Крале Марко (извадок)

Извадок од романот „Крале Марко“ на Слободан Мицковиќ.

Смрт

Марко смени на враќање пет коњи и стаса во Прилеп за нецел ден.

Беше и полошо од она што очекуваше.

Константин Грк, веќе со месеци на постела, престарен, ослабен, одмавна со ковчестата рака, со треперливиот глас, речиси без здив, му ја кажа на Марко најважната работа, која не му ја рекол на гласникот: Лала Јилмаз дошол за да му ја даде на Марко јазбијата со која султанот Бајазит го повикува во војна, со десет илјади војници, против влашкиот војвода Мирча. Да тргне Марко по три дена, низ Моравската Клисура, и да стаса по една недела до градот Наиса, кај што ќе се придружи на војската што ќе ја води Лала Шахтин, беглер-бегот на Едрене, за потаму да се сретнат со војската на султанот Бајазит и со војската на брат му Јакуб.

А забрал триста души, сѐ каменоделци, за да работат на крепоста на султанскиот град Едрене. Наредил Лала Јилмаз да се поправат друмјето до Едрене, и во годината што иде, рајата на Марко, како знае и со што знае, да ги разгради камењата од ѕидините на Марко и сите да ги донесе во Едрене, до еден. Кога тоа го чул Гаврил Кана, рикнал од бес и на место паднал мртов.

„Тогаш Марко, како и за секоја војна, пак ме викна мене. Се затворивме сами во одајата и тој ми рече, ми прошепоти:
– Добромире Кален, збирај војска, збирај колку помалку што можеш. Земај само што е дрто и сакато, доодено и недоветно, ќоро, немо и глуво.

И пред шест години, султанот Мурат, му заповеда на Марко да појдеме заедно со него на Косово, во бој против христијанските господари. Марко со години, со страв и зазор го очекуваше тој ден кој, некогаш, мораше да дојде – ќе биде натеран да удри, заедно со некрстот, на своите христијански браќа. Реши тоа да не го прави, па ако треба и на самото бојно поле да ја заврти својата војска против Турците, па нека биде што ќе биде. И во тој повик исто беше спомната една клисура, тогаш Лепенечката. Кога дента пред бојот, кон пладне, дојдовме среде клисурата, патот натаму беше попречен – токму на најтесното место, до брзата есенска река – со карпи и столетни стебла, со грмади камења. Од другата страна имаше турски стражи, а и по надвиснатото ридје се подаваа овде-онде турски аскери. Нѐ држеа таму до другиот ден вечерта па ни кажаа дека бојот завршил со голема турска победа и дека сега можеме да се вратиме дома. Марко, уште пред тоа се досети во што е работата. Ми рече:

– Мудар е султанот Мурат, мудар, умен. Нѐ довлечка тука, како во стапица и не нѐ пушти да дојдеме на бојното поле. Сигурно се плашел дека ќе му удриме в грб или в слабина.

Јас го прашав Марко дали сега истото нѐ чека во Моравската Клисура. Тој замислено ми рече дека можеби е така, но и не мора да биде.

И тргнавме со присобраната војска, војска ко невојска, до кај три илјади војници, ама војници кој од кој повојник. И тажно беше и смешно, беше и страшно, беше грозотно.

Моравската Клисура ја минавме ноќе. Не нѐ запреа и утрото излеговме на поле рамно до Наиса. Во далечината видовме неколку коњаници кои со раце над очи гледаа кон нас, па кога видоа што сакаа да видат, фатија равен кон Наиса.

Марко ја запре војската и ми проговори мене:

– Кален, сега ќе ја завртиш војската; први ќе бидат оние што се сега последни, а челово што е сега тука прво, ќе биде последно. И ќе заминете назад, секој по дома.

Тој сјава од коњот, си го симна оклопот, калпакот, чизмите, оружјето му го даде на едно слабодушно војниче, а го зеде неговиот коњ и неговото оружје. Остана само по кошула, си го разврза перчинот, и косата, сосем бела, сребрена, му се развеа по рамењата. Не разбирав што прави, а тој само ми рече:

– Кога ќе тргнете никој да не се заврти. Одете во мир – рече со грижа, како да нѐ советува или благословува.

Потоа, со цврст, сигурен глас, дорече:

– Јас ќе се вратам дома, чекајте ме.

И така тргнавме, го оставивме сам. Веќе знаев што ќе стори, но никому не кажував. Ги престигнав сите и сега сам, јас бев војсководец на чело на оваа војска која и не била за бој крената.“

Марко остана сам и гледаше по нив како заминуваат дури и последните ги снема зад првиот свиок на клисурата.
Се почувствува лесен и слободен и го загна коњот по рамнината. Мисла, чудна и смешна но, уверен беше, и точна, му дојде од тоа чувство на полет и воздиг, кое како да му се врати од младоста:

“За старците се вели дека под старост се „За старците се вели дека под старост се менуваат, стануваат инакви. Не е точно дека се менуваме. Не, само се враќаме на она што сме биле во младоста, во првата младост, а што и самите сме го заборавиле. Кога човкек ќе види каков станал, зашто така го терала живеачката, под старост ќе разбере дека тој не е тој, дека сиот живот се преправал за да биде онаков каков што сите мислат дека треба да биде. Тогаш, во староста, тоа ќе им се смачи, а и ќе им се смачи од тоа, па ќе станат она што биле: кој бил инаетџија, пак ќе стане инаетџија и ќе ги зачуди сите зашто таков не го знаеле. Кој бил веселник, пак ќе си биде веселник, муртакот пак ќе стане муртак, намќорот – намќор, а јас, во младоста пустахија, винџија и кавгаџија, мегданџија – ете, пак си дојдов на своето.” Јаваше, развеселен од таа мисла и од тоа чувство на слобода. Веселоста му ја поттикна и оружјето што го беше зел од војничето. Сабјата – тешка, боздоганот – лесен, место обратно. А нејќеше да тргне со своето оружје и во своите дреи зашто можеше да го познаат, да видат дека е велмож, па точно да дознаат кој е.

Беше слободен. Го насмеа и тоа што многу песни за него, што ги чул од разни пејачи и песнотворци коишто му ги доведуваа да му пеат, почнуваа точно вака: „Коња јава Кралевиќе Марко…“ – за потоа да се спомне и да се опишува неговиот Шарко. Имаше во младоста тој таков коњ, шарен, силен, своеглав, но умен, воинствен и верен. А еве сега, дали случајно или не, дртото коњиште што го зеде од војничето исто баше шарено. И тоа го развесели, а уште повеќе што и коњот, исто веќе на стари години, како да се сетил каков бил и што бил во младоста, како ждребец, почна да го извива вратот, да се крева на две, да виска и да ‘ржи, како силата да му се враќа, како снагата да му се дрочи – плешките му се напнаа, почна да бодина, понесен и тој од силата и сигурноста на својот нов, тежок и силен јавач, кој со петиците му ги виткаше ребрата.

Татнеа така низ полето кон Наиса и на Марко му се стори, како кога јаваше вака во младоста, дека сето поле татони од копитата на неговиот Шарец. Во далечината согледа ниска магличка, натопена со косото утринско сонце. Виде дека е тоа правта и пареата кои се креваат над војничките табори кога ќе се раздвижат. Турците сигурно се креваа од конакот, да се готват за денешниот пат.

И тие го здогледаа оддалеку и како кој, некои застанаа да го гледаат како брзо наближува, некои, уште недоизлезени од сонот, не се ни обѕираа на него. А Марко удри во најгустото, меѓу оние коишто, без оружје, ги товареа на коњи работите од конакот. Кога почна да сече и да крши се кренаа крици и лелеци, настана мешаница, а никој не знаеше точно што се случува. Оние коишто сфатија веќе беа обезглавени. Марко удираше и лево и десно, и со сабјата и со топузот. Веќе налетуваше и на оние кои го беа зеле оружјето, ќе ги збришеше повеќето, другите ќе се разбегаа…

Но неколку офицери се созедоа, командуваа да се јавнува, почнаа да го следат по крвавата трага, стрелците веќе го земаа на нишан, стрелите му се забиваа во телото, но тој не ги ни сеќаваше. И неколку копја го беа распарале, и неколку сабји го беа потфатиле.

А тој крвареше и сечеше. Навлезен во непрегледното море војници, имаше чувство дека оние коишто ги расекол наполу, како да се престоруваат во двајца. Крај им немаше. А ним, пак, им се чинеше дека тој колку што губи крв, толку добива сила. Падна коњот под него, а тој продолжи да сече и да удира, вртејќи се од силината на замавите околу себе, па никако не можеа да му скокнат на грб. Во еден миг, во еден сладок час на одмазда, го виде лицето на Лала Јилмаз, кој во ужас го гледаше како да е сениште. Сигурно не го ни позна, или не сфати дека го знае зашто, сабјата го пресече од образ до образ, та сфати дека умира, со дланки стиснати на лицето кое се двоеше надве.

Ниту смрта на Марко не созна кога го зела, зашто и мртов стоеше простум дури уште во градите му се забиваа стрели. И таа се сети надитрена зашто место таа да го земе, тој самиот неа ја зеде под свое, ја присвои без никој да ја види. Почна да паѓа полека, полека, па престанаа да го гаѓаат, стоеја и чекаа. И кога падна грбечки, се испокршија стрелите на грбот, останаа само оние во градите. Рацете не го беа испуштиле оружјето, ниту сабјата, ниту боздоганот, зафатен за китката со белегзица од ситен синџир.

Војсководецот на сета таа војска, Лала Шахин, стар, уморен и преплашен, гледаше во огромниот мртовец, во ширум отворените очи полни со омраза, во крупните заби, сите на број, крвожедно соголени. Па наеднаш како да виде дека устата е насмевната со некој презир, а во очите, колку што се гаснат, се завирува нешто подбивно, омалуважувачко.

Лала Шахин се стресе зашто јасно помисли, и беше сигурен во точноста на таа мисла, дека појавата на овој човек е лош знак што им го дава Алах. Помисли: „Ке ја загубиме битката во Влашко“. Го праша буљукбашијата, на чијшто буљук, левокрилниот, удрила оваа помамна стија, колку мртви има.

– Многу – намуртено одговори офицерот, заусти да му каже дека и синот негов, Лала Јилмаз, загинал, но се прекаса; не мора баш од него да чуе за тоа.

– Закопајте ги – нареди Лала Шахин. – А него фрлете го во Наиса – па застана и се подума. – Закопајте го и него, некаде на страна, зашто јал улав беше, јал јунак беше, а и за едните и за другите Алах ќе ни се срди ако ги фрламе како пци в река. Ама да не се познава дека е гроб.

Така и тој помогна да се загуби единствената трага на смртта на Марко Крале – да му се збрише и местото на гробот.

Потоа Лала Шахин се загледа во далечината, зашто извидниците јавија дека Марко и неговите војници излегле веќе и од Моравската Клисура. Многу време помина оттогаш, а нив уште никаде ги нема.

А тие се враќаа назад, дома. По три дни стасаа и разгласија во народот оти Марко рекол дека ќе се врати, да го чекаат.

И сите чекаа. Чекаа ден, чекаа два дена, чекаа десет. Го споменувааа со песни, со сказни и кажувања. Чекаа недела, месец, чекаа една година и не губеа надеж, цврсто веруваа дека е жив и дека ќе се врати.

Колку времето повеќе минуваше толку беа посигурни дека ќе се врати. Го чекаа десет години, сто години. И сѐ нови и нови песни спевуваа за него. Сѐ поцврсто беа уверени дека е жив и дека ќе си дојде, како што ветил.

Чекаа од поколение во поколение, два века, три века, пет века.

Еве, дури нашето поколение го чека, измина веќе и шестиот век откога рече да го чекаме зашто ќе се врати.

Сигурни сме и ние дека тој е жив и дека пак ќе дојде.

Ни треба тој нам и онаков каков што поколенијата го опејале, а ни треба и онаков каков што бил. Ни треба и нам за да го опејуваме, зашто сега немаме веќе јунаци за опејување. А ни треба Марко Крале, тој јунак над јунаци, и сега ни треба, да нѐ зацврстува во надежта и да ни ја јакне верата. Потребен ни е секој ден, секој час, насекаде и секому од нас му е потребен – за да нѐ крепи и да нѐ храбри, за да нѐ чува и да нѐ спасува.
Чекаме…
А него го нема…

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *