев дека не е тој. Знаев дека не се тие. Знаев дека нема никој. Знаев дека не може да има некој. Сакав да биде тоа и тука. Отворив. Брзо, бучно, тревожно, гладно, безгранично, без задршка, без размислување. Немав ниту време гаќичките да ги облечам.
Blanc. Blanc de blanc. Coup à blanc. Coupé à blanc. Blanc-out.
Моето тело. Моето тело лебдеше. Се разбудив со една прилично јасна јаросна бодра поразителна свест. Со стомакот слепен наземи и втиснат во градите. Очите бавно се отвораа од грчот. Чувствував како една леплива течност излегува од мојот анус. Сперма. Путер. Пот. Покрај моето тело имаше парчиња од нечиј црвен летен фустан. И мојот виолетов фустан веќе беше гнило-бордо-пурпурен. Залепен за мојата кожа. Мокра. Црвена.
Мојата аркада срамежливо крвареше.