Spectator (извадок)

Извадок од романот Spectator на Жарко Кујунџиски.

1
Илина Талеска ја затвори книгата, воздивна и се испружи на софата како мртовец. Беше тоа постара, но добро сочувана, цврста софа претапацирана неодамна, со обично сино платно без шари и со излитени ќошиња. Софата го опфаќаше поголемиот дел од просторијата, која и без тоа беше тесна, како и целиот стан, свртен кон југоисток, од кој јасно се гледаа не само ред згради од другата страна на „Партизанска“, туку и сртовите на Водно и крстот што секоја ноќ светеше како над некој кому му треба чувар. Самракот не го дозволуваше тоа, но преку ден убаво можеше да се видат ридовите на планината извиени по хоризонтот, кревајќи се и спуштајќи се како линии на стаклено шише кока-кола.
Местото за читање што жената го заземаше беше поставено така што светлината од висечкиот лустер со пружина и од прозорците со бели, дрвени рамки, со двојни крила и метални рачки на вртење, паѓаше од десната страна. На масата лежеа книгата што Илина до пред малку ја читаше, затворена и превртена со задната корица нагоре, потоа ваза со три лалиња, овенати, но сè уште оставени во заматената вода, неколку списанија за жени и два филџана за кафе – едниот полн до врв, неиспиен, а другиот превртен со отворот врз тацната.

Жената лежеше така, со раката висната надолу, петнаесетина минути. Беше толку ситна што со средниот прст одвај го допираше подот. Веројатно ненадеен шум – ѕидниот часовник или нешто слично – ја натера нагло да се исправи. Наместо да го привлече филџанот до себе, таа се повлече од едниот кон другиот крај на софата и го испи кафето во неколку долги голтки и без да го разреди со вода. Погледот го впери надвор. Гранките на липите се триеја од стаклото.
Од нејзиниот поглед, кој како да е за него наменет, и во кој тој виде испитување, младиот човек се сепна, го испушти двогледот од раце, се истави од прозорецот, и застана со плеќи потпрен на ѕидот. Падот произведе силен тресок врз подот обложен со буков паркет и без парче покривка. Двогледот остана негибнат. Десет секунди подоцна, метален звук од долниот кат, како предупредување од соседите, се разнесе низ цевките и радијаторите. По сè изгледа на човекот не му доаѓаше напамет да го повтори тресокот, зашто тој сè уште здрвено стоеше прилепен како тапет до ѕидот. Со ширум отворени очи и не дишејќи. Кога се чинеше дека никој друг нема да реагира на бучавата, зад соседниот ѕид се слушнаа удари.
– Што правиш таму!? Никола! Луѓе одмараат! Сè ќе направиш бербат!
Станот ечеше.
Никола Сиевски не сакаше многу да зборува. Кога имаше седум години пред заспивање броеше ѕвезди. На прашањето што ќе стане кога ќе биде возрасен, одговараше:
– Гледач на ѕвезди.
На деветнаесет не стана ѕвездочитец, ама служеше војска. Го викаа Очи Кои Не Спијат. Имаше одличен вид и смирен јазик. Кога заминуваше, капетанот, лично, му подари двоглед.
Сега имаше триесет и две години и сè уште го чуваше подарокот како риболовец јадицата.
Од ненадејната врева човекот се исплаши повеќе и инстинктивно зафрлајќи ја главата наназад – се тресна од ѕидот. Се држеше со двете дланки за темето, полуклекнат, притискајќи го местото. Не запали светло. Во самракот само напипуваше и проверуваше дали случајно си пуштил крв. Ударот беше премногу тап. Од допирите по темето на прстите не му остана ништо. Викотниците низ зградата не стивнуваа. Се пренесуваа од стан во стан, без некој посебен ред.
Лазејќи по земја, се одвлечка до полиците, од малиот куп книги зеде една кабасто квадратна книга со корици од специјално дебел картон и седнат на земја ја притискаше врз главата. Напорот беше залуден. Мала џумка полека се подигаше. Ја спушти книгата наземи. Насловот беше испишан со букви кои отсветнуваа во полумракот. СКОПЈЕ. Монографија. Надвор нешто бучеше.
– Двојка… – Никола изусти тивко, колку за себе.
На катот владееше идеална тишина. Старата жена која тропаше веројатно ја совлада сонот гледајќи телевизија на новиот приемник што го купи со парите од кириите, во комплет со далечински управувач со сто шарени тастери и рамен екран, двапати поголем од огледалото во бањата.
На булеварот одвреме-навреме минуваа редовните автобуски линии и моторџиите кои се движеа со молскавична брзина. Гасовите се креваа нагоре и се лепеа како оси на мед врз фасадата на зградата од седум ката. Архитектурата беше едноставна, извлечени вертикали и хоризонтали, сосем просто – како да цртал ученик со два триаголника во неговата тетратка по техничко образование.
Човекот се појави повторно на прозорецот, нарушувајќи ја симетријата од прави линии во просторот. Гледаше преку улицата. Сè што оттаму можеше да се забележи беа неколку осветлени прозорци на зградата од другата страна на чиј покрив стоеја безброј антени и натежнатите алишта тукушто спрострени на балконите од вториот и третиот кат.
Држејќи ја џумката со едната рака, се наведна по направата. Го напипуваше паркетот. Низ станот некој се движеше. Старицата влегуваше во бањата. Се слушна како заклучува.

Клучот ја врти бравата.
Никола не го подигаше двогледот. На околните згради, еден по еден, светнуваа прозорците. Долу, фаровите на автомобилите ги осветлуваа лицата на пешаците и ги прегрнуваа стеблата на дрвјата.
Прво ја отвори вратата. Потоа пушти вода. Целиот стан се исполни со звукот на казанчето.
Ги стегна прстите на нозете. Подот беше сув. Кога се чинеше дека бабата е во својата соба, таа тропна уште еднаш по неговата врата. Без да проба да отвори. Потоа се повлече.
Светлото гореше во малата кујна поврзана со трпезаријата. Жената ја немаше. Софата беше празна. Стоеја само лалињата. Непроменети, валкано жолти и поднаведнати. Ѕидниот часовник покажуваше точно девет и дваесет. Долу, на раскрсницата, стоеше колпортер и продаваше печат. Утрешен.
Човекот не го симнуваше двогледот од очите. Стрпливо стоеше. Месечината лебдеше горе како заборавена. Неколку ѕвезди го осветлуваа небото над градот.
Жената се појави одненадеж. Затрчана ја грабна телефонската слушалка. Му беше свртена со тилот. Нејзиното лице не се гледаше преку прозорецот. Разговорот траеше кратко, сè на сè, пет до шест минути. Мирно ја спушти слушалката. Отпрвин се потпираше за дрвената ѕидна ламперија. Потоа клекна на земја. Лицето сè уште ѝ беше покриено. Со дланките.
Од поткровјето на соседната зграда, човек од метар и седумесет и три сантиметри стоеше со двоглед во рацете. Не мрднуваше. Скаменет. Беше вистинско лето и беше топло како во рерна. Воздухот – полн со некаков бел памук. До човекот доаѓаше мирис на загорено млеко. Кивна. Од џебот извади шамиче и го исекна носот. Двогледот внимателно го потпре на прозорецот.
Кога повторно гледаше во нејзиниот стан, жената се гиздеше пред огледалото. Ставаше течна пудра на лицето. Ја затвори тубичката. Сите светилки по собите беа вклучени.

Илина Талеска мразеше да биде сама и мразеше да седи во темница.
– Кога е мрачно околу мене имам чувство дека нема никој со мене – им велеше на гостите во тесната гарсоњера.
По некоја минута уште светеше сè и веќе не беше сама. Стоеја покрај масата во трпезаријата еден покрај друг. Маж и жена.
Мажот изговори нешто, па ѝ удри шлаканица. Жената беше на само триесет сантиметри растојание од него. Вака се согледуваше дека таа беше ниска, пониска за половина метар. Качена на потпетици со високи платформи од плута, таа разлика не беше толку очигледна. Но, и покрај лажната висина, Илина изгледаше никаква во споредба со мажот кој имаше широки дланки со кои може да се опфати и бандера, а бицепсите му беа како ѓулиња за куглање.
Усните му мрднаа уште еднаш. Потоа – удар. Уште еден. Иста шлаканица, отсечна, брза, како и претходната, но овој пат од другата страна на лицето. Жената се затетерави, но остана на местото и не зборуваше ништо. Беше во долг бел фустан со странични џебови. Крајот на здолништето се влечеше по земја и ги покриваше нејзините обувки со висока плутена маса на дното. Беше исправена, иако нејзиниот врат подаден нанапред, косо, оддаваше впечаток дека главата ѝ е наведната. Го гледаше без страв. Потоа нешто кажа.
Тогаш почна кавга. Тој мавташе повеќе. Повеќе од неа. Повеќе се напрегаше.
Под креветот во спалната лежеше справа за вежбање со која Илина Талеска ги одржуваше во форма телесните мускули. Дотаму имаше три и пол метри. По булеварот минуваше огромен товарен камион. Куче стоеше среде патот. Камионот свирна.
Ја грабна за надлактицата. Не се помрднуваше. Ја бакна. Во уста. Исто. Потоа уште една шлаканица. И уште еден бакнеж. Па прегратка. Па шлаканица. Наизменично. Како да прави торта на нивоа. Пандишпан, па крем. Пандишпан, па крем. Шлаканица, бакнеж. На левото крајче од устата се појави црвена цртичка. Ред удари, ред бакнежи. Цртичката личеше како исцртана со тенкоминец со дебелина 0,5.
Никола веќе не беше крај прозорецот. Кружеше низ својата соба како да бара нешто. Пред да излезе, погледна уште еднаш кон прозорецот. Кон двогледот. Повторно кон прозорецот. Потоа ја отклучи вратата од својата соба.
Ноќта беше паднала.
Маж по кратки панталони со дебела книга со тврди корици во рацете правеше прекршок прескокнувајќи ја металната ограда поставена меѓу двете ленти на булеварот. Прозорците на зградите трепкаа како очи на животни во зоолошка. Автомобилите кочеа кога ќе се запалеше црвеното, потоа јуреа бесрамно сечејќи го мракот. Небото имаше сипаници од сјајни точки. Месечината ја покриваше облак голем колку овца згоена до препукнување. Во истиот момент светна ходникот во зградата со многу антени и машки чекори во скокови ги совладуваа скалите. Од алиштата на балконите на катовите два и три уште капеше вода.

2

Чекаше да изгасне светлото во ходникот, па дури потоа го извади снопот клучеви од џебот. Издиша со олеснување кога долгиот сив метален клуч влезе цел во бравата. Нежно отклучи и ја турна вратата без да крене врева. Ја затвори. Окцето повторно се осветли, надворешната порта тресна, што беше сигнал дека некој влезе во зградата. Герти Финшес почека додека предметите станат видливи контури во мракот. Дури тогаш го потпре куферот врз држачот за чадори и на прсти помина во соседната соба. Во рацете држеше нешто завиткано во хартија за пакување подароци.
– Те чекав – женски глас го прекина неговото арамиско влегување.
Веќе немаше причина зошто да не го запали светлото. Тргна.
– Остави! Сакам да уживаме малку во темнината. Стоеше без да рече нешто.
– Дојди и седни.
Отиде и се смести. Таа ги удри колената едно од друго. Како поздрав. Не можеше да ја види.
– На овој кауч првпат седевме заедно – рече. – Држевме рамномерно ниски, широки чаши за виски во рацете, полни до врв со алкохол и мраз, се сеќаваш?
Тој кимна со главата. Во мракот не можеше да го види.

– Музиката беше гласна, доволно гласна за разговорот да биде повеќе напрегање, а не опуштање. Каква упорност. Забавата штотуку почна, а станот веќе крцаше со луѓе – ми доаѓаат пред очи – двајца мустаклии, еден тип со истуткана црна маица и суканици, четири девојки во кратки здолништа, внимателно ги набљудував – искомбинирани со еспадрили, блузи и second hand блузони во разни бои, момчиња во кошули, со или без вратоврски…
Трепкаше. Во мракот. Светилник што ги насочува бродовите. Кон следниот остров. Таа продолжи:
– Потоа се појавија и две девојки кои се држеа за раце и кои се трудеа да изгледаат елегантно и интелигентно со очилата со тенки рамки што кај обете изгледаа идентично. Една од нив носеше жолти мокасини кои смешно ѝ стоеја со долгото здолниште две педи под колената. Многу брзо станот ми се наполни со фаци, шишиња, врева и музика. Беше мој роденден, а никој од тие луѓе не познавав – жената се обидуваше да ја потсреди својата коса во разбушавен стил. – Ти текнува?
Ги крена рамениците.
– Матно, да. Не вака како тебе, но се сеќавам – завитканото не го испушташе од рацете. – Ти и твојата меморија за ситници.
Таа пивна од чашата.
– Не знаеше дека каучот е мој. Тој кажа:
– Не знаеше дека одам со Франциска.
Рацете им беа зафатени. Неговите со хартијата. Нејзините со чашата.
– Герт, дојде часот да те прашам. Што те привлече кај мене таа вечер, и потоа? – го праша.
По толку години.
Тој ги покри очите. Можеа да прават сè во мракот, заштитени од темниот превез.
– Се сеќавам дека во еден миг се проѕевна, заборавајќи да ја ставиш раката на уста. Тогаш ти ја забележав лузната.

Се развлече како пружина. Ми се допадна. Ми се допадна твојата лузна. Ситна и тенка како бадем.
– Како бадем? Глупаво. Сепак, мислам дека го забележав тоа – како ѕуриш во мојата лузна – подголтна. – Ми рече дека коњакот е бајаги лош и дека така е кога нема ништо друго за пиење. Се сеќавам и дека ме нарече лош домаќин. Будала, не знаеше со кого седиш и уште повеќе – што пљампаш.
Се сеќаваа. Седеа и се сеќаваа. Седеа.
– Ти не се помрдна. Те фатив за раката, се наклонив кон тебе и ти го повторив истото. По вториот пат се сврте, кимна со главата и се насмеа. Чекав нешто повеќе. Реплика. Коментар. Ништо. Само лузната повторно ти се развлече.
Жената му ја стави раката врз главата и минуваше низ меката и проретчена коса.
– Сакаш да глумиме, Герт?
– Што да глумиме?
– Да се глумиме себеси. Да се глумиме себеси таа вечер. На раката ѝ светеше прстен со голем осмоаголен црвен
камен.
– Што ако стане Ерих? Ќе биде смешно.
– Ерих замина.
– Каде замина?
– На екскурзија. Утринава. На Хохшваб кај Залца.
Од Виена – помалку од два часа возење. Со автобус и попатни застанувања.
– Го зеде ли компасот што му го купивме за Божик?
– Мислам дека не. Стои на своето место, над креветот. Герти ги соблече чевлите и со нозете ги тргна малку на-
страна. Хартијата ја спушти крај нив.
– Ајде тогаш да одиграме. Да ја одиграме вечерта. Не мрднуваа.
– Мора да ги замениме страните – дополни жената.
– Мора?
Станаа и се заменија. Тој десно. Таа лево.
– Почни – му рече. Воздивна.
– Не знам. Јас сум лош глумец.
– Ајде, без публика. Само јас и ти. Седеа така пред минливоста.
– Не ми текнува.
Жената му го стави врвот од показалецот крај усните:
– Ова ти е од велосипедот, нели? – потоа го тргна. – Сега ти текнува?
– Ова ти е од велосипедот, нели? – го повтори истото. – И јас имам нешто слично. Над лактот.
Го поткрена ракавот.
– Одлично. Тоа е тоа. Јас бев зачудена. Реков Молам? –
рече жената.
– Лузната ти е од велосипедот, нели? – ја гледаше сега и тука.
Оттогаш остаре седумнаесет лета. Смени пет автомобили, три пати адвокатската канцеларија каде што клиентите ги отвораа судбините комплицирани за раскажување, со години одеше редовно на солариум, направи пластична операција на носот и престана да го пресолува сосот од домати.
– Треба да се намуртиш, и потоа да се смееш. Незрело и заразно – ѝ рече.
Жената се смееше. Изнасилено и испрекинато.
– Јас се збунив, а потоа… – мажот почна да се смее со згрчено лице, навалувајќи се напред-назад на каучот.
– Од преполната чаша почна да ми се разлева алкохолот и го накапав својот свечен фустан – рече жената.
Она што беше останало во чашата го истураше по своето лабаво здолниште. Течноста се слеваше по нејзиното колено, врз каучот и врз подот.
– Откако ми се исуши раката, некаква нелагодна лепливост ми остана на дланката. Уште ја имам, осеќаш. Потоа… потоа, по ѓаволите, ти погоди како сум ја добила лузната. Тоа беше лудо.
– Проста случајност.
Зборуваа со погледи вперени пред себе. Во извесноста што трепери.
– Му ја кажував приказната на туѓинец во мојот стан
– почна повторно да ја кажува. – Кога имав седум години, научив да држам рамнотежа. Бла-бла.
Ги поткрена рацете во страна.
– На девет со велосипедот возев до Палатите Белведере. Таму паднав и се раскрвавив. Се довлечкав од Фесендорф. Бев тотално загубена. Бла-бла. Полиција ме врати дома.
Мајка ѝ била во паника. Татко ѝ седел мртов ладен. Кога ја видел ќерка си, само рекол:
„Добро е.“
– Се сеќавам дека пред наши очи некои се бакнуваа. Јас ти подадов рака – Герти ја подаде својата рака. – Герти.
– Кристине.
– Герти Финшес.
– Кристине Талер.
Се ракуваа. Втор пат во животот.
– Мило ми е – крајчето на устата повторно ѝ се накриви.
– Знам дека спиеш со други жени – рече. – На пат.
Звучеше уверливо. Не беше глума.
– Ова не го кажа тогаш.
– Не. Го кажувам сега.
– Кажа само: утре, во исто време, на исто место. Тогаш ми стана јасно со кого седам.
– Го кажувам сега и те прашувам дали е поради моето тело?
Со раката ги чистеше своите панталони. И онака немаше ништо.
– Не. Не е поради твоето тело.
– Само поради тоа се давам во туна, брокули и карфиол… И кафеав ориз.
– Ти реков дека не е.
– Направив сè за тебе. Носот, и телото, и сè. Знаеш што ми кажа еднаш доктор Замел? „Зошто не ја средиш лузната?“ И, знаеш зошто ја оставив?
Не одговори.

– Ја оставив оти мислев дека тебе ти се допаѓа. Можев да го средам и тоа – чашата стоеше празна. – Зошто, Герт?
– Ако сакаш, ќе заминам уште вечерва. Не земам ништо, само куферот со скршената брава, со кој се преселив кај тебе. Ти текнува? – инсистираше да прозвучи патетично. За да ја придобие нејзината наклоност. Кристине премолча и тој рече: – Ќе се снајдам за спиење.
Не стануваше.
– Дали спиеше со сестра ми? – го праша.
– Какво е ова прашање?
– Дали спиеше со сестра ми? Што е тука нејасно?
– Никогаш не сум помислил да спијам со сестра ти, Тине.
– Ти се допаѓа Нора – рече Кристине. – Ти си допадна уште кога прв пат отидовме кај моите. Имаше фризура како шлем. Те поздрави со едно прсте, зашто рацете ѝ беа со тесто. Занеме, занеме Герт… Поради тоа никогаш не си се согласувал со Улрих. Само поради неа. Сум те гледала како ја гледаш. Ве најдов еднаш како се бакнувате на нашиот кауч. На истиот кауч. Ништо не ти реков тогаш. Ни збор.
– Требаше да речеш, немаше абер.
– Не сакам да слушам. Сепак, Герти кажуваше…
– Не, просто е. Таа го чуваше Ерих. Тогаш имаше одвај една година. Бил во кујната и играл со хемикалии. Оние за рерната и оние за садовите. Се обидел да се напие. Го видела во последен момент. Беше потресена. Јас дојдов порано. Се обидував да ја смирам. Како викаат, рамо за плачење. Нема абер.
– Не барам да се оправдуваш.
Седеа како статуата на Линколн во неговиот Меморијален дом во Вашингтон. Лицата им беа замрзнати. Таа рече:
– Запали го светлото, не можам веќе вака, во темница. Тој не рече ништо. Само стана и го сврте потенциометарот. Отпрвин помалку, потоа во собата предметите добија форма. На ниската масичка пред нивните нозе стоеше списание. Со крупни букви пишуваше „Сексот – најсилно оружје“. Двајцата мижуркаа, додека не се привикнаа на светлоста. Го крена завитканото од подот и ѝ го подаде.
– Што е ова?
– Спомен. Оттаму.
– Спомен од Малта? – праша и почна да ја кине хартијата. На масата стави широк сад за цвеќе од прецизно обработено стакло. – Премногу спомени за една вечер – рече Кристине.
Мажот го зеде списанието. Жената отиде до витрината во која беше сместен пијалакот. Сакаше да си стави, но само ја остави чашата покрај шишето бренди. Потоа се сврте.
– Ќе јадеш? Варев компири за пире. Специјално за тебе.
– Јадев во авион.
Тоа беше лага. Ја вртеше мазната колор-хартија. Седна до него.
– Спиев со Матијас Клус. Тоа беше цела вистина.
– Нискиот со лице како домат. Да, три пати спиев со
Матијас Клус. Три дена по ред. Потоа му реков дека е свиња.
На средината од весникот имаше плакат од некоја артистка. На две страници.
– Може да одиш. Не мора да одиш. Можеме да правиме што било, само Ерих не смее да страда.
– Се согласувам – рече. Непрестано ги вртеше страниците.
– Што ќе правиме?
– Ќе спиеме.
Собата лошо мирисаше. Од летот и обувките. Се сместија во постела.
– Уморен сум – кажа пред да ја стави главата на перница. Таа ја запали ламбата со абажур и ја отвори книгата.
– Мислам дека е време да го баталиме суеверието и да купиме нов кауч – рече без да ја тргне книгата од пред очи. Мажот лежеше со главата бувната во перницата. Не
можеше да ја слушне. По некое време, и таа, без да осети, ја спушти главата врз јорганот. Додека спиеше, лузната ѝ се тресеше како лист. Ламбата продолжи да свети цела ноќ. Дури утрото сфатија.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *