Маде ин Јабана (извадок)

Извадок од романот „Маде ин Јабана“ на Владо Јаневски.

НЕШТО ЗА ЧОКОЛАТЕ

Чоколате беше едно горопадно мажиште. Карпа од човек ама во паметот слаб, детински. Тетка Натура се грижеше за него. Таа повеќе го тепаше отколку гледаше, повремено го переше и му готвеше. Големото детиште имаше апетит како ламја. На тетка Натура ѝ беше смачено од него. Кога беше препуштен самиот на себе, Чоколате најчесто си играше со очите, отвори го едното затвори го другото и обратно. Потоа затвори ги двете, отвори го десното па левото и слично. Потоа си ги дуеше образите и го задржуваше воздухот што е можно подолго или дуваше во празно. Еднаш така дувајќи не забележа дека премногу се приближил до тетка си. Таа беше наведната, нешто си чистеше на подот. Чоколате доцна виде дека дувнал кај што не требало. Тетка му поцрвене од срам и му се тутна со најпогрдни зборови. Кога се прибра малку одлучи трајно да го реши случајот со подзинатиот Чоколате. Посака да се куртули од него и го однесе право кај мистер Какис во дом за „менталци“.

                Циц-мајкин, тука ќе седиш, му рече, најс ќе ти биди. Ќе си најдиш мнооогу другарчиња и френдој. По цел ден ќе си играте и јадите.

                На Чоколате веднаш му светнаа очите од радост. Си помисли дошол во земја Дембелија. За него не можеше да има ништо поубаво освен играње и јадење и, што е најважно, никакво тепање. Колку подалеку од стапот на тетка му толку поубаво, сигурно тоа си го помисли кога се насмевна од уво до уво. Неа тогаш ѝ падна малку тешко на душата за наивниот Чоколате, но, кога се сети од каков товар ќе се ослободи, веднаш ѝ олесни и напросто излета од таму како птица испуштена од кафез. Чоколате остана подзинат, очекувајќи чудото секој момент да почне.

                Тука јадам торта, си рече. Јас торта никогаш не пробало. Мора пробаш тука. Ох, вери најс торта, кејк! Мене сечиш биг парче и даваш јадело, си есапеше тој во умот. Море јас изедам цела. Вери најс дојде на душица. Меше полно, газе задоволно, дец-ит. Лиги како на вол му потекоа. Тргна во потрага по торта, беше незапирлив.

                Набрзо се му тргна наопаку, откри дека неговата земја Дембелија ти била еден голем кошмар. За неколку недели се врати при тетка си кога откри дека имало полоши работи и од нејзиниот стап.. Всушност, мистер Какис лично, како управник на Домот, ја повика тетка Натура и ја молеше (паднат на колена) да си го земе случајот назад. Чоколате им беше направил крш во трошната зграда. Мистер Какис го фрли плеталото и ги крена рацете. И рече најдобро ќе биде ако таа продолжи да се грижи за подетинетиот џин. Ако треба и ќе ти плаќаме социјално по малку, само чувај го на растојание од Домот.

                Чоколате не беше лошо суштество. Имаше многу нежна душа, би се опијанил од чаша блага вода што би се рекло. Не газеше на мравка ни на гасеница. Вистински љубител на живиот свет. Најчесто се дружеше со своите братучеди – тркалезното лице Мрм и сестричка му Кате. Мрм имаше осум години ама физички изгледаше многу понапреден за својата возраст. Некој би рекол детето има дванаесет и уште за неколку години ќе се жени. Катето имаше седум години и изгледаше како за седум. Тоа беше сосема обично девојче со многу сладок глас. По цел ден пееше. На Чоколате му се допаѓаа нејзините песнички. И тој си потпевнуваше со неа, но најчесто беше прекинуван од тркалезното лице. Мрм имаше гаден обичај на секој да му удри клоца. Единствено Катето беше поштедена од клоците. Инаку Мрм не бираше, клоцаше насекаде. Ретките посетители се виткаа од болка кога ќе ги удреше таму кај што боли најмногу. Заради тоа сите го мразеа, ама тркалезното лице пет пари не даваше. Дури и на мистер Какис една му поткачи. Детето се забавуваше.

                Ех, убав тој циц-мајкин, ќе му речеше тетка му Натура и си продолжуваше со работата низ куќи. Таа никогаш не креваше рака на двете ангелчиња, само по Чоколате маваше дури и кога ангелчињата беа виновни за пакоста.

Чоколате, колку за толку разбираше и се чувствуваше обесправен. Затоа еднаш на клоца со клоца врати. Го поткачи тркалезното лице и го префрли од другата страна на улицата. Од тогаш Мрм двапати помислуваше пред да го клоцне Чоколатета. Тројцата беа најчесто заедно, си играа низ куќи или во дворот. Замислуваа дека се изгубени во непозната земја и се обидуваа со затворени очи да го најдат патот до Македонија (читај кујната). Мрм беше водачот. Се нарекуваа дружината на Мрм Велики. Последниот пат, одејќи така со затворени очи, Чоколате се сопна од прагот на Македонија и се спружи колку што е долг. Во паѓањето го повлече и чаршавот од масата на која беа наредени штотуку измиени чинии. Тетка Натура беше папсана од миење. Ја заболе грбот наведната над умивалникот. Само што заврши и реши да се отпушти на столот, кога Чоколате како слепец влета од дворот и со едно несмасно движење направи крш во Македонијата. После тоа кутриот си ја виде циц-тетката, неколку дена не можеше да седне од болка. Газот му беше помодрен од стапот на тетка му. Лежеше на стомак и размислуваше за својот тежок живот.

                Еден ден, така отсутно лежејќи, му дојде силна инспирација, поточно нагон за пишување. Пред тоа речиси никогаш не пишувал и одвај азбуката ја знаеше ама ете, нешто чудно се случи – Чоколате невешто го зеде моливот в рака и почна да пишува.

                „јас вика чоколате“, напиша и се замисли гледајќи во големата празнина што се отвори пред него. Напросто како да се откриваше себеси.

                „то моје име и толку но презиме дец ит“, додаде и набрзина ја затвори тетратката. Се уплаши од напишаното. Ја скри тетратката во еден сандак на таванот и им се придружи на Катето и Мрм. Утредента пак му се врати на пишувањето.

                „јас сака пиши нешто како големо писмо. ух ух то вери тешко џоб. јас прфпат пробало пишиш. тешко тешко вери хард. овде острелија земја далечинцка. многу далечно. летање авионцко требало да дојде чојк тука. печалбарцки чоеци најмногу идело. плачело плачело. родни крај далечно големо. само плачи ден и ноќ праело. ух ух то лошо за харт. можи умриш од тага. мајка плачело. ич не запрело. реки солзи пуштало. јас тука нашло несреќа. јас не многу памет али ворк хард. јас не вери олд. јас младич. сакало жена за ух ух љубоф од стари крај то маќедонија што се викаш али не добило. добило ќотек. дебел ќотектепање. по глата тепано. тетка мене тепало еври деј. зошто тето јас прашаш. то но гут. ух ух мене жена требаш. јас сексој не сакаш. љубоф сакаш мајка сакаш. мене мајка умрело. лонг тајм било мајка умрело. послем тетка натура мене гледало. јас сакаш мама оживиш тета умриш. тета лошо. ух ух многу лошо. јас мама многу сакало. живот тешко ако мајка немало дец ит. јас работиш. џоб имаш френдој немаш. сите мои френдој мене викало чоколате ступидо. то но гут френдој дец ит. јас вери најс. мрафки ич не згазнало само лебарки згазнало. јас сакаш учиш многу учиш али мозок дебело. ништо не памтело. јас одиш онли во маќедонцко саботно скул. таму приказни учиш. во последна клупа седиш. мене деца олвејс чачкало. мене будало викало. зато јас во последна клупа седиш и ќутиш. кате и мрм мене таму не познавало. се срамело од мене оти јас старо и ступидо. ”

ЗА ИНЦИДЕНТОТ ВО ЕДНО САБОТНО УЧИЛИШТЕ

            Мис Јузана беше многу активна. Немаше време за „релаксајшон“, дури и за време на викендите. Во саботите работеше како учителка во едно македонско саботно училиште. И таа сакаше да помогне во борбата да се спасат дечињата на иселениците од заборавот на прекрасниот македонски јазик. Смарто многу се гордееше со сестра си кога ја гледаше со каков жар го спасува јазикот на дедовците.

Јес, за ова вреди да се бориме у туѓинава, си рече лепејќи ги градоначелничките плакати со неговиот насмеан лик по училишниот ходник.

Всушност плакатите ги лепеше малиот Корне. Смарто го заплаши малку со својот авторитет и му рече лепењето е и негова должност. Идните патријоцки мажиња треби да се спремат од мали нозе, му рече и му ги тутна плакатите. Ајде скакуле, лепи таму, му покажа кон најблискиот ѕид.

Корне како Корне, ги крена рамениците и си ја фати работата по свое. Набрзо плакатите беа на ѕид, но повеќето залепени со главата надолу. Смарто зовре. Младата генерација го вадеше од памет.

            Чилдренси, тудај ќе учиме за Александер Маќедонцки, со тоа официјално го започна часот мис Јузана. Мислеше дечињата подзинати ќе ја слушаат.

            Значи ете, уште една генерација ќе се запознај со нашио велик војсководец, си рече но не стигна да продолжи.

            Учителке, учителке, ја прекина малиот Корне, рипајќи од местото. Можи ли да учиме за итар Пида?

            Е, таквото се вели итар Пејо, го исправи учителката и за то нема шо да учиме оти је приказна – фери тејл, ју ноу?

            Приказните не се учат, тија се раскажват, нели учителке, рече девојчето од првата клупа.

            Тебе ти се чини дека сè знајш, мори музло една. Ако беше така тогаш татко ти немаше да работи како гарбич мен, брзо ѝ врати малиот Корне.

            Татко ти је тиф, му врати кусур девојчето.

            Татко ми је д-бест, рипна Корне. Тој со Сори-Мори ги вади Маќедонците од шитој.

            Мис Јузана остана подзината. Не можеше да поверува до каде отишле нејзините невини ученичиња. Шарап, викна удирајки со прачката по нечистата табла. шарап, оти некст тајм преку очи мавам.

            Корне, камон на табла и со големи букви пиши – Александер Маќедонцки најголемијот војсководец.

            Корне ги преврте очите и со тежок чекор се упати кон таблата.

            Учителке, учителке, се јави Чоколате од последна клупа. Ами јас не знајш што то војсководец. Можело одиш дома прашаш тета?

            О, мил Чоколате, му рече учителката. Ами ти мојш да ме прашаш мене. Зато сум ја тука.

            Прашај ја, прашај ја, го хушкаше Корне исправен пред таблата, оти таја је платена за то. Тато вели таја фет мани зема за ништо и нас не тера да пишујме на табла. То си је нејзин бизнис. Јас не сум платен за ова или за да му лепам плакати на Смарто-фарто, то ти је експлатејшон, негодуваше Корне.

            На мис Јузана ѝ зовре гравот в глава. Сакаше да го плесне со прачката. Тогаш во училницата влезе Смарто. Вревата замре.

            Ај фаќај клупата, скакуле непрокопсано и не ломоти многу оти тебе и на татко ти Вудве уши ќе сечам, Смарто му се закани на Корне. И, овакво, сајленс плис нека биди, еврибади. Сајленс рекоф, орајт!

            Децата смрзнаа. Појавата на Смарто имаше ефект. Мис Јузана му се заблагодари на спасителот на ситуацијата.

            Најпосле во училницата влезе вистинскиот спасител. Писателот. На мис Јузана ѝ затупка срцето. Не беше сè според планот, но најважно тој се појави. Таа се плашеше дека нема да дојде. Сигурно имаше поважни работи човекот. Сепак дојде. Каква чест. Ѝ светна лицето. Смарто тогаш се повлече. Веќе немаше потреба од него. Изгледаше децата го загризаа мамецот на тишината.

            Кој е овај, прошепоте тркалезното лице Мрм.

            Не знам, да го серам, шепотеше Корне.

            Изгледа опасно опасен, рече тркалезното лице Мрм.

            Сајленс плис, рече писателот внимателно ставајќи го тефтерот на катедрата. Мис Јузана беше седната таму. Целата растреперена. Всушност нозете ѝ се потсекоа од неговата појава. Многу го почитуваше. Тој се накашла и рече – Тудај, учителката ваша ме инвајта во вашијов скул да ви кажвам нешто за Александер Маќедонски. Чилдренси, продолжи писателот значајно повишувајќи го гласот – тој е нашиот најголем и најсакан син.

            Ами, одмавна со глава едно русокосо девојче. Јас си го сакам појќе Гоцета.

            Да ги серам и двајцата, рече Корне.

            Тишина, го крена прстот писателот. Ете видиш, нема тука серење, ова се историјски рабоќе. Ти мојш да сериш ин паблик тојлетс или дома али не и на час по историја!

            Учителке, учителке, ами јас не знајш што то историја, Чоколате пак бараше помош од учителката.

            Јас ќе протестам, рече Корне, није не сме дојдени тука да учиме хистори. Тато рече дека овај скул је за да го научиме поарно маќедонскијот ленгвич и да мојме да пишујме писма на маќедонски до непознати другарчиња во Маќедонија.

            И до дедофци и баби шо живејат таму, додаде тркалезното лице.

            И до први братучеди и братучетки и чичкофци и тетки, се јави и девојчето од првата клупа.

            Јес, рече Корне, вије сте платени да нè учите убо да зборујме и пишујме, а не за хистори и експлатејшон.

            На учителката и пресуши гласот. Начисто ја посрамија пред писателот. Не знаеше кај да погледне. Шо му стана на чилдренсите, се прашуваше, никогаш не биле вакви. Сакаше да ја фати вратата и испрати се (освен писателот) по ѓаволите.

            Писателот виде колку е часот и реши да им пријде на децата од друга страна. Орајт, орајт, рече. Ете видиш корек је то. Вије сте тука да го изучите нашиот златен јазик и да го спасите од забораф. Али олсо, тука пак го крена прстот, вије треба да ги спасите од забораф и нашите хероји. Орајт, мејби не сите оти многу ги има, оти није сме многу храбар народ – значи вије треба да ги спасите само поважните како Александро или Гоце или…

            Или Тито, рипна Корне.

            Писателот нешто го жегна в срце. За малку ќе избувнеше и ќе им одржеше вистински, сто процентен час по историја – сакале да го слушаат посранковците или не – сепак сè уште се контролираше.

            Не, рече со најсмирен глас, не мило дете. Вије не треба да го спасујте од забораф тој поган чојк. Ете видиш то си је мај бизнис. Имам јас свои чојци шо работат на кејсот Тито, орајт.

            Корне ги крена рамениците. Очигледно не го разбра најдобро.

            И речи му на татка ти да си ја мије муцката откако ќе прај вакви гнасни муабети со тебе, додаде писателот тапкајќи го детето по глава. Тапкањето не беше баш најнежно. Корне ја собираше главата в рамења како желка.

            Јас нотинк не разбирваш, пак се јави Чоколате. Кој се овија чојците – Александро, Гоце и Тико… Учителке, оти не учиме за тета, јас сè знајш за тета.

            И јас сè знам за тетка ми, рипна тркалезното лице Мрм, и за дедо ми и за баба ми.

            И јас, и јас, рипнаа повеќето од децата.

            Учителката ги покри ушите. Ќе ѝ експлодираше главата.

            Јас знам се за дајнасорсите, го удри в ребра Корнета дебелкото седнат до него.

            Доста бе ступид, му рече Корне, тија не биле маќедонски животни. Није сме дојдени тука само за маќедонски работи и маќедонски чоеци и животни да учиме, андерстенд!

            Дебелкото се почеша по тилот. Виде направил голема грешка. Ами јас знам сè и за Џизас Крајст, се обиде да се извлече од неволјата. Сакаше некако да му се допадне на соседот, да добие некоја важност во очите на Корне.

            А бе ти не знајш шо спикаш. Тој бил Мексикан, му рече Корне.

            Е од кај Мексикан, се замеша Мрм. А бе тој бил од Марс.

            Од кај знајш па ти, му се брецна Корне.

            Читам бе, мирно му врати Мрм.

            Читаш шипинки, ти уште азбуката не ја знајш.

            Џизас бил Маќедонец и точка, рече дебелкото.

            Онли преку мене мртоф, рече тркалезното лице и му удри една тупаница в грб.

            Дебелкото без да гледа кај мава се заврте брзо и силно го удри девојчето седнато до Мрм. Тоа писна кога од носот и шикна крв.

            Всушност сите, освен писателот, почнаа да вриштат. Следниот момент тркалезното лице го имаше фатено дебелкото за врат и го давеше на подот.

Ју кил мај систер Кате, ступид фетсо!

            Сори, сори стенкаше дебелкото кога ќе успееше да земе здив.

            Тркалезното лице веројатно имаше голема сила во рацете оти на дебелкото многу брзо му помодре лицето. Мис Јузана истрча во ходникот да бара помош. Дотрчаа две патриотски мажиња за да ги разделат.

            Море стегање овие рачиња, рече едното маже.

            Је, је, рече другото, вери импресиф. Нас само вакви силни рачиња ни требат. Машко, ко ќе пораснеш од тебе ќе бидит едно големо патријоцко мажиште, орајт?

            Патриотското маже наместо да го истегне за уши пријателски го тапкаше сè уште забрефтаното тркалезно лице. Вери стронг бој, вери стронг.

            Вери импресиф, повтори другото, татко му сигурно је патријотско маже.

            Јас немам татко, им се врекна Мрм.

            Е како се можело да немаш татко. А, мислиш, татко ти је умрен. Сори бој, се извини мажето.

            Ти си сори во газот, му рече тркалезното, ти рекоф дека немам татко.

            Е не можи то така, се замеша другото маже. Не је кришчански. Ти сигурно сам не се напрај – татко ти те напрај, сигурно не песот комшиски, орајт?

            Ова на мажињата им се виде смешно и решија да се изнасмеат. Мислеа заслужиле малку да се релаксираат после напорниот ден во саботното училиште. Но кратко траеше часот по релаксација, барем за едното од мажињата. Тркалезното лице со сета сила му удри бокс во најболното место. Мажето се превитка од болка. Насмевката му позелене.

            На другото маже ова му се виде уште посмешно и наместо да го зграпчи детето, седна на клупата и продолжи со смеењето.

            Дискастинг, рече писателот. Го стави тефтерот под мишка и со бавен чекор, како поразен војсководец, се упати кон вратата. Мис Јузана се стрча по него. Училницата се повеќе заличуваше на боиште. Учениците правеа урнебес. Во меѓувреме тркалезното лице го превитка и другото патриотско маже. Детето тогаш како и самото да виде оти нешто не е во ред со неговите рачиња. Осети некоја натприродна сила во нив. Корне имаше добро око за тие работи. Тој веднаш забележа дека меѓу нив ѕвездата е родена – првиот македонски Супермен!!! Најубав доказ за тоа му се видоа помодрениот дебелко на подот и двете превиткани патриотски мажиња. Му пријде на тркалезното лице. Сакаше да го прегрне малиот Супермен. Но Мрм се уплаши, помисли Корне ќе го нападне, и нему му соши една по заби и го испрати на подот.

            Тепачката и урнебесот кој знае како ќе завршеа ако најпосле не се замеша Чоколате и ја смири ситуацијата. Го крена под мишка првиот македонски Супермен и го изнесе во дворот. По него се стрчаа преостанатите дечишта. Мис Јузана после ова долго време не сакаше да чуе за саботни училишта. Безброј пати му се извини на писателот. Тој се правеше како ништо да не се случило. Ете видиш, невини чилдренси се то онли, ѝ рече.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *