Извадок од романот „Катализатор 33“ на Ирена Јорданова.
Доктор Х.
Го запознав на едно откачено предавање во индискиот бар во центарот на градот. Се одвлечкав од незнаење што да правам во вторник попладне. Беше доцна есен и имав чувство дека воопшто не сум видела ден. Канцеларијата ми беше затвор, а дома досадата ја убивав со гледање комедии што не ме ни смееја.
Решив да одам.
Индискиот бар воопшто не беше индиски туку беше обичен бар во кој келнерките беа облечени во сари и имаше по некој предмет што укажуваше дека треба да се чувствуваме како да сме на Истокот. Како и да е, предавањето на овој Доктор Х беше најавено на неколку обични црно-бели памфлети поделени пред банката во центарот. Бев сама кога девојчето од домот за сираци, најмено да ги подели летоците, ми ја тутна хартијата в рака. Решив да одам спонтано и без многу колебање, многу несвојствено за мојот карактер. Јас не сум непосредна и одлучна.
Отидов сама и пиев салеп.
Прво имаше поетско читање.
Ја најавија познатата поетеса која себеси се нарекуваше Госпоѓица Секстон и таа требаше да го поткрепи излагањето на Доктор Х со својата творба наречена едноставно:
Предупредување
„Внимавај. Отапени чувства, тоа е како да зеваш во мрак, исто како да не си се проѕевал, во мракот не постоиш.
Внимавај. Светлината ја покажува вистината.
Тоа чувство дека не може да се избега од смрдеата, дека ќе застоиш како скиселена зелка и ќе се удавиш во расол, никогаш нема да си замине.
Внимавај. Само може да се навикнеш – па да не ти пречи.
Точката кога светлината повеќе не игра улога во твојот живот, тоа е млитав крај на оној поинаквиот, разбеснет крај кога мракот ќе ја отвори челуста и ќе те голтне.
Внимавај. Некои глупави глупости, така е секоја измината минута, пропаднато време, залудно потрошена енергија.
Нема живот, за тебе повеќе нема живот.
Ни тревата не ти го раззеленува тремот.
Внимавај. Тивко замира секоја капка живот, нечујно, кап, кап.
Те обзема чувство на немилосрдна жед за звук, мирис, допир, вкус и нежен поглед на некое разбистрено утро.
Дали навистина ќе се разбудиш со насмевка на лицето, ќе ја видиш боровата сенка и влажниот пролетен воздух. Возможно ли е да ги размрдаш прстите и секоја бразда на дланката да ти биде вистинска и оживеана?“
Поетесата доби млитав аплауз, со оглед на тоа што барот беше полупразен. Јас внимателно го слушав нејзиното дело и никаде не можев да го видам предупредувањето освен во она Внимавај, па внимавај!
Кога Докторот започна да зборува, за дваесетина минути барот речиси комплетно се испразни. Остана група од три девојчиња, веројатно средношколки, се закачкаа и зајдуваа во смеа, еден вљубен пар што не престана да се бакнува ниту за момент и една многу стара баба која веројатно беше во некаква роднинска врска со сопственикот на барот. Луѓево не го слушаа предавањето, ги гледав јазиците на девојчињата како ломотат, јазиците на вљубените како шлапкаат и јазикот на бабата која ја бараше останатата трошка од турско кафе заглавена помеѓу вилиците.
Докторот не се оптоваруваше со публиката. Зборуваше јасно, прецизно и толку елоквентно што се чудев како е можно овие неколкумина да не го забележуваат неговото присуство.