(Ро)мантика

Извадок од збирката раскази „Вител во Витлеем“ на Mарта Маркоска.

На 27 годиини првпат полетав со авион и првпат објавив книга.

„Не!“
Ханс мислеше како да го започне својот најнов расказ, но сфати дека темата на која прво се сети е премногу тривијална.

„Што велиш Хана да одиме на кафе?“ – ја праша жената која со денови наназад седнуваше на седиштето покрај него додека патуваше со автобусот накај работното место.

„Мислам дека јас и ти треба некогаш да излеземе“ – ѝ рече уште еднаш како самиот на себе да сакаше да си потврди дека навистина ја посакува таа средба.

„Ама, ајде дозволи си да се впуштиме во краткорочно слатко задоволство, кое нема да ни наштети, се разбира, доколку ти не пиеш горко кафе, па нарачаш за обајцата.“

Хана не мрднуваше ни со веѓата, ни со влакненцата под носот, со што барем малку ќе покажеше дека ѝ е дојдено до разговоров.

„Ама ветувам дека нема да преземам ништо за да се заљубиш во мене.“

„Во ред – одненадеж одговори Хана – само ако ветиш дека ќе ми гледаш на кафе, а при тоа не се обидуваш да манипулираш со фактите што ти ги изнесов за мене во изминативе неколку дена.“

И така, Хана и Ханс отидоа на кафе во најблиската кафетерија. Неговото умеење за гледање на кафе, се разбира, гледано од страна, изгледаше вака:

„Имаш нешто во облик на бубрег…“

„Ма, како можеше да знаеш дека имам само еден бубрег? Господи боже, тоа никој освен мојата фамилија не го знае. Точно. Имам еден бубрег, откако пред 7 години добив страшна инфекција и мораа едниот да го отстранат, за другиот да остане читав.“

„Но Хана, прости, јас не мислев да те навредам, ниту да ти предизвикам лоши сеќавања. О, прости, никако не мислев на твоите недостатоци. Овие симболи треба да се сфаќаат фигуративно, треба секогаш да се толкува нивното скриено значење … Бубрегот најчесто се поврзува со синтагмата „како бубрег во лој”, значи дека твојата личност се наоѓа во благосостојба, во една завидна ситуација…“

„Точно. Како ли само можеше да го погодиш и тоа дека на последниот преглед на крвта ми беа најдени толку многу триглицериди што би можело да подмачкаат и зглобови на сканија. Ха! Па сега кога ќе се земе во обзир тоа, болката во бубрезите е логична и неизбежна, бидејќи тие не можат добро да ја преработуваат крвта!“

„Ама, Хана, не се возбудувај, те молам, јас навистина не мислам да те вознемирувам, па ова е само детска игра, мантика, еден вид социјална забава. Како би можел јас да ги знам сиве овие работи за тебе. Еве, преминувам на друг симбол, за да видиш колку е едноставно. Гледам овде … гледам овде … две очи…“

„Оххх! – извика Хана – Кутриот мој татко. “

„Ама каква врска имаат овие две очи со твојот татко Хана…“

„Мојот татко лани почина по една тешка операција на очите. Со години наназад не можеше да ја види светлината на денот. Се надевам дека ја видел барем онаа светлина која сите ја гледаат  –  на крајот!“

„Ама, Хана, овие очи се некои очи што сакаат да те видат, очи што ти се радуваат, очи што едвај чекаат да ги пресретнеш Хана…“

„Аххх, така ми рече и мојот кутар татко пред да замине – Хана, барем погледите да ни се пресретнеа за последен пат…“

„Хана, соземи се Хана … па зар ќе дозволиш една ваква шеговита игра да ја растрои твојата личност? Зар, не ми веруваш дека ова е само една бесмислена забава против здодевноста. Еве, за да те разубедам и одвлечам од твоите црни мисли, ќе ти кажам што е наредниот симбол што го гледам овде … па тоа се … не друго, туку – чевли! Елегантни, салонски, женски чевли. “

„Лелеееееее! За малку ќе заборавев дека чевлите чија флекница ја скршив од главата на мојот бивш маж, кого го начекав со некоја пачавра во мојот кревет, треба да ги земам од поправка…“

„… И ти велиш дека ова е само игра? Па не ли гледаш дека сè во светот е поврзано со една неизбежна причинско – последична врска? Ако не ме заболеше бубрегот, немаше да дознаам дека имам повишен холестерол, па можеше да ми настрада и жолчката. Ако не беше болеста, никогаш не ќе дознаев што е брусница, никогаш немаше да пропијам пиво, во што сега уживам со големо задоволство. Ако не пропиев пиво и не се опијанев онаа ноќ толку многу, не ќе го сретнев мојот поранешен сопруг и на моите чевли не ќе им беше потребна поправка.“

„Оххх … Да, ќе беше огромна штета да не можеше да се поправат тие прекрасни, елегантни, салонски чевли…“

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *