Извадок од книгата „Измислување на светот“ на Јадранка Владова.
Љубов
Децата се најголемото чудо на светот. И само тие не можат да се измислат. И тогаш кога со силна желба, со најтајно посакување, со најголемата жештина на љубовта замижано ги помислуваме, и тогаш ни се измолкнуваат. Кога ќе се појават на светот од некое далечно НЕКАДЕ, од некое чудесно НЕШТО,од некое непојмливо ТАМУ, нѐ зачудуваат со своето совршенство и ние сите што за дваесет, пет, педесет или осумдесет години сме дошле ТУКА пред нив, стануваме свесни за својата немоќ. Не, никој не може да измисли такви мали совршенства од дебелки прстиња, проѕирни розови ноктиња, од рачиња со прекрасни длабнатинки, од ножиња, мешиња, свилени косички, од зачудени очиња што сѐ уште гледаат во тој свет од каде што дошле, од мекичка, мирислива кожа…
Да, возрасните можат да измислат сѐ. И необични, до небото високи живеалишта, тенки, опчекорени мостови врз најшироките реки, и летала, и автомобили, и слики, и книги, и секакви нешта потребни и бесполезни – но, децата се нешто друго.
Тие се најголемата загатка и тајна. Кога ќе дојдат, прво малку се преправаат дека ништо не знаат, дека по малку им е непријатно, ту дека им е студено, ту дека им е жешко под меките ќебиња со кои ги покриваат грижливите мајки… Да, децата се преправаат плачејќи, а всушност, тие се само претпазливи. И треба да им се присака, и треба само да решат! Тогаш, тогаш пуштаат, едно по едно, две бели запчиња и намерно се смеат засмејувајќи ги и возрасните. Само треба да решат! Тие, всушност, се поигруваат со возрасните кога, божем пелтечејќи ги кажуваат своите први зборови: ма-ма, ба-ба, та-то…
Децата знаат сѐ. Само се преправаат пред возрасните за да им го зачуваат достоинството. Се преправаат дека се кревки и бессилни за да им дадат можност на возрасните да се почувствуваат важни. А децата додека се уште бебиња знаат многу, многу повеќе од возрасните. Единствено тие знаат од каде доаѓаат. И, сигурна сум, сосема сигурна, поради некој загадочен завет, поради некоја забрана да ја кажуваат тајната – се преправаат дека не умеат да зборуваат. А знаат. Сосема сигурно. Да. Потоа се случува нешто чудно – како да стануваат по малку заборавени… Или, можеби има тука некоја го-оо-ооо-лема тајна, можеби токму така треба да биде? Или, едноставно со тоа што стануваат возрасни, децата сѐ повеќе си ги губат скапоцените способности и вистинските знаења поради тоа што светот на возрасните бара од нив да се грижат за некои помалку важни нешта (училишта, вработувања, станови, автомобили…).
Не знам. Има тука некоја голема тајна. И самата сум била некогаш дете што знаело сѐ… Тоа е по малку тажно. Толку многу да се заборави…
Бабата
О, не! Никој како неа не знае да раскажува. Не само приказни… И соништа, и случки што се случиле многу, многу одамна кога Баба била девојче… Она што ја прави Баба исклучителна, сепак, не е тоа што таа знае да раскажува. Таа е исклучителна бидејќи безброј пати може да повтори една иста сказна. Кога на децата нешто им е убаво, тие не се заситуваат. Можат да ја слушаат истата сказна стопати! Проблемот е во раскажувачите. А нашата Баба спокојно ќе седнеше на столот или на двоседот в кујна, или ќе легнеше погрбечки помеѓу двата чифта љубопитни очиња, или ќе се спуштеше изморено врз клупата во паркот – ќе си го земеше (од некое тајно џепче од срцето, од душата) Најубавиот Глас За Сказни и тогаш, можеа да паѓаат ќерамиди, можеше светот да се пресели во друга Галаксија, можеше да загори манџата, можеше сиот прав да се наталожи врз блескавата политирана трпезариска маса, можеше да испопаѓа сето есенско лисје и да го затрупа нашиот двор, можеше дури!, нејзиното цвеќе овенато да ги наведне главите – Таа влегувајќи во сказната со својот Најубав Глас За Сказни имаше уши само за прашањата на внуците: како, каде, зошто, зошто, зошто??? А Бабата ги знаеше сите одговори. Само (затоа што не сакаше да лаже) понекогаш ќе речеше дека не знае зошто е нешто така… Тогаш ќе ги прашаше нив, што мислат тие и – ќе се најдеше вистинскиот одговор!
Баба беше најдобриот раскажувач уште кога беше само Мајка, а кога стана Баба – се надмина себеси. Веројатно тоа, умеењето да се раскажува, има врска со тоа колку долго го гледаш светот и – сигурно е поврзано со срцето. И стрпливоста има врска со срцето. Како и љубовта.
Инаку, освен раскажувањето Баба има и други страшниииии способности. Доктор е за неделни ручеци. Само… добро, таа не е здодевна како Мама дека мора да се јаде супа, ама многу подобро би било воопшто да не ја прави! Бидејќи тогаш Мама не би се муртела отспротива, Баба не би ги поттурнувала под масата велејќи: „Ќе земат малку, де!“, Тато не би врескал на крајот: „Мора супа!“, и така… Баба знае да ги направи најубавите кифли со сусам, со ким и со ништо – само со блескава глазура од жолчка. А колачињата на Баба! Чудо, вистинско чудо од чоколада, од путер, од оревчиња… А тортите! Специјално оние од септември… О! Но добро, ај да не го заборавиме и она што се вика собата со теглите.