Пишанки или раскази на вересија (извадок)

Од „Пишанки или раскази на вересија“ на Олгица Станковска.

Недостиг
Чувството кога сум без тебе меѓу луѓе блиски, низ разговори пријатни, е исто како да ги имам в куќи сите книги од Петре, а само Пиреј да ми фали.

Постојка
Стојам на автобуски постојки. Онака, да си постојам. Во тие моменти со сигурност знам каде сум.

Вода
Се сеќаваш ли колку се смеевме првиот ден кога тргнавме на училиште? Мајка ти и мајка ми истурија бокали со вода по нас. Да ни тргнело, велеа. И добро ни одеше, го завршивме училиштето навреме. Но, потоа нè разделија. Ти замина во војна, а јас ветив дека ќе те чекам. Секоја вечер на масичката покрај креветот оставав чаша со вода. Наутро беше празна. Кога се врати, чашата со вода ја заборавив. Ти спиеше покрај мене.
Се сеќаваш ли на денот кога се зедовме? Кога излегувавме од мојот дом мајка ми истури по нас бокал со вода. Не знаев што треба да ни тргне кога ние воопшто и не застанавме. Но, ајде, нека ѝ биде. И пак се смеевме.
Сега, кога ти замина од онаа страна, на масичката оставам чаша со вода, но во неа ги чувам вештачките заби. Ретко спијам. Повеќе мислам за изворот кој го пронашле под нашето село. Можеби настанал од онаа вода по нас што ја истураа, ти текнува?

Инает
Тој пие алкохол како за двајца. Таа пуши цигари како за двајца. И двајцата од инает.

Белези
Спиеме во изнајмен стан, на кревет позајмен од твоите, постела подарок од моите. Ќе ти оставам белег, ќе ми оставиш и ти зашто немаме пари за тетоважи.

Мачор
Истуркани книги од полиците, откачена завеса, искинати листови, влакна на тепихот, превртена чинија, истурена чаша, скршена вазна… Влегувам и седнувам. Доаѓа, се плетка во моите нозе, се истегнува, ми рипнува в скут, се исправува на задните нозе, ме гали по лицето, боцка со брковите, почнува да преде… “И јас имав бурен ден“, му велам. Потоа дремеме.

Прва љубов
Сакам да ме однесеш во куќата на твоите предци, да ги затворам очите и по чекорот името да ти го познаам. Ќе те наречам Милан, мил да ми бидеш и да те чувам. Ќе танцуваме, опиени од ветрот, ти ќе ми го менуваш јазикот, јас телото. На крај, ти ќе го промениш светот, а јас ќе изговарам туѓи песни, збор по збор.

Памперс
После неколку серии водење љубов (да не речам добар секс), погледнав кон телевизорот и видов реклама за Памперс. Не сакам да алудирам на ништо, но ми се пресекоа нозете…

Цензура
“Утринскиот секс е најдобар затоа што сонот е предигра“, си мислев додека се расонував. Но, некако многу убава ми се виде мислава, па не верував дека е моја. Сигурно сум ја чула или прочитала некаде, се убедував додека чекав да се разбуди оној кој спиеше до мене. Станував нестрплива, полека се мрдав под ќебето, го удрив неколкупати, божем случајно и тој се разбуди. Му посакав доброутро, а понатаму следува цензура. Не трае секогаш колку што сакаш, нели?

Граница
Поминуваш луда ноќ во туѓа земја. Си ја преминуваш границата, што би се рекло. Наредниот ден чекаш на границата за излез. Ти велат дека не си ја почитувал дозволата за престој и си ја надминал ограниченоста. Ти пишуваат казна која ти го ограничува влезот во таа држава за наредните неколку години. На влезот во твојата земја службениците ги прекршуваат границите на пристојноста додека те претресуваат. После неколку часа конечно го преминуваш куќниот праг, со желба што побрзо да заспиеш. Конечно, таму нема граници, си мислиш. Те буди телефонот. Од работа ти јавуваат дека си отпуштен со образложение дека твоите способности се ограничени за нивните потреби. Посакуваш да ја прерипнеш оградата на балконот, но и силите ти се ограничени.

Пазар
Секое утро, пред да замине на работа, на масата во кујната остава список за пазарење. Кога се враќа, на истата маса е поставен ручек. После ручекот, кафе и нешто благо, а при крајот на денот вкусна вечера. По вечерата ѝ се заблагодарува на куќната помошничка која се подготвува да замине дома каде ја чекаат сопругот и децата. Кога тие ќе вечераат, тој веќе ќе спие. Наредното утро, тој и куќната помошничка во исто време ќе ги остават списоците за пазарење, секој на својата маса.

Борба
Дојде едно утро, со бушава коса и искината облека, на неколку места. Чевлите исто така. Лицето ти беше извалкано со земја и уште повеќе го валкаше додека си ја бришеше потта од челото со дланките. И тие ти беа извалкани. Малку пелтечеше, но разбрав дека си бил да се бориш со ноќта, цела ноќ. Те измив и ти послав да си легнеш. Тогаш уште не знаев за Дон Кихот, инаку со него ќе те споредував. Ќе ти читав секоја ноќ за неговите подвизи и ќе те задржував дома. Ќе се боревме на други полиња.

Дом
Се возам во двојка и некаде кај Соборна едно дете ја прашува мајка си: „Мамо, а попот тука живее, во црквата?“ Таа му одговара, а јас веќе си замислувам како шоферот живее во автобусот, докторот во болницата, писателот во книгата. Слушам дека мајката се смее и го прашува каде живее, а детето ѝ вели: „Па, дома, со тебе.“ И јас си посакав место за живеење, неколку станици одовде.

Размена
Јас ќе ти читам песни наутро, приказни навечер. Ти само слушај. Ќе се чешлам, шминкам и (с)облекувам за тебе. Ти само гледај. Ќе ти готвам секој ден различни јадења. Ти само мирисај. Добро, јади потоа. Ќе те бакнувам. Ти само уживај. Ќе ти зборувам, по цел ден, 200 на саат. Ти само молчи. Ќе се согласуваме одлично.

Закана
Внимавај да не ме налутиш зашто ќе ти ја искубам косата, ќе ти ги искорнам веѓите, ќе ти ги запалам трепките, видот ќе ти го расипам, нема да можат диоптрија да ти одредат. Ушите клапести ќе ти ги направам, а кажав веќе дека косата ќе ти ја искубам, така што оддалеку ќе ти се гледаат. Носот на неколку места ќе ти го искршам, ниту најдобриот пластичен хирург да не може да ти го исправи. И предните заби ќе ти ги искршам, нема да имам време за другите зашто ќе треба да продолжам со кршење на екстремитетите, па прстите, еден по еден, нема ниту едно ковче здраво да ти оставам. А, да… И едно ребро ќе ти земам, за секој случај.

Црнила
Со црни потпетици газам на твојот тепих. Пиеме црно вино, ни црнеат забите и усните. Ја облекуваш црната кошула и полека излегуваме. Одиме на некои места, дупки, темни. Се враќаме. За да не нè разбуди утрото, ги спушташ ролетните и во темница легнуваме. Кога ќе се разбудиме црнила ќе плукаме. Од цигарите.

Крв
На сцената на еден театар почнува претставата. Уште пред да се кренат завесите две девојки излегуваат на сцената, врискаат, пискаат, се движат неконтролирано, со рацете во косата на другата. Публиката не може да чуе за што се тепаат, но ѝ се допаѓа дејството. Завесата се крева, истрчуваат други луѓе на сцената, некои од нив носат костими, подготвени се за претставата. И луѓето нешто неразбирливо извикуваат, се обидуваат да ги разделат. После неколку минути, успеваат. Едната девојка има гребаници на лицето, вратот, рацете, а другата бега зад сцената. Носат памук, ја бришат едната девојка, таа плаче, не може да се смири и повторно ништо не се разбира. Публиката ужива. Не памети ваква претстава. На сцената владее мешаница, доаѓа еден човек, сиот избезумен, врти лево-десно со главата. Ја здогледува повредената девојка, клекнува пред неа, ја милува, се обидува да ја смири. Делува по малку исплашено, но и гневно. Публиката се восхитува. Од зад сцената се слушаат звуци кои стануваат сè погласни, се чувствува некаква паника. Во тој миг се појавува другата девојка, со нож во раката! Оди кон избезумениот човек, му се доближува и му плукнува в лице, а потоа сака да продолжи кон сопарничката. Настанува вистински хаос на сцената, страв и бес владеат, напнатоста испарува од првиот до последниот и преминува на публиката. Таа е вџашена. Одеднаш се слуша крик, страшен, страшен, болен и долг крик… Нешто нечуено. Единствено оние кои го чуле во театарот таа вечер можат да го пречујат во своите спомени. Тој крик не може да се повтори. Крикот навлегол во секој од присутните, без исклучок. Крикот на девојката која си ги пресекува вените. Миг во кој светот застанува. Сите на сцената стојат, а публиката не мрднува. Некои се држат за своите столчиња. Дејството продолжува, крв прска насекаде, се обидуваат да ја сопрат, ја преврзуваат, плачат, викаат помош. Публиката пребледува. Доаѓа и Брза Помош, ја одведува девојката, а публиката уште седи. Луѓето од сцената полека, бавно се разотидуваат. Публиката не дава аплауз, нема кому. Заминува во тишина. Театарот со денови потоа мириса на крв.

Страв
Страв ми е од височини, страв ми е од длабочини. Паничам во мали, тесни простории, се губам во премногу отворени. Кога сум на улица или во автомобил стравувам од сообраќајни несреќи. Ме плашат пајаци и речиси сите суштества кои лазат. Најмногу зашто ме потсетуваат на подли луѓе. И од нив се плашам. Како што стареам сè повеќе чувствувам страв за мојата иднина и тоа ме прави несигурна. Не го гасам светлото пред легнување, страв ми е од темнина. Од толку многу стравови почнав да се плашам дека полудувам. Се затворив дома, ретко излегувам и уште поретко се гледам со роднините и пријателите. Добро ми одеше сè додека не дознав дека постои агорафобија, страв од отворени простори, јавни места, голем број луѓе и се манифестира со затворање во сопствениот дом. Се плашам дека патам од таа фобија!

Добитник
Секогаш си замислувам како би било да добијам лото… Со парите знам што ќе правам, одамна. Нешто друго ме мачи. Како да ги соберам сите луѓе кои уплатиле тој ден, да ми ги раскажат своите приказни? Како ги уплатиле своите ливчиња и што би сториле тие со парите? Од нивните раскажувања ќе напишам книга и ќе ја наречам “Лото приказни“. Сигурно ќе имам доволно пари да си ја исполнам таа желба. А, луѓето ќе бидат задоволни зашто иако не добиле ништо, сепак некој помислил на нив. Ќе останат запаметени во книга, па на некој начин и тие ќе можат да се наречат добитници. Од друга страна, некој може да помисли дека би ја напишала таа книга само од злорадост, да можам да се наситувам на туѓата несреќа. Којзнае, велат парите го расипуваат човекот…

Патување
Еднаш, еден човек заплака на туѓ јазик, но ги научи другите како да се смеат на јазикот кој го зборуваше. Кога некој плачеше на неговиот јазик, тој му покажуваше како да се насмее на сите други јазици кои ги познаваше. Шеташе по светот и плачеше и се смееше на многу јазици. Се зборува дека пред да умре ги познавал сите јазици на светот. На македонски неговото име се изговора Вавилон, или така некако.

Во боја
На синото небо се судираат жолти и црвени зраци и го туркаат небото надолу. Синото небо паѓа на црната земја, до црниот човек. Тој сака да тргне напред, низ зелената трева, но сè што сега гледа пред себе е бело. Одбива да се погледне.

100тиот сон
Го гледам, заспал во меките пижами кои најмногу ги сакам. Убаво ми е кога мислам дека ги облекува за да легнам до него. Но, може само му е удобно во нив, ништо повеќе. До себе го оставил џемперот, со ракавите раширени како да чека прегратка. Мисли така ќе ме намами. А, можеби го носел зашто читал до доцна во ноќта, па се стоплил и заспал. Пред него се расфрлани книги од сите времиња, со рацете допира по нив како нешто да бара. Како да ги загубил во сонот. Со истите тие раце заборавил да ја изгасне ламбата. Или ја оставил да го грее вареното вино кое стои под неа. Знаел дека ќе дојдам, го подготвил и оставил да го намирисам. Да се напијам и до него да легнам. Ми поставил вечера: копанче, ориз и пченка. Ах, проклет да е, испржил јајце на око! Знае дека ќе се насмеам, ама и ќе ми текне колку плачев кога бев малечка зашто се плашев дека на моето око ќе го пржат. Мисли ќе ми текне на моите стравови, па ќе легнам до него. Каснал малку од пудингот со вкус на ванила и портокал, сакал да го подели со мене десертот. Или пак, не можел да заспие без да вкуси нешто благо. Понекогаш е таков. Се уверувам дека бил очаен кога го го забележувам садот со вода, а во него лотосов цвет. Сакал да ми предложи да се измијам и до него да легнам. Знае дека без таа вода не заспивам. Се мијам и ги гледам пауновите перја, секогаш ми паѓаат на очи пред да ме земе сонот. Полека тонам во нежноста со која ме милуваат. Перјата… од паун… ме заспиваат. Но… не… нешто ме чеша по носот, ме скокотка… ќќќќќ ќе… кивнам!!!
Помеѓу мракот и светлината ги гледам: две паунови перја во форма на срце, лебдат над нас. Не спијам, ама во сонот сум. Ова е стотиот сон кој сам го сонува, потоа јас со него ќе заспивам. Полека, нежно ја менувам старата постелнина со нова и тивко свирнувам. Пред мене застанува еднорогот со кој во сонот ќе му дојдам.

Заљубеност
Таа секогаш доцни и не може да си помогне во врска со тој проблем. Таква е, вели, но јас мислам дека воопшто не сака да преземе мерки. Се чини дека ѝ годи да ја чекаат. Тој се лути, но сепак ја чека. Го пополнува времето мислејќи на нејзините доблести додека таа си ги покрива видливите маани и одлучува воопшто да не излезе пред него. Во исто време, на нејзиното лице се појавува првата брчка, предвреме.

Ѓубре
Излегувам од дома со кеси во двете раце, полни со ѓубре. Пред влезот застанувам да поздравам еден сосед. Постар човек, мора да се најде во муабет. Се враќа од пазар, и тој со кеси во рацете. Одеднаш, се слуша звук кој го сече воздухот, нешто лета кон нас, додека да кренеме поглед врз глава ни се истура кеса полна ѓубре. За малку не ме голтна една отворена конзерва од риба. Но, соседот навистина настрада. Од десната страна на главата, надолу, по рамото, преку раката, гледам му се влечат шпагети, а од прсите му капе кечап. Тој пцуе и колне, а јас си мислам дека колку ѓубре и да фрлам, од ѓубре нема да се спасам.

Ѓавол
Ми влезе една жена дома, чудна, сомнителна. Ја пуштив зашто ми бараше вода и велеше дека не ѝ е добро. Колку и да сум сомничава, во вакви мигови попуштам. Се созеде и почна да ми раскажува за себе. Не ме интересираше, сакав што поскоро да си оди и таа ја забележа мојата напнатост. Сакаше да ја искористи и да ме изигра. Ми побара пари за да ме избави од сите магии кои ми се направени. Тогаш ја избркав. На излегување се сврте, подзамижа со очите, повторуваше нешто на јазик за мене непознат, а пред да ја затворам вратата ми се развика: “Ти си ѓавооол!“ Сигурно многу добро знае како изгледа ѓаволот штом во мене го препозна, си мислев додека заклучував.

Азбука на грешките
Авионот слетува во еден голем град. Излегувам и чекам друг, за уште поголем град. Едно
Бебе силно плаче по мајка си, а гледа во мене. Слушам мамо на туѓ јазик. Другиот авион
Во меѓувреме пристигнува. И мракот со него. Не сум летала ноќе досега и се плашам.
Го гледам небото, чисто и полно со ѕвезди. Стравот полека ме напушта, но не можам
Да се опуштам. Не можам ниту да читам, ако се сруши да не умрам со туѓи мисли. За
Ѓерданот тогаш се фаќам, не е амајлија, ама подарок е од моите. По него ќе ме познаат.
Едвај успевам да ги оттргнам лошите мисли, сè ќе биде во ред, се убедувам. Како
Желба да ми се остварува, иако не се сеќавам дека сум ја посакала. Можеби потајно сум ја
Замислила, не знам. А и не е важно сега, авионот слетува. Излегувам и одеднаш ме
Ѕвекнува топол бран. Во ред е, тоа значи дека сум на вистинското место. Застанувам
И те барам во гужвата. Си мислам дека од возбуда нема да те препознаам. За среќа, не
Ја делиш и ти истата мисла, ниту возбудата, па ме наоѓаш. Збунета сум, заборавам
Куферот да го понесам. Повторно, за среќа, ти не си збунет, па го завлекуваш. Ми се чини
Луѓето само во нас гледаат. Ти црн, јас бела, ти висок, јас ниска, сигурно си мислат дека
Љубовта ни е многу силна, па си ги љубиме разликите. Ми доаѓа да вриснам и да
Молам некој да ме врати дома. Одам до тебе и се смешкам, а сакам како бебено да викнам
На нечиј јазик: Маамооо! Да не претерувам, подобро да ја разбијам тишината меѓу нас.
Њушкам наоколу, да препознаам нешто, и случајно се погледнуваме. Како во огледало.
Очите ни се исти, полни со страв. И ти не знаеш што правиме, ниту зошто сме тука и каде,
По ѓаволите, одиме… Желбата да се вратам назад почнува да вришти во мене, а ко за белја
Редот зад нас станува сè поголем. Одиш напред, брзаш, не застануваш. Јас во чекор те
Следам. Смислувам начини да те застанам, да те извлечам од редот и да седнеме настрана.
Ти ќе седиш на земја, а јас на куферот. Ќе ти раскажувам за летовите, за стравот, небото,
Ќе ти се жалам колку ми е топло, ќе ми кажеш дека ќе се навикнам, лето е и слично, па за
Утрешниот ден планови ќе правиме, гужвата ќе се намалува, и ние, како и мојава кутра
Фантазија, ќе го напуштиме аеродромов. Мисливе ми лутаат без престан, ми се чини
Хорови пеат на сите јазици. Ги прекинуваш, ми покажуваш кон луѓето кои нè чекаат, со
Цигарата в рака. Ја палиш. Јас продолжувам, убаво ме пречекуваат и постојано велат дека
Човек позаљубен од тебе не сретнале. Знаев дека цигарата е испушена, а ти не доаѓаш. Од
Џебот извадив пари и пасош и ги замолив да ми резервираат лет за назад. Слушнав само:
Шшшшш… Како некој кога те смирува од лош сон…

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *