Хомо Сапуненс (извадок)

Извадок од драмскиот текст „Хомо Сапуненс“ на Борче Панов.

Улоги:  
БРИЧБерберин – главен мајстор во берберницата „О-хо-хо“, средовечен маж
БРИПомлад берберин, брат на Брич  
  ФРИГИГаздарица на салонот за  убавина „Хај-хај“ на околу 30 години                                              
ХА-ХАПовратник од Америка на околу 45 год., стар ерген  
ХИИ                           Брат на Хи-хи на 50 години  
  КРИСТИНЧЕ                  Сопруга на Хи-хи на околу 40 години
ОЛЕ Сестра на Кристинче на 27 год.
  ЈОЛЕ     Син на Оле на 10 години  
Ш‘Ш  М’Ш                      Стројничка на околу 40 год.
  КОТЕ ДИ НОТЕ  Пијанист  – епизодна улога, на околу 30 години
  МУШТЕРИЈАТА              Епизодна улога, околу 40 г.  

ПРВА СЛИКА

Берберницата О-хо-хо (ентериер): берберски столови, огледала, берберски масички со берберски прибор, ножици, машинки за потстрижување, крпи, сапуница…Во кадарот се Брич и Бри. Едниот ја мете берберницата, а другиот чита весник. Очигледно е дека претходно жестоко се карале. Радиото трешти секвенца од операта „Свадбата на Фигаро”. Во еден момент, Бри ја остава метлата и нервозно го гаси радиото, се врти околу Брич и луто го гледа. Во еден момент, Бри енергично му го оттргнува весникот и одеднаш го фаќа Брич за образите…

ПОЈАВА ПРВА

БРИ И БРИЧ:

БРИ: Чек, чек, чек, па ти имаш многу, многу… бреееј, навистина голем нос! Ха-ха-ха-ха! И  кога ќе пливаш на грб, овој нос, ова носиште, ха-ха-ха…е толку големо што сигурно ќе личи на грбна перка од ајкула, ха-ха-ха…(смеејќи се, се засркнува и почнува да кашла)… и, ако случајно пливаш на некоја морска плажа, ќе ги преплашиш сите! Ха-ха…сите! Леле… Сите!!!…Ха-ха-ха…

БРИЧ (луто го оттурнува, зема рачно огледало, си го  гледа носот од профил и се уверува дека не му е толку голем): А ти бе брат, толку си прост што од школо имаш завршено само свечена академија по повод јубилејот на твојот погребален градски орекстар…

(Таман да се степаат фатени за јаките од белите берберски мантили, одеднаш во берберницата влегува Ха-ха).

ПОЈАВА ВТОРА

ИСТИТЕ И ХА-ХА:

ХА-ХА (се смее): Ха-ха-ха…хи-хи-хи…Бррр!!! (се тресе од студ и се смее наизменично) Простете, I’’m sorry, но не можев да се воздржам, а морав, леле…ха-ха-ха… да влезам во берберницава. Берберница е, нели? Леле какво име има…бррр…цел живот не знаев дека смеата има име… (се свртува кон мајсторот) Ве молам мајсторе, дозволете ми да ви ја стегнам раката.

(Видно збунети, шокирани, но и среќни со надуена суета од фалбите, Брич и Бри истовремено си ги подаваат рацете, но додека Ха-ха да стегне една од нив, во берберницата влегува и Хи-хи и започнува жестоко да се расправа со Ха-ха)

ПОЈАВА ТРЕТА

ИСТИТЕ И ХИ-ХИ:

ХИ-ХИ: Овде си стоко, а?! Овде ми се сокри, овде во берберницава… Берберница е ова?.. (Бегло ги прашува Брич и Бри, одеднаш зема една ножица и почнува да го гони Ха-ха околу берберските столови.) Е сега ќе те кврцнам, ќе те делнам, ни ХА, ни А, а само едно квичење свинско ќе ми бидеш, И-и-и-и-и… свинче едно!!!

(Во еден момент, Брич го фаќа Хи-хи и му свива раката одназад, додека овој прета гневно…)

БРИ: Доста, доста! Прекини! Смири се, бе, будала! Оваа берберница и во војна и во мир била „О-хо-хо“.

БРИ: А не „О-ле-ле“…

БРИЧ: Марширале покрај нас и знамиња и крвишта, ама овде внатре, брат, меѓу овие две раце… (го оттурнува и му се внесува в лице со двете раце кон него, како да се подготвува да го дави го фаќа за јаките од палтото) … не капнала ни една, единствена капка крв. Чунки во нашиот занает крвта е клуч на врата!

БРИ (и тој му се подава на Хи-хи): Море катинар! Катинар! А не брич и ножица…

БРИЧ: За мазен и чист образ и чаршиски фриз!

ХИ-ХИ (претајќи задавено):     Пушти ме, бре, ме удави, од катинар бетер ти се рачиштата! И каков бербер си кога ни малку не личиш на музичар со оние тенки колосани провидни, миризливи елегантни женски прсти, ниту пак рацете, нежни ко на гинеколог да ти се, па малку од малку на бербер да личиш или барем троа галантен да си, троа п-п-п-п-п, насреде глава со п-п-п-п -патец, па пак на бербер да личиш!

БРИЧ (ја зема метличката за коса и почнува да го удира Хи-хи): Чек, чек, чек да видиш ти, едно за троа галант, троа п-п-п-п…

БРИ (прифаќа од Брич):  Педерски патец! А бе, бербери сме ние, од нас почнала цивилизацијата! Кај нас најпрвин се сапунисува, а потоа, под нашиот остар брич и првиот човек мајмун излезе и прооде како сапуненс хомо!

ХА-ХА (бесно): Сапун да џвакаш, бесна пена да те дави, простак еден! Не е хомо сапуненс, туку – хомо сапиенс – стоко една!

(За цело време, додека се случува ова, Ха-ха, на едно од огледалата си ги дотерува мустаќите, веѓите, си кубе влакна од носот и, одвреме навреме, слатко си се смее, сцената ја гледа преку огледалото. Во еден миг доаѓа до вратата и ја отвора. Во исто време, Брич го со турка Хи-хи кон вратата.)

БРИЧ: Сега, сега, еве сега уште еден хомо сапуненс ќе излета од кај нас директно на улица!

(Брич и Бри го исфрлаат Хи-хи на улица)

БРИЧ И БРИ: Сирење за пари, брат за брат, тешко онему што го нема!

(Веднаш по ова, тие нагло се свртуваат кон ХА-ХА и наизменично му зборуваат не давајќи му можност да одговори.)

ПОЈАВА ЧЕТВРТА

БРИЧ, БРИ И ХА-ХА

БРИ: О-хо-хо! Значи ти се допаѓа името на нашата берберница?!

БРИЧ: Оти не сме само „Ох-ох“, болка и мака, туку едно радосно „О-хо-хо“, а ти си никој друг, туку Ха-ха  и, и, и – ни се потсмеваш на занаетов…

БРИ: Значи така – вака, сакајќи – несакајќи, ќе ни го окрвавеше лебот, занаетов ќе ни го запустеше, а на толку балони сме вежбале бричење сапуница, а бе цела наука е тоа, додека ова име да го спечалиме!

БРИЧ: Суво злато е фирмава наша, а ти од „О-хо-хо“ во „Ку-ку ле-ле“ ќе не прекрстеше!

БРИ: Море ти ќе бидеш Ку-ку-ку-ку, ако веднаш не ни кажеш кој си и зошто оној будалион те гонеше?!

БРИЧ (го мушка со фенот во стомакот): Кој! Кој! Кој!

ХА-ХА (преплашено): Па, па, па, па  п-п-п-п… Ха-ха.

БРИ (го имитира плачешкум):  Хааа-хааа!

БРИЧ: Смеа, па плачка!

БРИ (дуе еден балон, го сапунисува и почнува да го бричи, со закана кон ХА-ХА): Смеа те дуе, те дуе, во смешка надуен е светот, животот и…

БРИЧ (со бричот го пука балонот): Пау! Пау! Пау! …

БРИ: Кажувај кој си или ти отиде смешката како вештачка вилица од уста!

ХА-ХА: Па јас, јас, јас сум гастербајтер, а оној, оној беше брат ми. Тој постојано бара нешто од мене. Ми завидува оти сум богат, а згора на тоа и ерген…

БРИ И БРИЧ (заедно): Ерген! Ерген! (се погледнуваат значајно, препознавајќи нов муштерија за другиот бизнис што го водат скриено)

ХА-ХА: С-с-с-с-с…стар ерген, мислам неженет, а дамна требаше…па брат ми…

БРИ: Брат ти сака да те жени!

ХА-ХА: Тој сака, ама јас не сакам!

БРИЧ: Тој да те жени или ич не сакаш ни тој, ни било кој!?

ХА-ХА: Па, не, не, не, мислам, ако ми е по мерак, може и со помош!

БРИ И БРИЧ  (го седнуваат Ха-ха на берберскиот стол и го вртат кон себе додека му зборуваат заедно): Гастер бајтер, гастер…бајтер !

БРИ: Слушај братко, ако не сакаш на сила да се жениш…па и не мораш, но…

БРИЧ: Ако сакаш со мерак да се жениш, тогаш…

ХА-ХА: А бе јас можеби и сакам да се женам, ама не брат ми да ме жени и тоа за Оле – сестра ѝ на снаа ми!

БРИ): И-и-и-и…(скокнува) Па тоа е инсект!

БРИЧ: Инцест! Инцест – неписмен! (кон Бри, па повторно кон Ха-ха) Ниту е инцест, ама ни по мерак е!

ХА-ХА: Каков мерак, ти да не си пушел смешен тутун! Па таа е менталка!

БРИ: Како менталка? Многу јаде ментол бонбони, а вие сте алергичен на ментол…

БРИЧ (го стрела БРИ со рака да не се глупира и го фаќа Ха-ха под рака): Не обрнувајте му внимание, драг господине, брат ми е малку како брат ти, а плус тоа малку е и прост…

БРИ (гневно): Па на сабајле тој чита весник, а јас метам, го чистам ќумбето, ставам пелевина, па го палам и на крај варам кафе и тамам да дојдам до весникот…yрн, yрн yвнчето на врата и ете ти го првиот муштерија, а по него се познава и денот, брат ми уште побеснет од пресната печатарска боја што, како што тој вели, смрди на бајата политика, се плаши да не делне нечие уво, па секогаш ме пушта најпрвин мене да потстрижувам, или бричам и за мене нема па нема време да се просветувам.

БРИЧ: Туку пријателе, знаете би можеле на мерак да ги свртиме картите – а ?

ХА-ХА: Како, бе, мајсторе?

БРИЧ: Еснаф, еснаф прикателе. Ти, изгледа, не знаеш дека целиот град се врти околу нашата „О-хо-хо“…

БРИ: А се врти и онаа Фриги! Blood and flesh! Ич не треба да ја фалиш!

ХА-ХА: Некоја полнокрвна женска?

БРИЧ: Чистокрвна, чистокрвна и…

БРИ: Неосвоива!

БРИЧ: Сѐ уште го чека својот принц на бел коњ!

ХА-ХА: Што е бе брат, досега само коњи ѝ доаѓаа?!

БРИ: Па и коњи ли беа!

БРИЧ (над Ха-ха за да не види – гневно го удира Бри со лактот во слабината зашто се издава и ја поправа работата): Во мало место господине Ха-ха, нема ниту прав господин, а камоли принц, а принцовите за нас живеат само преку океаните…

БРИ: Токму како вас, мистер!

БРИЧ: Мисли на вистински господин кој секако само како вас може да дојде преку океан!

БРИ: Ете што сакала Фриги да рече кога нон-стоп ни вели дека таа не требало овде да се роди…

БРИЧ: Оти вистинска госпоѓа е мистер, никако од раце не го испушта Вог, а секоја жена под нејзините раце се претвора во Хај-хај мадам, односно госпоѓица, ако не е мажена, а-ха-ха…

БРИ: Таа дури сите ги има зачленето во нејзиниот клуб на поклониците на убавината што го носи истото име како и нејзиниот Салон за убавина Хај-хај!

БРИЧ: А овде лежи и зајакот. Овој клуб е клуб за запознавање на неомажени и неоженети, а за вториот дел овде сме и ние, нашиот дуќан за среќа О-хо…

ХА-ХА: Хо! Да го удрите машкиот фриз.

БРИЧ: Токму така господине Ха-ха, но во голема, голема дискреција и професионалност, да, да – да!

ХА-ХА: Значи вие, господа, можете да ми помогнете?

БРИЧ и БРИ (заедно): Ма секако, секако мистер Ха-ха, секако!

ХА-ХА (станува и им ги прифаќа главите и така во три глави): Слушајте, во Македонија, овде дома за мене е само The best – најдоброто! Разбирате? Разбравте, нели?

БРИ: А кеш !

БРИЧ: Значи, вие сте за најскапото!

ХА-ХА: За зелен камен нема цени, будали едни! Ако е the best – ќе платам!

БРИЧ: Океј мистер, океј, само да знаете, вашата невеста ќе биде најубавата и најличната!

БРИ: Само немојте после да викате: „Подобро убавата торта со друг да ја делам, отколку сам помија да јадам!“ Оти имавме и такви, мислам, не беа прекуокеански мистери…

ХА-ХА: Јас со никого ништо не делам…Американскиот капитал само лекции дели!

БРИ: Ама да не барате гаранција за понатаму, оти секоја жена е роба без гаранција!

БРИЧ: Освен ако имате зелен кеш наместо гаранција.

ХА-ХА: Слушајте, вие, во Америка сѐ, па и претседател се купува, ако треба и со пет – шест војни. Така е кај нас -купуваме и на купеното чизма од крокодилска кожа ставаме! Од нас нишо не може да побегне… (Во тој миг, тој вади револвер од под сакото) А богами и од мојот  „сребрен Стојко” – ич умот не му тежи, па ако треба – опа – опа, со глава Стојко дупка копа!

БРИЧ и БРИ (отскокнуваат): Иииииии! 

(Брзо се прибираат, сфаќајќи дека не им се заканува никаква опасност, ама по ова стануваат повнимателни)

БРИ: Кај вас мистер Ха-ха, кај умот не сече, пара игра, а кај ни пара не игра, куршумот игра и сече…

ХА-ХА: Е ја погоди, ја погоди брат и јас подобро не би можел да ја речам.. (се перчи, чувствувајќи се моќен) Туку, ај сега да се договориме што да се прави.

(Се собираат и нешто се договараат, додека во прелом оди секвенца од операта „Свадбата на Фигаро дел со моделите за фризури”.)

ВТОРА СЛИКА

Пространа соба во старата  куќа на Хи-хи со стар намештај. Во аголот, до стариот шпорет на дрва седи Оле балдазата на Хи-хи, односно сестра на неговата сопруга Кристинче. Оле е бујна, убава и млада жена, но не е баш токму. Облечена е во светол фустан со широко деколте што и ги открива бујните гради. Оле е занесена како девојче во детска игра.

ПОЈАВА ПРВА

ОЛЕ

ОЛЕ (внесена во играта со кукли, гласно џвака мастика): Клин – клан цикуруран, ајде Стојко рогован, хи-хи-хи-хи… (Се смее, придвижувајќи ги куклите. Во крупен кадар  е куклената игра…) Клин – клан… (Ја придвижува поголемата кукла Бетмен…) Клин – клан цикуран, ајде Стојко рогован… Цигла – мигла… (Со другата рака ја придвижува и помалата кукла Барбика  со иста руса коса како нејзината…) Цигла – мигла Стојна ти стигла…(Ги среќава куклите. Одеднаш го подигнува Бетмен во воздухот и го кружи околу Барбиката)… Опа, опа, со глава Стојко дупка копа…(Во тој момент го спушта Бетмен врз Барбиката и одеднаш скокнува на другиот крај од собата како девојче кое згрешило нешто и почнува да вика): Ојлеее – Бојлеее, Ојлеее, море Јолеее, Јо-леее, Јолеее…(го вика нејзиниот син Јоле).

ПОЈАВА ВТОРА

ОЛЕ, ЈОЛЕ, ХИ-ХИ И КРИСТИНЧЕ

По кратко време, гласно викајќи, во собата влетува Јоле. Лицето му е насапунисано со пена за бричење, во десната рака држи брич со што замавнува над глава. Јоле ја здогледува Оле и почнува да ја гони со бричот низ собата. Во тој миг, во собата влегува и Хи-хи. Кошулата му е раскопчана, разбушавен е, со незакопчан каиш и бос, со кармин над усните. Веднаш по него влегува и жена му -Кристинче. Таа е облечена во пењоар којшто го средува во собата. И таа е разбушавена со размачкан кармин по лицето. Во рацете носи расечена перница од која летаат пердуви по собата. Очигледно гневни и тие се вклучуваат во гонењето. Тие трчаат по Јоле, а Јоле ја гони Оле.

ХИ-ХИ: Јоле, море копиле, дај го ваму бричот… дај го бричот!

КРИСТИНЧЕ: Лелеее, ни ја закла перницата, лелеее!

ХИ-ХИ: Тебе, тебе требаше да те заколи, гуско една, па од тебе да летаат пердуви, а не од перницата!

КРИСТИНЧЕ: Леле, кутрата јас, што згрешив, што згрешив, та вакво теглило да теглам?!

ХИ-ХИ: Оти со глава теглиш, а не со умот – краво една! А арно ти велев да ја сместиме Оле во оној дом!

КРИСТИНЧЕ: Па да ми ја вратеа и со Јоле и со Ојле и со Бојле, а вака го имаме само Јоле! Барем… (подзастанува и се подзамислува)…да ми речеше од кого ѝ е…

ХИ-ХИ: Барем да бевме сигурни и да знаевме од кого е и чиј е, а вака остана само наш!

(Во тој момент, Хи-хи го фаќа Јоле и му го зема бричот. Јоле му  размачкува пена по лицето на Хии, а тој го спушта на земи по што Јоле бега од собата, а по него и Оле…)

ПОЈАВА ТРЕТА

ХИ-ХИ И КРИСТИНЧЕ

КРИСТИНЧЕ: Како наш, на Оле е…

ХИ-ХИ (бесно): И таа е наша! Поточно сестра ти и мене ми стана сестра, а син ѝ – син! Ебати животот – чиста перверзија!

КРИСТИНЧЕ: Па, кога Господ не ни даде наше дете!

ХИ-ХИ: Јас дадов сѐ од себе, еве прашај ги сите кревети и каучи во куќава…Мене, мене не ми даде Господ, а тебе сѐ, сѐ ти даде одеднаш: и сестра и ќерка и внук и син!

КРИСТИНЧЕ: А чија сум јас бе, абдал, да не сум му жена на комшијата?! Значи – твоја сум! А сѐ што…

ХИ-ХИ: А сѐ што е твое е и мое – ти ја знам јас таа. Ете… (Седнува) … И тоа ќе го голтнев, ама барем да знаев чиј е и од кој е…(Како за себе)… Толку личи на брат ми, ама кога никој не кажува…(Одеднаш станува)… Лудница е ова и нема ни почеток, ни крај!

КРИСТИНЧЕ (вика по Оле): Олеее, Оле, сестрички, ај дојди мило, има работа, дојди…(Оди и ја вика од вратата)… треба да го дорибаш теписонот, а….скоро ќе дојде и  „стрико ти“ Ха-ха , па ќе треба да се дотераш, знаеш колку тој ве сака тебе и Јоле…

ХИ-ХИ: Не туку ја лажи, оти лагата е како голем празен дудук со само едно зрно на дното, па како што гладен фазан си ја навира главата внатре, така и ти дудук на глава на Оле ѝ ставаш, само што во нејзиниот случај, таа наместо глава ќе остане со дудук! Туку ај кркај баница без леб. Ќе ја редиме, па ако сака и Јана мајка да е! Уф, дај Боже, да не би уште долго Јоле да е копиле. И белки нема повеќе Оле ко ној да си ја закопува главата в песок и да се трти со онаа добро избалансирана задница, за не знај кој, пак да ја благослови со Ојле-Бојле, па да ни се дополни куќата со копилиња! Мајката, што мака е ова, на сите теглила, згора и падари на газот да и бидеме кога си нема ум да си го чува!

КРИСТИНЧЕ (бесна, го подгонува): Што е, сега и падар сакаш на газот да ѝ бидеш, па онака, случајно, да ти падне секирата во медот! Е, ќе игра сукалото акмак еден, па ако треба и на гробот наместо крст ќе ти го боднам за и на оној свет да те мава за срамотилакот, ако уште еднаш за ваков падарлак ми спомниш!

ХИ-ХИ (подгонет од Кристинче, наоѓа причина да излезе од собата): Па, ај, да одам јас да се измијам. Види каков ме направи и устата ми ја запени!

КРИСТИНЧЕ (отсечно): Како на бесно аздисано куче! (Повторно прелом со секвенца од операта Свадбата на Фигаро дел со моделите за фризури, само со друга динамика)

ТРЕТА СЛИКА

Во истата соба. Оле на коленици го риба теписонот на сред соба.

ПОЈАВА ПРВА

ОЛЕ И ХИ-ХИ

ОЛЕ: Ми рече дека сум метла! Каква метла?! Ми рече дека од мене ќе била четката, а од него рачката и дека заедно ќе сме го рибале подот!

(Додека таа занесено риба, се слуша „Динг-донг”. Меѓутоа, бидејќи никој не оди да му отвори на тој што ѕвони, гостинот сам си влегува. Во собата се појавува Ха-ха. Во почетокот, Оле не го забележува. Ха-ха носи два големи дудуци полни со пуканки)

ХА-ХА (ѝ се доближува на Оле): Клин – клан цикуран, клин – клан  цикуран…(Остава пуканки до Оле и се оддалечува, ронејќи пуканки исто како што се рани пиле…) Ајде пиле, колвај, колвај, се сеќаваш нели…клин – клан цикуран… (Во еден момент Оле доаѓа до него, тој ја гали по косата и ѝ го остава дудукот на земи, по што ѝ доаѓа од позади, го остава другиот дудук со пуканки на масата и ѝ ја подига сукњата со намера да ја земе одзади…)

ОЛЕ (се свртува со главата кон Ха-ха): Од мене метлата, од тебе рачката…Хи-хи-хи…пак ќе го рибаме подот…Хи-хи-хи…

(Во тој миг се слушаат шумови и Ха-ха набрзина ѝ ја враќа сукњата на Оле на место и го зема дудукот… Хи-хи си ја трие главата со крпата. Се врти, на слепо, барајќи огледало и во еден миг се судрува во Ха-ха.)

ПОЈАВА ВТОРА

ИСТИТЕ И ХИ-ХИ

ХИ-ХИ: Што е ова, кој, кој… (Го забележува Ха-ха) Што – ти! Што бараш сега, надвор бегаш од мене, не ме познаваш, кога ќе сакам да ти го речам она – знаеш ти што – ми се закануваш со пиштолот, а сега…(во тој миг ја забележува Оле со натртена задница како зоба од пуканките, го забележува и другиот дудук на масата…) А, сега пуканки носиш-а?!

ХА-ХА (фатен на тесно): Еве на! Земи… (Му го подава дудукот на Хи-хи)…земи де!

ПОЈАВА ТРЕТА

ИСТИТЕ И ЈОЛЕ

Во тој миг во собата влетува и Јоле. Вози замислено и ненадејно му го дрпнува дудукот од раката на ХА-ХА и оди до мајка му Оле.

ХА-ХА (со гест на помирување): Ете, дете… нека го…(Му се обраќа на Хи-хи) На Оле е, а? А?…(Бидејќи нема одговор од Хи-хи продолжува)…Внучето за кое ми пишуваше…Тоа е, нели? Чудно, не личи на никого од нас барабар со сватковците и жена ти… Не личи ниту на Оле…

ХИ-ХИ: Ни ти на никого не личиш од нашиот сој, а беше миленик на тате!

ХА-ХА: М-м-м-м…ми се милува крвта – блага е!

ХИ-ХИ: Како отров! А детево, сепак Јоле има и нешто наше!

ХА-ХА (шокиран): Што бе, што?!

ХИ-ХИ: Твојата тртка!

ХА-ХА: Како, мојата, кога си е негова!

ХИ-ХИ: Можеби, но нему му е посреде носот, исто како и кај тебе!

ХА-ХА: И што?!

ХИ-ХИ: И црна е како твојата и…

ХА-ХА: И доста, доста е сега, чунки не мислиш пак да започнеш. И да знаеш не сум можел јас преку океанот да му ја пратам ни по пошта, ни по телеграф, ниту пак по интернет кога цели десет години не сум стапнал на наша земја!

ХИ-ХИ: Токму толку е стара и тртката на Јоле, т.е твојата-сеедно!

ХА-ХА: Абе…Б-б-б-б-б…братко, па белки не мислиш дека сум бил толку перверзен, па Оле тогаш речиси уште беше дете… дете, иако и тогаш…

ХИ-ХИ: И тогаш, а и сега е раскошна, а за сосем малу и умна, сѐ уште млада жена!

ХА-ХА: Рече за сосем малу умна или малоумна…

ХИ-ХИ (гневно): Уште помалоумен бил тој кој со Ојле-Бојле и го стокмил Јоле, а сега се прави паметен и од сенка ѝ ги влече судбинските конци на оваа беспомошна марионета…(Кон Оле)…на која никогаш не сум ѝ бил зет, а уште од почеток ѝ сум татко! Таа дури и денес ме вика тате! А кој и да е, тој сигурно знаел дека и марионетите од живо месо можат да се движат со конци…(Му се внесува в лице).

ХА-ХА: Што бе брат, што…

ХИ-ХИ: Конци бе брату, конци, а и тие не се нејзини, оти се нечии гнасни кукачки од долгите пипала на некој монструм – сексуален манијак бележен со црна тртка посреде носот! А ти, колку и да си богат, сѐ уште, сѐ уште си сиромашен, ете токму овде. (Со показалецот му клука по главата)…А сепак и љубовта е како сиромаштијата – колку и да сакаш да ја скриеш, никако не можеш да ја сокриеш…Мислиш не гледам како Оле те гледа, мислиш секој ден така ѝ светат очите!…Признај бе, признај дека си ти!

ХА-ХА: Ама братче, ама, јас…случајно, јас…

(На другата страна, цело време додека Ха-ха и Хи-хи се расправаат Оле и Јоле јадат пуканки и ги расфрлаат насекаде по собата. Се создава една контрастична атмосфера, од една страна грев и гнев од друга страна безгрижност и радост. Во еден миг Оле и Јоле си ги ставаат празните дудуци преку глава и се движат како слепи марионети по собата. Но, токму во критичниот миг кога Хи-хи го доведува Ха-ха  да си го признае гревот, Јоле почнува силно да кашла. Очигледно е дека се гуши, седи на земи и се клати со дудукот кој во еден миг му паѓа, а Оле, исто така тргнувајќи го дудукот, инстиктивно му гледа во устата и вика).

ОЛЕ (вреска со сета сила): Јолее! Јолее!…

(Од врисокот помамена, во собата влегува и Кристинче. Во исто време…/ критичниот момент на несуденото признание на Ха-ха../ и Ха-ха и Хи-хи се свртуваат кон Јоле и Оле. ХИ-ХИ е шокиран и стои како вкопан. Хи-хи нагло срипува кон Јоле.)

ПОЈАВА ЧЕТВРТА

ИСТИТЕ И КРИСТИНЧЕ

КРИСТИНЧЕ: Јоле, синче! (И таа е избезумена и не се сеќава ништо да стори.)

ХА-ХА (истовремено со Кристинче): Јоле, синче!

КРИСТИНЧЕ: Се задуши, леле, ко свеќа ќе ми згасне детево!

(За чудо и за среќа, најприсебен од сите е Ха-ха, тој го удира Јоле по грбот и заглавената пуканка како куршум излетува од устата на Јоле, а потоа му брка на Јоле во устата, му го прифаќа и му го враќа поголтнатиот јазик.)

ХА-ХА: Вода, брзо вода!

(Оле брзо трча во кујната и носи вода, му ја подава на Ха-ха, а тој полека и нежно му дава на Јоле да пие…)

ХА-ХА: Пиј, Јоле, пиј пиле…така – така, напиј се…

(Ха-ха сето ова го прави нежно и татковски што не останува незабележано од Кристинче и Хи-хи. Тие се погледнуваат со гест… Јоле си доаѓа при себе и одеднаш срипува и почнува да пука со своите детски пиштоли, го влече Ха-ха за носот, а потоа и го јавнува…)

ЈОЛЕ: Xихааа, xихааа, јас сум Таличниот Том со мојот Лаки….Xихааа!

ХИ-ХИ (како за себе): А ете му реков дека љубовта е како сиромаштијата – колку и да ја криеш никако не можеш да ја сокриеш! Само кога… кога… кога?

(Трет прелом со секвенца од операта „Свадбата на Фигаро“ дел со моделите за фризури“)

ЧЕТВРТА СЛИКА

Се случува во спалната соба на Хи-хи и Кристинче. На средината доминира нивниот голем железен брачен кревет над кој во стари дрвени рамки висат слики од нивните родители. И двајцата ги мачи несоница.

            ПОЈАВА ПРВА

ХИ-ХИ И КРИСТИНЧЕ

ХИ-ХИ (почнува прв): А… виде ли како Јоле го јаваше брат ми…

КРИСТИНЧЕ: Јоле брат ти, а тој – нас и тоа на долга магарица!

ХИ-ХИ: Магарица е сестра ти и тоа со дигната опашка!

КРИСТИНЧЕ: Се чини опашката ѝ ја дигнало она старо магаре од твојот брат!

ХИ-ХИ: Ѝ ја дигнал тој или не, брат ми е стар ерген, а сестра ти е…сестра и нели убаво се договоривме, ќе ја редиме работава за да биде и волкот сит и овците на број!

КРИСТИНЧЕ: Е-е-е-е… ни волкот е сит, ни овците ни се на број…

ХИ-ХИ: Прекубројни се, знам, знам…

КРИСТИНЧЕ: Благодарејќи на волкот – брат ти, оти не бил гладен, туку аздисан! А работава, редена – нередена, таман ко долга магарица ни е наредена, а целиот товар паѓа на мене! А ти и овде си и не си, но едно е сигурно – постојано си меѓу слични магариња како тебе во онаа твоја партија!

ХИ-ХИ: Остај ја сега партијата!

КРИСТИНЧЕ: А бе јас одамна би ја оставила, ама таа ни тебе, а ни мене не нѐ остава…еве овде, овде…(Удира врз креветот) час ти е несоница, час швалерка кога со мене не можеш, а час рекла – казала…цела една улица, а сигурно од сѐ таа е најдолгата магарица што сум ја видела, магарица во која ти и твоите стечајци сте магариња за јавање! Колку време бре помина откога ветија дека повторно ќе те вработат?!

ХИ-ХИ: Ама Кристинче, сега дебело ми ветија!

КРИСТИНЧЕ: Дека ќе те јаваат!

ХИ-ХИ: Ми ветија дека на прсти можам да бројам…

КРИСТИНЧЕ: Години!

ХИ-ХИ: Денови, мори!

КРИСТИНЧЕ: А-ха, да, да…се викаше „Партија на убавиот ден“…

ХИ-ХИ: Ми рекоа: „Конечно доаѓа и твојот ден!“

КРИСТИНЧЕ: Како, бе, ти со главата пикната во нечиј газ во таа долга магарица од партија го намириса доаѓањето на твјот убав ден!

ХИ-ХИ: Не го намирисав…ми ветија, мори!

КРИСТИНЧЕ: Од ветување куќа не се растура, ама нашата…не да се растура, туку веќе на големо се распаѓа…Еве, ми прегоре машината за перење, па наскоро сите ќе засмрдиме како твоите ветувања, а за телевизорот – веќе една година ми велиш: „Поправен е“ , а никако да го донесеш!

ХИ-ХИ: А, бе, жена што може смеејќи се, маж не може ни плачејќи… (Како за себе) Што ќе ми е телевизор кога те имам тебе! Само што отвориш уста и ти излегува она Ку-ку! Ку-ку-нема, куку-ова, куку-она… Ку-ку, ку-ку…

КРИСТИНЧЕ: Кукулија да те сотре и тебе и тој твој кукавички циција брат – ни со уста не дава, а и со газ зема – игла в газ да му пикнеш – иглата ќе ти ја смели – кукавичко јајце што ни насади в куќа…И, знаеш што, или извади си ја главата од оној смрдлив партиски газ и конечно биди маж, оти ваков ни в кревет, ни под кревет не те сакам!

(Го турка од креветот. Мачна тишина.)

КРИСТИНЧЕ: И… слушај…Или оди кај него и конечно речи му на брат ти да ја ожени Оле и да го признае Јоле или ќе одиме и на суд и на Де-ен-ка анализа, па нека ЈАСНО и ГЛАСНО – сѐ до Чуј Петел се слушне за вас и се разниже таа ваша валкана генетска низа што базди на гробари, клисари, турли-тави од раздавници, протогери, шпиони и потрчковци… (Го мава со недокрпената перница од која пак почнуваат да летаат пердуви…)

ХИ-ХИ: Ама Кристинче и ти си во таа низа!

КРИСТИНЧЕ: Ем во низа, ем ненанижана – клапко една, ем си шуто – ем бодеш! Ако ти бев во низата сега наши деца низ куќава ќе трчаа, па нека беа и потрчковци како тебе. А сега, марш од овде и оди да спиеш в кујна!

ПОЈАВА ВТОРА

КРИСТИНЧЕ, ОЛЕ И ЈОЛЕ

Откако Хи-хи заминува со перницата в кујна, Кристинче се врти околу креветот, легнува и само што ќе се покрие, вознемирени од кавгата, од вратата на спалната нyркаат Оле и Јоле. Кристинче ги повикува и тие се мушнуваат и заспиваат во нејзините прегратки. Кадарот завршува во бројчаникот на будилникот којшто силно отчукува и повторно се слуша само секвенцата: Фигароооо, Фигаро…!“

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *