Извадок од збирката раскази „Скопје: изгубените чевли на градот“ на Иван Шопов.
Неоправдано отсутни
Не се малку на број скопјаните што на уличните свирачи – како речиси сè друго, сконцентрирани во строгиот центар на градот – им оставаат ситни пари во кутијата или на чергата пред нив. Ако на „нормалните“ концерти билетот се плаќа за влез, парите пред уличните музиканти овде се фрлаат за „излез“, бегство, оправдување на отсуството: минувачите плаќаат како да се извинуваат што нема да останат да ја слушаат нивната музика, брзајќи по некаква своја работа. Но, има и поинакви скопјани.
Драги сограѓани (или можеби сте туристи), вие што останувате да слушнете барем некоја песна од уличните свирачи, вие што не си заминувате веднаш плаќајќи за слободата да не ги слушате, со вас би правел партија, секта, тајно друштво, бенд, што и да е…
Изгубените чевли на Скопје
Малку повнимателните шетачи не можат а да не забележат дека низ Скопје сè почесто можат да се најдат чевли фрлени или оставени среде улица или на тротоар. Не, не станува збор за излитените обувки кои обично се оставаат покрај контејнерите со надеж дека ќе ги најде некој сиромав или бездомник. Ниту пак за патиките врзани со врвките една за друга и закачени за електрични или телефонски кабли. Понекогаш е тоа само еден чевел, небаре некоја скопска Пепелашка го оставила за да го најде својот принц, а понекогаш се два чевела, кои го збунуваат случајниот пронаоѓач.
Ако некогаш наидете на овие чевли, погалете го нежно градот и допрете му ги стапалата. Под прстите ќе ги почувствувате плускавците на Скопје, градот што очигледно уште не ги нашол чевлите во кои му е удобно. Фрлените обувки се доказ дека случајот е ист и со многу скопјани. Од некоја непозната причина, сè уште не сум ги забележал како трчаат низ улици и сокаци, слободни и боси. Но, еве, во моментов, во знак на некаква заговорничка солидарност, ги соблекувам и своите патики. И се кикотам.