Кумова слама (извадок)

Извадок од книгата „Кумова слама“ на Ленче Милошевска.

Црната топка

Дедо ми постојано чекаше да ѝ порасне цената на таа скапоцена црна топка. Поминуваа години, топката се зголемуваше, но тој не ја продаваше. А сите возрани учествуваа во сечењето на чушките од афионот, и потоа, во собирањето на „катранот“. По таквата огромна работа се добиваше зачудувачки мало количество на афионски катран што ме потсетуваше на катранот со кој го постилаја автопатот покрај малата железничка станица Кукуричани.

– А зошто има толку голема вредност, го прашував дедо ми.

– Од катранот прават лекарства, рече.

– Ама, апчињата се бели, а не црни, навалував.

Не знаеше да ми одговори.

Многу чудни приказни беа врзани за афионскиот „катран“.

Стринка ми раскажуваше дека некои жени, кога работеле в поле, на бебињата им давале од „катранот“ за да спиеле и за да не плачеле. Се разбира, тоа не чинело, зашто децата не им „траеле“, брзо им умирале.

Речиси секоја куќа во селото одгледуваше афион и секое семејство вадеше катран, но никој не се дрогираше. Дури и приказните на стринка ми, беа случки пренесени од минатото, од колено на колено, како закана од која секој во селото имаше извлечено поука. А селанецот мора да има здраво и работоспособно семејство.

Афионските полиња од моето детство се помалку ги има во тој крај, а во мене се затврднало чувството дека нема ништо поубаво од поле со афион во време на цутење. Велат дека сега ни работата со афионот не е иста. Чушката на афионот не се засекува за да се добие „катран“, туку модерно се обработува, се ползува целата чушка.

Ни таа година кога си заминавме од селото во Босна, кај што татко ми доби прекоманда, дедо ми не ја продаде црната топка. Беше уверен дека ќе се збогати од тој „катран“. Чекаше некоја луда откупна цена што ќе му овозможи на сите да ни купи нешто и засекогаш да го избрише прекарот „сиромавиот“.

Јаболкница

Иако утрото многу ветуваше, на денот во кој дојде да не посети другиот мој дедо, дедо Лазо Мустаклијата, го помнам како свој пораз. Уште од раното отидовме на бостан. Поттикнувани од убавото време, од меѓусебните задевања, ние децата многу палавевме по патот. Фатени едно-за-друго и одејќи едно-по-друго со босите стапала правевме шари во пеплиштата, им се радувавме и ги гоневме птиците што ги скоривавме од попатните лединки и кој знае дали макар и еднаш некој од нас помисли дека така ќе завршат сите тие радости.

А таму, на бостанот, од умор и поради жешкото сонце, уште во време на мала пладнина испозаспавме во сенките на дрвјата, додека околните поледелци се скрија во ниските појаси од багреми. Лежев со главата во скутот на мајка ми и оттаму, следејќи го со погледот правливиот пат до селото, ги гледав покривите на куќите, а од нив се креваа треперливи воздушни струи од кои ми се мрежеше пред очи.

– Јана, дојди, ме викна братучетка ми Ратка, моја врсничка.

Рипнав и стрчав кај неа.

– Гледај што направив, за вечни времиња ја означив јаболкницава.

На кората на стеблото беше ја врежала првата буква од своето име. И додека другите спиеја под сенките на другите јаболници, јас и Ратка се нафрливме да ја сакатиме најмладата, и двете во нејзината кора ги врежавме не само првите, туку и сите букви од нашите имиња.

– Вечер вие ќе одите кај тетка ти, дедо ти Лазо дошол од Скопје, наеднаш рече Ратка и тресејќи ги ситните кадрици ме гледаше палаво и испитувачки. Сфатив што ѝ е мислата, се плашеше да не ни ги растурат игрите и другарувањето.

– И ти ќе дојдеш, и реков.

– Тие не се мои роднини.

– Што ако не се. Ке дојдеш, мајка ми рече, настојував да ја утешам.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *