Страв од варвари (извадок)

Извадок од романот „Страв од варвари“ на Петар Андоновски.

Разгледница: Оксана

Не знам колку време помина од нашето последно видување. Од денешна дистанца ми се чини дека тоа беше во некој друг живот. Откако замина, мислев дека никогаш нема да ја напуштам Украина, дека цел живот ќе останам во Доњецк и ќе те чекам да се вратиш. Но јас одамна го напуштив Доњецк, а од неодамна и Украина. Замисли, сега живеам на остров, каде и да погледнам, го гледам морето, но засега го гледам само од прозорците на куќата. Големи се и може убаво да се види, во која соба и да отидам, јас пред мене го гледам морето. Големо! – токму онака како што го замислувавме. А и куќата е како онаа куќа од разгледницата што ти ја донесе татко ти, бела, на два ката, рамките на прозорците се сини, и жалузините се сини, а пред вратата има лимоново дрво. Се сеќаваш ли кога бев болна и дојде да ме посетиш, надвор паѓаше снег, многу снег, а ти ми донесе два лимона, ти реков дека ми студи, а ти ме погали по челото и ми рече да не се грижам, дека еден ден ќе заминеме на некоj остров во Грција и таму секогаш ќе ни е топло, и ќе имаме не два лимона, туку цела плантажа со лимони, дека ќе живееме во куќа како онаа од разгледницата што ти ја донесе татко ти. После толку години јас навистина се преселив на остров, живеам во куќа како од разгледницата што ти ја донесе татко ти, имам и лимоново дрво, но живеам со Евгениј и со Игор, не со тебе. Ти и не ни знаеш кој е Евгениј.

Беше попладне кога со Евгениј се запознавме во предавалната на факултетот. Беше попладне кога двајцата штотуку дипломирани нè викнаа во деканатот и ни кажаа дека како најдобри студенти, ќе бидеме вработени во Нуклеарната централа во Чернобил. Беше попладне кога дојде до хаварија на четвртиот реактор на нуклеарната електрана „Ленин“.

Беше попладне и кога рибарот го фрли јажето кон насобраните луѓе, а ние за првпат стапнавме на островот.

Последните неколку години со Евгениј живеевме во Киев. Сè што имавме ни остана во Припјат. Едно утро Евгениј случајно налета на Игор, наш колега од електраната, за кого мислевме дека загинал во експлозијата. На Евгениј му кажал дека по несреќата заминал на Крит, дека живее во некое село во близина на Псилорити. Во селото освен неколкуте старци и мачки, не живее никој. Преживува така што им помага на старците и на овчарите од околните села, а за возврат добива храна и понекоја драхма. Таму успеал да се излекува од радијацијата. Евгениј за сите овие години постојано е болен, постојано е на разни испитувања. На заминување, Игор му кажал дека се вратил поради татко му кој е во болница, но за неколку недели повторно ќе замине, овој пат на еден остров во близина на Крит. На Гавдос.

Чамец на стравот: Пинелопи

Да не побегнеше онаа ноќ од манастирот, сега сигурно ќе бевме некаде во Шпанија или во Португалија. Она попладне кога рибарот го врза јажето на пристаништето, знаев дека засекогаш ќе останам тука. Дента кога стапнав на Гавдос, си ветив дека никогаш повеќе нема да помислам на тебе. И не помислив цели десет години, до денес, кога Михали се врати вознемирен дома. Првпат видов страв на неговото лице. Уште рано утрово се собрале во таверната за да го пречекаат докторот. Додека пиеле ракија, попот го прашал што има ново од другата страна, покажувајќи со раката преку морето. Докторот им рекол дека паднал Берлинскиот ѕид, дека цела Европа е во исчекување. Сите молчеле. Никому не му било јасно какво значење би имал еден ѕид за Европа.

Тука луѓето со години живеат заборавени, историјата упорно ги одминува, ги одминале и лепрата и гладот, и таман кога помислиле дека и овој пат ќе ги одмине, во таверната влетал Спиро и на сиот глас почнал да вика: „Тие дојдоа! Ене ги, се приближуваат кон пристаништето!“ И без да прашаат кои се тие, сите се упатиле кон пристаништето во Караве. И тогаш, од среде мирното море, во облик на чамец, до нив сè повеќе се приближувал стравот.

Од чамецот излегле тројца луѓе, двајца мажи и една жена. Жената била со кратко потстрижана коса, повеќе личела на маж отколку на жена. Рибарот што ги донел им рекол дека се дојдени да се лекуваат на островот. Им рекол дека се Руси.

И тогаш, крвта ми смрзна. Не од страв! – туку од помислата на тебе! Те видов како стоиш, на лицето ја имаш насмевката за која сестра Теоктисти велеше дека е ѓаволска. Иронично им се смееш додека го гледаш стравот во нивните очи. Ти, која велеше дека не се плашиш од ништо, дури ни од смртта.

Се сеќаваш ли кога во манастирот дојдоа оние двајца Американци, рекоа дека се новинари и дека сакаат да ги фотографираат девојчињата што живеат во него, а сестра Еротеј нервозно потскокнуваше на едната нога и постојано повторуваше дека главната сестра Теоктисти не е тука, дека е во посета на манастирот во Аркади, притоа погледнувајќи во прозорците од нејзината работна соба. И по долги преговори со Американците, ти ме повлече за ракавот и им рече дека ние ќе позираме. Стоевме и позиравме. Јас цело време од срам гледав во моите извалкани чевли од прав, а ти бесрамно се клештеше кон апаратот. Сестра Еротеј стоеше настрана и ти се закануваше цело време дека ќе те каже на сестра Теоктисти, а мене само ми рече дека треба да се срамам што одам по твојот памет, ти си полутуѓинка, тебе ти доликува такво однесување, а мене не. Но никогаш не ти кажав дека и јас се плашев по малку од нив, истовремено и се плашев да не те разочарам зашто ти цело време повторуваше дека сум различна, дека не сум како другите девојки.

Сон: Оксана

Сонував како барам пошта за да ти испратам разгледница. Влегував од една во друга уличка, знаеш, оние улички какви што ги има само на Медитеранот, тесни, со камени куќи, и секогаш кога ќе стигнев до крајот, пред мене излегуваше морето, големо, толку големо што не можеш да препознаеш каде завршува а каде почнува небото. Во еден миг сфаќам дека јас не сум на Гавдос, дека ова е некој друг остров. Пробував да се сетам како дојдов тука, и додека безнадежно се обидував да се сетам барем на еден детаљ што ќе ме одведе до местото од каде што дојдов, се сетив на разгледницата, дека можеби таму ја пишува мојата адреса, но таму не само што немаше ништо, тоа беше една стара, избледена разгледница чија слика одвај се познаваше, на неа имаше стара трошна куќа, белата боја одвај и да се препознаваше, а сината на рамките и на жалузините беше толку незабележлива што од далеку изгледаше како воопшто и да нема прозорци. Лимоновото дрво беше старо и исушено, само еден осамен жолт лимон висеше како потсетување дека тоа дрво некогаш имало плод, многу плод.

Од сонот ме разбуди силното кашлање на Евгениј. Во раката држеше марамче што беше крваво. Исплашена што од сонот што од кашлањето на Евгениј, отидов да го побарам Игор, но тој не беше во куќата. Евгениј побара да му донесам вода. Бокалот во кујната беше празен па морав да одам до бунарот да извадам. По три дена тоа беше мое прво излегување. Откако дојдовме, Игор рече дека ќе биде најдобро да не излегувам некое време дури не се навикнат островјаните на нас. Тој и Евгениј секое утро излегуваа уште во зори, шетаа покрај морето и ловеа риба, потоа ми ја носеа да приготвам јадење од неа. Ова е прво утро како Евгениј не отиде со него.

Надвор дуваше топол ветер. Мирисот на сол ми ги размрда ноздрите, барем да можев да отидам долу до морето, да седнам на некоја карпа и да гледам во неговиот бескрај. Кога стигнавме на Крит, Игор нè однесе во Агија Румели, ни рече дека таму ќе најдеме рибар што ќе нè префрли до Гавдос. Тука ретко доаѓаат бродови. Во Агија Румели останавме речиси цел месец, ниту еден рибар не сакаше да се нафати да нè носи дури до Гавдос, требаше да чекаме до пролет, но Игор му понуди повеќе пари на едниот од нив и така некако се договорија.

Не знаев каде точно е бунарот, направив неколку кругови околу куќата, но не најдов ништо. На само стотина метри се наоѓа друга куќа, ова е мало село, има одвај три куќи. Игор ми кажа дека имало уште една на излезот, тој дел го нарекувале женско село зашто таму живееле две старици. Кога стигнав до другата куќа, видов жена како црпи вода од бунар. Кога ме виде, кофата ја испушти од рацете. Водата се слеа врз нејзините нозе. Стоеше и гледаше во мене, имаше сини очи – како морето, но не ме гледаше со страв туку со неверување, сакав да ѝ кажам нешто, не можев, одеднаш гласот ми исчезна, ги отворав усните, но залудно, ништо не излегуваше. Не знам колку време останавме така, таа со замрзнат поглед, јас со отворена уста од која ништо не излегуваше. Од куќата излезе едно девојче. Нè гледаше љубопитно, кога се доближи до жената, таа само го фати за раката и влегоа во куќата. Јас и понатака стоев со устата отворена и гледав во вратата во која влегоа, потоа жената погледна од прозорецот и кога виде дека уште стојам, се повлече. Не знам колку долго сум стоела така. Кога погледнав накај нашата куќа, го видов Игор како ме набљудува, имаше поглед полн со прекор.

Бојата на снегот: Пинелопи

Цела ноќ се обидував да се сетам на твојот глас. Но секогаш повторно и повторно ми се појавуваше сликата кога дојде првиот ден во манастирот. Ти седеше на клупата и со потсмев нè гледаше. Ти не беше како нас, ние сите бевме исти, косите ни беа сплетени во плетенки, сите носевме црни фустанчиња со бели крагни што ни ги соши сестра Дионисија, а ти имаше долга руса коса, носеше црвено фустанче. Никоја од нас дотогаш немаше видено фустан во боја, секогаш носевме црни, освен за Велигден и за Голема Богородица, тогаш се облекувавме во бели фустанчиња. Баба ти, која те донесе во манастирот, стоеше со сестра Теоктисти и нешто зборуваше, едно време почна да плаче, сестра Теоктисти ја тешеше, подоцна Олимпија ни рече дека мајка ти побегнала, дека го оставила татко ти, па тој и баба ти решиле да те донесат во манастирот зашто се плашеле дека и ти може да побегнеш.

Цела недела не прозборе со никој, до денот кога јас седев на терасата и ја цртав Богородица. Сакав да има бел фустан, бел како снегот на Псилорити, постојано се обидував да ја погодам бојата, а ти дојде до мене, ми ја зеде четката од рака, измеша неколку бои и ми рече, еве, тоа е таа боја, а јас само седев и збунето те гледав, никогаш не дознав како знаеше дека сакам фустанот на Богородица да биде бел како снегот на Псилорити. Потоа за време на ручекот седна до мене, ми рече дека уште на почетокот кога си ме видела, си знаела дека не сум како другите девојки. Кога виде дека зборуваш со мене, Олимпија дојде и те праша дали конечно си го прекршила заветот на молчење и почна да се смее, а ти ја погледна со поглед полн иронија и ѝ рече дека ти попрво ќе се замонашиш отколку таа. Сите во манастирот знаевме дека сестра Теоктисти не ја сака, дека долго време се обидуваше да ја омажи, но никако не можеше да најде човек за неа. Кога Олимпија наврши 25 години, рече дека сака да се заманонаши, а сестра Теоктисти постојано ја разубедуваше надевајќи се дека некој ќе дојде и ќе ја побара за жена. Од тој ден никогаш повеќе не ти се обрати, постојано те избегнуваше, само еднаш додека ѝ помагав околу ручекот, ми рече да се чувам од тебе, дека си вистински ѓавол.

А јас сè повеќе и повеќе сакав да бидам во твоја близина, бев спремна да направам сè само да не те разочарам. Тој ден кога седна до мене за време на ручекот и ме праша дали планирам да запишам ликовна академија, јас ти реков дека планирам, иако немав планови за иднината, јас ништо не знаев за животот, јас сакав и откако ќе навршам шеснаесет години да останам во манастирот, да се грижам за девојчињата и цртајќи икони, да му помагам финансиски на манастирот. Сестра Теоктисти пополека ме подготвуваше за монашкиот живот. Девојките што имаа некаков талент, гледаше по секоја цена да ги задржи во манастирот, а на оние што немаа им наоѓаше богат маж, кој подоцна ја помагаше.

Во манастирот бев единствената што немаше никого. Другите девојки ги носеа нивните семејства кога ќе влезеа во пубертет. Монахињите покрај тоа што нè учеа да читаме и да пишуваме, нè учеа и да веземе и плетеме, нè учеа на верност и на љубов, а потоа, кога ќе навршија штитеничките шеснаесет години, ако нивните семејства не им најдеа прилика за мажење, тоа го правеше сестра Теоктисти. Кога ќе требаше да се мажи некоја од штитеничките, нè носеа во петок на пазарот во Тимбаки, а во сабота на пазарот во Мирес. Напред одеше сестра Теоктисти качена на магаре, по неа одеше сестра Дионисија со девојката што беше за мажење, а по нив сите ние поминувавме покрај таверните каде што седеа мажите, сите гледавме в земја, не смеевме да гледаме во нив, тоа смееше да го прави само девојката што требаше да се мажи. Еднаш сестра Еротеј ми рече дека така ја носеле Олимпија речиси цела година, но никогаш никој не дошол, а потоа само ѝ поминал редот.

Никогаш не ти кажав како дојдов во манастирот, иако мислам дека ти знаеше за тоа и никогаш не ме праша. Кога имав две години, мајка ми почина од туберколоза, останавме јас и татко ми. Тој беше рибар па повеќе беше на море отколку на копно, за мене немаше кој да се грижи па ме однесе во манастирот кога имав четири години. Секој викенд доаѓаше да ме земе, ме носеше во нашата куќа во Кокинос Пиргос и потоа повторно ме враќаше. На мојот седми роденден дојде во манастирот и ми донесе кукла, тоа беше мојата прва и единствена кукла, ја купил во некоја продавница во Атина. Рече дека уште таа недела ќе оди по риба, а потоа ќе дојде да ме земе и никогаш повеќе нема да ме остави, рече дека собрал доволно пари да отвори мала таверна, дека јас ќе одам на училиште, а потоа ќе му помагам. Тоа беше најдолгата недела во мојот живот. Мислев дека никогаш нема да помине. Кога конечно дојде денот, сестра Дионисија ме подготви за заминување, со нетрпение стоев на скалите од манастирот и чекав да дојде, во левата рака цврсто ја стискав куклата што ми ја донесе. Но тој не дојде. И наредниот ден го чекав, и тој по него, и наредните недели и месеци, тој не дојде. Кога навршив четиринаесет години, денот пред ти да дојдеш во манастирот, сестра Теоктисти ми рече дека ние двете ќе одиме да прошетаме низ плантажите со маслинки зад манастирот. Додека шетавме, ми рече дека треба да ја знам вистината зошто татко ми не дојде тој ден. Не знам дали сакав да ја слушнам вистината, од неа се плашев повеќе отколку од неговото недоаѓање. Ми рече дека истата ноќ кога дојде да ме посети во манастирот, заминал со бродот, таа ноќ имало силно невреме, дека бродот не издржал, тоа бил стар брод што не ни бил негов туку го изнајмувал. Неговото тело никогаш не го пронашле, неколку недели по несреќата некои рибари пронашле даска на која било напишано името на бродот – „Елпида“. Така се викал бродот. „Надеж.“

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *