Извадок од романот „Крвава месечина“ на Катерина Шошко.
Беше околу три часот попладне кога излезе од училиштето. Не живееше многу далеку, но до дома имаше околу еден километар пешачење. Тргна уморно и безволно по тротоарот, шуткајќи ги лисјата и камчињата што ќе му се најдеа пред нозете. Не беше стигнат ни до половина пат, кога неочекувано некој го грабна за половината и му стави рака преку устата. Во дел од секунда се најде приклештен во скут на некој голем човек во внатрешноста од темна кола. Му ставија некаков темен партал врз лицето и не можеше да види ништо.
„Овој ли е?“, рече непознат глас.
Не зборуваа веќе, а неговото придушено врескање беше единствениот звук што успеваше да го покрие брмчењето на моторот. Сè се одвиваше многу брзо. Не знаеше кои беа луѓето и зошто се случува сето тоа, освен дека можеби го киднапираат во обид да изнудат пари од Кристо. Автомобилот нагло сопре и големиот во чиј скут седеше излезе надвор сè уште држејќи го во силните раце, откако некој однадвор ја отвори вратата. Го носеше во раце, престегнувајќи му ги стомакот и устата, а покрај тоа, и парталот што му беше врз главата му го отежнуваше дишењето, па Габриел почна да ја губи свеста. Кога ги отвори очите, беше ничкосан на некаков стар душек во мала соба во која едвај можеше да се дише од прав, со искорнати тапети на старите и издупчени ѕидови. Низ малиот прозорец на едниот ѕид минуваше слаба светлина. Пред Габриел стоеше човек облечен во темни панталони, а како што очите на Габриел одеа нагоре по него, можеше да види дека има огромен стомак, кој наѕираше од под едвај закопчана бела кошула врз која имаше црни трегери. Не му беше ништо јасно. Се обиде да стане, при што дебелиот почна дебилно да се кикоти.
Мислеше дека ќе умре од силното срцебиење и од недостигот на воздух, а утробата му се превртуваше. Застана на нозе и речиси нечујно побара да го пуштат. Дебелиот стоеше и не се поместуваше од пред подотворената врата. Габриел почна да плаче и да моли да излезе.
„Де, де. Не ти се допаѓам?“, направи жална гримаса на лицето, а потоа прсна во грохотен кикот. Габриел почна да се повлекува наназад, но тогаш дебелиот во еден чекор го грабна за рамењата и го заврте со грбот кон себе. Со другата рака, која му ја стави на тилот, го турна со сета сила на земја. Габриел почна да вреска и да бара помош, но тогаш одвратниот и, како што можеше да почувствува прејасно, препотен дебел човек, почна да му ги влече фармерките надолу со едната рака, а со другата силно му ги држеше двете раце зад грбот. Момчето врескаше и молеше, но неумоливите рачишта на дебелиот беа пресилни. Фармерките му беа спуштени до колена, а рацете толку силно му беа приклештени на грбот што во нив веќе немаше проток на крв.
„Ајде, ајде. Нека види колку е одвратно!“, слушна глас од соседната просторија. Болката што ја почувствува и сопствените вресоци му оневозоможија убаво да ја исперципира бојата на гласот. Врескаше премалено, додека дебелиот зад него насилно се изживуваше. Не знаеше колку траеше, ниту дали е ден или ноќ. Остана да лежи на душекот дури и кога почувствува дека слоновската тежина веќе не е над него. Жив беше, но умре.
Се слушаа шушкање и гласови во соседната просторија, но тој немаше сила ниту да се помести. Кога некој ја подотвори вратата, во дел од секунда го виде лицето на Кристо. Сè изгледаше како кошмар. Мислеше дека блада и дека му се причинуваат работи.
Со тежок напор, едвај стана од прашливиот душек и застана на нозе. Не знаеше колку време лежел како мртво куче. Колената го издаваа, но не падна. Зглобовите на рацете го убиваа и едвај успеа да си ги крене панталоните. Се тресеше и не успеа да си ги закопча копчињата. Излезе со несигурни чекори низ отворената влезна врата и сфати дека се наоѓа во некоја напуштена стара зграда. Нозете сами го носеа по скалите иако во секој момент очекуваше да се струполи надолу. Само одеше напред, молејќи се сето тоа да е само лош сон.
Излезе на улицата не гледајќи ниту лево и десно. Само одеше. Не знаеше каде е, како зашеметен не застануваше ниту да праша, а луѓето што го загледуваа можеа само да претпостават дека му се случило нешто ужасно. Но тој не ги ни забележуваше. Конечно, минувајќи низ лавиринт од неколку улици, излезе на тротоарот од каде што го грабнаа. Ни самиот не беше свесен како стигна до дома.
Влезе дома како дух, затекнувајќи ја мајка си опуштено седната пред телевизорот. Кога го виде, веднаш скокна на нозе. Блузата му беше истегната и искината околу јаката, од носот му течеше крв, а панталоните му беа раскопчани.
„Габриел?!“, вресна и се стрча кон него кога тој се струполи како празна вреќа на подот. „Што ти е?“ се обидуваше да му го исправи лицето кон себе, но главата му беше тешка и тој само седеше безживотно на подот. „Кажи ми! Кој те нападна? Веднаш викам полиција!“ Се обидуваше да го освести и тогаш забележа дека на фармерките помеѓу нозете има огромна крвава дамка. „Габриел?“, гласот ѝ стивна. Конечно детето почна да липа тивко. Таа го стегаше во прегратка, а неговото болно липање се претвораше во животинско рикање. Ја оттурна мајка си од себе, ја клоцаше со нозете и ја бркаше, ја пцуеше и си го корнеше лицето со ноктите.
„Зошто?“, врескаше. „Зошто си глупава идиотка? Досега можеше стопати да се разведеш! Ти си крива за сè!“ Едвај земаше воздух, а гласот како да не беше неговиот. Ана гледаше беспомошно и плачеше. Не можеше да сфати што се случува. „Зошто ме роди? Зошто не ме абортира? Зошто? Ти си крива за сè! Зошто не го уби?“, прашањата се редеа. „Те мразам! Те мразам….“, снемуваше глас и движењата му беа сè побавни. Ана повторно успеа да му се приближи кога тој престана да клоца. Го фати за лицето со двете дланки. Очите му беа отворени, но не гледаа во неа. Забележа и модринка на вилицата веднаш до увото. Му ја избриша засушената крв од носот.
„Те молам, кажи ми што се случи?“ Габриел молчеше. „Ќе го убијам лично, кој и да те повредил“.
„Лажеш, мамо! Не си ти способна за ништо, а не пак рака да кренеш некому“. Нагло стана од подот и излета од станот.
Можеби Ана не знаеше со сигурност за другата, но Габриел, освен што го имаше видено татко си со девојка, која изгледаше едвај полнолетно, знаеше и точно каде имаше заеднички дом со неа. Случајно ја дозна адресата кога еднаш без да сака го наслушна како разговара преку телефон. Следниот ден замина со такси и тогаш виде како татко му, средовечен маж, бакнува девојка доволно стара да му биде ќерка. Го облеа чудно чувство на среќа зашто се надеваше дека конечно ќе се разведе од Ана, а ослободувањето од монструм како него од каква било причина, па макар и неверство со помлада жена, за нив не можеше да биде ништо друго освен среќа.
Стоеше повторно пред истата зграда, чија старинска фасада беше силно осветлена. Од десно на влезот имаше мала портирница со човек што го обезбедуваше просторот. Не ни размислуваше како ќе влезе, ниту дали некој ќе го сопре. Знаеше дека Кристо нема каде да биде на друго место. Иако едвај одеше и при крај беше со силата, успеа со трчање да се втурне внатре штом една постара госпоѓа излезе низ влезната врата. Помнеше дека тој во разговорот спомена трет кат, а со оглед на тоа што во таквите згради не живееја премногу луѓе, не се ни сомневаше дека ќе го најде станот.
Вратите на лифтот се отворија и тој излезе во светол ходник, поплочен со мермер. Спиралните скали од лево беа црно-бели, а старинските лустери натрупани со кристални камчиња ја рефлектираа светлината испрекршено по подот и по ѕидовите. На едната страна имаше врата со златна плочка со имиња и презиме на сопружници, па веднаш ја сврте главата кон вратата отспротива. Беше тешка врата, како станот да беше банкарски трезор. Го притисна прстот на ѕвончето и не го тргна сè дури вратата полека не се отвори.
Пред него се појави младата девојка, облечена во црна долга сатенска наметка и во исти такви пижами. Косата во медова нијанса ѝ беше распуштена по рамењата, а меѓу прамните светкаа две сјајни обетки во форма на капка.
Габриел наспроти неа изгледаше како бездомник што залутал во богаташката зграда. Ја набљудуваше уште некоја секунда, а потоа праша каде е Кристо.
„Кој сте вие?“, праша девојката со нежен, но малку строг тон. Наместо одговор, Габриел ја турна настрана и влезе во станот.
„Каде е?“, повторно праша.
„Ќе викнам полиција ако не излезете веднаш!“, се закани таа.
„Ајде, тато, овде сум!“, почна да вика и да шета низ огромната дневна соба, очекувајќи го да излезе од некаде. Врескаше пцости. Младата жена избезумено го гледаше и полека се приближуваше до комодата на која стоеше телефонот. „А ти?“, се заврте кон неа откако набрзина прошета низ собите. „Што сè правиш за да може да живееш во овој стан? Сигурно си добра курва штом те собрал да живееш овде. Остави го телефонот!“, почна и тој како татко му да наредува. Во истиот миг се згади од самиот себеси. „Мирно спиеш, а не знаеш дека скотот е сè уште во брак. Јас сум му син. Имам шеснаесет години, а веројатно и ти имаш толку“. Таа го гледаше со подотворена уста, одбивајќи да поверува на зборовите. „Бегај додека можеш! Не си ни свесна во што си се впуштила. Сакаш да бидеш како мајка ми? Мајка ми ја тепа секој ден откако се венчале. Секој проклет ден. Ако не кренал рака на тебе досега, прашање на време е кога ќе се случи тоа. Ако си паметна, ќе излезеш од дувлово и никогаш нема да се вратиш. Никогаш!“ Девојката го гледаше со очи полни солзи.
„Ве молам излезете одовде“, прошепоти.
„Веќе се изживува врз тебе, нели?“, почна и тој да плаче. „Ако не е така, зошто се вознемири? Или зашто не знаеше дека има син?“ Габриел се приближи до неа.
„Не!“ Таа ја испружи раката пред него и тој застана. „Не ти е добро, ќе ти повикам такси“. Го гледаше со сожалување.
„Оди си одовде“, тивко рече Габриел. „Јас ќе го чекам да се врати.“.
„Не ти е добро…“, повтори таа, забележувајќи дека, освен искинатата блуза, крвавиот нос, на дополу закопчаните фармерки имаше и голема дамка од крв што се ширеше од средниот дел. Му се приближи и го фати под рака. Се обиде да го седне на софата, но тој тргна кон ходникот. „Полека. Сè ќе биде добро. Ќе повикам брза помош, нешто ужасно се случило?“ Неочекувано, Габриел повторно загуби рамнотежа и се струполи на подот, повлекувајќи ја и девојката со себе. Плачеше и ја држеше за рака, пикајќи го лицето во нејзиното рамо. „Господе Боже…“, прошепоти таа. Се држеа еден со друг, а Габриел се чинеше не ја пушта небаре му е последна сламка за спас. Го галеше по светлокафеавата коса додека момчето не можеше да дојде при себе од лелеци и од плачење. „Да повикам брза помош? Не знам што ти е. Кажи ми, што ти е? Се дрогираш? Одговори ми!“, тој само ги стискаше рацете околу неа и ѝ плачеше во вратот. Полека му ги тргна рацете од себе и со ракавот од својата наметка му ги избриша солзите. „Те молам смири се. Кристо не е дома. Сакаш ли да повикам полиција или брза помош?“ Детето кимна со главата. Но немаше среќа. Ни двајцата не го забележаа влегувањето на Кристо. Неговите цврсти раце го одвоија од прегратката и го исправија Габриел на нозе. За миг се најде фрлен како партал на мермерниот под надвор во ходникот. Додека ја затвораше вратата, го слушна како ѝ вели дека малиот е наркоман. Потоа клучот двапати крцна и сè стивна.
Полека се движеше во мракот и конечно го препозна, седнат на клупата, гледајќи пред себе во темнината.
„Ова мора да е нешто итно, штом мораше да ме довлечкаш овде ова време“. Ирис носеше долг црн капут, закопчан до грло. „Ајде да чуеме, поддршката за корисници работи од оваа минута“, се насмевна.
„Имам посебна желба. Сакам да го мачиш“, Габриел рече со тивок глас.
„Оффф…“, воздивна таа, превртувајќи со очите и зафрлајќи ја главата наназад. „Полесно ќе беше да ми испратиш порака“, се закикоти.
„Не е смешно!“, нагло ја прекина со остар тон. „Сакам да го осакатиш. Да не можат да го препознаат. Исклоцај му го лицето со тие чизми што не ги собуваш. Избоди го со нож, дај му да пие нешто затруено. Пукај во него. За десет илјади сакам да добијам сè за парите“, зборуваше тивко и самоуверено.
„Ауу, па ти многу хорор-филмови си изгледал“, не престануваше да се кикоти иако потивко од порано. „Што те натера да ја добиеш оваа инспирација?“ Габриел конечно ја погледна. Ја чувствуваше блиска, можеби поради фактот што таа беше врската помеѓу почетокот и крајот на агонијата. И таа го гледаше, но без презир како што обично знаеше. Лицето ѝ беше сериозно. Забележа дека овој пат изгледа поодморено.
„Нареди да ме силуваат. Бев помал и од тебе. Пред некој ден ја претепал мајка ми повторно. Знам дека не сакаш да слушаш приватни приказни, но морам да го извадам ова од себе. Не знам како вие си ја вршите работата, претпоставувам без емоции, но овој пат сакам да замислиш дека сето ова тебе ти се случило. Нека биде од срце“. Ја наведна главата и се загледа во своите чевли. Не очекуваше, но нејзината дланка падна на неговото рамо и го стисна.
„Сакаш да ти донесам некој внатрешен орган?“, го праша со глас во кој се насетуваше обид да го насмее.
„Не мора, доволно ќе ми биде да прочитам за тоа во весниците“.
„Влегов кај нив дома. Мислат дека сум куќна помошничка. Утре-задутре ова ќе заврши“.
Габриел длабоко издиша. Се чинеше како тежок камен да му ги притиска градите.
„Како ангел чувар те гледам, жими сè“, се насмевна, но не ја погледна.
„Немаш ти поим…“, тивко рече таа за себе, вртејќи ја главата на едната, па на другата страна, како да се плашеше дека некој ги следи или ги набљудува. Паркот беше морничаво празен.
Поседоа уште неколку минути, а потоа таа прва си замина.