Извадок од романот „Послушен брод што плови“ на Ирена Јорданова.
Во мојот град многу брзо каприциозната поларна зима се претвора во врнежлива, доцна зима што ѝ гледа право в очи на раната пролет. Денот е тмурен, надвор се подготвува да врне. Се обидувам да ја разубедам Марина, мојата пријателка од детството, да не одиме никаде!
Но таа сака да оди некаде, во некојси клуб каде што никогаш не сум била и воопшто не морам никогаш ни да одам. Ме чекаат платната, бели недопрени, сакам да направам и некои инсталации, собрав неколку потопени парчиња стиропор од градската река. Пловеа, се натпреваруваа во витлите. Ги фатив со долга гранка, беше забавно. Апстрактни геометриски фигури? Додека ги допирам, го чувствувам во нив Дејвид Смит и уметноста што сурово и агресивно квичи меѓу влажната и набабрена пена. Потоа многу брзо почну- вам да мразам што работата свесно ме притиска и сакам да ги фрлам парчињата стиропор назад во разбрануваната река и да уживам во нивниот танц.
Нема да се забавувам, Марина! Сакам да викнам на сиот глас, но молчам.
Сакам да седам дома! Пак молчам.
Па одиме во тој клуб.
Застанувам пред толпата луѓе што полека влегуваат во клубот. Марина како да исчезна меѓу тие глави пред мене.
Си гледам во облаците, секој момент ќе заврне… не ми се влегува, го чувствувам ветерот на образите и како полека се смирува. Дури и џагорот на луѓето исчезнува како во нем филм.
Само тивкиот ветер. Полека се стишува… декрешендо, полека… сосема престанува.
Слушам само комплетно отсуство на звук.
Застанува до мене, ми се насмевнува и ми вели „здраво“.
Го гледам.
Ти си ликот што од никаде реши да ме гушнеш, помислувам.
Си стои до мене, сосема опуштено, ѕирка меѓу главите на луѓето пред нас.
Не е само наутро весел, весел е и навечер, помислувам.
Иако ни најмалку не е неверојатно да видиш некого во овој и не така голем град, сепак ми е чудесно што го гледам.
Зјапам во него, нападно како да имам осум години.
Тој не зјапа во мене, стои безгрижно и гледа напред во меѓупросторот на главите пред нас.
Му го набљудувам профилот, гледа напред, телото му е смирено, опуштено.
Чувствувам мир… неверојатен мир.
Спокој.
Како да сонувам, знам дека од никаде ќе почне да се одвива сѐ. Ги вади дланките од џебовите, ги спушта рацете разлабавено покрај телото.
Потоа го чувствувам неговиот несигурен допир со малото прсте од левата дланка додека стоиме во толпа луѓе, под облачното темно небо.
Тешко е да си признаеш дека постои метафизика, дека има електромагнетно поле што не можеш да го видиш, никогаш.
Дека си слабак, животно затворено во коски, во страв. Дека ќе измислиш сѐ и сешто за да не признаеш дека може некој да те допре со малото прсте на левата дланка и да те заклучи тука, засекогаш.