Шеесет приказни општо за животот (извадок)

Шеесет приказни општо за живототИзвадок од збирката раскази „Шеесет приказни општо за животот“ на Иво Петровски.

Гојка

Кога дојде пролетта, Гојка сврте нов лист во животот. Гојка беше девојка која не се разбираше премногу од боречки вештини, зоологија, биологија, феминизам, но затоа имаше големо разбирање за игри на среќа. Теоретски сè знаеше за комарот, но немаше храброст да игра иако знаеше дека ќе победи. Гојка се плашеше од победата затоа што беше навикната да се жали и да плаче. Кога нешто убаво ќе ѝ се случеше, таа секогаш наоѓаше нешто лошо во неа и на тоа најмногу му обрнуваше внимание. Но откако дојде пролет, таа реши да му се радува на животот и да се однесува како што изгледа, а изгледаше среќно. Таа секогаш била полна со живот, а оваа пролет за прв пат реши да го искористи тоа.
За прв пат излезе тоа утро со насмевка на лицето. Порано насмеани ѝ беа само очите, а лицето ѝ беше сериозно. Така среќна одеше на сред улица и се радуваше и свиркаше од среќа. Поради свиркањето не го слушна комбето кое ја удри и Гојка заврши во болница. Но се смееше и беше среќна зашто не го изгуби животот. Никогаш веќе нема да оди, но затоа уште долго ќе дише. Така размислуваше таа, новата Гојка. После еден месец ја изгуби и работата, но таа пак се смееше зошто сега има можност повеќе да се посвети на себе и на својата инвалидска количка. Количката ја сакаше зашто ѝ помагаше во движењето, дури сега и побрзо стигнуваше од едно на друго место отколку кога одеше пеш. Уживаше во новиот живот и кога друштвото ја избегнуваше. Сакаше да се бори за да ја заслужи нивната љубов. И откако судот ѝ забрани да им се приближува и да им телефонира по седумдесет и осум пати на ден таа беше среќна. Кога ѝ изгоре домот таа се смееше и го разбра губењето на домот како знак дека треба да живее слободно и дека не треба да се врзува за едно место.
Сега домот на Гојка ѝ е целиот свет, нејзина најдобра пријателка ѝ е количката, а нејзин најголема карактеристика е среќата. Сега таа има весел израз на лицето, но очите ѝ се шантрави.

Доктор Видоизменовски

Весела и Сречко чекаа пред новоотворениот кабинет на психијатарот Видоизменовски. Чекањето траеше повеќе од еден час и за тоа време Весела и Сречко се запознаа меѓусебно со своите проблеми. Весела беше многу несреќна иако имаше сè, висока плата, почит, семејство, сопруг кој ја сака и две деца генијалчиња. А Сречко ограбил трафика, но го уапсиле на лице место. Излажал дека е луд, па наместо затвор се извлекол со три сеанси на психијатар. Но кога слушна колку е Весела несреќна, Сречко си го спореди својот живот со нејзиниот и стана уште понесреќен од неа.
Кога дојде психијатарот учтиво им се извини што доцни и им објасни дека не можел да излезе порано, бил на промоција на неговиот прв албум со забавна музика. Им подари по едно цеде на кое пишуваше „Магистер Видоизменовски пее за да ве опушти“.
Прва влезе Весела, Видоизменовски убаво ја ислуша и и закажа нова средба три пати неделно. Истото се случи и со Сречко.
Двајцата редовно го посетуваа психијатрот во наредните три месеци, потоа во рок од една недела и двајцата извршија самоубиство. Виоизменовски не успеа да им помогне, но затоа докторираше со анализа на нивните несреќи и им го посвети вториот албум „Самба ала доктор Видоизменовски“ и постхумно им подари по едно цеде.

Хепи енд

Бааже со велосипед отиде на матурската забава на братучетка му Мими. Вујко му и вујна му, родителите на Мими, земале од соседите неколу маси и ги споиле една до друга и така направиле една маса долга 12 метри. На масата беа поставени над 30 тањири со различни салати, ордевери, неколку вида на гулаш, и во сите јадења преовладуваше краставицата. Освен јадења, на секои 23 сантиметри беа ставени шишиња со алкохолни и безалкохолни пијалоци, а преовладуваше фантата.
Бааже седна на средина од масата од страната која беше до ѕидот. Само што седна, му се приоде во тоалет, но си рече дека ќе оди подоцна за да не треба два пати да станува од масата. По него пристигнаа и други роднини и седнаа на слободните места. Кога Бааже конечно реши да оди во тоалет забележа дека треба да станат барем десет луѓе за да може тој да помине. Реши уште малку да почека, поточно кога ќе дојде крај на дискусијата „дали во викендица е попаметно да се има метална капија од дрвена, затоа што металната врата не можат да ја уништат дождови“. Најактивен на таа тема беше стрикото Киро, иако тој немаше викендица. Бааже не кажа ни збор, само си сипа фанта, неприметувајќи дека темата се сменила и сега е „дали јагнешкото месо го менува вкусот кога ќе стои во фрижидер и зошто да.“ Повторно најактивен на темата беше стрико му Киро, иако тој во својот живот никогаш не пробал јагнешко месо. Бааже реши да чека да заврши и оваа тема, но повторно не забележа како се премина на друга тема „колку години треба да има детето за да му објасниш кој е Хитлер и по што е познат“ повторно стрикото Киро беше најактивен иако немаше деца, а и не знаеше кој е Хитлер.
Бааже ги гледаше другите луѓе кои без проблем си стануваа и со одеа во тоалет, но тој немаше храброст тоа да го направи и реши да почека да си одат дел од гостите. Но, сите гости решија да останат до фајронт. Темите беа се пократки а стрико Киро зборуваше сè погласно, но и сè понеповрзано и понеразбирливо.
Кога дојде фајронт, гостите констатираа дека ова било една од најубавите фамилијарни собиранки, без никакви инциденти. Сите станаа, па и Бааже и тргна кон тоалетот. Таму имаше голема редица. Бааже си помисли дека е подобро да си оди дома отколку да чека во ред, за да не остане последен, истрча надвор и си замина заборавајќи да се поздрави.
Другите гости останаа уште еден час бидејќи им се отвори нова тема „Колку е некултурно што Бааже си отишол без да се поздрави на скала од еден до безконечност?“. На таа тема се надоврза и наредната „Мора Бааже да е криминалец кога се однесува толку хулигански и без почит“. Киро повторно беше најактивен, но веќе ништо не се разбираше што говори.
После тоа никој не го викна Баaже на било каква семејна прослава.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.