Промотивно: нов расказ од Ѓурѓица Костадиновска.
Клупата се наоѓаше во центарот на градот, на тротоарот покрај најфрекфентната улица, каде што загрижени лица минуваа секојдневно брзајќи да стигнат навреме на работа и да ги извршат обврските што им тежеа на плеќи. На таа улица никој немаше време за другиот, а на онаа клупа само еден за којшто доцна сфативме оти единствено тој беше свесен дека сѐ што имаме во животот е само време.
Го забележував и минував крај него речиси секогаш ѕверејќи се. Сув и ковчест, со бела коса и долга брада, постојано наведнат над некаква книга со пожолтени страници мрмореше нешто ко за себе. Ликот никој никогаш не му го виде оти постојано беше заробен меѓу пожолтените страници. Сепак целата негова појава никако не се вклопуваше во секојдневието на забрзаната толпа. Неговата присутност некои ја примаа со одвратност заради неговата нечистотија, некои со чудење, а некои со жалење понекогаш и само тие си знаат зошто му фрлаа по некоја паричка без да се обидат да поразговараат со него. Веројатно затоа што тој никогаш не просеше, не досадуваше туку само седеше таму и читаше. Или барем ние мислевме дека читаше. Си мрмореше непрекинато, како да изговара некоја молитва без крај. Молитва без амин, молитва која се врти во круг бескрајно како да сака да најде утеха и да ги освести сите оние заблудени минувачи.
А јас како дипломиран студент на книжевност знаев дека читањето не нужно подразбира учени и компетентни читатели. Веднаш се сетив на предавањата по Теорија кога еден професор тврдеше дека читањето е мала смрт. Дека секое читање те вади од условно речено реалноста и дека и тој самиот би се загрижил кога би знаел дека неговите деца само читаат и ништо друго не прават во животот. Тоа предавање го паметев сосема фрагментирано, како сцена откината од филм. И така се сеќавав на тоа секогаш кога ќе го видев старецот што само седеше таму и шепотеше. А ликот не можев да му го видам.
Од ден на ден тој кутар старец сѐ повеќе ми ја разгоруваше љубопитноста и сѐ повеќе му придавав значење. Љубопитност примарно поради тоа што не знаев како изгледа, а подоцна и затоа што нешто одвнатре ме копкаше да ја дознаам неговата животна приказна. Иако неговата присутност во мојот видокруг траеше само две или три секунди во мојот ден преполн со обврски, тие мигови се претвораа во рутина и без некое посебно објаснување секогаш кога поминував таму и ќе го видев во својата препознатлива положба се уверував дека денот ќе ми биде добар и успешен. И навистина така беше.
Така си одев јас на работа секој нормален ден потонат во мисли и правејќи си приказни што мака би можел да има старецон и цели романи можеа да произлезат од таа моја бујна фантазија, сѐ додека не ја дознав реалноста. Не онаа условната реалност од предавањата на мојот професор, ами онаа вистинската, болната реалност која ја доживеал, а поарно да не ја преживеал овој старец.
Од спротивната страна на улицата забележав позната женска фигура што ненаметливо ми се приближуваше и некако срамежливо се насмевнуваше. Другарка ми Наде, ја запознав во средношколските денови на рок концерт кога бев во бунтовен филм и мислев дека сум некојаси андерграунд фаца во градот. Се испогушкавме оти прилично одамна се немавме видено ни чуено, се прашавме како сме, што сме, што има ново и слични тривијалности и продолживме да пешачиме заеднички. Кога се доближивме до клупата Наде извади ситни парички и му ги тутна во рака на старецот со таква леснотија од која сфатив дека тоа е нејзин секојдневен ритуал. Потоа си запали цигара и почна да дрдори за некои пејачи, песни и рок бендови за кои искрено гајле ми беше оти јас одамна бев излегол од тој рокерски свет. Но начекав можност да ја потпрашам за старецот и тогаш ведрината и ја снема, се сневесели некако и ја заниша главата како сакаше да каже тоа е, судбина, така требало да биде. Јас се почувствував виновно, но љубопитноста сѐ уште во мене тлееше оти сакав да ја дознаам таа судбина, па и да помогнам некако ако можам.
Не ѝ требаше долго на Наде па се размуабети иако сѐ така тивко и со тага во гласот. Ми раскажа дека дедо Голе, така се викаше старецот пред многу, многу години си бил најнормален и си живеел во селото тука блиску до нас, си живеел со син му, снаа му и петгодишната внука Живка. Ама ете не дал Господ Живка да си поживее. Токму кога полнела пет години во најголема еуфорија ѝ дошле другарчиња растрчани по куќата, џагорливи и немирни, сѐ додека не станало загушливо и почнало чудно да мириса никој не забележал дека некое од децата некако успеало да украде свеќичка од тортата да ја фрли некаде во ќош и до толку да се занесе во играта и да ја заборави таму, а огнот ѓавол ќе го знае како си го нашол патот до дрвата и додека се свестат пламнала цела куќа. Син му и снаа му на дедо Голе тогаш биле на нива, а тој си вршел некои работи низ двор. Децата се уплашиле и почнале да бегаат ко да го виделе ѓаволот лично ама се испозбуниле и наместо да излезат низ врата почнале неконтролирано да трчаат по собите. Кога забележал дедо Голе веќе доцна било, избезумен целиот трчал за да ги спаси децата, да ја спаси внука си Живка ама од силната светлина ли од изгореници ли којзнае како очите му паралдисале и оттогаш дедо Голе бел ден не видел. Кога се вратиле мајка ѝ и татко ѝ на Живка и го пронашле безживотното тело тоа бил ужас невиден, кажуваше Наде и ги ширеше очите како таа самата да ја проживува таа случка или како да ја видела па сега одново ја визуелизира и се ужаснува. Син му и снаа му на дедо Голе цел револт на него го истуриле, во старечки дом го избркале, а тие се преселиле во градот и тука нов живот започнале. Животот без Живка, само трагедија и грев бил, ама набрзо син им се родил, од мака и јад Живко го крстиле, тој сега сигурно негде на наши години бил, а дедо Голе не издржал во старечкиот дом, туку голтар се сторил, полесно му било вака на клупа да седи и по цел ден во некои книжулиња да се ѕвери, иако очите стаклени му беа и нит букви нит бутур гледаше, ами судбината си ја оплакуваше. А дека така било и никако поинаку Наде со сигурност знаеше оти татко ѝ беше директор на старечкиот дом и секој ден како да извршува некој задолжителен ритуал, не знам, а изгледа и самата не знаеше дали од жал или од навика му фрлаше на старецот по некој денар.
Ја излажав Наде дека морам да тркнам нешто до банка, имам некоја итна обврска, а таа продолжи да си пешачи накај работното место. Го извадив паричникот од фармерките, а прстите ми се тресеа, ја пикнав картичката во банкомат, личната карта ми падна на тротоарот и во делот ИМЕ/NAME, ПРЕЗИМЕ/SURNAME разголени како голиот живот на дедо Голе се покажаа буквите ЖИВКО ЈАНЧЕВСКИ.
Извадив илјадарка од апаратот, му ја пикнав во старечките раце и силно ги стегнав. Дедо Голе како да разбра сѐ, како да ме виде со стаклените очи кога ја исправи главата, а јас за првпат му го видов ликот. Мојот дедо Голе со несмасни движења ме погали по главата и ми ја разбушави косата како што постарите обично им прават на малите деца.