Пештера (извадок)

Извадок од романот „Пештера“ на Максим Ристески.

Хотелот беше во финансискиот кварт на Менхетн. Ненаметливиот влез не го подготви Владимир за блескавиот ефект на пространото, раскошно лоби, со рецепција чиј пулт беше преслечен со персиски теписи, ѕидови обложени со темно дрво и одбрана уметност, а подот со малечки старински плочки наредени во дистинктивна мозаична шара. Но, вистинското чудо го правеше атриумот, кој растеше од лобито до последниот кат на хотелот, како некаков негов духовен ‘рбет, завршувајќи со пирамидален стакларник кој очигледно дење го хранеше просторот со природна светлина.

Откако ја завршија процедурата на рецепција, Џејкоб му порача наредните неколку дена да ужива во Њујорк и му подаде две картички – едната бела, другата црна, за која Владимир по допирот почувствува дека е метална.

– Ќе ти јавам кога ќе може да те прими. Поканет си од основачот лично… Што и да ти треба во меѓувреме, побарај ме. Бројот го имаш на визит-картата – му рече Џејкоб, а Владимир, разбирајќи што всушност му кажа, одвај се прибра за да се поздрави и да го испрати како што треба.

Му требаше веднаш да се осами во својата соба за да ја процесира информацијата. Така и го забележа портирот, кој се беше „прикрал” до него целиот претворен во внимание, чекајќи на волјата на Владимир. Додека го чекаа лифтот, тој почна да му ја раскажува кратката историја на хотелот – дека е сместен во еден од првите њујоршки облакодери, официјално прогласен за знаменитост на градот… но, дискретно престана да зборува кога виде дека Владимир речиси нечујно, но прилично нервозно тупка со чевлите во лифтот.

Тој често се прашуваше дали Pax Mundi има некаков водач, прв човек, но таков никаде не се споменуваше. Доволно преголеми беа имињата на, сега се покажа, само егзекутивците на организацијата кои ги устоличуваа најзначајните меѓународни организации, а во кои јавноста го бараше и гледаше раководството на Pax Mundi. А Џејкоб тукутака, тукушто му кажа дека е дојден по покана на првиот човек!

Од лифтот излегоа на последната станица – деветти кат, и продолжија по скалите за кои портирот му нагласи дека се приватни, само за гостите во пентхаусот.

„Пентхаус?“

Владимир знаеше дека цената за сензационалното сместување што го здогледа, која лесно можеше да се претпостави, не била проблем. Зашеметен од глетката, подзастана, но се натера да продолжи како да не било ништо, за на портирот да му изгледа како гостин кој припаѓа тука. Но, не сфаќаше дали со тоа што платил нешто што е многу над сите реални потреби, „првиот човек“ сака да му каже нешто нему; или едноставно тоа е нивото на Pax Mundi.

Пентхаусот ја зафаќаше целата (едната од двете) пирамидална кула на врвот на хотелот; и низ прозорците од подот до таванот што го заобиколуваа од сите страни, очигледно пружаше поглед „за сите пари”. И кога влегоа, требаше да се контролира за да не подзине. Портирот го смести багажот и се понуди да му го покаже апартманот на две нивоа, но, Владимир побрза љубезно да му се заблагодари и го испрати.

Уште му беа в рака картичките што му ги даде Џејкоб, ги остави на маса без намера сега да им обрнува внимание, но кога тргна да го соблекува сакото, со дел од погледот го фати своето име на горната, црна картичка.

Да, со испакнати белузлаво-сребреникави букви, под познатото „American Express“, непогрешливо пишуваше токму Владимир Јонов. Одново ја зема картичката и го почувствува пријатното студенило на металот, на чија црна позадина доминираше стотникот – симболот на глобалната компанија за финансиски услуги – центурионот од римската војска.

„Стотникот со вера каква што Христос не нашол ни во Израилот… и Корнилиј, стотникот од Италискиот полк, преку кој Петар се уверил дека ‘навистина Бог не гледа на лице’…“, рефлексно му прокоментираа мислите.

Некое љубопитство, или поточно претчувство, поврзано со големото откритие дека постои прв човек на Pax Mundi и оти по негова лична покана е тука, го натера уште нераскомотен, во пребарувачот на телефонот да напише: Американ Експрес, црна, метална картичка.

И набрзо сфати дека има таква што е наменета за луѓе на кои всушност не им требаат кредитни картички. Направена од титан, позната по прекарот „црна картичка“, може да се добие само по покана од компанијата, која идните сопственици на „Центурионот“ ги избира меѓу своите клиенти со платинести картички, односно со милиони долари на сметка и минимум шестцифрени годишни приходи…

„Pax Mundi ја добиваат автоматски… или… “, помисли, и се насмеа во себе, но насмевката му се рашири и на лицето, бришејќи ги знаците на извесниот немир што му се појави откако си отиде Џејкоб, а за кој не можеше да најде конкретна причина.

Ако стравуваше дека е преценет, оти ќе го разочара оној кој толку троши на него… барем засега немаше зошто. Во друштвото на вечерата кај имажинистите, ако тоа беше некаков тест, се вклопи мазно. Немаше средина во која не импресионираше со остроумноста, широките познавања, дарот на говор… Значи, немаше од што да стравува. Поканата од првиот човек на Pax Mundi, за кој тукушто дозна дека постои – некрунисаниот, но прв вистински, дејствителен цар на светот – гарантираше дека не е викнат случајно. Дека претходно е добро проучен… и оти пред главешината треба да биде само она што е…

Немирот го замени еуфорија. Направи тура низ пентхаусот – не знаеше дали попрво да гледа внатре или надвор. Под речиси пет метри високиот таван имаше ажурирано луксузно парче историја; воодушевувачки комбинации на антиквитетни парчиња мебел и модерен декор: како оригинален деветнаесетвековен лустер, спуштен над 2-метарски телевизор одмотан од ролна. А низ 360-степенскиот поглед на прозорците, замајувачки одблизу се гледаа Светскиот трговски центар 1, зградата Вулворт, Статуата на слободата, устието на реките Хадсон и Ист Ривер…

Панорамата што ја виде од една од бањите го натера тука да се искапе. Стаклениот надворешен ѕид на огромната за намената просторија, го прекинуваше само една непроѕирна вертикала во средината, обложена со мермер и широка одвај колку кадата до неа. Највисоките згради на Менхетн и од нив „одраните”, како ноктилусентни облаци, продолжуваа и низ огледалата по целата должина на двата странични ѕида. Сепак, Владимир го одложи подолгото лежење во кадата за наредните денови. Облече бањарка – црна однатре, бела однадвор, со извезено црно лого на хотелот на левата страна од градите. Во огледалата се увери дека му прилега, па, откако отиде до мини барот каде што си наточи „хибики – јапонска хармонија“, а од придружниот хумидор извади една „монтекристо Дима“, излезе на терасата.

Таа докрај му го наруши чувството за реалност – без стаклото, архитектонските деликатеси од панорамата како да не им се нудеа само на очите, туку и на прстите. Вискито му се разбранува во чашата што ја стегна губејќи осет дека стои; одлебди – можеше да се заколне во уверливоста на чувството, на погон чиј звучен пандан би било „престото” од „Летото“ на Вивалди.

Со растреперени раце ја запали пурата, а чадот што полека го испушташе од устата и од носот, некое благо, вешто ветре му го обликуваше во спирали, галаксии… и пред сосем да го распрсне, со еден потег исцрта круг што на Владимир му заличи на зен Енсо. Имаше чувство не само дека е во центарот на светот, туку оти тој е центарот. Дека е на вистинското место и оти сето ова сосем му прилега. Кому, ако не нему.

Чувството на триумф немаше потреба да му го засилува и „My One And Only Love“, што во верзијата на Џон Колтрејн и Џони Хартман се слушаше некаде оддолу, а ѝ припаѓаше на музиката што многу му се допаѓаше, но сѐ досега му будеше некоја неразбирлива меланхолија; и никогаш претходно не сакаше целосно да си ја дозволи, да се препушти на нејзиното галење, зашто му звучеше како придружба само на најголеми успеси, што ништо и никогаш не може да ги помати.

Сакаше уште малку да поседи на терасата, но уморот го натера да си легне. Немаше сила ниту за вообичаеното читање по некоја страна пред спиење. А врвниот комфор на постелата направи слатко да се „кутне”; и без разлика на возбудата, брзо да заспие… сонувајќи ваков сон:

Во тесна соба, чии ѕидови не ги гледаше добро зашто беа замаглени, на трпеза што го исполнуваше речиси целиот простор и го правеше уште потесен, седеше и вечераше непознато друштво. Трпезата полна со здрава храна – кељ, бадеми, карфиол, авокадо, боровница, јаболко, забележа Владимир, ја возглавуваше дедото што му го продаде „предзнак” лозот, и театрално говореше: „…гледајќи дека родот на дрвото е добар за јадење и убав за гледање, и дека дрвото е пожелно поради знаењето, набра род од него и јадеше, па му даде и на мажот свој, та и тој вкуси…“. Кажаното му звучеше на Владимир страшно познато, но во сонот не можеше да се сети на овој очигледен цитат од Првата книга Мојсеева, за првиот грев; не успеа ниту да следи како продолжува, зашто на трпезата одеднаш го забележа Стефан, кој откако зема едно авокадо, стана и се изгуби во маглата. Тогаш Владимир виде дека и самиот е во густа магла и оти гледа од високо, доволно лесен за да лебди. Ја наведна главата и се обиде да се види, но не успеа; беше дух, но му се „отворија очите” и „увиде дека е гол”, а немаше од што да си направи „опашалка”. Посака и тој да побегне по Стефан, но беше вкочанет. Никој од седнатите на трпезата не го гледаше, но знаеше дека долго го ѕвереле и изѕвериле – го гледале и одгледале. Имаше чувство дека и да успее да побегне, секаде ќе биде гол. Виде дека се угол голи и другите присутни, но тие не само што не се срамеа, туку беа разуздано горди на својата голотија. Му стануваше неподносливо – не знаеше дали му е ужасно топло или ладно во истата градација…

Така се разбуди и виде дека се препотил и разоткрил избуткувајќи го покривачот. Не се сеќаваше дека го пуштил клима-уредот, но си рече оти се вклучил автоматски. Сонот очигледно го вознемири, но бидејќи успеа да си ја наметне рационализацијата дека за тоа нема друга реална причина освен самиот сон, одново брзо заспа…

Наредните неколку дена го густираше Њујорк без да трча по туристичките атракции и без да троши од „црната картичка“. За тоа, и тоа како ќе има време и пригоди. Уживаше во маратонските потраги пеш, по места што беа „слепи точки” за диоптријата на туристите, а на кои, кога ќе седнеше да ги набљудува од некоја клупа, можеше да го види нефилмичното секојдневие на њујорчаните.

Навечер, уморен, наместо во главната бања, легнуваше во самостоечката када сместена веднаш до креветот во спалната каде што спиеше, на поткровјето од неговиот пентхаус; и откако претходно ќе си пуштеше музика, а на масиче на дофат ќе ги ставеше цигарите и ќе си наточеше од јапонското виски, уживаше да се кисне читајќи ја „Слобода“ на Џонатан Френцен…

Телефонскиот повик од Џејкоб го затекна во МоМа, покрај „Сликата 1946“ на Френсис Бејкон. Повикувачот беше краток и јасен, но оставаше впечаток дека е спремен да одговори на сите Владимирови прашања, ако ги има. Му кажа дека утредента, во девет и триесет, ќе дојде човекот кој ќе го однесе кај што треба. Владимир се заблагодари и стравувајќи да не звучел студено, на крајот со пофамилијарен тон порача: „Се гледаме… Џејкоб…“

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *