Извадок од романот „Не кажувам” на Петар Андоновски.
Кога Веда влезе во триесет и петтата недела од бременоста, отидов кај Соња. Се изненади кога ме виде сам. „Да не се случи нешто?“, праша исплашено. „Не, сè е во ред. Бев во близина и сакав да те поздравам“, излажав.
Беше весела, воопшто не изгледаше дека е во депресија. Сигурно Јосиф веќе ѝ кажал дека Веда е трудна, помислив, и затоа е толку радосна. Не знам како воопшто можев да помислам да барам сојузништво од неа, кога најголемата желба ѝ беше токму тоа. И што воопшто ќе ѝ речев?
На масата имаше колач со вишни. „Земи“, ми рече кога седнав. Соња се имаше сменето. Немаше ниту траг од онаа повредена мајка, полна со горчина и лутина, зборуваше со самодоверба, во нејзиниот тон се чувствуваше триумф, а со секој нејзин збор како да ми велеше „јас победив“. Од дрвената корпа, која ѝ стоеше до фотелјата, извади плетало. Небесно-сино џемперче за бебе. Останат ѝ беше да го доплете уште левиот ракав.
„Многу се намачив да го пораснам Јосиф. Јас му бев и мајка и татко. Со една плата го израснав. Си велев, ако треба ти нема да јадеш, ама тој ќе има сè што ќе посака. Со ништо не го делев од неговите другарчиња. И, фала му на Бога, порасна во скромно, паметно, благодарно дете. Ме почитува и не заборавил како делев од уста за да има за него.“
Џемперчето го спушти на масата пред неа. Нежно помина со раката преку него, како да го гали. Стана и отиде до комодата каде што ѝ беа наредени фотографиите. Извади нешто и застана пред мене.
„Види го ова овдека“, ми покажа на сликата од ултразвук. „Ова овде е мојот внук. Синот на мојот син. Продолжетокот на нашата лоза. Ова овде е создадено од неговите крв и сперма.“
И, навистина, Никита беше создаден од неговите крв и сперма. Никогаш не му реков дека не сакам да имам дете. Никогаш не му реков дека не сакам да имаме дете. Никогаш не му реков, зашто се плашев дека ако му речев, ќе го разочарав, дека тоа ќе го оддалечи од мене, дека ќе престане да ме сака.
Откако ја посетив Соња, сфатив дека тој не го направил тоа за себе, туку за неа, за да ја направи среќна мајка му. Оној ден кога бевме на ручек кај Лина и Веда, Јосиф во нивниот план препозна можност повторно да ја направи среќна Соња и да ѝ се оддолжи за тоа што таа го исчувала сама.
Јосиф се опседна со идејата да има дете или, како што секогаш велеше, да имаме дете. „Колку е убаво да имаме дете“, повторуваше. „Кога ќе биде убаво времето, ќе го носиме во зоолошка и во парк, ќе го учиме да вози велосипед. Ќе го чекаме пред школо за да му го земеме ранецот.“ Кога ќе поминевме покрај некој излог на продавница за играчки или колички за бебиња, застануваше и внимателно разгледуваше.
Понекогаш, ноќе, кога ќе се разбудев, го наоѓав како седи пред лаптоп и на интернет бара болници каде што би можело да се изврши оплодувањето. На почетокот мислев дека ќе му помине и не се ни обидував да го разубедам. „Остави сега, и утре има ден“, му велев со надеж дека наредниот ден ќе заборави. Но, не само што не забораваше, туку од ден на ден сè повеќе се опседнуваше.
Никогаш не му реков дека неговите соништа не се и мои. Никогаш не ме праша дали се согласувам со сето тоа, сметаше дека толку добро се познаваме што не треба да си бараме совет еден од друг.
Никогаш не му кажав колку ми беа тешки и колку се измачував тие недели пред да се породи Веда. Постојано се преиспитував дали е во ред да не сакам дете. Дали е во ред што неговото дете и детето на Веда не го чувствував за свое?
Неколку дена по посетата на Соња, ѝ се јавив на Лина. Ѝ реков дека сакам да поразговараме насамо и ја замолив да не дознаат ниту Јосиф ниту Веда. Се најдовме во еден ресторан на кејот. Без да заобиколувам или да правам непотребни воведи, ја прашав директно како се носи со тоа што детето ќе го роди Веда, а не таа. Прво се изнасмеа, а потоа рече: „Тоа ли те мачи? Јас, пак, мислев нешто сериозно се случило.“ И повторно се засмеа.
Не ми се допадна нејзината реакција, особено не ми се допадна тоа што не го сфаќаше сериозно мојот проблем.
„Но, не грижи се!“, додаде. „Сосема е нормално да ги имаш тие дилеми. Природно е. Животот целосно ќе ни се промени. Иако отсекогаш сум сакала да имам дете, сепак и јас чувствувам страв. Особено на почетокот, додека да се навикнеме, ќе биде тешко и затоа мора да си бидеме поддршка еден на друг. Не обвинувај се себеси, со текот на времето ќе ти се разбистри главата“, рече сочувствително.
Не ѝ реков ништо, само ѝ се насмевнав како да ја разбирам што ми зборува. А, всушност, сè ми беше толку многу измешано. Од една страна, не се чувствував подготвен за дете, а, од друга, се плашев од реакцијата на Јосиф ако му кажев што вистински чувствувам.
По таа средба со Лина, со никој друг не сакав да разговарам на таа тема. Дури ниту со Ирина. Тоа попладне сфатив дека сум сам во тоа и треба да си го истерам самиот.