Слобода

Расказ од збирката „Двојна експозиција“ на Игор Анѓелков.

Во првите години од деведесеттите, од завојуваната Босна пристигнаа деца бегајќи од военото лудило. И Ена беше меѓу нив. Жива, комуникативна, прекрасна, слободна. Да, тоа е она што најмногу го посакуваше – слободата! Слобода да се биде она што си, слобода да се размислува со сопствената глава, слобода да се постигне она што се сака во животот. Поради ситуацијата во нејзиното опколено Сараево, тоа чувство кај неа беше засилено, но, интересно, таа во градењето на односите со новите познајници воопшто не сакаше да ги оптоварува со ситуацијата од која побегнала и во која ги оставила нејзините родители во родниот град, со кои секојдневно се слушаше. Ена едноставно ја прифаќаше ситуацијата таква каква што е и бараше нови предизвици.

Слободан беше дел од поголемо друштво кое сесрдно ги прими „бегалците“ во своите прегратки. Тие почнаа интензивно да се дружат и да излегуваат секојдневно, бидејќи Скопје во последната декада од минатиот век беше навистина слободен град, ноќниот живот беше навистина жив и се излегуваше до раните утрински часови. А што би правеле матуранти кои едвај чекаа да го заокружат гимназиското образование пред да се најдат на крстопатот од својот живот, во кој следуваа одлуки за факултет, заминување или останување во „оазата на мирот“?

Журките беа нивната омилена дестинација. Ена и Слободан така и се сретнаа по првпат. Тој дојде малку поднапиен на приватната журка во една куќа во предградието и се втурна во собата од која ечеа тогаш актуелните „Рејџ агенст д машин“, а таму долу, на подот, беше Ена, со едното рамо потпрена долу, и на темата „Бомбтрак“ правеше „хеликоптерче“, вртејќи се околу себе. Нејзината растафаријанска коса, нетипична за тоа време, барем не во неговиот град, леташе на сите страни собирајќи ја прашината од подот, но тоа не беше воопшто важно. Важен беше перформансот што во моментот го изведуваше Ена пред присутните, кои беа наредени во крукче и ја следеа нејзината желба за тотална слобода. Малку подоцна, под стреата на лозницата на балконот од куќата, Слободан ѝ пристапи на Ена и ѝ понуди цигара, која оваа веднаш ја прифати, ја запали и почна разговорот што траеше до доцна во ноќта.

„Ти си Слободан, па ти си слободен човек уште од старт“, му рече Ена уште при запознавањето кога го слушна неговото име, на што тој се насмевна и одмавна со раката.

„Во денешно време човек не може да биде слободен. Зависи што подразбира под поимот ’слобода‘“, го запетла јазикот Слободан, обидувајќи се малку да филозофира, иако размисли дека со оваа девојка можеби и не треба да се комуницира на ваков начин, особено не во полупијана состојба. „Меѓутоа, многу ми се допадна твојот перформанс на подот. Тоа го сметам за можен дофат на фантомот на слободата, барем за момент.“

На Ена несомнено ѝ се допадна неговиот коментар, очите ѝ светнаа и знаеше дека на повидок е едно убаво долгогодишно пријателство, испреплетено со височини и падови, каков што знае да биде и самиот живот. Во сето тоа имаше многу проза и поезија, бидејќи и двајцата беа вљубени во кратките прозни излети во стилот на Данил Хармс, кои ги запишуваа каде било и кога било, понекогаш дури и на веце-хартија, како што некогаш правел Чарлс Буковски. Впрочем, тоа им беа годините, години на лудило, експеримент, отворени можности. Тие од ден на ден си ги читаа еден на друг малите прозни вињети што попатно ги создаваа и уживаа коментирајќи ги, неретко расплинувајќи го разговорот во сосема други правци.

„Еј, Ена, сабајле бев на пазар, пазарев малку за моите, и видов еден фантастично зачуван велосипед ’пони‘ каков одамна не сум видел, дури и бојата му беше црвена, како оној што го имав како мал. Тоа беше мојот прв велосипед во животот“, возбудено ѝ раскажуваше Слободан на Ена кога се сретнаа на градскиот плоштад во осум часот навечер. „Сакаш да ти прочитам што напишав по повод средбата со г. Пони?“ реторички праша тој и го извади малиот нотес од задниот џеб на фармерките.

„Пуцај!“ одбруси Ена и го зема скејтбордот в раце. Таа речиси секоја вечер скејташе со екипата на скалите покрај Камениот мост.

„Слушај. Во наш стил, кусиот расказ се вика ’Пони велосипед со банана седиште‘“, објасни Слободан.

„Ааааа, банана-риби. Се сеќаваш на Селинџер?“, се надоврза Ена.

„Да, да, Френи и Зуи“, се насмеа Слободан и почна да чита.

Денес на пазарче се најдов очи в очи со бесмртноста.

– Во што е тајната, каде е скриен клучот? – прашав.

– Ништо особено – ми одговори – само треба да се издржи да поминат срањава. Можеби ќе добиеш некој нов дел, како јас, еве, банана-седиште, а и ова багажникот напред, ич не ми се допаѓа, демек за на пазар, ама „шта ќеш“. Затоа велам, сето ова треба стоички да се издржи!

– Тууу, да го ебам, какви луди времиња – помислив – разговарам со стоик пони велосипед кој е бесмртен, и кому ич не му чуе.

„Ха-ха-ха“, се смееше Ена. „А што е ’ич не му чуе‘?“, праша љубопитно.

„Па, дека ич не му е гајле“, објасни Слободан. „Само да го видеше како гордо стоеше таму, со тоа банана-седиште. Се заљубив во него“, страсно зборуваше Слободан.

„Супер, објави го некаде“, рече Ена, го спушти скејтбордот и отиде да повози уште малку. Таа одлично реагираше на неговата кратка проза и кога тој малку ќе подзаборавеше да напише нешто ново, таа го потсетуваше дека секојдневно мора да го прави тоа, зашто само така се останува во писателска кондиција. Секако, крајната цел беше издавање на првата книга на Слободан, за која Ена вети дека ќе биде горд промотор, подготвувајќи говор со сеќавање на сите места на кои Слободан ѝ ги прочитал неговите кратки приказни.

Во друга пригода, Слободан на хартија нанесе една утринска импресија од прошетката со велосипед покрај Вардар. Ако Ена го сакаше скејтот, тогаш Слободан беше по велосипедизмот, но оној, рекреативниот, без професионални намери. Во нивното омилено кафуле излегоа со поголемо друштво, меѓу кои беа и другите момци и девојки од Босна, се заврти џоинт низ прстите и Слободан го извади легендарниот нотес и пред сите го прочита новиот кус-кус расказ напишан тоа утро. Насловот беше „Бакнежи“.

Утрово возам велосипед крај Вардар. Пусто е. Додека вртам кон Владата, ветрот е поволен и дува в грб, но на враќање е опасен, бидејќи жестоко дува в гради. Ќе ми пукнат мускулите на нозете. Па, што форсираш, не си Крис Фрум, се прекорувам. На патеката – маска за дишење. Некој ја искористил, му здодеало и ја фрлил долу. Мудро ја одбегнав со тркалата. И тогаш…

На „састав“ на Лепенец и Вардар, седнати на летната трибина од левата страна, забележав пар, момче и девојка, како се гушкаат и бакнуваат. After the devils! – крикнав гласно во себе.

@Paranormal activity

@Government denies knowledge

@The Truth is out there

Присутните момци и девојки се изнасмеаја веднаш сфаќајќи ја алузијата со популарната телевизиска серија „Икс-фајлс“, особено поради тоа што бакнежите на вљубениот пар се претставени како некаква реткост во времињата што носеа неизвесност. Ена го фати Слободан за раката и го однесе надвор пред кафулето, каде што со двете дланки го фати од двете страни на образите и страсно го љубеше со бакнеж што навистина траеше. Слободан ја прифати играта и Ена, таква каква што е, по завршувањето на врелиот и влажен бакнеж, го оттурна од себе и се врати кај пријателите внатре. Тој беше збунет и не знаеше што да прави, ѕирна низ стаклото и ја виде Ена како ја крева чашата со пиво и наздравува, па во тој момент реши да си замине оттука.

„Па, каде се загуби синоќа?“, го прашуваше Ена по телефон изненадена од неговото „бегство“. Тој прво се обидуваше да се извади, но на крајот едноставно рече дека бил изненаден од нејзината постапка и дека ад хок решил да си замине, не знаејќи како да го протолкува жешкиот бакнеж.

„Остануваме пријатели, така?“, праша на крајот.

„Ех, будалче“, возврати Ена. „Остануваме слободни како птици. Ти си слободен, јас сум слободна, тоа е тоа, идемо даље.“

Во меѓувреме, ситуацијата во Босна се смири и време беше за големиот животен рез. Слободан знаеше дека овој момент кога-тогаш ќе дојде и дека Ена ќе одлучи да замине. Тие се запишаа на различни факултети што ги тераа од што мораа – тој на книжевност, а таа на право. Наставата ја посетуваа во иста факултетска зграда. Но, некако однапред се знаеше дека Ена ќе го напушти овој град, а Слободан толку се навикна на нејзиното присуство, што не знаеше како ќе продолжи понатаму.

„Ајде батали ме мене, фати си некоја девојка и забавувајте се. Можеби јас ти пречам цело време да го направиш тоа, ама кога ќе си заминам, конечно ќе бидеш слободен. Барем од мене“, го уверуваше пријателски Ена.

Таа му навести дека најпрвин би сакала да се врати дома, во Сараево, и да ги види родителите, но и сите оние што ја преживеаја опсадата на нејзиниот роден град во изминатите години. Секако, тоа беше логична одлука, но амбициите на Ена не застануваа тука. Таа одлично го владееше францускиот јазик и реши потоа да замине на студии во Франција, кај тетка ѝ во Лион. Му кажа на Слободан дека сестрата на нејзината мајка одамна живее во овој град на југот од Франција, дека е поврзана со некои анархистични групи и дека ја живее својата слобода во вистинска смисла на зборот. Таму имаат и добар правен факултет, ќе види дали ќе ѝ признаат некои од испитите положени тука и дека, секако, го очекува него еден ден да ја посети и заедно да ја истражуваат „Ла Франс“, како што кажа на крајот. Тој се согласи дека би сакал еден ден да ја прошета земјата на Наполеон, особено во придружба, и ѝ кажа на Ена дека се радува на нејзиниот избор, со надеж дека сè ќе заврши како што треба и дека бргу ќе се приспособи на новите услови.

„Ха, немам јас гајле, ме знаеш каква сум. Кога ќе им влезам таму во комуната, прва ќе бидам на демонстрациите и барикадите. Но пасаран!“, се разбуди во неа анархистичниот дух.

Слободан пред нејзиното заминување ја замоли да ѝ прочита уште еден кус-кус расказ, на што таа скокна од радост и му рече да не ѝ доаѓа на посета без издадена прва книга. Тој пред да почне да чита, ѝ рече дека за да биде поефектен расказот, мора да замисли дека тие заедно остареле и дека, хипотетички, ситуацијата во која се наоѓаат се „средни години, утрински жагор и првото кафе во подготовка“. Таа се согласи, замижа и му рече да почне. Насловот беше, како и секогаш, едноставен: „Утрински кафе-разговор“.

– Зошто си го ставил комплетот од Достоевски цела ноќ на тераса?

– Нема веќе место на полиците.

– Па, баш Достоевски?! Не зафркавај, ќе смрзне!

– Немај гајле, човекот десет години ги издржал сибирските температури, па скопскиве… можеби загадувањето е поголем проблем?!

„Ха-ха-ха, ти си мојот Достоевски од Скопје“, го гушна Ена и продолжи да се смее од срце. Слободан знаеше дека тоа е нивната последна гушка и средба во тој период од нивниот живот, во кој, по случај на околностите, заедно растеа и зрееја.

По две децении, Ена се најави дека конечно ќе дојде во Македонија. „Ми фали таа опуштена атмосфера таму долу, на југот“, му напиша во мејлот на Слободан. Тие во годините наназад беа во контакт, некогаш интензивно, но претежно со долги паузи помеѓу, меѓутоа, никогаш не престанаа да комуницираат. Тој го заврши факултетот и се вработи во градската библиотека, а таа го батали образованието во Франција и му се посвети на активизмот. Левото антифашистичко движење во Лион имаше долгогодишна традиција и таа совршено се вклопи во тој „филм“. Голема помош имаше од тетка ѝ, која одамна го практикуваше слободарскиот начин на живот во рамките на комуната во која доаѓаа и си заминуваа различни профили на луѓе во потрага по себе. На Ена ѝ се допадна тој повик и на Слободан му праќаше фотографии од нејзините активности низ улиците на Лион, но и од оние во Париз и другите француски градови каде што ги реализираа нивните активности. Неретко се судираа и со полицијата, но Ена беше силна женска и сето тоа добро го поднесуваше, некој пат поминувајќи и со полесни повреди. „Сè во служба на народот“, знаеше да напише.

Слободан влезе во петтата деценија од својот живот што течеше рутински. Двете долгогодишни сериозни врски што ги имаше по заминувањето на Ена успеаја емотивно да го исцрпат и по разочарувањето од двете збирки раскази што не поминаа забележително кај читателите, тој се сврте кон поезијата. Првата песна за која сметаше дека е завршена и доработена како што треба, веднаш ѝ ја прати на Ена. Се викаше „Едгар Алан По во Скопје“, а беше напишана по повод Први април, денот на шегата.

Одам пеш кон библиотека

попатно гледам снежни чемпрес, ела, бор.

Nevermore.

Некој од горе се зеза со нас

Коронавирусот создава бол.

Nevermore.

Дал да се излезе ил’ дома да се чучи

и по стоти пат да се гледаат Бетмен, Робин и Тор.

Nevermore.

Граѓаните се поздравуваат од метар и пол

Плашејќи се од страшен и торжествен створ.

Nevermore.

Но, градот е привлечно убав

дури и во ваков чемер, јад и траор.

Nevermore.

Две средовечни близначки го шетаат својот пес

штотуку излезени од снежниот двор.

Nevermore.

На пазарот „Буњаковец“ е необично тивко

но греаната ракија се врти ко фол.

Nevermore.

Редот за мекици е многу голем

нек’ одат по ѓаволите и триглицериди и холестерол.

Nevermore.

Познајник од соседниот град го мачи судски спор,

ќе биде во ред, го тешам, но тој резигнирано вели

Не вер(вам) море.

Којзнае како им е и на животните

во зоолошка чмаат и слон и жирафа и твор.

Nevermore.

И ете го, гавранот вреска над мојата глава

сал аманет ми праќа од Едгар Алан По?

Evermore.

Ена му испрати десетина срциња како коментар и му напиша дека неговиот хумор, кој претходно не бил на некое ниво, баш ѝ се допаѓа. „Чекај да ги прочиташ другите песни, не се толку весели“, ѝ навести Слободан.

„Остави ги нив да ми ги читаш во живо, кога ќе дојдам“, посака Ена. „А каде ќе одиме? Имаш некаков план? Знаеш, јас сум сама-самица, таков ми е духот, и сакам авантури.“

„Ќе одиме во викендичката во Охрид“, рече Слободан.

„Еј, да, Охрид. Пред дваесет години цело време сакав да го посетам, но се сеќаваш какви беа работите и цело време заглавив во Скопје. Баш убаво. Се гледаме“, напиша Ена и средбата доби на извесност.

Слободан имаше малку подопуштено пивско стомаче, а сепак одлучи да ја облече хавајската кошула што отсекогаш стоеше во плакарот. Во неа изгледаше малку без врска, но не му беше гајле. Сепак, тоа беше само Ена, која ја познаваше со години. Таа подготвено го чекаше со торбата и шапката на главата во стилот на привлечна француска девојка. Суканиците што ја красеа пред две декади во меѓувреме се претвориле во некаква слободна форма на фризура што можеше да ја менува како сакаше и во кој правец сакаше. Сепак, за денес се одлучила да ја собере во репче зад главата, поради планот да се искапат во езерото и да уживаат во неговите благодати.

„Зема нешто за читање?“, ја праша.

„Ех, ме знаеш мене, сите пари ги фрлив на литература, зашто знам дека другото ти ќе го покриеш“, возврати Ена расположено. „Важно имаме духовна храна, а капењето и онака е бесплатно, нели, за разлика од ’Ла Франс‘.“

Се сместија на крајниот лев дел од плажата, која и онака беше празна, бидејќи сезоната во Охрид почнува во јули, а сè уште се тркалаше почетокот од јуни. Ги оставија работите на двете лежалки што Слободан уште утрото ги спушти од викендичката на плажата и влегоа во водата која беше грч, а сепак, по одредено време, пријатна за едно инстант-капење. Кога излегоа надвор тој со крпата ја собра водата од телото на Ена, која на сонцето кое почна да припекува стоеше неколку минути со раширени раце и замижани очи скриени зад штосните очила. Потоа, конечно, се испружија на лежалките. Слободан не можеше да не забележи дека Ена е супер привлечна, дури и попривлечна од пред две декади.

„Ајде прочитај ми ја онаа песна за која вчера додека патувавме со автомобилот ми кажа дека си задоволен како испаднала и дека те отсликува тебе во моментов“, го замоли Ена.

„А да ја оставиме за вечерва?“, праша Слободан.

„Не може. Сакам сега да ја чујам“, беше категорична таа, запали џоинт и се претвори во уво.

Слободан брцна во ранецот и го извади нотесот во кој и понатаму ги забележуваше своите книжевни импресии. Кратко рече „Изморен“, го подзачисти грлото и почна да чита. Посветата беше цитат од романскиот филозоф Емил Сиоран и гласеше „На оној што премногу се бунтува, му останува снага само за разочарување“.

Уморен сум

од отровот на социјалните мрежи

без обид за конструктивна дискусија

Уморен сум

од долгата транзиција

која на сите ни ги (с)крати крилјата

Уморен сум

од тоа што можам јас да направам за државата

а не таа за мене

Уморен сум

од чекање на црвеното светло на семафорот

додека пар автомобили поминуваат низ него неказнето

Уморен сум

од купување на кинески раткапни

кога знам дека ќе отпаднат на следната дупка

Уморен сум

од давање љубов

и потребата да ми биде возвратено

Уморен сум

од барање љубов

и потребата да возвратам со иста сила

Уморен сум

од улогата на добар родител

кога на крајот од годината на сите ќе им стават петки

Уморен сум

од заморот на другите

чии очи го изгубиле сјајот

Уморен сум

од плукањето на другите

додека истовремено создаваат идентични кланови

Уморен сум

од среќата во малите нешта

нетрпеливо очекувајќи го Големото Нешто

Уморен сум

од потрагата по живот на Марс

кога очигледно се работи за една голема пустина

Уморен сум

од болката во вратот

и нејзината метеоролошка прецизност

Уморен сум

од заморот на материјалот

летаргијата и безизлезноста

Уморен сум

од неуморноста на уморувањето

и покрај позитивниот пристап кон животот

Уморен сум

Од толку многу издадена поезија

која ретко кој ја купува

Уморен сум

од мислата дека ова е сјајна песна

а на преостанатите поети се за во ѓубре

Уморен сум

Генерално сум уморен

Нивната цел е да те уморат

И на крајот успеваат во тоа

Неуморен!

„Конечно си го дофатил фантомот на слободата“, искоментира тивко Ена.

Таа се сврте кон него, му ја дофати раката која висеше над држачот од лежалката, ја стисна во знак на поддршка и молчешкум продолжи да гледа во убавината на езерото пред неа.                                                                                 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *