Онаа што го љубеше

Извадок од романот „На пат кон Дамаск“ на Елизабета Баковска.

„Сè уште чекам животот да ми започне“, си помисли таа миејќи го филџанот од испиеното утринско кафе. Го миеше подолго отколку што требаше, задржувајќи ги прстите под топлиот млаз вода уште неколку секунди откако филџанот беше сосема чист. „Имам триесет и три години, а сè уште чекам животот да ми започне“. Од филџанот ги изми сите оние работи што не можеше да ги види, иако секое утро, од некоја упорност или по навика, го превртуваше откако ќе го испиeше кафето, трипати го прекрстуваше над газерот, го ставаше на мека салфета, чекаше да се исуши, а потоа десетина минути зјапаше во шарите од исушен талог. Секогаш се обидуваше во нив да најде одговор на своето суштинско прашање – кога веќе еднаш ќе почне да живее? Но, иако совршено добро знаеше да им гледа на кафе на познати и на непознати, чии судбини, желби и минато со леснотија ги читаше од филџаните, во својот никогаш не можеше да види ништо, ниту пак на некој објективен начин можеше да ги протолкува оние фигурички и форми што ќе ги видеше.

И тогаш, во неговиот филџан не успеа да се види себеси. Го вртеше на сите страни, седната на неговиот тесен студентски кревет на првиот кат во блокот В, со мала тераса која гледаше на дворот, во едно сè уште студеникаво пролетно утро. Вистина е, во неговиот филџан тогаш, всушност, виде сè, а во сите тие нешта што му ги кажа единствено не се виде себеси. Непознатиот пријател на нејзината пријателка ја слушаше внимателно, трудејќи се низ симболиката на патиштата, пилињата, тројките и тежините да си го види животот со поинакви очи, барајќи во филџанот одговори на прашањата за кои таа немаше апсолутно никакви предзнаења. Неговите сини очи (подеднакво необични за Македонец колку и русата коса и брада и неговите метар и деведесет) ја следеа додека таа објаснуваше што му гледа во филџанот. Неколкупати тој ги поткрена веѓите, два-трипати се поднасмевна кога мислеше дека таа не го гледа, но не ѝ рече ништо. Во желбата што ја дупна со средниот прст од левата рака, откако ја праша дали има врска кој прст ќе го употреби, таа виде нова жена, нова љубов во неговиот живот. „Има женска личност, која ти доаѓа дома, ти зборува и преку зборовите те освојува“. Тој молчеше. „Да, да“, таа го потсврте филџанот кон прозорецот за да види поубаво. „Љубовта ти доаѓа како изненадување, и самиот нема да знаеш кога ќе ја видиш, нема да ја препознаеш…, необично пријателство што прераснува во љубов…“

Од тој ден го гледаше почесто, или пак почна да го зебележува меѓу другите лица затоа што веќе го познаваше. Некако случајно налетуваше на него во ходниците на домот кога се враќаше од факултет, а тој секогаш забрзано одеше некаде. Ќе ѝ прозбореше неколку збора на поминување, а таа се поднасмевнуваше на онаа скоро незабележлива подотвореност на неговите самогласки во споредба со нејзините. Кај заедничката пријателка го затекна уште неколкупати, на кафе. По оној пат кај него, тој веќе никогаш не побара таа да му гледа. Сосема различно од сите други, на кои по гледачките сеанси им стануваше приватен психолог, тој никогаш не прокоментира ништо за она што му го претскажа. Пријателката ѝ кажа дека тој само еднаш споменал дека дури подоцна почнал да сфаќа што сакала да му каже. Но таа не мислеше многу на тоа. Веќе им имаше гледано на половината од студентскиот дом и сите филџани ѝ се имаа измешано во главата. Не сакаше да се оптоварува со судбините на оставените љубовници, вечните студенти, павкачите на марихуана и несакано бремените девојки повеќе отколку што беше неопходно.

Таа вечер, враќајќи се низ ходниците преполни со темнина од прегорените сијалици, потскокна кога од сенката пред нејзината врата се оддели машка силуета и направи чекор кон неа. Срцето сè уште ѝ чукаше посилно од страв кога во сенката го препозна него. „Ти си…, ме преплаши“, му рече растреперено. Тој се поднасмевна со истата онаа насмевка како кога му кажа за новата љубов во неговиот живот. „Зошто се таиш вака во темница?“ го запраша буричкајќи по џебовите да го најде клучот. „Чекаш некого?“ Главата ѝ беше нурната надолу и не го ни погледна, па неговиот допир ја изненади. Повторно потскокна кога ја фати за раката. „Тебе…, тебе те чекам“. Таа не успеа да каже ништо, не успеа ни да се помрдне пред неговата рака, иако тоа беше првиот импулс што го почувствува во тој момент. Сакаше да ја сврти главата и да се истргне од раката, оти за секунда помисли дека тој, сега на само десет сантиметри од нејзиното лице, ќе ја бакне право в уста. Но тој сосема ја изненади кога бргу, со само еден потег, ѝ ја отпетла кошулата, се наведна, ја пикна главата внатре и почна да ја бакнува, да ја шмука и да ја гризе. Со неговите заби на нејзината брадавица и топлите усни околу неа, брадата и мустаќите што ја грепкаа по дојката која одеднаш ѝ се чинеше набрекната во неговата дланка, таа се заниша наназад, но тој ја задржа со другата рака. Се исправи и ја погледна в очи. „Прими ме!“ ѝ рече. Тука веќе немаше што повеќе да се каже. Без збор, таа ја отклучи вратата со растреперени прсти. Тој двапати го заврте клучот зад себе во темната соба, а таа ги фрли кошулата и градникот на подот, минувајќи со раката преку влажната брадавица. Не сакајќи го изгреба по стомакот кога му го влечеше каишот од фармерките. Од мишките му го сети чистиот мирис на пудрест машки дезодоранс кога тој ги дигна рацете за да ја соблече маицата преку глава. Си го слушна срцето во ушните тапанчиња кога го стегна со колената околу половината и кога сети како ѝ се приближува… Мек. Беше сосема мек.
„Не знам што ми стана“, зачуден како дете, тој ја погледна во темнината. „Премногу си возбуден“, си помисли таа, но само му се поднасмевна. На некој чудесен начин, не беше разочарана. Напротив, лежеше сосема занесена од волшебноста на ненадејната промена во нејзиниот живот. Голото машко тело над неа требаше да биде тело на странец, човек што таа недоволно го познаваше и никогаш го немаше замислено ниту како близок пријател, а камоли вака. Но со тоа тело над себе, со неговите раце околу себе, таа се чувствуваше некако нестварно природно. Сосема природен беше оној негов пристап од темнината, како тоа да беше единствената работа што тој можеше да ја стори, а во пикањето на раката под кошулата немаше ништо страшно, ништо вулгарно. Дури и оваа негова мекост беше природна и таа го почувствува уште поблизок. „Ајде да одиме да се напиеме нешто“, му рече.
Седнат на шанкот, тој ја држеше раката на внатрешната страна од нејзината нога, одвреме-навреме лизгајќи го показалецот по неа. Не зборуваа многу, полека го отпиваа и вториот пијалак. „Не знам“, ѝ рече. „Не знам што ми стана“. Сега мислеше на нешто друго. „Има нешто во воздухот околу тебе. Уште првиот пат кога те видов, се видов со тебе“. Таа се поднасмевна. „Кажи ми“, ја погледна тој и ја потстегна со прстот. „Ти сигурно знаеш што се случува“. Таа не му рече ништо, иако, се разбира, знаеше што се случува. Таа беше новата љубов во неговиот живот, љубовта што му дојде како изненадување, необичното пријателство што прерасна во љубов… Сега таа самата се притисна до неговиот прст. На шанкот седеа само тие двајцата. „Да одиме“, му шепна.

Со колената притиснати околу неговата половина, го туркаше подлабоко во себе и ѝ се чинеше дека тој расте и ја исполнува сè повеќе со секое движење. Водеше љубов со неа полека и се движеше само тогаш кога таа ќе го поттурнеше со колената, ја плиснуваше како мирен ноќен морски бран. Ја бакна со полузатворени усни. „Прими ме“, ѝ прошепоти тешко. „Отвори ми се сосема…“ Таа ги свитка и рацете околу него. „Ммммм…“ Тешкиот и спор ритам на водењето љубов што му го наметна таа како сосема да му го затвори грлото. „Зошто“, промрморе тој. „Зошто… зошто е вака? Зошто е поинаку?“ Таа не му рече ништо, иако добро го знаеше одговорот. Затоа што ова беше љубов, а телото му беше само орудие, само начин да ја сака. Единствен начин да ѝ дојде, единствен начин таа да го прими и него и сета таа љубов што ѝ ја донесе. Но знаеше дека во неговиот филџан виде уште нешто, нешто што го протолкува токму во тој миг, кога му се отвори сосема свесна дека ќе ја рани, ќе ја убие така закован во нејзината утроба. Во филџанот, разделбата ја демнеше љубовта, ја затемнуваше и ѝ го затвораше патот. Но во тој миг таа немаше друг избор освен да остави тој да ја исполнува и да ја повреди со својата љубов, зашто вистинската љубов никогаш не може да се одбие. Таа секогаш напаѓа фронтално, од темнината на мрачните ходници и во човека го открива него самиот. А самиот себеси не можеш да се отфрлиш.

„Сè уште чекам да започнам да живеам“, таа ја затвори чешмата и ги избриша рацете. Од таа вечер кога љубовта ѝ се откри во сета своја непредвидливост, таа постојано, со години исчекуваше да ја сретне повторно, повторно да го доживее она целосно отворање, кога телото се губи самото во себе како што моливот и хартијата се губат во зборовите што ги пишуваш, а четката и бојата се губат во сликата што ја создаваш. Убавината што доаѓа одникаде, одвнатре и однадвор, и во таквите мигови те понесува како порој. Загледана во измиениот филџан што го стави да се исцеди, таа само за миг сети како ја пронижа очаен страв дека нема да го дочека тој почеток на живеењето, дека ќе ја снема пред повторно некој да ја посака со потреба насушна како глад по леб, како жед по вода, како порив за слобода. Стравот дека никогаш веќе нема во себе да го сети мекото стврднување на исконското, вонтелесното, вонземското спојување на разделените половини ја скамени со истата онаа силина како што скаменува стравот од смртта. Но таа бргу го стресе стравот од себе, ја стутка салфетата обележана со кафени кругови и ја фрли во ѓубрето.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *