Љубовта на клавиристот

Извадок од книгата „Приказни на тивок оган“ на Светлана Камџијаш.

После дванаесет  години возеше накај своето родно Крушево, сам. Покрај него одминуваа средените германски пејзажи, се белееја чистите села со покриви слични на удобни капи, чии прозорци и балкони ги красеа гроздови сардели како да покажуваа „еве вака се живее, еве ова е добра волја за секојдневието“. Геометриските полиња жолти, кафени и зелени, понекогаш со коцки или цилиндри собрано сено, беа огромни шаховски табли што брзо се нижеа. Синилото на хоризонтот, леснотијата со која лебдеше поставено тука, беше спротивно на неговата претоварена кола во која ги влечеше остатоците од својот семеен живот. Трите стари велосипеди, здраво врзани на покривот. Стариот компјутер за сестрите, покривките и ќебињата за мајка му, расклопените кујнски плакари наменети за старата крушевска куќа, куп германски книги, полиците за чевли, па дури и двете црева за поливање со кои Хелен правеше водени арки и мали виножита во градината. Џезот што ја исполнуваше колата, што течеше низ него како животен сок, низ неговите раце на клавирист, го олеснуваше соочувањето. Неговиот досегашен живот му се виде собран во тој лак од патот. Двете различни доми беа неговите крајни точки. Од големата куќа на германско-холандската граница во која им се растури домот, до родната стара куќа во Крушево, на која ѝ прокапуваше покривот, иако беше ставена под Заводот за заштита на културни споменици. Сега одеше наназад. Од оној новиот јас, самостојниот човек, директор на музичкото училиште, кон детето јас, што се роди во Крушево и порасна во Скопје.

 * * *

Тој стои на прагот од малиот стан во Карпош 4, како на работ од светот. Во поставата на палтото има неколку стотини германски марки, неколку стотини во чевлите и неколку во внатрешниот џеб. Годината е 1991-ва. Во тек е распаѓањето на Југославија, државата на братството и единството. Мајка му го прегрнува: „Синко, кога заминуваше брат ти, немав да му дадам ништо, a еве тебе те испраќаме како господин.“ Патува за Берлин.

* * *

Што е тоа што не му дава да престане да мисли на Хелен? Го влече како со многу конци од оној тенкиот рибарски, цело време да се враќа, да се враќа назад. Ако се замисли подобро, каде почнуваат тие тенки конци, во главата? Некаде кај тилот или во горниот дел на стомакот? Гласот на Хелен се лелее во светлината зад ходникот со многуте пара чевли, нејзини и на нивните деца. Ѕвони низ куќата, додава значење во воздухот. Хелен е во мирисот на испраните алишта, во редот на полиците во дневната, во леите од градината на куќата во која тој веќе не живее. Хелен пее на протестантските собири.

* * *

Така се запознаа, во евангелската црква во Берлин. Со леснотија на пеперутка ги кажуваше важните и тешки зборови: „Ех, јас никогаш нема да се омажам. Можеби ќе се замонашам.“ Се насмевнуваше, а очите ѝ светкаа. Веднаш почувствува дека во него расте некаков брег, брег за жуборливата Хелен. Шарените бродови испловуваа, некои се враќаа натоварени, некои исчезнуваа. Беше интересно. Животот се одвиваше тука, на неговиот брег со шарените бродови на Хелен. Беше пет години постара од него, како да беше десет помлада.

* * *

До крајот не веруваше дека ќе се разведат. Некако повеќе веруваше во таквата разрешница за брат му, со пресретливите светли очи. Брат му, кој секоја година доаѓаше во Скопје, за разлика од него, кому му требаа единаесет години. Неговата Берта беше многу тврдоглава и голема лутка. Еднаш откако така се инаетеа по телефон, брат му компјутерџија, се заврте кон него и му рече: „Мислиш не ми доаѓа да се разведам? Големата опашка од разводите на тато ме трга кон тоа. Осеќам како силно ме влече. Ми треба секојдневен, дополнителен напор.“

 * * *

Минатата година, кога дојдоа во Скопје, таа беше весело разнежнета. „Како се вика те сакам на холандски? Баш би сакала да научам холандски!“ Мајка му веднаш почувствува дека е вљубена во некого, можеби некој Холанѓанец? Излезе дека љубениот цел живот се грижел за татка си, затворен во непробојна капсула на тишината, потполно глув. Никогаш не се женел.

Таа година Хелен почна да работи во големиот маркет на холандската граница, иако се разбира дека Европа веќе нема граници. Таму се запознале. Лесно, како што беше и сè друго, си замисли дека наместо со него, сега ќе може заедно со своите три деца да живее со човекот што цел живот се грижел за глувиот татко. Лесно се всели, но брзо и со мачнина се отсели.

* * *

Додека ручаа со мајка му на стариот крушевски чардак, го голташе чомлекот како љубовта што му недостасува. Со залаците затвораше жива дупка. Беше жешко. Осата што меко слета на миризливата диња, му се виде лесна и совршена со проѕирните крилца и симетричните жолто-црни шари. Го крена погледот кон светнатите бели облаци што свечено пловеа. Во него нешто потскокна. Се оттргна од клопчето тенки конци и се вивна кон големата слика. Заумно но силно го насети таинствениот космички поредок што проникнува сè. Во таа величествена плетка, најмалиот атом од крилото на осата и непоимливата светлина на сонцето имаа свое точно место. Мелодијата на денот, слична на жуборливата Хелен, направи да се доживее себеси како неправилна синкопа, малку претешка за добар џез. Зад мелодијата, освен себеси на едниот крај, можеше да го насети она неуништливото, ведро и игриво. Во него се обликува некакво разбистрување дека ништо, ништо не е поважно од тоа ведро, сеопфатно нешто што го игра светот. Ја погледна мајка си, која со сè уште убавите раце кршеше залак од лебот.

„Знам зошто ме остави Хелен“, го формулира тоа на свој начин, а и за да го разбере мајка му. „Ја ставив на местото на Бог.“

* * *

Вечерта дојдоа братучедите. Братучетката Ирена со својот необичен сопруг, проучувач на стари списи, Иранец кој знаеше дванаесет јазици, секогаш на работ на развод или во процес на развод што никогаш нема да се случи. И Грашок Шеќерец, така според еден расказ од Шлинк, Хелен го нарекуваше братучедот архитект со истенчен вкус, со својата млада втора сопруга, поради која одвај се отплетка од отворените љубовни врски што му претставуваа повеќе некакво тензично бегство, одвлекување и загарантиран немир во досадата на секојдневниот круг. Знаеше сè за добрите филмови на Тарковски и Бергман, за новите тенденции во постмодерната и со одобрување се насмевнуваше на она „Грашок Шеќерец“. Клавиристот ги гледаше овие познати парови што ја нагласуваа свеста дека е самец.

Самец.

Зад жагорот на гостите се заслуша во едноличната мелодија на еден штурец, кој веројатно стоеше зад гредата од чардакот. Си помисли дека таквата еднолична песна може да биде исто така брег, брег за неговата преполнетост. Во тој миг мајка му, насмеана, ги задеваше гостите: „Вие никогаш нема да се разведете, нели?“ Го погледна, а тој сосема несвесно ја допре бурмата и си помисли: „Јас имам жена, но таа не ме сака.“

Веројатно ќе треба малку напор, но салтото е тука, на дофат.

            * * *

Епилог

Ги гледаше нивните гестови, разменети погледи, врамени однесувања на парови. Се обиде да се заслуша и да ја долови нечујната мелодија што ја создава секој пар посебно, толку познат за него. Братучетката Ирена од мала беше многу своја. Затоа и го одбра партнерот од сосема друга култура и религија и покрај негодувањата од родителите, етаблирани професори за кои врвна вредност беше европската култура, особено уметноста. A oд уметноста – француската модерна. Каков тип на звук би била таа? Музиката би требало да почнува со соло парче од нејзината тема, нејзината посебност, а потоа да се измеша со останатото, но на кој инструмент? Продорните очи-жарчиња незначително згаснати. Во погледот влегла лесна магла од негодувањето и спремноста секогаш да се исполнуваат обврските кон семејството и кон себе. Сè уште вита како девојченце, покажуваше дека не е исфрлена на бреговите од главниот тек. Таа никако не можеше да биде дувачки инструмент. После кратко пребирање, се реши за благиот звук на виола. Не беше доволно лирична за виолина, ниту пак нејзината природа, иако префинета, се наметнуваше во првите гласови. Сепак, ѝ недостасуваше мекоста и метафизичкиот звук на челото, затоа си ја претстави како виола. Нејзиниот сопруг, Иранецот, со својата многуглаголивост истовремено имаше и нешто рокерско во себе, не само во изгледот и облеката (не излегуваше од фармерките), туку и од склоноста да го занемарува она што се нарекува мејнстрим во културата, секогаш со малку подбив. Но никако не би можел да биде електричен инструмент. Ги има металниот призвук и иронијата на фагот, но сепак… повеќе влече кон саксофон. Да, неговиот звук е саксофон. Каква мелодија произлегува од виолата и саксот? Ритамот сигурно не е правилен, туку на некој начин праскав, испрекинат, а сепак да содржи од тагата и одложувањето на блузот. Слободен џез за виола и саксофон? Не. Таму нема мелодија. Познавајќи ги обајцата, беше сигурен дека нивниот однос создава мелодија, таа се повторува и истовремено се излизгува. Виолата и саксофонот се натпреваруваат кој ќе воведе нов пресврт во главната тема. Мелодијата се кине и повторно се поврзува. Тоа е џезирана фуга! Не само поради тоа што зборот значи бегство, туку и затоа што се заснова на контрапункт, клучот на нивниот однос. Токму тоа! Слободна, џезирана фуга, исполнета од класични инструменти, држени од тегавењето на блузот. Задоволно се насмеа во себе, Ирена и сопругот беа модерна фуга, почната во драмски дур, развивана во молски акорди со постојани варијации на излизгување од мелодијата. Речиси ја слушна музиката и промрда со прстите како да ја означува на замислена клавијатура. Неколкуте тонови од двете главни теми што се повторуваат во разни варијации беа доволни за да се развие понатаму.

Го погледна братучедот Грашок Шеќерец. Имаше бавни движења, остри црти, а неговото познавање на уметноста содржеше нешто од достоинството на минатиот век. Човек лесно можеше да го замисли како пуши луле иако не пуши, опкружен со убави предмети, а сепак крајно модерен, постмодерен во доживувањето на бесмисленоста на светот. Во него се допираат две спротивни сили, како две спротивни епохи или пориви што во широк замав влечат на различни страни. Како да се најде инструмент што ја содржи свеченоста на класичното и ваквата дрска модерност? Можеби треба да го претстави со два инструмента? Кој би рекол дека за него ќе требаат (најмалку) две бои на звукот! Го најде соломонското решение во својот сопствен инструмент – клавијатура. Дава повеќе гласови наеднаш, а ако е електрична, може да се менува бојата на тонот. Одлично оди за класика, одлично за џез и за сите останати облици, па дури и за фолк песни. Неговата млада жена без двоумење е звукот на гитара. Секогаш зад главната мелодија, се надополнува со очекуван акорд. Може да ги следи и најлудите сола на клавијатурата, промените на ритамот, па дури и на жанрот. Клавиристот живо си ја претстави музиката на нивниот однос, во кој иако рапсодиски, постоеше нешто востановено, кружно. Тие создаваа рапсодија што се повторува, едно специфично разнообразно рондо. Се радуваше и речиси го слушна она познато ритмично потреперување во ушите што навестува нова композиција. Да! Музиката лебди во просторот, а нешто во него треба само да се заслуша, да ја нагоди антената, убаво да се задлабочи за да ја чуе и да ја пренесе тука. Преку звукот се внесуваше во другите, забораваше на себеси без да се оддалечи од себе. Без оддалечувањето што создава самозаборав како во одреден интервал да не си бил свесен за себе. Со музиката не беше само со себе, а сепак стануваше повеќе тој.  Како истовремено да се доближуваше и до себеси и до светот, а и до нештото од онаа страна на светот. Тоа доближување правеше сè да биде поинакво. Поубаво и поинтензивно.

 * * *

Му падна на памет дека тоа до него не мора да е празно место. Мора да постои начин тоа место да е преполно. Со што би го преполнил? Знаеше дека за да го дознае одговорот, ќе треба да направи салто во мислите, во течењата на неговите мисли, кои сега се движеа некако нанадвор, со очекување. Да. Требаше салто. Промена на вообичаената точка. Се чинеше лесно и малку фалеше.

            Зад жагорот на гостите се заслуша во едноличната мелодија на еден штурец, кој веројатно стоеше зад гредата од чардакот. Си помисли дека таквата еднолична песна може да биде исто така брег, брег за неговата преполнетост. Во тој миг мајка му, насмеана, ги задеваше гостите: „Вие никогаш нема да се разведете, нели?“ Го погледна, а тој сосема несвесно ја допре бурмата.

Веројатно ќе треба малку напор, но салтото е тука, на дофат.

 Скок во нова мелодија!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *