Извадок од романот „Сениште во град Битола“ на Владимир Костов.
– Зошто? Кажи зошто?
И Чоколот, инсистирајќи на одговор каков што му одговараше, го сугерираше него како што ноќта кога пристигна на прашањето од Ќората зошто се врати, таа му сугерираше да ѝ одговори со шлаканица.
– Те чекаше тебе да се вратиш од мртвите.
Паљко му призна на Чоколот дека и тој се обидел кај Ќората, дека во тоа ја имал поддршката на Ачански, како сега Радоборецот, но дека од сето тоа, сепак, не испаднало ништо, како што сега нема ништо да испадне и со Радоборецот. На Чоколот воопшто не му беше до тоа да дознае дали од настојувањсто на Паљко околу Ќората испаднало нешто или не испаднало ништо, од настојувањсто на Паљко или на кој било друг од оние што минале низ нејзината куќа, а чиј број не се знаел. За него важно беше сознанието дека тој е единствениот за неа, незаменлив со никој.
Дури откако се осведочи за судбинската приврзаност на Ќората кон него, тој го праша Паљко за неговата средба со мајка му во Париз.
– Се сретнав со неа во еден дом за старци неколку дена пред нејзината смрт. Сама ме побара. Не знам од каде дозна за мојот престој во Париз. Ми рече дека на времето била официјално известена дека си загинал при бегство преку граница.
Чоколот нагло го прекина разговорот околу тоа прашање, преминувајќи на друго.
– А Спиридонова?
– И таа ти е верна и те чека. Учителка е во едно основно училиште. Сѐ уште живее во старата куќа.
– Можеш да влезеш во контакт со неа?
– Не е тоа невозможно.
– Тогаш поздрави ја и кажи ѝ дека сакам да се сретнам со неа.
Паљко зборуваше со снижен глас, сметајќи дека разговорот околу Спиридонова не треба да стаса до Ќората. Чоколот, обратно, нејзиното име го спомна гласно, сметајќи дека во врската меѓу него и Ќората таа е одлична спојница. Сега тој ѝ даде полет и на една своја потисната мисла за можната љубовна врска меѓу неа и момчето со кое таа дојде во групата бегалци. На пат за кон границата тој одеше зад нив. Кога ја наближија опасната зона, тие се фатија за раце. Потоа се чуја истрели и момчето падна, а таа, крикнувајќи, се наведна над него. Тоа зборуваше за нивната љубов. И на таа љубов таа ѝ беше верна. А тоа беше сега за него една причина повеќе да ја обесвети таа Богородица, таа пресвета Дева, сметајќи дека тоа уште повеќе ќе го мотивира кај Ќората, ќе го инспирира за смртното дело со неа, што беше единствен начин да дојде и до нов куфер со злато кој, пак, од своја страна ќе му овозможеше да проживее уште еден боговски живот.
Насетувајќи ги тие негови мисли, Ќората, од другиот крај на дворот, со ќоравото око небаре го нишанеше. Тој ѝ даде интимен знак какви што си даваат младоженци во медениот месец кога не можат еден без друг ни миг. Со шинелата в раце, Паљко потсетуваше на оние прекрасни времиња од младоста кога тие се среќаваа во одајчето кај Маличица, а тој, в раце со истата оваа шинела, ги причекуваше во дворот.
Со навики што произлегуваа од неговиот осаменички начин на живеење, Чоколот всушност и сега бараше начин да се осами. Најмногу се чувствуваше сам кога ќе се најдеше в бања. Се капеше со млака вода зашто не поднесуваше да потнее. Преку потнеењето доаѓаше до израз биолошката природа на телото која тој сакаше да ја превозмогне. За смртта имаше претстава како за нешто суво, и кога водеше љубов, го правеше тоа небаре смртта преку него се искажува. Ќората многу силно го чувствуваше како таков. Телото му беше бело, како тело на испосник, чисто, со мирис на светец, чиниш невино, непоречно. Кога се соблекуваше, често ќе се допреше со рака, ќе се пофатеше, ќе направеше мала масажа. Па ќе се потчукнеше по бедрата како што се потчукнува тркачки коњ, ас, по тимарењето. И ќе појдеше во спалната соба на Ќората. Мотото сега и тука многу му помогна да се адаптира на новите услови. Сега и засекогаш беше Ќората. „И во вјеки веков!“ – ќе си отпееше. Тие дена тој и Калајџиев се договорија со поп Каре за панихидата.
Пред да се одржи тој помен, Чоколот се сретна со Евто. Кога на Ќората ѝ рече дека ноќта по пристигнувањето од Америка, навратил во палатата и ја нашол разурната, не ѝ ја кажа вистината. Таа информација ја доби во Америка и нејзината точност сега, откога со своите очи ја виде палатата, се потврди. На времето набрзина подигната, таа блесна со својот сјај и згасна. Како симбол на едно време, претставниците на власта од времето што дојде по него, намерно ја оставија да пропаѓа. Јарболот, на кој Чоколот во свое време развеа знаме, го немаше. Како столб на срамот на новото време тој беше урнат. Но споменот за него остана. Во неговиот телевизиски настап, за тој настан се зборуваше како за симболичен историски настан со кој се дало знак за отпор против еден политички систем кој по четириесет години, ете, беше урнат. Инаку, темелите на зградата беа добро зачувани и врз нив сега се одржуваше првиот кат, и тој руиниран, само со една употреблива соба. Чоколот ја разгледа некогашната палата од сите страни. Обрастена во џбуње и диви треви, таа беше небаре некој заборавен гроб во кој почиваше Евто. Откако ја разгледа однадвор, Чоколот влезе внатре. Се најде во еден простор кој некогаш беше раскошно претсобје. Лево од него се наоѓаше некогашната негова соба без врата и прозорци, само голи ѕидови. А на десната страна беше собата во која би требало да живее Евто. Тропна на вратата и, не чекајќи одговор, ја отвори. Го пресретна лице на еден старец кој само што ја подигнал главата од книгата што ја читаше, седнат покрај масичка. Чоколот веднаш го препозна во него истиот оној наивен Евто кој, бидејќи сфатил колку е опасно во овој суров свет да се оди со наивен израз, си наместил израз на мрачен човек, на разбојник кој е спремен да убие. Само што веднаш се гледаше дека тоа е маска на дилетант која во наивноста го правеше по малку смешен. Блед, со светнати очи, и наметнат со шинелата, да имаше уште качулка на главата, ќе беше сличен на калуѓер затечен во неговата келија како чита безбожна книга. Над него на ѕидот висеше домашната икона со светите Тројца: Таткото, Синот и светиот Дух кој беше претставен во вид на гулаб. Таткото во палатата повеќе не престојуваше, синот, кој секојпат беше Чоколот, исто така. Останал во нејзините урнатини светиот Дух, гулабот кој, меѓутоа, се претворил во гавран.
Свиткан, со испакнат нос и наметнат со шинелата, со својот изглед Евто навистина потсетуваше на гавран. Во првиот миг тој дојденецот не го позна. Но веќе во следниот, најмногу поради шинелата, го позна.
– Од каде ти?
– Откај мртвите.
Изненаден и збркан, Евто стана и погледна зад себе, небаре бара отстапница, потоа сакаше да му пријде на Чоколот во пресрет, да се поздрави со него како со брат, но не се осмсли да направи чекор. Или го одложи тој чекор додека не ја облече и не ја запетла шинелата како да беше војник пред претпоставен. Шинелата му беше извалкана, измастсна и светната, како свинска кожа, но сѐ така мазна и крута. Бидејќи, сепак, не се реши да му пристапи на Чоколот, тогаш овој му пристапи, ширејќи ги рацете кон него за братска прегратка, по толку години невидени, по неговото враќање откај мртвите. Сепак, тоа не беше прегратка, тоа беше една проверка какви што им се прават на криминалци при претрес – дали не носат оружје. Тој проверуваше дали златото е сѐ уште во шинелата. Кога тоа го констатира, се тргна од Евто, дури извади шамиче и ги избриша рацете. Понастрана од него се тргна и брат му, сс залепи на ѕидот.
– Се плашиш да не ти се замешам во сопственоста? Не плаши се. На злато спијам. Не знам дали си чул, но се вратив за да се оженам со Цула Ќората. На есен ќе се венчаме. Истовремено ќе ги здружиме и капиталите, па ќе го купиме, ако не цел град, тогаш половината сигурно.
Припалувајќи си цигара, тој ја разгрна својата шинела за да го покаже американскиот костум, па и жакетот за да му се види пиштолот.
– А што стана со златото од твојата шинела? — го праша Евто откога го виде сето тоа што тој го покажа, задржувајќи го на крајот погледот на неговата шинела која беше лесно отпуштена. – Дали ти послужи како почетен капитал?
Чоколот не му оговори веднаш.
– Не – му одговори откога помисли. – Него го одвеа ветерот што е единствен начин да се добие неговата противвредност. Но од шинелата не се разделив. Ја носам како амајлија зашто во неа е мојата среќа. А твојата среќа во што е? Зошто не си го употребил златото? Слушам си се довел во состојба да зависиш од издршката на поранешната наша слугинка. Златото во нашите гимназиски шинели затоа и беше вшиено – за да избегнеме не толку глад, колку понижување.
Евто не знаеше да му одговори на прашањето зошто не го употребил златото. Неговиот однос кон златото во шинелата не беше така едноставен, тоа злато не беше така лесно за и него да можеше да го одвее ветерот. Тој еднаш токму така се обиде да постапи со тоа злато, да го провее на ветер, како што се провејува плевата од житото, да ја ослободи шинелата од него и да ја истакне како знаме на неговата љубов. Ама место тој, Чоколот истакна знаме, знаме на неговиот пораз. Четириесет голини тој бараше одговор на прашањето што да стори со тоа злато, но одговор не најде. Четириесет години на издршка кај поранешната нивна слугинка Злата, без да ја извести за златото што го носеше во шинелата, тој одговор бараше и на едно слично прашање поврзано токму со Злата. „Златно срце имаш,- ѝ пишал по некој дојденец свршеникот од Америка – но, ете!“ Таа по дојденецот му го вратила свршеничкиот прстен. И оттогаш за секојпат се приврзала кон семејството на Чоколовци. Можеби таа врска и не ќе беше така силна, ако не бил во прашање Евто кој, останат сирак уште како многу мало дете, таа го прифатила и го зела под своја закрила која нему му била потребна особено откога во куќата се појавила неговата маштеа. И пак, можеби и таа нивна врска ќе олабавела ако Евто среќно се оженеше. Но, ете! Тој остана со златото, ама без своите бригадирски идеали и без својата бригадирска избраница. Со оглед на тоа што беше без средства за својата животна издршка, а по несреќниот бигадирски случај хендикепиран, неспособен сам да се издржува со работа, тоа злато би требало да го смета за добредојдено. Но, ете! Не го искористи и падна на грбот на една бедна жена, сега со пензија на чистачка, спрема која, за да му биде чиста совеста, се постави како спрема мајка. Размислувањето околу тоа како да постапи со златото, при неможност да дојде до задоволителен одговор како во случајот кога се поставува прашањето зошто се живее, му го исполнуваше животот, така што тој живееше без да го поставува прашањето зошто живее. Или можеби тоа беше едно и исто прашање. Почна да размислува и за смртта. Не доаѓаше предвид да умре пред Злата. Приврзана за него, – таа не како мајка, а како слугинка – Злата тоа немаше да го дозволи. Немаше да умре додека него прво не го сместеше в гроб, сфаќајќи го тоа као своја обврска, последна спрема него како спрема господар. Евто секако дека немаше да остане непогребан, но не можеше да дозволи тој толку важен чин да им го препушти на непознати, туѓи луѓе. Среќна околност беше што таа, сиромашна со пари и имоти како секој сиромав, покрај тоа што беше богата со душа, беше богата и со гробови, па Евто си имаше одбрано гроб во кој тој ќе беше погребен под кирија зашто тој, сепак, не ѝ беше син. Погребен со шинелата, заедно со неа и со златото како некој фараон, тој ќе можеше и посмртно да размислува за златото, за тоа како може да се употреби, како што фараонот посмртно размислува дали не се излагал кога сметал дека со злато може да се откупи бесмртен живот. И уште да си ја плати киријата.
Додека сега смислуваше како да одговори на прашањето од Чоколот зашто не го употребил вшиеното злато, додека се обидуваше мигум да го најде одговорот што го бараше четириесет години, да измисли уверлива прикаска за тоа колку е кобно да се употреби наследено злато, Чоколот, гледајќи го во него Акакие Акакиевич, на кој еднаш му ги украл мечтите и идеалите, веќе смисли прикаска за тоа како сега да му се украде на Акакие шинелата сосе златото.
„Штом не умеел да ја добие неговата противвредност, – си рече – тогаш навистина нека оди тоа злато по ветер. Тогаш дури ќе сфати што изгубил, од каква вредност се лишил!“