Извадок од романот „Најдено-загубено“ на Жарко Кујунџиски.
Кога чекам, каде било, вообичаено е со презир да ги следам смирените напрчени кучки кои ретко погледнуваат кон нервозните и напнати посетители како мене, туку самобендисано ѕиркаат во нешто што може да се искористи како огледало. Пред летот за назад, нестрпливоста достигнуваше оркански височини, цупкав во место, ви ја претставувам грдата балерина, која со повторлив, извежбан потег го превртува својот „своч“ околу зглобот на раката, кулминација. Забележував сè што се мрда околу мене, ништо не ми се провлекуваше. Најпрво се занимавав со дигиталните бројки на летовите кои, како што авионите се вивнуваа кон небото, така се истуркуваа едни со други. Потоа зјапав во младата девојка, со таква височина сигурно – спортистка, која фрлаше зрна грозје од најлонско ќесе во својата преголема уста и на секои две минути стануваше од својот куфер плеснат врз подот, зјапајќи во списокот летови, правејќи се дека решава математички или гномичен проблем, при тоа шлапкајќи со усните, звук кој беше молец вплеткан во мрежата на моето уво. Стоев потпрена врз металните колички за багаж турнати една во друга. Трепкав со очите, луѓето се движеа
и разминуваа по некој таен протокол. Сите брзаа без да брзаат. Помислив како би било да зграпчиш некого за ракав. Так! Тој се врти. Те погледнува. Збунет е. „Се познаваме?“ Го гледаш и ти, молчешкум, а сакаш да му кажеш „не“, сакаш да му кажеш дека не знаеш за него ништо освен бојата на костумот и црниот лак на чевлите кои ги има на себе а вратоврската е иста како онаа на некој далечен роднина кој живее во Царев Двор, како и бакембардите зашилени во рибја коска. Тој ќе ти се ожлемби и ќе ја побара својата сопруга за што поскоро да ја извести за луда жена која блада пред минувачите.
Сите се разминуваат, додека од продавниците љубопитно ѕиркаат касиерките и презентерките кои остануваат овде засекогаш. Постојано ќе има луѓе кои ќе бегаат.
Дури и кога не сме свесни, ние сме бегалци. Турканиците се на етапи. Брзаница, па мирно, празен хол. Потоа некој ќе се расшета по сјајниот мермер, додека му доцни летот.
Најчесто седат помирени со бројките испишани на таблите. Читаат книги, весници, проспекти за градот кој го напуштаат (поретко) или во кој се упатени (почесто), решаваат крстозборки, грицкаат семки, пушат цигари, одбираат петпаречки подароци, трошејќи го последниот кеш, или едноставно зборуваат за комичните ситуации кога таксистот – Виетнамец или Мароканец – ги возел со посебен попуст, бидејќи ги одвел до капијата на погрешен хотел.
Дури откако се искачив по авионските скалила помислив: што навистина ќе правам долу? Извршувам самоубиство со повторното враќање… Нели веќе неколку пати избегав од Скопје, и тоа успешно? Привремено е, помислив, и тоа за миг ме снабди со толку неопходната утеха. Можев мирно да се стопам со преголемото седиште и уште еднаш да го проверам заштитниот ремен.
Не знаев дека сум диносаурус од паничар. Порано познавав една одлучна Елена. Сфатив колку треба да се откривам себеси, станав повторно, туркајќи им ја чантата в лице на другите, странци, дури и кога беа Македонци, кои седеа покрај мене, и од горните фиоки ја извлеков малата патна торба каде меѓу најнужните лекови попусто барав нешто за смирување. Конечно, најдов „фенерган“,може да заврши работа, проголтав две таблети со „фанта зиро“ и ја спуштив ролетничката на малото прозорче, надевајќи се дека така сум го пресекла Гордиевиот јазол и сум ја надминала состојбата на неодлучност. Капки почнаа да се слеваат по моето чело, но екстремитетите толку многу ми се опуштија што немав сила да се грижам околу ништо, освен што, со вклучувањето на моторите, ме понесе наплив на витален оптимизам, колку и да беше вештачки предизвикан од апчињата. Длабока воздишка наместо:
– Дали знаеш што правиш? Камиказе…
***
Не се сеќавам кога пораснав. Или еден ден едноставно сум се разбудила и сум била возрасна, зрела да одлучувам без некого да заморувам за тоа дека треба да пушти вода од казанчето зад мене во клозетот, или, на некој начин, отсекогаш сум била стара, бидејќи отсекогаш сум сакала да се приклучам крај масата со возрасните, наслушнувајќи ги нивните муабети, сакајќи да ја пружам раката во нивните здравици, и не сфаќајќи ги нивните вулгарни, прикриени, шеги со значења на кои некогаш,сепак, им влегував во трага. Многу повеќе сум го сакала тоа, отколку да учествувам во здодевните заговори на девојчиштата кои се набедуваа меѓу себе, јасно демонстрирајќи детски, но реални, моќ и превласт, кучиња кои ја бележат својата територија уринирајќи.
***
Само што се сместивме во новиот стан, беше петок, прв петок во месецот, а јас знаев дека ќе се случи нешто особено. Станав порано, со намера да ги однесам валканите алишта кај старата која ни го изнајми малото запуштено, но топло станче, и да ја искористам нејзината преморена „вирпул“ која самата ја понуди како почетна опција за нашата облека кога ќе ѝ треба перење.
Минавме заедно половина час, ме понуди веднаш чај, но со предуслов после тоа самата да ги измијам филџаните.
Го сторив тоа, гледајќи ја како кулира и го тера својот живот на кој му најдов уште еден случаен партнер.
– Дали ви е океј овде? – рече со став на ранчер од каубојски спектакл, а наместо сламка, во устата имаше дебела цигара. Решаваше судоку, гледаше телевизија и ме следеше додека се снаоѓам со решото и ќесичките „липтон“, сето тоа во исто време.
– Во ред е, госпоѓо Маријана… – таа не беше родена Англичанка, туку потекнуваше од прастара австриска лоза, но ниту во тоа не можев сосем да најдам оправдување за нејзината неодговорна појава и неотмено однесување кои воопшто не беа одлики на островјаните, бидејќи за добар дел од нив, и за кавга требаат ракавици.
– Сакаш да те мавнам со влечкава? – рече таа. – Да не го слушнам повеќе тоа извитоперено „госпоѓо Маријана“!
Дали ти изгледам како дама од викторијански роман?
Таа мене ќе ми продава памет, да беше друг во прашање, досега ќе го средев по кратка постапка, но јас само ја тргнав водата од ринглата.
– Не заборавај да ја изгасиш – опомена добронамерно.
Течноста испаруваше во напукнатиот филџан кој изгледаш е дека ја носи на себе половина историја на дваесеттиот век, а претходно од него без дилема пиела и Кралицата Мајка кога прележувала заушки.
– Заборавив да ве прашам дали сакате и вие?
– Девојче, тоа е една од ретките особини која ја имам толку прифатено што не знам дали ја почитувам, зашто ја почитувам, или зашто ја презирам, ако ме разбираш.
– Јас не се разбирам – рече таа и вшмука од пурата. – Моето потекло укажува дека треба да бидам нешто што не сум и тоа се одразува на сè. Го гледаш она пиштолиште на ѕидот – рече и покажа со бастунот кој постојано го носеше со себе, иако не изгледаше дека има проблеми со одот, напротив. Јас порадо ќе го побарав ѕидниот часовник, но како и сè друго во станот, и тој беше во фаза на расипување, ако не беше и веќе сосема за во отпад.
– Тоа оружје, драга моја, убило повеќе војска од цела војска – процеди. – Поради тој пиштол што потепал еден… – паузираше, не знаејќи каква споредба е најсоодветна да употреби – воз луѓе, не е повеќе насочен кон никого друг, освен кон мене. Тој пиштол во моментов ми го вперуваат татко ми, дедо ми, прадедо ми, чукундедо ми, седум генерации генерали и маршали, велејќи дека јас треба да бидам достојна на славата на нашето семејство.
Тикви варени – рече старата. – Цврц! Нема жива сила што ќе ме натера да не го правам тоа што сакам или да го правам тоа што нејќам. Не дека не ме гризе совест. Затоа и стои закачен на ѕидот и никој не смее да го помириса. Тој пиштол стои таму за секогаш кога ќе поминам покрај него, секогаш кога ќе го погледнам, да се сетам колку пожртвувани, храбри и глупави предци сум имала. Секој може да каже што сака, но јас сум таква каква што сум и никој не може да ме измени. Што се однесува до чајот, тоа е единствената работа што сум ја прифатила од Англичаните по сопствена волја и, како што можеш да претпоставиш и сама, мене ми е рано за налевање.
Кучето беше прилично напалено, бидејќи одеднаш ми се фрли целосно во прегратка, сакаше, можеби, и да ме бакне или да го истрие својот јазик од моето лице. Таа не изреагира, освен што повторуваше:
– Не каса. Не каса.
Веројатно можеше да го насети мирисот на друго куче на мене и затоа почна да ми се лигави врз облеката. Го истуркав, му стапнав на едната нога а тоа веднаш се претвори во покорно, преплашено маче и квичејќи отиде во другите соби.
– Знаеш што ме одржува во живот? – праша.
Мислев дека ова е од прашањата без одговор, но таа молчеше.
– Баш би сакала да дознаам – реков откако две минути седевме во тишина, со показалците врз невидливите чкрапала на непостоечките револвери.
Срипа. Фудбалер кој после десет месеци седење на клупа, конечно слуша од тренерот Влегувај во игра и истрчува на тревникот. Старата јурна низ претсобјето. Ги оставив садовите и тргнав по неа. Движењето по станот беше своевиден ритуален танц на африканско племе, бидејќи постојано отскокнувавме од празнина до празнина, божем сме на преполна плажа и внимаваме некому да не му згазнеме врз пешкирот или да му влеземе со стапало во весникот.
Таа одеднаш настапи нешто, тоа испушти звук на болно крцкање додека се парчосуваше во неповратно минато.
– Ништо страшно, пази да не се пресечеш – кажа и поттурна една ламба. Зад застаклена врата отвори вистинска оранжерија. – Гледај!
Беше тоа џунгла в соба, саксиите густо начичкани, така што би била потребна летачка прскалка за да може да ги навади последните, прилепени до ѕидот, до кој не водеше никаква патека или празнина.
– Овде имам сешто – кажа таа. – Лимон. Босилок.
Орхидеи. Хибискус. И сите виреат. Сè друго во станов се безвредни предмети. Овие билки ми вдахнуваат живот. Тие вредат, останатото, еден ден, да им плукнам на лекарите во вискито, знам дека сакаат да се откачат од мене што поскоро, припишувајќи ми буриња хемикалии, ама ќе треба да причекаат за тоа, ќе оди на буниште заедно со мојата пепел. Сево ова е нешто што ќе ме надживее, а ако ги послужи среќа, ќе те надживеат и тебе.
Таа, омилената воспитувачка, им се обраќа на децата во градинката:
– Гледате, ѝ се допаѓате на оваа фина девојка. Од каде беше?
– Од Македонија.
– Девојката дошла оддалеку за да ве види вас. Треба да бидете горди на тоа – рече. – Ајде, да бришеме, можат да се вообразат.
Ме турна кон вратата и ми беше мачно што повторно ќе треба да се чаталам по собите.
– Слободно, слободно гази, не плаши се ако некој од нив ти налета на нога, мене секој ден ми се случува да стапнам врз нешто. Штом помина толку време, а уште има што да се крши, значи не е страшно, нели?
Ни на крај памет не ми беше да си дозволам да нагазам некој од предметите-метузалеми, бидејќи знаев дека е доволно да поттурнам само една ваза или ладало и доминото од предмети да се сруши низ просториите, сè до излезната врата. Покажувајќи максимална истегливост и скочност, малку недостигаше старата да направи ново чудо на подот, да се фрли на уште некој потфат, немаше да ме изненади дури и да ги оптегне нозете во шпага.
– Би можеле да отворите галерија – реков вртејќи се меѓу тие ѕидови со стари правливи слики, разни механизми, грамофони, таписерии, бескорисни украси, долапчиња, непознати апарати, сè и сешто. Ја немаше наоколу кога го кажав тоа, имав претстава дека сум се загубила во некаков национален музеј на ѓубре и не можам да го најдам излезот. Решив да се фатам за ѕидот и, следејќи ја вревата од телевизорот, полека да се извлечам од лавиринтот, преку претсобјето, сè до дневната соба.
– Ах, уште си тука – рече таа. – Не оди си толку бргу. Прави ми друштво уште малку. Дури и за волк како мене, препорачливо е некогаш да не ги избегнува добронамерниците.
Прашањето што уште на почетокот сакав да ѝ го поставам сега ми изгледаше не само излишно, туку и сосема неумесно, но немаше што друго да кажам, па морав да проговорам, макар ако после тоа излезам со прстот во уста. Да, тоа е добар израз: со прстот во уста. Старата толку ме шашардиса со своите коментари што беше вистинска инспирација за мојот љубопитен нос. Би можела да открие пикантни нешта за себе, ако воопшто може да зборува сериозно.
– Сакав да ве прашам… – реков. Таа повторно се беше вратила на својата серија и молчешкум ја дочека мојата изјава. Се плашев дека ќе мора да повторам, но таа кажа:
– Зборувај, те слушам.
– Откако сме дојдени сакаме да одиме на опера, но претставите се распродадени однапред и не знаеме каков избор да направиме. Ме интересира дали имате информација што е добро, или како можат да се најдат билети?
Таа ги ококори очите: – Опера?! Ти да не си некоја античка македонска принцеза!? – викна и се протресе, расположувајќи се. – Опера!? Немам јас врска со тоа… опера… – го изговори зборот уште неколку пати. Опера е термин за кој старата требаше да се сети што точно значи, нешто што не го слушнала со векови. – Тропаш на погрешна врата – се расприкажа уште повеќе – но, не сосема. Го знаеш Ред Рептил? Се шлае низ округот. Се разбира дека не го знаеш. Тој е еден стар неранимајко кој може сè да најде. Сите мислат дека е недоделкан балван, но јас го познавам подолго од себе, чинам. Таков џамбаз немаш видено. Би ти го дала неговиот број, но тебе ќе те смота à la minute. Јас се знам со него, старо магаре, ние ќе
се разбереме. Машината мислам дека е готова. Сега симни се, до вечер ќе бидеш известена. Пофалби што ја држеше устата затворена секогаш кога требаше да молчиш…
Го кажа тоа одважно и чукна со бастунот по земја. Колку и да сакаше да ја прикрие таа горделива достоинственост, можеше да се забележи од вешто око, без разлика што беше спакувана во дебела обланда срдечност.
Тоа беше во единаесет. Се симнав долу замајана и сè уште не бев свесна што ми се случило. Одвај го дочекав Миша да му раскажам за моето продлабочување на врската со старата.
– Сакаш да се обложиме дека ќе заврши работа? – рече тој.
Подадов рака. Седев нестрпливо, размислувајќи за стилот со кој им зборуваше на своите билки, бујно разлистени во стакларникот среде станот. Лик од приказна, но не можеш да кажеш со сигурност дали е вештерката или добрата вила. Кога беше пет, само знаевме дека пие чај.
– Ако не се случи денес, ништо, не важи… – му реков на Миша насетувајќи го вкусот на поразот.
– Не, до крајот на денот – рече тој.
Сепак, потоа заспавме и ја минавме ноќта во постела.
Дури утрото, во сандачето најдовме два билета за „Дон Џовани“ во Кралската оперска куќа.
– Не знаеме кога се уфрлени, можеби и доцна навечер – рече Миша кога сфати дека загубил сигурен облог.
– Дали да ѝ понудам пари?
– Се разбира – рече тој.
Околу дванаесет над мојата глава слушнав чукање, земјотрес со епицентар на катот над нас. Истрчав љубопитно по скалите. Старата ме пречека со прашален поглед:
– Дали старото дртло си ја завршило работата?
– Колку должиме?
– Не ми должите ништо – рече таа. – Тој сè уште ми должи мене. Само немојте да ми го запалите станот, тоа е сè што можете да сторите за мене.
– Ќе ви кажеме како било…
– Не, девојче, тоа нема да ме интересира. Ама, ако некогаш имаш добра роба, знаеш каде да дојдеш.
Нешто можеш да мразиш само додека е најнепосредно врзано со тебе. Мразев што проклетиот суд не функционира, и го одложува во бескрај спорот кои Весна и Васко со години го водат против Шатров кој приграби од нашиот двор кога ги оградуваше тревките на наши и негови стракови, пред седум години, но штом помислам на нешто друго, поубаво или погрдо, моментално се губи чувството на презир. Мразам што Ана ме викаше Елено, но ми беше сеедно кога бев во Софија, а уште повеќе сеедно во Лондон, дури ми стана симпатично. Не е така со капка добрина која целосно те карамелизира. Ништо не може толку да изненади како другите луѓе, нивните зли намери од кои не можеш да смислиш нешто полошо, нивните добри дела кои те препородуваат, дури и кога двајцата сте туѓинци со тапија и не знаете ништо еден за друг, освен своите штури имиња, кои одвај ги изговарате.