Извадок од романот „Рај во пеколот“ на Марија Ралповска.
III глава
Не можев, а да не реагирам на зборовите на новинарката од вестите тоа утро. Го оставив лепчето со мармалад и дотрчав во дневната соба. Го засилив звукот на телевизорот. Новинарката се наоѓаше на истото место каде што вчера стоевме јас, Томи и Чарли. Целото место беше исполепено со жолти ленти, траги од крв и масло и наоколу вриеше од полицајци и форензичари.
„Синоќа, покрај автопатот Е-18 се случи тешка сообраќајна несреќа, во којашто имаме две жртви: еден мртов и еден тешко повреден. Полицијата не успеа да го пронајде мртвото тело, но моторот со којшто младичот излетал од патот и паднал во пустелијата, беше на самото дно. Се претпоставува дека од пребрзото возење со моторот, којшто патем бил украден и поради неинформираноста дека патот е во моментална изградба, како и привременото исклучување на уличните светилки, младичот удрил во карпите и потоа излетал. На ова место каде што се наоѓам јас, е пронајден онесвестен Ч.М. со сериозни повреди, којшто веднаш беше сместен во градската болница, каде што беше опериран. Штом тој ќе се освести и ќе биде надвор од животна опаснот, ќе дознаеме од него што точно се случило. За сега претпоставуваме дека починатиот му бил другар на Ч.М., но исто така имаме и информација дека полицијата открила повеќе траги од гуми, што укажуваат на четири мотори, а не на два. Останатите двајца веројатно се во бегство. Ова беше…“
Го изгасив телевизорот и го подготлнав парчето леб што ми имаше застанато в грло. Значи Лука е мртов… Тој беше мојот прв другар и воедно единствениот којшто ме прифати со моите недостатоци и проблеми. Не му беше важно колку пари имам, како се облекувам, ниту тоа што на почетокот бев груб кон него. Тој ме научи како да се борам за себе, како да го добијам тоа што го сакам, како имајќи сосем малку пари кога влегуваш во продавница, да излезеш со полни џебови и стомак. Тој ми беше како брат којшто никогаш не сум го имал. А сега го нема…
Ја зедов јакната и излетав од дома.
По еден час, се најдовме со Томи пред влезот на градската болница. Се пријавивме на шалтерот како браќа на Чарли и по неколку минути се упативме кон собата со број 307. На вратата се разминавме со новинарката од вестите, придружена со неколку камермани, други новинари и доктори. Успеавме да се мушнеме низ таа мешаница и да влеземе внатре незабележани од докторите. Чарли… Не беше Чарли. Беше целиот во завои, гипсови, со цевчиња во носот и во левата рака. Само лицето му се гледаше иако и на него имаше неколку фластери. Кога нѐ виде, веднаш доби боја на лицето и малку се насмевна.
„Конечно нешто добро!“ Промрморе тој.
„Не напрегај се.“ Рече Томи и застана од левата страна на болничкиот кревет, а јас на десната. Фрлив брз поглед околу собата. Беше мала и загушлива. Во неа беше само креветот на којшто лежеше Чарли, една дрвена маса со две столчиња и еден шкаф вграден во ѕидот. Се зачудив како сите тие доктори и камермани ги собрало тука.
„Не грижете се момци, не ве издадов. Не кажав дека и вие сте биле со нас.“
„Како да ни беше важно нам дали ќе кажеш или не.“ Превртев со очите. „Знаеш нели?“
Тој климна со главата и ги затвори очите. „Сѐ уште очекувам дека во секој момент ќе влезе низ вратата и додека да успее целосно да ме извлече од креветов, викајќи дека не треба да лежам тука како некое женче, луѓето од обезбедувањето ќе го фатат и ќе го исфрлат надвор.“
Томи го прекина краткиот молк. „Уште на почетокот мислев дека ова не е добра идеја. Ми се допаѓаат работите што ги правиме, адреналинот, ми се допаѓате вие момци, но сѐ си има граница. Мислам дека синоќа ја преминавме и за тоа плативме со животот на нашиот другар.“
Го проучував изразот на лицето на Томи. Беше напрегнат и уморен, со подочници. Изгледа синоќа и тој не спиел. Никогаш не сум го видел толку сериозен. Обично тој беше оној којшто правеше разни глупости и детски работи. Пораснал… Една несреќа може многу да го смени човек.
„Сега што ќе правиме?“ Праша Чарли и обајцата погледнаа во мене.
Ги собрав рамениците. „Нема да е исто.“
„Да направиме малку пауза…“ Предложи Чарли, а јас климнав со главата.
Го погледнав ѕидниот часовник. „Треба да си одиме пред да нѐ фатат. Ќе дојдеме повторно утре. Чувај се.“ Му ја стегнав раката на Чарли и излеговме со Томи.
“Утре на исто место во исто време?“ Ме праша Томи пред крстосницата на која продолжувавме во различни насоки. Климнав со главата и се разделивме.
Целиот ден го преседов во мојата соба. Малку спиев и многу размислував. За мене. За мојот татко. За мојата ситуација. За мајка ми. За Лука. Што ќе се случеше ако не ги украдевме тие мотори? Ако не ја дадев таа идеја? Што ќе се случеше ако таа вечер не излезев со момците? Дали некој друг од нив ќе го предложеше тоа? Што ако, што ако…
Веќе при крајот на денот, собата ми стана мала, а воздухот загушлив. Не можев да издржам и излегов надвор на прошетка.
Беше ладна и доцна мартовска вечер. Залихите на снегот беа разгазени по патиштата, но сѐ уште можеа да се забележат по тротоарите. Беше недела навечер и сите беа во своите домови, сигурно подготвувајќи се за утрешниот работен ден. Но јас не бев момче што во вечерните часови седеше со книга в рака. Јас живеев ноќен живот. Не бев мирен и повлечен. Животот ме натера да станам бунтовник.
И ете ме, во еден момент стоев пред човек со веперен пиштол во мене. Пристаништето на кое ме начека беше празно. Единствено постоење му даваа слабите светлини од уличните светилки и замаглените облаци од нашите здивови. Се насмевнував на помислата дека се наближуваше и мојот крај.
Се потсетував на вечерта кога се закачив со типов. Беше понеделник и јас бев во барот во кој работеше Јана. Таа не беше на работа. Остана дома и се подготвуваше за испитите за наредниот ден. Сакаше да стане професорка, а не келнерка. Ѝ остануваа уште неколку испити, а потоа ќе бараше работа во некое училиште во центарот на гратчето. Јана дури и доби стипендија за две години школување во еден голем град кое успеа да го искористи. Таа вечер излегов од дома само бидејќи не можев да го гледам својот пијан татко, кој викаше и бараше услуги од мајка ми.
Бидејќи не сакав да мрзнам надвор, се пикнав во барот кој се викаше „Енисеј“. Јана ми кажа дека еден од двајцата гази коишто го воделе барот се викал така. Таблата со името стоеше над кафеавата дрвена врата и беше расипана. Од „Енисеј“ буквите „ис“ трепкаа и се гасеа, станувајќи црни, а останатите светеа со розова боја. Барот однадвор беше изработен од ламперија во кафеава боја и имаше мали тркалезни прозорци. Принуден од ладното време влегов внатре.
Барот и одвнатре беше во ужасна состојба. Ѕидовите некогаш биле обоени бели, но сега беа со дамки и потемнети од чадот на цигарите. Целиот простор беше исполнет со чадот и беше замаглен. До ѕидовите беа поставени правоаголни маси со два црвени кауча од двете страни на масите. Шанкот беше мал и црн, со неколку шанкерски столчиња околу него.
Се упатив накај шанкот со скиснато лице и седнав на едно од столчињата. Типот што работеше зад шанкот и бришеше чаши со веќе водената и валкана крпа, наточи една чаша пиво, бесплатно за мене, бидејќи Јана работеше тука и тој ме познаваше. Отпив половина од количината во чашата со надеж дека ќе се стоплам побрзо. Се прашував како сестра ми може да работи во оваа дупка, но се сетив дека ми рече дека преку ден барот бил посмирен и се служело храна, а навечер се служело пијалок и се собирале пијаници и моторџии. Затоа Јана работеше прва и втора смена, понекогаш и двете заедно, но никогаш трета.
Го допив пивото и додека шанкерот ми точеше ново, се свртев наоколу. На каучите беа оптегнати некои опасни момци, моторџии, а на шанкот имаше десетина луѓе, вклучувајќи ме и мене.
Лево од мене седеше еден пар кој изгледаше како Убавицата и Ѕверот. Типот беше ќелав и малку полничок, а девојката руса и убава, со убави облини. Ја добив својата нова чаша пиво и ја испив набрзина. Си ја избришав устата со ракавот од тенката јакна и го приближив столот до девојката. Од чкрипењето на столот по подот, таа се сврте кон мене и забележа дека гледав во нејзиното деколте. Го кренав погледот и ја погледнав в очи. Се насмевнав и таа како да ми ги прочита мислите и намерите, скокна од столот, ја грабна својата чаша со кисела вода и лимон и ја плисна во моето лице. Колку освежително. Додека ме гледаше налутено и му објаснуваше на типот што се случи, јас се нишав лево-десно од смеење. Шанкерот нѐ погледна сите тројца, промрморе нешто и се повлече во кујната.
Кога се свртев кон девојката сѐ уште смеејќи се, нешто ме удри по лицето. Почувствував болка во вилицата и удар кој го заниша мојот стол и ме тресна на земјата. Сакав да станам и да продолжам со своето пиво, заборавајќи го неговиот удар, за да не предизвикам скандал, но типот се најде врз мене и почна да ми удира тупаници по лицето и по стомакот. Го удрив со коленото меѓу нозете и кога тој се тргна, јас се фрлив врз него и почнавме да се удираме со тупаници, вртејќи се по земјата. Луѓето се собираа околу нас и нѐ разделуваа, а девојката расплакана истрча надвор од барот. Станавме од земјата. Окото на типот беше полузатворено и крв му течеше од устата и носот. Јас имав болки во градите и носот.
„Ова не е готово!“ Викна типот со дебел глас. „Ќе те пронајдам и ќе ти свирнам куршум во главата.“ Се обидуваше да се доближи до мене, но луѓето го изнесоа низ вратата. Јас си се вратив на своето столче на шанкот и продолжив да се смеам.
Шест дена подоцна ме начека на пристаништето и овојпат тој се смееше.
„Изгледа твоето пророчување се исполни.“ Реков.
Тој се насмевна и заниша со главата. „Последни зборови?“
„Копиле.“ Реков и му упатив насмевка.
Насмевката од неговото лице исчезна, тој го репетираше пиштолот и го насочи кон мене. Замижав, ја навалив главата наназад и ги раширив рацете, чекајќи го куршумот во прегратка. Се чу истрел.
V глава
„Изречена е казна од доживотен затвор на обвинетиот!“ Судијата удри со чеканот.
Присутните во просторијата се размрдаа и тргнаа да си одат, а еден полицаец стави лисици на рацете на татко ми.
„Не беше намерно.“ Се бранеше тој од мојот поглед. „Таа случајно се најде таму. Не требаше ни да доаѓа во барот. И јас си ги сакам сопствените деца.“ Полицаецот веќе го носеше надвор од судницата. „Верувај ми, синко!“ Викна тој, пред целосно да исчезне зад вратата.
„Јас не сум ти син.“ Реков тивко.
Се вративме дома со мајка ми. Таа седна на троседот во дневната, а јас отидов по апчиња од бањата. Враќајќи се, ја сфатив самотијата и тишината на куќата. Моите чекори беа единственото нешто што се слушаше. Иако не сакав да си признаам, во тој момент малку ми недостигаше викањето на татко ми.
Дојдов до мајка ми и ѝ подадов две апчиња и чаша вода. „Испиј ги овие.“
Нејзината растреперена рака ги дофати апчињата и чашата вода. Кога ги испи ѝ помогнав да легне и ја покрив со едно ќебе.
„Што ќе биде сега со нас?“ Зборуваше мајка ми со затворени очи. „Ова семејство се распадна. Не ми беше воопшто гајле за татко ти, за она што ми го правеше мене, зашто заради вас двајцата сѐ поднесував и уште можев да поднесам. За вашата среќа сѐ би жртвувала, дури и сопствената, дури и животов мој. Оф, нека се врати мојата Јана, нека вика татко ти колку сака, нека ме тепа, само си ја сакам ќерката назад… Ти си ми единственото нешто за кое ќе живеам отсега па натаму.“ Таа ја стегна мојата рака. „Немој и ти да ме напуштиш. Остани со мене.“ Климнав со наведната глава за да не ѝ дозволам да ги види насолзените очи. „Како ќе преживееме сега? Од каде пари, храна, облека, волја за живот…“ Нејзината рака полека го намалуваше стисокот на мојата и таа заспа под дејството на апчињата.
Ја бакнав на челото, ја грабнав јакната и излегов надвор. Се упатив кон најблиската телефонска говорница, ставив неколку денари и завртев еден број.
Неколку дена подоцна, мајка ми и тетка ми Илма ми мавтаа од таксито коешто ги носеше кон аеродромот, а оттаму за Лондон. По долго убедување, мајка ми конечно прифати дека ни треба помош од тетка Илма, за да застанеме повторно на нозе и дека за тоа ќе ни треба и време. Се согласи дека оддалечувањето од досегашната средина може да ни помогне. Јас требаше да останам уште неколку дена, за да ја средам куќата, да го направам погребот на Јана, а да се средам и самиот себе. Влегов во бараката, во собата на татко ми, при што го затнав носот од миризбата на ракија, мувла и пот. Не ме зачуди ни нередот во собата. Почнав да ги растурам и да ги пребарувам сите ќошиња, полици, фиоки, креветот, душекот, перницата, сѐ додека не почувствував нешто книжно. Купче пари.
Подоцна се јавив на едни луѓе кои можеа да ги изнесат малкуте неоштетени предмети од куќата и да ги продадат за некоја пара. Седнав на земјата и размислував за Јана. Сигурно е сега во рајот, со ангелски крилја. Се прашував кому ќе му недостига и дали воопшто некому ќе му недостига? Дали нејзините пријатели од барот ќе дојдат на погребот да ѝ оддадат почит? Дали ќе дојде и оној Андреј? Дали воопшто таа имаше пријатели?
Ова беше втора смрт на некој мој близок во рок од два дена… Ми се чинеше како јас да сум виновен. Како јас да имам некоја моќ да направам сите што ги сакам да бидат повредени, сите да исчезнат од мојот живот. Мојот проклет живот.
Еден маж што влезе во куќата ги прекина моите мисли. Тој покажа со главата кон надворешната врата и излезе. Ја облеков јакната и излегов и јас, следејќи го. Се упативме молкум кон блиското ритче, каде што се наоѓаа гробиштата. Кога стигнавме таму, ги забележав пријателите на Јана, оние од барот меѓу кои беше и шанкерот, кој ме стисна за рамото и ми изрази сочуство, уште тројца мажи со лопати и еден поп. Го видов и Андреј. И тој ме виде мене и ми климна со главата. Имаше тажен израз на лицето, ми изгледаше како Јана да му значела. Кога се собравме сите околу ковчегот, попот започна да чита молитва од неговата книга.
Ситен дожд заврна. Ги гледав лицата на собраните личности. Тага и по некоја солза. Изгледа Јана им прираснала за срце. Кога попот ја заврши молитвата, мажите го спуштија ковчегот и го покрија со земја. Потоа ставија плоча со името, презимето и датумите на раѓање и смрт на Јана и нејзина слика. Некои од присутните оставија орхидеи на гробот: нејзините омилени.
Полека се разотидоа сите, оставајќи ме сам на дождот, зјапајќи во празно. За само еден ден, целиот мој живот се сврте наопаку. Моето семејство се растури. Па и моето друштво. Сите се разбегаа некаде, сите доживеаја различен крај. Истиов ден претходната недела не беше којзнае колку подобро од ова, но барем, бевме заедно. Живи. А сега се чувствував осамен исто како дождот. Сите бегаат од него и сакаат да се скријат за да не се наводенат и да не настинат. Така сега сите ќе бегаат од мене за да не бидат повредени. Како да имав некој магнет со којшто привлекував несреќа.
И повторно се појави таа. Стоеше дваесеттина метри од мене и беше свртена кон мене. Ја носеше истата долга црна наметка, која ја покриваше целата и ѝ стигнуваше скоро до земјата. Капата повторно беше на неа и беше до нејзиниот нос. Имаше бело лице како мермер и коса портокалово-црвена како крзно на лисица. Тргнав полека кон неа, но таа се сврте и почна да трча во спротивен правец.
Потрчав и јас по неа. „Еј застани! Која си ти?“
Сакав да дознаам што сака од мене, но таа беше побрза. Одеднаш се сврте кон мене, фрли бела ружа и продолжи со трчање. Се откажав од брканицата и застанав. Ја зедов в рака. Бела ружа значеше извинување. За што ли ми се извинуваш девојко? Која си ти?
Кога сфатив дека студните дождовни капки пробиле низ облеката и стигнале до мојата кожа, фрлив уште еден поглед врз сликата од Јана на плочата, ја оставив белата ружа на гробот и тргнав кон дома. Или кон она што остана од мојот дом. Влегов внатре, застанав во претсобјето и погледнав наоколу. Бели, извалкани и излупени ѕидови, потемнет паркет, прозорци што крцкаа, мувла по ќошовите… Она што беше останато од местото коешто го викав дом цели осумнаесет години. Луѓето на кои се јавив, дошле додека траел погребот и ги собрале целиот мебел и предметите што беа сочувани. На една полица во ходникот оставиле едно тенко купче пари. Ги ставив в џеб, доволни би ми биле за наредните денови. Сега ми остана само уште една работа да завршам.
Појдов во гаражата и најдов една канта со плин, со којашто го полнев резервоарот на моторот. Го зедов со себе и отидов во кујната и побарав низ фиоките ќибрит и чкорчиња. Одев низ сите соби и истурав плин за себе. Застанав на прагот на куќата и го дотурив. Го запалив првото чкорче и го подржав во раката, гледаќи ја куќата за последен пат. Во неколку секунди, ми прелетаа пред очи сликите и спомените од оваа куќа.
Мојата мајка, онаа која се грижеше за мене и за сестра ми, го трпеше татко ми, го крепеше ова семејство со сите свои сили. Сѐ што правев, што се обидував да го завршам училиштето, што и јас го трпев татко ми и што не го пријавив или уште полошо, убив, беше поради неа. Се смеев лажно само за да мисли дека сум барем малку среќен. За да може полесно да заспие навечер иако многу пати сум ги слушнал нејзините издишки низ слабиот ѕидот што ги делеше нашите соби. Колку ли пати плачела по цели ноќи, а наутро повторно беше со насмевка на лицето пред мене и со надеж дека новиот ден ќе донесе повеќе среќа и промени во нашите животи.
Јана. Колку пати само сум ѝ се развикал и налутил без причина, а таа сепак ме сослушуваше и ми даваше совети, иако јас се преправав дека не ми се потребни и никогаш не остануваше лута на мене. Сѐ би дал сега времето да се врати и да ги послушам нејзините совети и да се извинам за многу работи и да се заблагодарам што ми беше сестра и што беше тука за мене.
Мојот татко. Најомразената личност во мојот живот. Никогаш не дознав ништо за него, ми изгледаше како тој да е некој странец, само гостин во нашава куќа, а не мој татко. Како да живееше со нас само колку да имаше каде да преспие и да се собира со своите пријатели пијаници и да има кој да му дава пари за пиење и коцкање. Колку им завидував на другите деца чии татковци ги учеа да возат велосипед, да играат фудбал и кошарка… Јас немав таков татко, јас немав почувствувано што значи татковска љубов. Но, на крајот, тој си го заслужи тоа што го доби.
А јас… Јас и претходно бев ништо, а сега сум подолу од ништо. Нема кој да ме советува, нема кој да ме сослуша, кој да ме испрашува и да ме критикува за моите постапки. Нема кој да вика по мене и да ме нервира. Нема кој да ми подготви доручек наутро или да ме разбуди галејќи ме. Нема за кого да изнудувам лажна насмевка на лицето и да се трудам. А нема ни со кого да се дружам повеќе. За четириесет и осум часа целиот мој живот се сруши. А па и каков живот имав јас…
Со насмевка на лицето, го фрлив чкорчето низ прозорецот во внатрешноста на куќата. Потоа уште едно и уште едно. Најпрвин се создаде чад, а потоа низ прозорците забележав портокалово-црвена светлина. Пламенот набрзо ги зафати и ѕидовите, се рашири додека полека не почна да ја проголтува куќата и да ја влече во заборав. Со помислата дека наскоро и јас ќе бидам во иста состојба, се завртев и заминав. Отидов во најблиската телефонска говорница и го свртев бројот на Томи.
„Јас сум, Томи.“ Реков кога тој се јави. „Денес нема да можам да стигнам за посетата на Чарли, морам да се погрижам за погребот на Јана. Поздрави го од мене. И чувај го. Чувај се и ти. И ви благодарам за сѐ што сторивте за мене. Ќе ми недостигате.“ Ја спуштив слушалката пред тој да успее да каже било што.
Ноќта падна и јас стоев на аголот на улицата на која живееше тој. Скриен зад еден висок бор, го набљудував додека излегуваше и го палеше моторот. Зедов еден камен од земјата и мавнав кон уличната светилка. Стаклото се скрши и светилката прегоре, а типот си ја покри главата со рацете и опцу. Тргнав кон него и тој се сврте кога ги чу моите чекори. Му требаа неколку мига да ме препознае во мракот во кој единствена светлина беше месечевата.
„Кој ѓавол го бараш ти тука?“ Викна тој со мало олеснување во гласот.
„Ми треба услуга.“ Застанав пред него.
„Каква услуга бараш од мене после сѐ што се случи бе?“ Тој го фати мојот поглед врз неговиот ремен, каде што го чуваше пиштолот и ме погледна сфаќајќи. „А. не. Нема да го сторам тоа.“
„Пред 24 часа сакаше.“
„Тоа беше друго. Сега… Сега се сменија некои работи. Им требаш на твоите.“
„Никому не сум му потребен јас.“
„Оди дома. Смири се, знам дека не е лесно да се доживее такво нешто и дека не треба да ти судам, но ова што сакаш да го сториш е лудило. Со тек на време ќе помине. А и јас ја заборавив онаа случка во барот. Ајде, чувај се.“ Пробуваше да ме разубеди.
„Добро.“ Реков јас налутен и додека тој се сврте кон моторот, го грабнав пиштолот од неговиот ремен.
„Што правиш? Остави го тоа! Не биди луд, имаш цел живот пред себе!“ Тој посегна по пиштолот.
Го тргнав пиштолот од негов дофат.
„Нема иднина во тој живот.“
Тој го дофати пиштолот и почнавме да се тегнеме за него. Никој не сакаше да попушти. Во еден момент, тој посегна посилно и го повлече чкрапалото. Се чу пригушен истрел. Ја чувствував цевката од пиштолот на моите гради, на левата страна. Почувствував тапо горење на кожата, пробивање на куршумот. Воздухот во белите дробови ми се намалуваше и дишев забавено и со прекини. Неговото лице беше испаничено, а моето насмеано. Се прашував, каде ли ќе одам? Рајот или пеколот? Но веќе претпоставував.