Продавачот на ветар и магла и други приказни (извадок)

Продавачот на ветар и магла и други приказни
Извадок од збирката раскази „Продавачот на ветар и магла“ од Стефан Марковски.

Тепих

По наговарање од страна на пријател да се напише нешто на темава

Го газеа кројачи на државната судбина: министри, амбасадори, пратеници, свештеници, партиски војници од трет ешалон, портпароли, џабалебароши и уште неколку партиски војници од втор ешалон.
Но, по него шетаа и арамии, првокласни лажговци, бизнисмени, шалабајзери, фанатици.
Имаше и такви кои уживаа во мрачните мигови на животот да се орасположуваат со присуство во нелегални кафе-барови низ разни градови и села.
Од него валканите ѓонови ги бришеа и граѓани кои животот го беа минале растргнати или обединети од едните, другите и третите.
Сè на сè: лицата кои го газеа имаа доста побитни работи за размислување од она што го претставуваше валканата, преполна микроби и измет од разно-разни инсекти, горна страна на тепихот. (А и долната сигурно не беше поарна.)
Никој немаше поим од каде потекнуваше, кутриот, и каде се беше упатил. Кој знае што мислеше?
А и зошто тоа би било битно? Каков тип човек би се занимавал со проучување на местата од кои потекнуваат теписите и што тие мислат?
Затоа, тука прекинуваме.
Да. Дефинитивно. Баш тука. Тоест овде. Под овој ред.
Крајов доживејте го како епифанија.

Музичка кутија

За третиот роденден ме посети братучедот-гастербајтер отаде Океанот.
Меѓу останатите подароци (а подароци неизоставно носеше при секоја посета) кои ми ги донесе имаше и една музичка кутија со десетина различни песни.
Со оглед дека не ми беше позната ниту една од тие мелодии уште истата вечер оставив неколку пати да поминат сите едноподруго, кога свирењето конечно прекинуваше.
Таквата забава траеше со часови. И со денови.
Меѓувремено со искрено надежен, невин тон ја запрашав мајка ми дали ќе ми дозволи да си го зачувам „моторчето од внатре“, односно електричниот сегмент на апаратот.
Таа се насмеа на сиот глас, за миг потоа да ме острелуши со тон кој навестуваше само едно: предупредување.
И ветив дека ќе внимавам на прекрасниот подарок на кој тие мигови бескрајно му се радував.
Моцартовиот менует „Мала ноќна музика“ во алегро ме орасположуваше и инспирираше за размислувања околу можните намени на електричната компонента…
Се сеќавам: таа беше акцидентално одвоена од остатокот на апаратчето непосредно откако прекина свирењето на Шумановата „Сцени од детството“.
Падна од не многу високата подлога на витрината кајшто ја држевме.
Сè уште се чудам како.

Коан на јинот

Ја запрашаа еднаш тишината кој предел од човековото тело најмногу посакува да го насели.
Ја запрашаа уште еднаш како да се остане рамнодушен кон бескрајот на човековата лудост и незнаење.
Ја запрашаа и трет пат како, едноставно, е да се биде човечка тишина.

Коан на јангот

Еднаш се чу шепотот на врбовите лисје, длабоко во гората, на средиштето каде ја пресекуваа трите овдешни реки.
Еднаш се виде допирот на две меѓусебно возљубени пчели на цветот од една пространа вишна среде полето прошарано три нијанси на зеленило.
Еднаш замириса на цутот од липовите дрвја од подножјето, далеку на врвот на ридов од кој раскажувам.
Никој не праша: „зошто?“

Момчето со сложувалка

Му ја подарија за минатиот роденден, а родителите му ја беа зафрлиле во еден прашлив ќош од кајшто ја извлече дури неколку дена пред овој.
Започна да ја решава со неускротна страст и полусвесни очекувања на детски престиж откако ќе ја реши.
Се обидуваше да предвиди што решава.
Бројот на делови беше многу поголем одошто воопшто знаеше да брои.
Решавајќи ја, еден ден го научи и тоа.

Мостот

Се наведнав да фрлам внимателен поглед на еден долгнавест објект одвеан со текот на реката, закачен на една дебела, ниско наддадена гранка од недалечната врба.
Го почувствував лизгањето на металниот објект сместен во горниот џеб на тенката кошула.
Како ли можев на тоа да заборавам?
Ми испадна часовникот изработен од 18 каратно швајцарско злато. Чинеше цело богатство, а да не споменувам дека ништо слично не можеше да се најде на пазарот.
А тоа ниту оддалеку не беше неговата вистинска вредност.
Проклетиот часовник беше последниот спомен од мојот рано починат татко.
Почина додека мајка ми сè уште ме немаше изнесено од својата утроба, додека мисловната именка на грижата полека ја разоблачуваше самотијата над нашето семејство, преоѓајќи во конкретна.
Размислував дали да го следам патот на својот часовник кој не чувствуваше болка од падот.
Впрочем, можев и да го побарам.
Го маркирав во својата фотографска меморија местото кајшто потона со својата тежина низ заматената вода, со надеж дека ќе успеам да го извлечам при првите неколку обиди.
Симнувајќи се од едната страна на мостот, вниманието мигум ми се фокусираше на пловечкиот предмет одговорен за загубата на часовникот кој ми заличи на нешто што не се осмелував да изговорам.
Сепак, веќе упатен кон местото каде се чу допирот со водата, враќањето кон објектот од незнајни причини си го „резервирав“ откако ќе си ја вратам загубената оставштина.
Буричкав низ водата, допирајќи го тревкастото дно.
Водата ми беше токму до средината на градниот кош, веројатно преполовувајќи ми го срцето.
Дното прилегаше како за бара.
Стапалата ми пропаѓаа во блатото.
Внимателно чекорев, со цел да го нагазам тврдиот предмет.
Освен неколку камења, по неколкуминутно пребарување не наидов на златниот часовник.
Не беше чудно: дното беше испреплетено неизброиви и густи треви, додека водниот матеж не дозволуваше ниту отворање на очите додека си заронет.
Го задржував здивот колку можев подолго. Ме трогна помислата на загубата.
Најпосле, го најдов.
Беше во форма на огледало кое даваше одраз на светот по неколку децении.
Изгледав баш како оној кому припаѓаше.
Можев да се препознаам – тоа бев Јас, таткото на себеси.

Вечниот претпоследен чин

На почетокот беше Вистината. И од неа се оддели првата вистинита лага.
Потоа се нарои мојава приказна, како татко на човештвото, чии солзи уште оттогаш не беа замреле.
Првиот ден ја создадов тишината. Космичката.
Вториот ден ги создадов затишјата на хоризонтот. Онаму каде запираа телескопите денес.
Третиот ден ја создадов тишината во околувратникот на Ѕвездата чија животворност Ти го убива погледот.
Четвртиот ден ја создадов земската тишина.
Петтиот ден ја создадов тишината во одраз на огледалото кое те гледа откако се будиш и секогаш кога по автоматизам чувствуваш потреба да се увериш во телесното Ти присуство.
Шестиот ден ја создадов тишината одвнатре. Онаа од која произлегува и твоево читање, колку и да е тоа погрешно. Неизбежната.
Седмиот ден го создадов себеспознанието.
Потем, беше уништено.
Не знам како, ниту зошто, ниту од кого; илузорно е да се прашаш.
На крајот Те создадов, онаков грешен како што ги осогледуваше зборовите што го означуваа твоето битие. Онаков, каков отсекогаш копнееше по себереализација и сфаќање на сопствените слободи.
Онаков, каков што ограничено сакаше да наѕреш во перенијалните тајни на безграничјето кое само се прогласуваше за твој создател и утврдувач… со сè уште присутен одек во последните мигови на овој Седми ден.

Биографија на дрвото

Се сеќавам кога се роди. На зрното од кое излезе од мојата рака.
Не се надевав да израсне, особено не вака стамено и гордо како што до неодамна познавав.
Биографијата му беше испишана на секој сантиметар од грамадата што ја претставуваше, на секој лист, секоја новоиздадена фиданка, секое гранче со дебелина едвај поголема од канџите на врапчињата кои врз него слетуваа.
Откако го исеков, а заради рационални причини – морав да се одлучам на тој чекор, некако го преболував долгото другарување.
Повеќе од јасно беше – дрвото не поседува душа или што и да е преку што би се споредувало со мислечките суштества налик човекот и на тој начин беше тешко да се заклучи дека е воопшто „живо“.
Потоа од рационални причини го искористив за огрев, а со правта и пепелта од дрвото го полеав местото каде за прв и последен пат го видов.
Врапчињата се беа доселиле на братското дрво до него.

Продавачот на ветар и магла

Дождовникот. Го викаа така не само заради волшебството со кое беше обдарен, го викаа така затоа што изгреваше и заоѓаше, доаѓаше и заминуваше со секоја нова вода од небото: „Човек на дождот“.
Половина живот мина со пријатели од својот кварт во играње кошарка, ефективно користејќи ги своите 192 сантиметри кои некогаш се надеваше ќе му помогнат да влезе во водите на професионалната кошарка.
Беше ѕвездата на квартот.
Медиумите константно ги полнеа насловните со неговите предвидувања стандардно вметнувајќи го карактеристичниот евтин сензационализам од кој колку и да сакаше да избега, не му успеа.
Од едни издигнат на пиедестал, од други исплукан, веќе му беше сеедно како некој однадвор гледа на тоа.
„Дождовнику, ќе направиш ли да врне денес? Веќе две недели нема капнато, а жетвата треба да почне за уште толку“.
„Дождовнику, ај те молам сопри го дождов, ми навлезе вода во шпајзот и сега е во хаос!“
„Дождовнику, ако поседуваш реални моќи за контрола над облаците, направи еден во форма на твоето лице“.
Го гонеа милиони сенки од еха на шепоти растопени во далечината на сеќавањата од најмали нозе, додека сè уште го бунеше слепилото на оние кои не ја поседуваа „натприродната вештина“.
Во моментот додека беше на ТВ емисија, ја предвиде поплавата која го снајде, рече дека студиото ќе се претвори во базен.
И би.
Ден потоа му се јави бизнисмен-сопственик на земјоделска компанија со покана да работи на предвидување на количеството врнежи за десет пати поголема плата од било кој метеоролог.
Одработи еден месец, намерно давајќи грешни прогнози.
Уживаше да дава погрешни прогнози.
Потоа го батали тоа и си најде саглам работа на бензинска пумпа.
Уживаше да работи на бензинска пумпа.

Бизнисот на Кларк Кент

Кларк Кент на 23-ти октомври пред неколку години отвори семкарница карши „Рекорд“ али немаше доволно кеш, па реши да го пренасочи бизнисот и отвори Претпријатие за спасувачки услуги „Супермен и пријателите ДООЕЛ“.
По месец дена реновирање го начека и првиот муштерија, кој влезе, се насмеа злобно под неизбричениот мустаќ, ја спушти француската шапка со перче изработена од чиста кожа, се насмеа уште еднаш злобно под другиот неизбричен мустаќ, се сврте под агол од 64 степени и излезе на раце.
Си ја стави пак француската кожна шапка, овојпат без перче, и замина.
Во тој момент во близина помина продавач на еден весник со шише вода во раце, кого Кларк Кент, изнервиран, го погледна под око.
Овој се препна, подголтна, плукна една капка од водата што му беше во уста, се сврте во полукруг, и запрепастено му викна на Кларк Кент:
– А бе ти знаеш ли кој сум јас!? Имаш ли грам совест бе! Како не ти е срам така да зјапаш бе! А бе…
Кларк Кент имаше проблеми со грлото и поткашла.
– Па се дрзнуваш и да прекинуваш бе! А така ли? Е ќе видиш после на директорот на весников што ќе му кажам! Братучед по на мајка ми вториот братучед старосватот ми е! Ќе видиш и ти и пријателите твои!
Зеде лист и почна да запишува.
– Су-пер-мен-и-при-ја-те-ли-те! Е така. Ќе видите сите. Ќе видите дека ќе видите! Бандо кокш… кокштх… кокшхтх…
– Кокхштаплерска.
– Кокхштаплерска бе! Ма има да ве нема од тука бе! Ова е центар на градов, центар на државава, а сите знаеме колку државава отиде напред последниве години.
Приходите за 2014-та изнесуваат 158 243 000 000 денари, 148 832 000 000 од изворни приходи, 5 290 000 000 од капитални инвестиции и 4 121 000 000 од донации, додека вкупните расходи изнесуваат 176 514 000 000 денари, што всушност значи дека дефицитот изнесува 18 271 000 000 денари.
Порастот на бруто-инвестициите изнесува 7,5% на реална основа, кај извозот на стоки и услуги забележуваме раст од 6,2%, а вкупниот раст на увозот изнесува ни повеќе, ни помалку, ами 5,6%. Номиналниот раст на БДП во 2013 беше 7%, а реалниот 2,7%, годинава се прогнозира до 3,2% реален раст, а од година проекциите на Светска Банка се над три и пол проценти.
– Како се викаш бе?
– Раде.
– Еј, Раде, ај биди на три и пол и не замарај.
– Добро, нема повеќе. Поздрав и имајте убав ден.
Утредента на насловната страна на сите весници пишуваше „ШОКАНТНО: Супермен и пријателите – организација спонзорирана од тајни друштва, меѓу кои „Светлосива Ружа“, „Череп и остеопороза“, „Не за абортусот на малите сини пингвини“,„Редот на белите пигмејци“, „Почитувачите на делото на Драги Шпага“ и „Сите ние кои сме таму кадешто сме“.
Од другите вести пишуваше: „Од другите вести, економијата во 2016 ќе има реален раст од 4 проценти, во 2017 – 8, во 2018 – 16 и , во 2022 – 32, во 2034 – 64, во 2055 – 128, а во 2056 ќе настане Третата и половина Светска Војна“.
По неколку часа, Кларк Кент целосно банкротираше, мораше да затвори и да се трансформира во Супермен.
Супермен исчезна на 25 ноември.
Легендите велат дека, додека летал, ја преминал границата на црно и оттогаш радарите престанале да го следат.
Некои велат дека одлетал преку океанот, иако не можеа да го видат тоа, така што, според други, стануваше збор за политички-мотивирани шпекулации.

Фабрика за електрична опрема, крстарење, брод, баба и еден момент на егзистенцијален пресврт – Поучна приказна

Еден богат млад брачен пар замина на крстарење со брод.
Мажот беше сопственик на успешна фабрика за електрична опрема и многумина на бродот го препознаа.
По некој ден, од кабината во која двајцата беа сместени се слушна викање, кое се повтори и неколкуте следни денови.
Една 94-годишна бабичка со Алцхајмерова болест, мајка на еден советник на младиот сопственик, помина откај вратата, држејќи се на штаките за одење.
Во тој миг, младиот бизнисмен ја отвори вратата, неочекувано наидувајќи на бабата, која ја погледна засрамено и и’ се обрати:
„Здраво. Како сте?“
Бабата, пукајќи со пршлените, едвај ја сврте главата и мудро му одговори:
„Најдобар совет кој би можела да ви го дадам е да си ги чувате устите“.
„Молам?“
„Одржувајте ја хигиената на забите, јазикот и усната шуплина. Здравјето доаѓа низ уста“.
Младиот се насмевна.
„Имаш… лош здив. Башка глеам некои расипани заби. Како кај мене у последно време… и мене еве осмициве ме скинаа“ – додаде бабата, „ајде на забар“.
„Ама јас…“ – се обиде да се правда бизнисменот.
„Ама немој да се обидуваш да се правдаш сега и овде т.е. во ова време и простор, односно овде кајшто, моментов, сме“ – изговори ко молња и го завлече со сета сила накај кабината на еден забар, но откако му затропаа и никој не им отвори, сфатија дека е на одмор, па бабата престана да го замара и му ја откри најголемата древна, а заборавена мудрост за битието, а тој по неколку часа контемплирање, контемплирање и само контемплирање се најде себеси закопан од маглата на социјалниот конструкт во кој со години понираше како личност, навидум уживајќи, понекогаш и вистински, но вообичаено само заради егзистенцијалните фактори кои го опкружуваа секојдневно, полека, но сигурно втерувајќи го во вителот на погрешните вредности мадро поставени на пиедесталот на општествената (не)култура влезена во последната фаза од сопственото разнебитување, за да, откако во целост се пронајде себеси закопан од маглата на социјалниот конструкт во кој со години понираше како личност, брзо и сигурно излезе од пространствата на апсурдот, разбирајќи ја Смислата паралелно со нејзиното аксиолошко вообликување, и потем, ухна во воздухот и си рече:
„Еј, стварно ми мириса здивот“ – го распара надворешниот воздух во кој само неколку мига претходно се беше разлеале мирисите од оној внатре, а бродот се искрца.

Поет од 21-от век

Еден поет од 21-от век заминал на печалба за Америка.
На 15-минутната пауза од работа, седнал на една правлива, полураспадната фотелја од шарен сомот и запишал:
„Америка е ваква. Америка не е таква.
Америка е голема и мала во исто време.
Америка е со големина на зрнце песок.
Поточно, Америка не ни постои зашто е колективна илузија.
А јас тоа не го знам зашто сум субјективен“.
И почнал да кива.
„Проклетата алергија ми ја прекина инспирацијата,
А за тоа уствари Америка е крива“.
И од тој момент престанал да биде поет. Или да живее во 21 век.
Една од тие две работи, не се сеќавам точно.

Потрага

Склеротичната баба ја праша внука си:
– Чедо, ќе можеш да ми ги најдеш забите?
– Нема проблем бабичке, сега ќе погледнам насекаде.
– Ти благодарам – се насмевна бабата.
Устата на деведесетгодишната баба и тоа како наликуваше на устата на двомесечното бебе на нејзината внука: сосема празно, а истовремено толку полно со секакви неразбирливи звуци кои непрестајно го параа загушливиот воздух на еднособното станче.
– Нема ништо на прозорецот.
– Погледни на фрижидерот.
– Ни таму нема ништо.
– Врз печката?
– Нема.
– Во украсниот шкаф?
– Не, ни таму.
– Хммм, каде ли би можеле да се?
По неколкумиговно мислење, на бабата и светна:
– Господе, зар е можно да сум закржлавела толку? Па, забите секако се во мојата уста!
– Но, бабичке, ти немаш заби!
– На тие кои ги немам мислев, внучко.
– Леле, ти имаш склероза, а јас заборавив дека немаш вештачки заби.
Бабата се насмевна шеретски, повлекувајќи се во длабоката фотелја за да продолжи со плетење на минијатурното зимско џемперче.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *