Кучешка година

Кучешка годинаПромотивно: необјавен расказ од Ѓурѓица Костадиновска.

Бадниковата вечера уште како дете ми го веселеше срцето. За мене главниот и свечен чин беше кршењето лепче со паричка, паричката која носи среќа цела година и која толку силно ја посакував за себе. Како дете од сиромашна фамилија верував дека со парите што ќе ги добијам подоцна би можел да купам здравје и спокој за мојата болна сестричка.
Настанот за којшто сакам да ви раскажам го паметам до најситни подробности. Сликите ми се враќаат наназад како да премотувам филмска лента. Го оживувам преку овие зборови, овие слуги на сеќавањето после кое веќе ништо не е исто:
Во одајчето владее пријатен молк, јас стуткан во ќош со книга во рака не забележувам ништо друго освен мирисот на портокали, мирисот на пржена риба и мирисот на „мискојна“ што би рекла баба ми, Бог да ѝ душа прости. Домот само денес мириса вака, само на Бадник и никогаш повеќе. Покрај мене е и комшиското куче што понекогаш бргу бргу го прибирав во топлиот дом скришум, оти ми беше жал да смрзнува надвор, оти неговите весели очиња го разгоруваа детското срце како мајчина прегратка. Го криев и вечерва, покрај мојот кревет, замоткан во ќебиња, дремеше спокојно. Понекогаш ги отвораше очите полека и мрзоволно, само кога ќе слушнеше далечен звук, а веќе во следниот миг кога потполно ќе се увереше дека тоа се безопасни чекори што доаѓаат од кујната повторно потонуваше во својот длабок, кучешки сон. Ми беше пријатно и топло, уште посреќен бев заради неговата безбедност. Колку и да ме прекоруваа, колку и да го бркаа, сето тоа беше залудно.
Така задлабочен во книгата едвај забележав дека всушност мајка ми веќе подолго време ми стои над глава и по којзнае кој пат ме вика – Ајде да вечераме!
Како што е редот домаќинот на куќата стана, се прекрсти, Бог нека ни е на помош, догодина пак да се собереме на ваква трпеза и така натаму и така натаму. Веќе чувствував како срцето забрзано ми чука – годинава среќната паричка сигурно ќе биде кај мене! Татко ми, стариот почна да го крши лебот на четири еднакви парчиња. За него, за мајка ми, за сестра ми и… Оп! Одеднаш тропање, чекори, викање, бркање!
– Дојди ваму. Врати се! Врати се џукело низаедна!
Мојот штитеник, црниот комшиски пес веќе грабна скоро половина од бадниковата погача и избега надвор како од најцрниот ѓавол. Јуреа по него низ цело маало но никој не успеа ни да го стигне, ни да го дофати. Лебот тој одамна го скрил во својот гладен стомак. Татко ми мајка ми и сестра ми се вратија дома вџашени и со изрази на лицата од кои се читаше незадоволство и прекор. Стоев на прагот виновно и засрамено.
Продолживме со вечерата, но како што веќе сигурно претпоставувате паричката никаде ја немаше. Безнадежно буричкавме по лебот, горд сопственик на нашето париче беше комшискиот пес.
Мајка ми воздивна и тивко изусти:
– Ех, и оваа година ли ќе ни биде кучешка?
Истата година сестра ми го испушти последниот здив. Оттогаш празнува Божик со ангелите.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.