Под друга капа (извадок)

Извадок од романот „Под друга капа“ на Владо Јаневски.

4. ДОМОРОДЦИ

Точно штом и последниот зрак на денот си замина, од шумата почнаа да излегуваат сенки; бавно се движеа кон стаписаната дружина приклештена на брегот. Смарто, Дојдена и Вртме се напрегаа да распознаат за што се работи. Сенките добиваа облици на луѓе. Повеќето од нив носеа стапови или уште поверојатно копја. Некои високо над главите кренаа распалени гламни.

„Јас сум до помочвање исплашена“, шепотливо обзнани Дојдена. „Леле, ами шо прајме ако овије јадат чојци?“

Откај луѓето со копјата се стрчна нешто четириножно, почна да ѝ ги лиже рацете на Дојдена.

„Оф, мај фрики дудл“, успеа да изусти таа и ѝ клапна главата, се онесвести.

„Што можит това да бидит?“, се препадна Вртме. „Ја уби жената ко од шала.“

„А бе, куче је, да го мочам. Дојдено, куче те лижи по раце. Кучиште мори, сигурно сака да се поздрави.“ Смарто ја шлапкаше по лицето за да ја поврати.

Таа ги подотвори очите. „Доста ми беше за тудеј“, премалено промрморе. „Ако имат Госпот сакам да си умрам пред харто да ми пукнит ко меур.“

Непознатите кога се доближија на околу дваесетина чекори, застанаа и немо ги проучуваа тројцата новодојденци. Кучето сега се префрли на Смарто. Како што беше седнат, му рипна во скутот, со предните шепи му се опре врз градите, почна да го душка и подлизнува по лицето. Смарто не беше голем љубител на кучешката сорта, но се плашеше да го избрка љубопитното суштество. Молчењето на луѓето го тревожеше. Дискретно се оттргнуваше од кучето и истовремено се обидуваше да процени со какви домаќини си има работа. „Шо ќе беја овије вакви немтури?“, прошепоте кон Вртме. „Ги гледаш – ни а, ни бе велат.“

„Сигурно нè испитват“, рече Вртме. „Ова е импортант момент. Фрст импрешон е многу импортант.“

„Колкумина ги имат?“, се јави и Дојдена.

„Плева, сардисани сме. Немој да напрајте нешто глупос“, Смарто им даваше инструкции на своите. Меѓутоа Дојдена го претекна.

„Море пиполс, оти ќутите?“, избрза таа. „Ние сме гладни, имате нешто за лапачка?“

„Шарап мори, гуске“, ја прекори Смарто, „можи да биди опасно, немој ништо да бараш, можиш глата в торба да ни  ја пикниш. Уште је рано да бараме од ниф. Тије се у преднос, не гледате? Можи да нè задушат со голи раце.“

„Или да не издупат со това копјињата, мевојте да ни  ги истушат ко од шала“, Вртме беше загрижен. Кучето и него го душкаше и подлизнуваше како да го испитува. Луѓето стоеја, небаре го чекаа животинчето да се врати кај нив и да им каже за какви непознати се работи. Кога заврши со Вртме, кучето навистина се стрчна назад, му рипна в раце на некој што беше за чекор-два понапред од другите.

„Сигурно му кажва шо сме“, рече Смарто. „Бамуја, кучиште фаќен-матерцко сега да решава за наша судба, ех – шо дочекафме.“

„Можит, можит“, рече Вртме. „Кучињата можит да те намирисат ако му мислиш лошо. Жими прва цицка, ја ништо лошо не му мислам на овије.“

„Скраја да је од лошо“, му се придружи и Смарто. „Ја лично сум опен за разбирвање и френдлинес праење со пиполсиве. Кој и да се, треби да ги слушаме шо ќе речат.“

Кучето скокна од рацете на својот господар. Се заврте кон Смарто и почна да подлавнува. Еден од домородците клекна откај опашката на кучето и после секое лавнување им кажуваше нешто на другите во близина. Кога престана лаењето, клекнатиот се исправи и им даде знак на другите да го следат. Од толпата се издвоија околу десетина мажи. После неколку чекори водачот ја крена раката и десеттемина запреа. Водачот исчекори понапред. Сите беа со копја в раце. Дружината на Смарто со мало олеснување забележа дека копјата, сепак, барем засега, не се свртени кон нив, туку кон небото. Халеевата комета доминираше високо над нив.

„А бе овие голи се“, Дојдена подзина, „море, сè им се гледат, мафталата, ташаците, сè, сè, ууу. Кај паднавме кај вакви голичи?“

„Шарап, ти рекоф да ја подзакрпиш устата“, пак ја прекори Смарто. „Тије треби да зборнат први, није сме само за да ги слушаме, барем дур не откријаме шо се бара од нас, орајт?“

„Бели се“, забележа Вртме. „Не се Aбориџини.“

„Беличи се“, потврди и Дојдена, се напрегаше да види подобро на месечината. Ќе направеше чекор напред за да се увери дали навистина се целосно голи, но Смарто ја спречи.

„Жено будалцка“, ја критикуваше, „памето нека не ти лета по таквите. То можи да биди опасно, можи лесно да се случи да напрајме грешен импрешон на луѓево. Видиш, можи да си речат оти ги потценваме со то шо се голи, а није облечени, ме разбирваш? Не мрдај од место, ни педа. Донт-муф, рекоф. Истото важи и за тебе, Вртме.“

„Јес да се бели али не можит со сигурност да се кажит али се скроз голи“, Вртме ги проучуваше непознатите.

„Гледаш, ко да имат некој футроли на таквите и ко мандалата да му се врзани за појаси“, забележа Дојдена.

„Домороци се“, прошепоте Смарто.

„Това домородци се велит“, го коригираше Вртме.

„Не туку плукај”, му рече Смарто, „шо је сега то важно. Ова не је час по литературна секција. Шо си прос, оти се инајтваш за такви ситници? Инајтчија си и то ќе си останиш. Сакаф да кажам дека овије мене не ми личат на Абориѓинине наши у Острелија. Кој знајт у која фаќен-матерцка далечина сме залутале.“

5. ПРЕТСТАВУВАЊЕ

„Домороциве твој не спикат, немат намера уста да отворат“, му рече Дојдена на Смарто. „Тие можит чекат некој од нас прв да зборнит. Ај дарлинг, биди маж, скрши мрас, оти вака до утре можит да си ќутиме.“

„Јес“, се согласи и Вртме. „За това Дојдено си во право. Можит није, како гости оти сме тука, требит да кажиме дека сме френдли и не криеме ништо опасно за домаќинот, но дејнџа.“

Смарто си го прочисти гласот и отвори уста. „Хај френд, ду-ју спикаш инглиш?“ му рече на оној отспротива, кревајќи рака во знак на поздрав.

Тој не рече ништо само направи уште еден чекор понапред.

„Можит не те слушна“, му дошепна Дојдена.

„Јес“, рече Вртме, „можит не те слушна убо оти му шумит водиштево, нојзи е знајш, ние откај морево сме застанати и това звукојте му се миксат на чојкот. Можит зато дојде поблиску.“

„Или за то или за да ми ја втемни една.“ Смарто пак се обиде, овој пат погласно. „Ој бе, френд, спикаш ти или не спикаш по инглиш?“

Оној отспротива тогаш ја стави шаката на чело и рече: „Мивцоза.“

„Шо, шо рече?“, праша Дојдена.

„Мивцоза ко да слушнав“, Смарто беше несигурен.

„И ја така слушнав. Мивцоза ко да рече“, потврди Вртме.

„Шо ќе му је то? Ти да не си чул некаде некој да вели мивцоза?“ го праша Смарто.

„Това морат да е нешто по доморотски јазик.“

„Овије сигурно не разбирват по инглиш“, рече Дојдена.

„Можит по френч или по дојч требит“, рече Вртме.

„Ја г’к не знам по френч и по дојч“, си призна Смарто. „Пробај ти Вртме ако знајш нешто. Само строго пази шо кажваш.“

„Прле-ву-френч, шпрекен-зи-дојч, пица-пица, здрафствујте-тавариши, говорите-ли-по-руски, охајо-гозаимас, пица-пица!“ Вртме набрзина изрецитира сè што знаеше од јазиците.

„Пополека бе“, го посоветува Смарто, „ти ко мајката да му ја испцу на чојкот.“

Вртме се обиде уште еднаш, овој пат побавно и гестикулирајќи со раце и нозе, повеќе изгледаше како да прашува каде е најблиската воденица.

Оној отспротива пак ја стави шаката на чело и повтори: „Мивцоза.”

„И тебе ти го мивцоза мајчинијоф“, му рече Смарто. „Ништо не прајме со јазициве свецки. Ја мислеф оти со инглишо секаде мојш да се разбериш. Така сум читал по туристички водичи.“ Тогаш како да се сети на волшебниот збор: „Ах, ова мора да упали“, рече и се сврти кон домородецот. „Ој бе, френд, види ваму, није туристи, френдли туристи сме, т-у-р-и-с-т-и“, му спелуваше на непознатиот. „Ова сигурно го разбра“, си помисли Смарто.

Домородецот како да се подналути. Овој пат, откако се удри со шаката по чело, подвикна: „О-мивцоза!“

„Леле“, се уплаши Дојдена, „шо напрај пусти Смарто, го изнервира чојко, сега сите ќе ни го опалат, ќе нè истепат.“

„Можит не сакат да чујет за туристи“, рече Вртме. „Знајш какви можат да бидат денешниве туристи, ќе ти се посерат во дворот, ќе го остат сето ѓубре зад нив, сè рабиш ќе напрат и ќе си заминат. Можит треба да му кажиш некоја фани смешка, џоук, а?“

„Не, никако туристи, никако!“ Смарто се обидуваше да го поправи впечатокот, иако и самиот не беше сигурен што значеше „о-мивцоза“, меѓутоа беше убеден дека е нешто полошо од „мивцоза“. „Но туристи, но, но!“, одречно мавташе со рацете. „Није сме френдс, така се затекофме тука, орајт. На поминвање сме си. Бродо нешто ни  је у дефек и ќе постојме малку тука дури не се попрај. А можи вије знајте да поправате бродој, орајт је то ако сакате да прајме бизнис. Еве, попрајте го вије. Није убо ќе ви платиме, ако сакате после ќе земиме некој од вас за бесплатно да го повозиме. Је, ако сакате до Острелија да ве повозиме, орајт?“

„За кој факен брод зборваш“, го потсети Вртме, „ами заборај оти скроз се потопи, парче се стори, ја одвај ве извлеков живи на брегов и ни фала не ми рековте.“

„Не ме фаќај за збор, цигуле едно, шо сакаш сега, споменик на плоштат у Скопје да ти напрам? Преѓе ти рекоф фала за спасвање и готово, дец-ит. Сега гледаш у шо десперат ситуајшон сме. Сакам чојкоф да го фатам у некој констрактиф муабет. Не гледаш дека не мрднафме потаму од негојта мивцоза!“ Смарто безмалку крена раце од сè.

Тогаш домородецот дојде кај нив и почна да се смее. Приоѓаше до секој поединечно, му ја ставаше раката на чело и велеше: „Мивцоза, о-мивцоза.“

Најпосле дружината на Смарто смело претпостави дека домородецот сака да се поздрави со нив, почнаа да ги следат неговите движења; насмеани од уво до уво се удираа со рацете по челата и повторуваа: „Мивцоза, мивцоза.“ И тие од дружината на домородецот почнаа да го прават истото.

„Ова можи да им је нешто ко нашето добро вечер или како сте, шо прајте“, му светна на Смарто. „Брзо, чукајте се по чело и прајте му го ќефот на мивцозиве.“

Изгледаше како да домородците не знаат да кажат ништо повеќе, та нивниот водач отстапи неколку чекори, ги рашири рацете и сите замолкнаа.

„Толку беше?“ се сепна Дојдена. „Немат појќе од мивцозата?“

„Не знам, сигурно домивцозаја пиполсиве.“ Смарто се загрижи.

Водачот на домородците почна да реве, да се грчи и да се напнува.

„Кој знајт сега шо ни  се спремат“, и Вртме се загрижи.

„Шо му стана?“ се прашуваше Смарто. „Ко една врста пролиф да го фати.“

„Мене појќе на запек ми личит, ко пилеќа коска да ќе исерит“, рече Дојдена.

„Можит и ние требит така да прајме“, предложи Вртме, „да напињаме ко него. Кој го знајт, можит сакат да ни кажит дека тука е лоша исхраната, а?“

„Не можам да го гледам како се мачи“, рече Смарто. „А бе, да не му стана лошо на чојкоф? Туку, како можиш да знајш, не си никако да му се понудиш за хелп. Можи ништо не му је на жбитако фаќен-матерцки, само се виткат, можи некој нивни домороцки ричуалси се то.“

„Кака мивцоза“, рече најпосле водачот на домородците, притоа тресејќи ја ногата и смеејќи се.

„Види, колку брзо прејдофме на кака…“, се изненади Смарто, „од здраво, како сте, одма рипнафме на кака.“

„Невоспитани голтаци“, негодуваше Дојдена, „е, како можело така, одма на кака. Ами ко ќе ти дојдит некој на гости, првин ќе го седниш ко чојк и ќе му понудиш нешто да се напијет и да си поткаснит. После идет каката и такви ми ти други клозетски рабоќе. Јас сум гладна, хангри сум ко кучка, цел ден ништо не сум каснала. Ми се вртит во глата, ако постојме вака уште малку ќе паднам право во невес.“

„А бе, това негојто кака можит не е исто ко нашето кака. Можит дифрент кака е, можит нешто друго сакат да ни кажит“, Вртме си го напрегаше интелектот до максимум.

„Ништо друго – кака си је кака“, разочарано одмавна Дојдена. „То ти је исто на сите јазици.“

„Ами, можит не канит на какао. Еј френд, сакаш кажиш какао мивцоза, а,  к-а-к-а-о?“ Вртме му подвикна на оној отспротива.

„Дунда мивцоза“, му одговори тој.

„Дунда? У, натемаго, нема дунда дур не дајш нешто да касниме“, му се тутна Дојдена. „Но дунда! Дај прво ам-ам!“ му покажуваше со раката како да јаде. „Јас гладно, црева кркориш. Ам-ам, дај папо! Фуд, фрута, шо било! Но дунда! Ич дунда! Дунда сега стинки, смрдена. Дрти дунда, кака мивцоза. Море, фрики дудл, није прво треби јадиш и се искапиш, после ќе видиме за дунда. Вие вака голичи, само по дундите ви је паметот. Шо ме пулиш така? Си немате ваши дунди? Сигурно таму во темницата не се поминват од млади дунди. Ај, сиктер мивцоза! Но дунда овде за давање, андерстенд?“

„Шарап ти малку, оти овај можи да ни се налути“, ја прекори Смарто. „Уште не знајме најпрецизно шо сака да кажи, чекај прво да испитаме дипломацки шо је то дунда мивцоза.“

„Това можит да бидит нешто ко какао за двајца“, пак се обидуваше да преведе стариот Вртме. „Ама жими прва цицка, кревам раце, и ја не знам шо да речам, вери трики је.“

„Рекоф, најпаметно је да не избрзваме“, ги советуваше Смарто. „То можи да биди опасно за нас ако така просто си преведујме по нашинцки. Некој лингквистик концеп за комуникајшон треби да смислиме. Није треби то да го сваќаме појќе апсракно.“

„Апстракно се вели“, му рече Вртме.

„Орајт“, Смарто овој пат премина преку забелешката на стариот. „Значи, то сакаф да кажам – мудро онли. Можи и ти имаш право, можи чојкоф стварно нè кани на кафе.“ Се сврте кон домородецот и му рече: „Орајт френд, дунда мивцоза. Дунда нека ти биди, ОК?“

Домородецот пак им пријде, застана само на чекор од нив и почна да се удира во гради повторувајќи: „Дунда мивцоза. Дунда мивцоза.“

На Смарто најпосле му текна дека сигурно треба да се претстави. „Да бе френд, ја – Смарто мивцоза“, му рече на домородецот удирајќи се и тој в гради. „Ова до мене је Дојдена мивцоза; старкава, Вртме мивцоза.“

Домородецот се насмеа и повтори: „Смарто, Дојна, Вртме мивцоза. Кака мивцоза.“

„А бе, фрики дудл, јас – Дојдена мивцоза“, го корегираше дамата.

„Мори, орајт је сега то“, Смарто дискретно ја подгази, „немој сега да фрикаш за две букви. Најважно је шо се разбирваме, напрајфме брејктру у комјуникајшон прогрес.“

6. ЧУДО

Домородецот се заврте кон својата дружина и кон многубројните сенки во позадината и им подвикна: „Ора мивцоза!“

Тие речиси во еден глас викнаа: „Ора, ораааа!!!“ Брегот одѕеваше.

„Сигурно не је време за орање!?“ се почуди Дојдена.

„Никој не орат ноќе“, рече Вртме, „ама кој го знајт, овије и това можит да го прат тука. Не требит да се сапрајзаме ако е така. Светов е полн со разни обичаи и чудеса. А видиш, това можит да значит и дека ќе почнат да денсат. Знајш, ора и танци ќе вртат во наша чест.“

„Пак вије почнафте ко преѓески, ора можи да значи и дека је орајт, дека се је у ред”, им тoлкуваше Смарто.

„Ти како ќе речиш, дарлинг“, се согласи Дојдена, „ама кажи му на луѓево дека сме изморени и гладни. Првин да поткасниме, да се зачистиме и одмориме после ќе му ја мислиме за орање и копање или за танци и дунди пофаќање. Сè то си имат ред.“

„Чекај жено, не маштај си, не можи то така ко шо си мислиш“, ја поучуваше Смарто, „кај се седнувало неканет на трпеза. Домаќиниве треби првин да нè поканат. Туку откај се излезени вакви бели и голи, ко од мајка родени. Не се некој црнчишта ко по филмојне авантуристички шо сме ги гледале. Исти се ко нас само голи и друг јазик спикат.“

„Можит треби да ги прашаме кој се и откај се дојдени тука“, рече Вртме.

„Изи бе, изи, будала еден, ко гости можи није првин треби да кажиме кој сме и како сме дојдени. Една врста да се преставиме, најефекно треби. У најубо светло да се кажиме“, Смарто ја согледа пресудната важност на моментот.

„Да се кажиме оти сме Ози, од Острелија сме дојдени и толку“, предложи Вртме.

„Поубо ќе биди да се кажиме дека сме дајрек од Маќедонија, шо је и факт“, инсистираше Смарто.

„Кој чул за Маќедонија во оваја пустелија?“, рече Дојдена.

„Ој бе, френд, Дунда мивцоза (Смарто претпоставуваше дека името му е Дунда), није сме Маќедонци“, му рече, „од далеку сме дојдени. Знајш, од Маќедонија или по инглиш Мацедониа шо се вели. Дунда мивцоза, си слушнал за таја земја? У Еуропа, Балкан… Маќедонцко девојче китка шарена, опа-иха и то. Александар Маќедонски, а? Александар велики, ууу, биг мен!“

Она што се случи по изговарањето на името на Александар, ги вчудоневиди сите од дружината на Смарто – домородците, заедно со тој што изгледаше дека им е водач, паднаа ничкум на земја и останаа да лежат таму.

Смарто се стаписа: „Бамуја, шо му стана на пиполсиве? Зар му се слоши на сите или војни ајроплани идат да не’ решетат?“

Небото беше чисто, месечината полна, ѕвездите трепереа: ни трага од авиони, а ни луѓето се грчеа или се држеа за стомаци како да им се слошило. Единствено се слушаше како сите домородци го шепотат името на Александар. Во напрегнатите уши на Смарто шепотот се претвори во абер што доаѓа од далеку, стотици, илјадници години далеку; небаре се отвори врата во вековите – врата низ која, за момент, можеше да се ѕирне во историјата и да се види Александар лично, како качен на неговиот Букефал јури низ вечноста. Тоа беше најубавото нешто што Смарто го беше чул и видел во својот дотогашен живот; во тој величествен момент созна дека на еден мал дел од Земјината топка има луѓе што со невидена стравопочит реагираат кога ќе се изговори името на големиот војсководец, за чиј директен потомоток се сметаше и тој самиот. Ова неочекувано откритие многу му се допадна, срцето му заигра, сакаше сите ничкосани да ги прегрне како долго изгубени браќа и сестри.

Меѓутоа, изгледаше дека Вртме и Дојдена уште не го разбраа историскиот момент што се одмоткуваше пред нив, ниту ја видоа портата кон минатото што за момент се подотвори. Смарто се обиде да ги оттргне од незнаењето покажувајќи кон покутканите домородци. Зачекори кон полегнатите на брегот. Водачот на домородците без да ја крева главата почна да му ги бакнува стапалата.

„Орајцки, орајцки је“, Смарто се топеше од милина. „Право да си кажам мене ова многу ми се свиде, најс је то шо му прајте толкава чес на Александар, а со то и нас не почитвате. Али доста беше, дец-ит. Станите сега. Ја онли сакаф да кажам да није сме децата на Ацета Маќедонцки. Дајрек потомци негој сме. Туку сега вије маштата ми ја распалифте и ме ставифте у една интересантна помисла. Само штета шо не се разбирваме со јазико. Инаку сместа сакаф да ве прашам, откај па вије така убо го знајте тој велик чојк? То је вери интрастинк, да имаф појќе школо ќе седнеф тука на лице место и у тефтероф за ова ќе напишеф доктурцка дезертација.“

„Дисертација това се велит“, го исправи Вртме.

„Е де, бамуја, не је важно како се вели. Важно је шо тука се случи овај хисторијцки час“, нагласи Смарто. „За ова сместа треби да се известат наши експерти у патријоцко-уметнички и научни кругој. На цела Маќедонија и на цел свет треби да му се покажи ова чудо.“

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *