Приказни обични за луѓе необични (извадок)

Извадок од книгата „Приказни обични за луѓе необични“ на Бранко Прља.

Бреме на модерното време

 

Приказни обични за луѓе необични (извадок) 2Од муабет ми се згадува, од човечкиот глас ми се слошува, на гласните жици трепетот, на јазикот препелкот, усни кои се оближуваат, нос кој вдишува и кива, тирада од течности и ткива, сѐ нешто плива и со гласот избива во етер, или кон мене – бетер!

Рака ич не ми подавај, знам сакаш и јас да кашлам и да се тресам како ти, но нема – знај!

Не јавувај ми се ни на телефон, немам време за лаф-муабет или за бон-тон, имам работа, пиши ми на чет онака, или најдобро остави ме на раат – ете така!

Ако се сретнеме на улица, ќе те одминам знај, затоа – работа си бркај! Не викај ме ни на гости, кафе не пијам зошто талог не сакам да плукам, макар да е и од Краш, ниту твојата плунка врз своето лице да ја имам – баш!

Се гледаме на Фејсбук, таму нема мирис на лук, глас не вика, рака не допира, само текст и слика, погледни, па прозорец затвори и во својот свет задоволен заспи. Сонувај себе, а луѓе околу тебе, а ти – пак ли бе!?

 

 

Калап стави, македонско семејство извади

 

Се возат во автомобилот на животот маж – возач, сопругата до него, мапа чита, каде да одат кажува, ќерката зад нив зборува, приказни измислува и ги забавува, а малиот во седиште врзан, нервоза го фаќа, вика: „Мама, мама!”.

Пред нив непознати патишта, опасни кривини, на места одрони. Патот е лизгав и со дупки исполнет – плас! – малиот заплакува, мама го теши, ќерката ништо не забележува и во својот свет ликови и случки создава, неа реалноста не ја засега. Мажот, пак, само на реалноста мисли, времето го мачи, просторот го стиска, се измори баш – еј, гаста ја пушташ! – а околу нив непознатото ѕирка, опасно трепка! Продолжуваат.

– Но, каде? – Кој знае!? – Само гас притисни и заби стисни!

 

 

Сакам да сум Швајцарија

 

Сакам да бидам неутрален, да не ми е гајле по цел ден, светот нека се тркала, јас ќе си пеам “тра-ла-ла”, други нека се грижат и нокти нека гризат, а јас ќе кулирам и сок од ананас ќе си пијам, сиромаштијата е преку оградата, Ромчињата во туѓи контејнери рипаат, бездомниците на друго место дом немаат, а кесата со ѓубрето на комшијата не е пред мојата врата, возачите не се насилни, на бабички се насмевнуваат тие и на пешачки не им свиркаат – не, книжарите се полни со луѓе, а не бутици, кафулиња и маркети, а опера, театар и балет – карти се грабаат, општествените проблеми се тема главна, никој не зборува за мобилната опрема и вчера на улица не ме опцуја, туку часовник ми подарија – да се пензионирам од реалноста, аман!

 

 

суботвА

 

Еден ден г-дин Книжуле во автобус се качи, кога еден и друг и трет – со поглед го закачи. Очи врз неговата глава светкаат, мислиш во секој миг и раце ќе почнат да маваат. А тој се стутка и во мислите свои – бришка.

Станица по станица автобусот минува, но друштво г-дин Книжуле не добива. Народот околу него се стиска и го притиска, не е нивен – сака да го истурка.

– Ако излезам сега од страв, нема да бидам прав. Мора да се истрае, па што сака нека биде! – помислува тој, а околу него празни погледи рој, кисели миризби, лаф муабети, како муви од глава на глава слетуваат, ушите ги полнат, а никако главите да ги наполнат.

– Незаситен е човечкиот род – г-дин Книжуле заклучи и на неговата станица искочи, кога чудо – светот се движи, а тој стои!

 

О’Рук МекАлиштер

 

– Купи-продај, песна не е ослободителна, туку затворско- народна. Но, што да правам, морам од нешто да живеам, нели? – вели г-ѓа Ан Обич, додека клуч на брава од бутикот става. Облеката на рафтовите утрото ја нареди, а младата народна раса стаса и разграба, па утре пак нова роба… роб на маѓепсан круг, ајде човече од постела стани, О’рук!

А еден друг, г-дин Ченоби, знае дека народот мора да јаде и пие, купи-продај е негова песна исто, во продавницата мора да е чисто, па фати ја метлата веднаш, замети пред да дојде народот и сѐ ќе биде „аш!”

Ех, колку судбини се вртат околу-наоколу, како на циркуски бини со бутици, продавници, тезги и маркети, и пак – во круг, о’рук, додека има купување, нема сопирање, а потоа тишина, на мислите бука страшна!

 

 

Чај од Апока Липтон

 

Приказни обични за луѓе необични (извадок) 3Едно дете со теле од Кина фрли греда врз едно деде без вина. Деде плаче, квачка кваче, јајце снесе, свет донесе, оган пече, народ игра, винце пие, крши лепче.

– Транс, транс, транзиција, бре! – сите рикаат како да нема утре, како да е последен ден на светов беден – Два-еден- еден-два-еден-два, опа- па!

– Колку убава бројка, чиниш магична, за народната маса одлична! Купи, продај, врз главите свиткани играј! – вели г-дин Меди Ум, а народот слуша, по главата „туп-бап!” и мисли тапани и зурли свират, а тоа „Ааа!” на стероиди од устите излегуваат и врз светот паѓаат!

– Времето и така не постои, вчера и утре е денес знај, а сега е вистинско време за чај – рече полковникот во пензија и чај од Апока Липтон на оган – клај!

 

Африка рика, дамата од среќа цивка

 

– Дека планетата Сатурн е аристократка знае и секоја шатка. Какви прстени на рацете има, да се чудиш и да ѝ завидуваш, баш! Но, еден ден мајка ѝ починала, а татко ѝ се преженил за една жена бедна. Сатурница млада во таа равенка станала непозната, па избегала кај баба ѝ Ката.

Но, по пат се изгубила во градот, каде еден волк на чопер ја завел и животот ѝ го направил вител. Прстените сите до еден ѝ ги земал и на пазар ги продал. Но, за среќа, еден ден принцот во бело Ферари се појавил. Неговите телохранители му го распориле стомакот на волкот и од него ја извадиле баба Ката. Принцот веднаш ѝ купил нови прстени на дама Сатурнова, која уште поблескава станала. Бабата ја сместиле во вила на Флорида, а тие си купиле замок, тениски терени, јахти, паркови зелени и викендички на Тахити.

И сега откако тие се заедно, на небото ѕвездено да ни светат, можеме да им се восхитуваме, како нив да сме да посакаме, па со дијамантски прстени да се украсиме.

– Џабе ти е кога под нив африканска крв тече!

 

 

Реалноста е сон е реалност е сон…

 

Постои еден свет обратен, кајшто Сонцето заоѓа денот кога доаѓа, црнило значи светло, а зеленото диво е мртво сиво, огнот е ладен, богатиот – гладен, зборот – нем, рипаш, а тонеш, зарем? Луѓето таму живеат, а зошто не знаат, работат, а стојат, љубат, а мразат и кога се смеат – плачат. Сегашноста е утре, иднината – вчера, тие сонуваат, само не знаат.

Г-дин Сон, четириесетгодишен маж, жител на светот наш, еден ден заспал и во овој свет се разбудил. Прво помислил дека не е арен, но – само го сонувам светов бизарен – брзо заклучил. – Но, како жителите на овој свет живеат, а дека сонуваат не знаат!? – се запрашал и додал – Морам да ги спасам, вистината да им ја кажам!

Каде и да одел, г-дин Сон за вистината проповедал, но залудно, тие не разбирале, од себе го туркале и за луд го сметале. – Вистината ќе ја дознаете, но ќе биде доцна, јас ќе се разбудам, а вас „фиууу” ќе ве снема. Затоа, со мене дојдете и светлината ќе ја видите!

Г-дин Сон толку се возбудил што веднаш се разбудил и со животот продолжил, а не знаел дека само што заспал.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *