Суво мастило (извадок)

Извадок од романот „Суво мастило“ на Владимир Илиевски.

20.

            Нашите планови за Андон не застанаа тука. Емилија не престана да размислува како на нашиот драг пријател да му го исполниме и осмислиме престојот во Загреб. Скоро секоја вечер, кога ќе се вратев од Управата или од лабораторијата, кога ќе завршеа обврските и ќе успеевме некако да ги успиеме децата, седнувавме во салонот со чаша француски коњак и постојано Андон ни се јавуваше во разговорите. Моравме да сториме нешто повеќе за  пријателот, бевме свесни за тоа. На почетокот немавме решение. Долго размислувавме како најдобро да го направиме тоа, а Андон ништо да не забележи. Знаевме ние каков е тој, знаевме дека може да се налути, да се намршти и долго да не ни прозборе. За среќа, во една прилика, кога разговорот отиде во друга насока, ѝ спомнав на Емилија дека тој ден во „Корзо“ го сретнав мојот драг познаник, господинот Иван Хоиќ, посветен педагог и научник, пријатен, ненаметлив човек со кого отсекогаш сум имал добри релации. Хоиќ беше добар географ, еден од најпознатите хрватски географи, а неговото обемно дело „Слики од општата географија“ во шест тома беше задолжителен учебник по овој предмет во сите гимназии во Хрватска, но и пошироко. Обемното дело на Хоиќ се користеше и на Универзитетот и беше едно опширно научно-образовно четиво кои ги привлекуваше не само студентите, туку и сите оние кои ја сакаа науката, посебно  географијата.

            Долги години Иван Хоиќ беше директор на Привремениот женски лицеј во Загреб. Ако не се лажам, ова беше првото женско училиште од ваков вид во Хрватска. Во него девојчињата стекнуваа најразлични знаења, а дел од нив потоа  успеваа и да го продолжат своето образование на универзитетите во Германија, Швајцарија и Франција. Лицејот се наоѓаше на Грич, скоро на самата падина на Медведица и беше сместен во една голема, бела, но стара и дотраена зграда без греење, на поранешната загребска реална гимназија. Хоиќ беше директор на училиштето кое одвреме-навреме ги подгреваше образовните тензии во Загреб и во Хрватска. Некои кругови го заговараа ставот дека ваквиот лицеј е сосема непотребен и дека образованието на девојките треба да е насочено кон практични работи кои понатаму треба да им помогнат во улогите на мајки, домаќинки и сопруги. Ме чудеше тоа што многу од оние кои го заземаа овој став беа многу блиски до власта, самите беа учени и образовани и за чудо, скоро сите имаа ќерки. Другите пак, сметаа дека девојките треба да се рамноправни со момчињата во своето образование и дека на градот, на Хрватска и на целото општество му треба едно вакво училиште кое ќе успее да ги поттикне надарените и талентираните ученички да го продолжат своето образование понатуму. Добро беше што и заговорниците на оваа теза имаа свои конекции во власта и во образовната управа во Хрватска. И покрај сите напади, училиштето успеваше да опстои.

            Главна заслуга за опстанокот на Привремениот женски лицеј имаше господинот Иван Хоиќ. Тој знаеше вешто да балансира помеѓу двете спротивставени образовни струи, кои честопати водеа и жестоки полемики во загребските весници, и постојано изнаоѓаше начини како училиштето да ја докаже својата општествена неопходност и како да обезбеди средства за неговата работа. Мислам дека и определбата „привремен“ во целото име на лицејот беше дело на Хоиќ кој ја знаеше силината на заговорниците за укинување на загребскиот женски лицеј и на овој начин со впечатливиот збор „привремен“ како да сакаше да ја намали жестината на нивните реакции, итро соопштувајќи дека постоењето на лицејот е со времен карактер и дека хрватското образование повторно наскоро  ќе биде вратено во машките раце. Хоиќ во својата работа се соочуваше со безброј проблеми. Лицејот беше сместен во несоодветен и запуштен простор кој постојано имаше потреба од средства за поправки и за санација. Градот малку донираше за работата на женскиот лицеј така што Хоиќ беше вистински финансиски магионичар кој преку своите вешти и снаодливи трикови изнаоѓаше начини како да се обезбедат неопходни средства за опстојувањето и за работата на училиштето на Грич. Поради ваквата ситуација, школарината во лицејот беше повисока отколку во другите загребски гимназии и училишта, но тоа не ги спречуваше свесните и финансиски моќни загрепчани своите ќерки да ги запишуваат во училиштето. Ќерките на скоро сите градски чиновници, офицери, адвокати и лекари, а и на трговците и на занаетчиите учеа тука и покрај тоа што мораа да полагаат два завршни испити, еден во лицејот, а другиот државен, во градската машка класична гимназија, како двојна потврда на своето знаење. Хоиќ знаеше дека ова е само еден очајнички обид на противниците на женското образование да го дискредитираат лицејот, но се обидуваше, знаејќи ја нивната моќ, да не ги иритира премногу, задоволен со фактот што лицејот полека ја заземаше својата општествена позиција и тивко се наметнуваше во образовната слика на Загреб. Господинот Хоиќ трошеше многу енергија во решавањето на финансиските проблеми на училиштето така што се чудев и му се восхитував за начинот на кој овој човек изнаоѓаше внатрешна сила за да може паралелно успешно и да се занимава со наука и да го напише обемното шесттомно дело „Слики од општата географија“.          

            Привремениот женски лицеј мака мачеше со кадарот. Хоиќ често се жалеше на ваквата ситуација. Многупати бараше помош од градоначалникот Милан Амруш кој полесно даваше пари за електричното осветлување на „Илица“ и на околните улици отколку за подобрувањето на условите за женското образование во градот. Хоиќ никогаш не покажуваше лутина. Лесно го прифаќаше ставот на политичарите дека секогаш постојат поважни градски приоритети. Не застануваше; продолжуваше понатаму и не се откажуваше во својата животна наставничка задача. Бараше помош и од Министерството за образование и веронаука. Сите многу ветуваа, но ништо не правеа за да го решат проблемот. Привременот карактер на училиштето ги одвраќаше потенцијалните наставници од несигурната работа. За повеќето лицејот беше само отскочна даска за понатамошната кариера; доаѓаа на почетокот на училишната година и си заминуваа во истиот момент кога ќе им се укажеше можност за да го продолжат професорлукот во некое друго училиште кое не беше притиснато од признакот на привременоста. Сепак, имаше и такви кои подолго време се задржуваа во него и градеа ценети и достоинствени наставни кариери. Еден од нив беше и мојот познаник, господинот Иван Хоиќ, кој долги години успешно директоруваше со лицејот, а истовремено беше и наставник по географија.

            Кога ѝ го спомнав Хоиќ, Емилија се подисправи во фотелјата и ја остави чашата со коњак на масичката.

            – Ова е добра идеја, ова е добра идеја – почна да повторува прекинувајќи ме сред реченица.

            Потоа почна еден нејзин долг монолог. Објаснувајќи ја својата идеја, таа зборуваше и шеташе низ салонот, од ѕид до ѕид, одвреме-навреме потпивнувајќи од чашата со коњак. Јас внимателно слушав, потврдував со кимање со главата и веднаш почнав да правам планови како оваа нејзина идеја да се реализира.

            Добро се сеќавам, беше сабота. Лично поканив повеќе познаници и пријатели на вечера за да ја одбележиме годишницата од нашето доаѓање во Загреб. Да бидам искрен, точниот датум беше малку подоцна, но имавме добра намера и цел, во нашиот дом, во големиот салон, да организираме свечена вечера за неколкумина видни загребски големци. Поводот не беше воопшто важен. Сè беше според идејата и планот на Емилија, годишницата на нашето доаѓање во убавиот Аграм да биде само мамка за да ги собереме на едно место луѓето кои нешто значеа во градот.

            Децата уште во петокот ги однесовме кај Славка. Емилија ѝ го раскажа својот план, а добрата Славка се прекрсти и тивко побара помош од Бога планот да успее. Бидејќи Славка беше зафатена со чувањето на децата, бев присилен за подготовката на предјадењето и  главното јадење да го најмам најдобриот готвач од „Матејна“. Со набавката на добро вино никогаш немав проблеми. Тука беше Вуко кој ги познаваше најдобрите винари и винарии во загребската околија. Во петокот навечер му дадов задача да набави три-четири балона добро црвено. Утредента, само штом зазори, виното беше набавено и донесено до пред влезната врата на нашиот стан. Утрото не го пробав виното, но штом градските камбани го најавија пладнето, отворив еден балон и си наточив една чаша. Вуко никогаш не грешеше. И овој пат виното беше одлично. Кога ме виде во кујната со чашата в рака и кога дозна дека виното е одлично, Емилија побара да ѝ дадам една чаша за да ја победи возбудата која од изутрината ѝ предизвикуваше немир во градите. Така ми кажа, отпи две-три добри голтки и ми ја принесе празната чаша за да ѝ дотурам уште малку.

            И двајцата бевме нервозни, само што не знаевме дали причината за нервозата беше нашиот план или поканетите гости. Ги повикав мојот близок пријател доктор Фрањо Хоровиц, моите деловни соработници браќата Мостер, нашиот драг Роберт Франгеш, професор на Уметничката академија во Загреб и познат скулптор, и директорот на Привремениот женски лицеј, Иван Хоиќ. Исто така го поканив и градоначалникот Милан Амруш, еден навистина пријатен господин, лекар, човек кој не ја користеше својата голема општествена функција за да се претстави како совршен, непогрешлив и сезнајко, туку напротив, секогаш кога имаше некаков проблем околу градската индустријализација ме повикуваше во својата канцеларија, го објаснуваше проблемот, ги аргументираше своите ставови и планови и внимателно ги слушаше моите размислувања и сугестии. Чувствував дека ми верува и тоа мое чувство како да ја создаде нашата близина и пријателство. Многу брзо ги исфрливме официјалностите во нашите разговори и така  неоптоварени од функциите кои ги имавме започнавме едно интензивно другарување кое честопати од канцелариите го продолжувавме во градските кафеани. На вечерата беше поканета уште една личност. Според Емилија, таа личност беше најважна за реализацијата на нејзиниот план. Тоа беше професорот, племенитиот Исидор Кршњави. Поблиските ги викаа Исо, но јас, иако постојано се гледавме на разни приеми, коктели, изложби, театарски и оперски премиери, сепак никогаш не можев да го почувствувам како близок и постојано му се обраќав со неговото право име,  Исидор.

            Исидор Кршњави беше алфа и омега за образованието и културата во Хрватска. Беше широко образована личност, со докторати од областа на историјата, историјата на уметноста, филозофијата и правото. Покрај тоа Кршњави беше и почитуван писател, универзитетски професор, но и влијателен политичар. Знаеше често да ги менува своите политички ставови и погледи. Започна како добар пријател на Штросмаер, но по еден жесток меѓусебен судир се оддалечи од него и стана, на изненадување на многумина, маѓарон и ѝ се приклучи на Народната партија. Така стана и пратеник и наскоро влезе во владата на банот Куен-Хедервари, задолжен за образованието и богопочитувањето. По дебаклот на Куен-Хедервари и неговото заминување од Хрватска, Исидор Кршњави ја напушти Народната партија и се приклучи на Чистата странка на правото, објаснувајќи го тоа со сè поголемата своја почит кон ликот и делото на Анте Старчевиќ. Иако за многумина беше чудно, сепак за Кршњави беше сосема нормално еден интелектуалец да еволуира во текот на животот со своите политички ставови. Тој го гледаше тоа како облик на прилагодување за да се направи што е можно повеќе за Хрватска и за Хрватите. И покрај тоа што многумина му замеруваа за таа негова превртливост, сепак никој не можеше да ги оспори и омаловажи неговите достигнувања. Под негова закрила во градот се отвораа библиотеки, училишта, уметнички друштва, домови и салони, а во весниците заживеа ликовната и книжевната критика. Се говореше дека главниот иницијатор за отворањето на Привремениот женски лицеј во Загреб бил токму Исидор Кршњави. Самиот тој тоа никогаш не го потврди, но не го ни одрече. Градеше за себе слика на тврд конзервативец, кој кон секоја новост гледаше со презир и недоверба. Знаеше честопати во весниците да напише текст во кој ќе ја омаловажи, на индиректен начин, функцијата на женскиот лицеј, но никогаш директно не напиша дека училиштето треба да престане со работа. Директорот Хоиќ ми кажуваше дека секогаш доживува нервен слом кога Кршњави ќе се појави во лицејот и кога како горделив паун ќе влезе во неговата канцеларија за да направи некаков ненајавен инспекциски надзор и контрола. Хоиќ не го поднесуваше. Не можеше да го гледа неговиот исправен од со неприродно поткренатата глава. Не му се допаѓаа ниту неговите политички прескокнувања, но сепак и самиот тој беше свесен дека Кршњави е специфичен производ на тоа општествено и политичко време и му благодареше на Бога што сепак кај него останала силна поврзаност со хрватската политичка идеја, без разлика со која политичка наметка беше покриен. Хоиќ мораше да балансира во своите ставови кон Кршњави затоа што беше директор на лицеј кој можеше да не постои ако Кршњави дадеше само една негативна оцена за училиштето, а и затоа што во неколку наврати Исидор, тој вешт и итар политичар, јавно искажа убави зборови и големи пофалби за значајното дело на Хоиќ „Слики од општата географија“. И Хоиќ правеше свесни компромиси во работата и во животот, како и сите ние. Знаеше кога треба да ја голтне кнедлата, кога да премолчи и кога да ја сврти главата на другата страна.

            Андон не го поканивме на прославата. Таков беше планот. За да не нè забележи дека подготвуваме нешто важно, го замолив Вуко да осмисли и организира некоја кратка екскурзија со Андон по загребската околија и посета на непознатите, но добри селски вински подруми. Кога му го објаснив на Вуко нашиот план, ми рече дека планот е одличен и веднаш започна, тактички и полека, да го убедува Андон дека неговото друштво му е неопходно при посетата на некое загребско село, чие име да бидам искрен само тогаш го слушнав и во истиот миг го заборавив.

            Тркалезната маса во големиот салон беше подготвена и ние нервозно ги чекавме гостите. Први дојдоа браќата Мостер, точно во седум часот, како што беше и планирано. Потоа дојде Хоровиц, па Хоиќ и Франгеш. Малку пред осум дојде градоначалникот Амруш и со широка насмевка ни ја честиташе годишницата од нашето доаѓање во Загреб. Употреби неколку официјални, градоначалнички фрази, сепак беше татко на градот, но прегратката му беше пријателска. Седевме на масата на која еден стол беше празен. Наколкупати се погледнавме со Емилија, а таа само ги поткреваше рамениците. На лицето ѝ се гледаше загриженост и некое прикриено неспокојство. Гостите беа весели и опуштени, се разврза спонтан неформален разговор прекинуван со чести здравици и со фалби за доброто вино.

            И некаде околу осум и триесет дојде и последниот поканет гостин. Дојде племенитиот Исидор Кршњави. Влезе во големиот салон со исправен од и поткрената глава исто онака како што Хоиќ често го опишуваше и се мрштеше. Се поздрави прво со нас, па со градоначалникот. Се поздрави и со другите на масата и седна на единствениот празен стол. Лицето на Емилија се разведри и веднаш започна разговор со Исидор полнејќи ја неговата висока кристална чаша со вино. Исидор, како вистински господин, се заблагодари, коректно го приврши започнатиот разговор со Емилија, го зеде ножето од приборот поставен на масата и тропна трипати на чашата. Потоа ја зеде чашата в рака, стана, исправен како што само тој знаеше да биде исправен, и ја започна својата здравица. Беше мајстор за вакви говори. Не верувам дека го подготвил претходно говорот. Говореше течно, со поврзана и логична мисла. Нѐ фалеше мене и Емилија, нѐ креваше до небесата, а ние зацрвенети во образите се смешкавме со чашите в рака. Ја спомена големината на Емилија како жена, како сопруга и како домаќинка. Знаев дека нема да ја заборави и нејзината музичка наобразба и завидниот музички талент. Мене ме нарече „најголемиот технички ум и пронаоѓач на Загреб“. Кога го чув ова за себе, истовремено ми стана непријатно, но искрено од друга страна бев горд. Овие зборови беа кажани од стана на еден од најпочитуваните и највлијателните загрепчани и Хрвати. На крајот од својата здравица Исидор не заборави да ги спомене и нашите деца. Ни посака низ насмевка уште некое, ни пожела здравје и среќа и уште многу години да придонесуваме за благосостојбата на нашиот Загреб и саканата Хрватска.

            Присутните, по зборовите на Кршњави, станаа, ги кренаа високо чашите и отпија добра голтка во наша чест. Јас станав и се заблагодарив на убавата здравица на Исидор. Потоа за да ја завршам официјалноста на масата, се пошегував, и им реков на гостите дека ако уште некој сака после племенитиот Кршњави да одржи здравица тоа да не се обидува да го прави затоа што убавите јадења на масата ќе се оладат.

            За време на вечерата гостите пиеја претежно вино. Вуко и овој пат не ме разочара. Виното беше врвно, а гостите не се воздржуваа и сами ми покажуваа кон своите празни кристални чаши. И така покрај доброто јадење и пиење разговорите навлегоа во најексплоатираната загребска тема – политиката. Грубиот однос на австроунгарската власт кон Хрватска беше анализирана од сите присутни на масата. Хоиќ објаснуваше аргументирано дека без образование нема ни народ ни држава. Франгеш неколкупати тресна со тупаницата на масата убедувајќи ги присутните дека таквата нефер состојба мора еднаш-засекогаш да престане.

            – Ова е наша куќа! Никогаш нема да биде нивна! – подвикнуваше борбениот уметник со зацрвенети очи. 

            Градоначалникот ретко кажуваше нешто, внимателно слушаше и мудро молчеше, но неколкуте кимнувања со главата потврдуваа дека се согласува со тезите на младиот скулптор. Браќата Мостер упорно тврдеа дека само со подобрување на условите за отворање на нови модерни фабрики, Хрватска ќе може да се спротивстави на моќните економии на Австрија и Унгарија. Се плашеа само од синдикалното организирање на работниците и сè погласните барања за поголеми работнички права. Во никакви работнички права не веруваа, едноставно, затоа што тоа не им одговараше. Тие беа вистински капиталисти, но беа и мои соработници.

Како што нивото на алкохол во крвта на присутните растеше, така разговорот беше сè погласен, а преполната маса заличи на ринг во кој сите жестоко ги бранеа сопствените политички погледи и ставови. А тука најгласен, нормално, беше Исидор. Бившиот член на владата на Куен-Хедервари гласно, но смирено ги бранеше своите политички одлуки. Имаше длабок, продорен глас и кога проговори го привлече вниманието на сите на масата. Тие тогаш престанаа со своите меѓусебни разговори и убедувања и внимателно почнаа да го слушаат. И во моментот кога виде дека го поседува сето внимание на масата, Исидор полн со себе и ладен како гемишт почна да објаснува колку е бесцелно да се биде неразумен бунтовник и револуционер кој во афект убива некој од унгарските министри и со таквиот чин самиот се самоубива, а истовремено го уништува напредокот на цела Хрватска.

            – Мислите дека мене ми е е лесно да ја гледам хрватската потчинетост кон Будимпешта? –  продолжи да објаснува Кршњеви. – Мислите дека ми е лесно да ја гледам својата земја ранета и слаба? Знам дека од Хрватска треба да се одлеат големи пари во унгарската каса, и тоа навистина боли. Ме боли мене, ве боли и вас, но погледнете наоколу – зборуваше убедливо Кршњави. – Гледате наоколу дека сѐ се гради. Се градат нови училишта, се градат нови театри, нови музеи, нови улици и паркови. А за сѐ тоа треба многу пари, нели? Е па на овој начин на Унгарија ќе ѝ ги пратиме само дебелите сметки, а средствата, нашите пари ќе останат тука, во она што ќе го изградиме и ќе се гордееме со него – објаснуваше убедливо Исидор Кршњави. – Вака е најдобро. Нека мисли Будимпешта дека нè контролира нас и дека ги поседува нашите пари. Само со одмереност и ум, во овој миг, можеме да се спротивставиме. Ако нашите пари ги вложиме паметно и ги потрошиме, не може Будимпешта душата да ни ја земе. Само на овој начин, верувајте, на нашите поколенија ќе им оставиме родна и богата земја – мудруваше Исидор и одвреме-навреме отпиваше по неколку големи голтки вино. – Можеме со пушки и бомби да го бараме правото. Можеме да јуришаме на нивните топови и коњаница со високо кренатата шаховница, но отворениот ризик не значи дека сме храбри. Тој само ќе покаже дека не сме доволно паметни. Знам дека некој од вас сега во себе ме прекоруваат дека немам доволно храброст, но јас ве уверувам дека јас сум храбар онолку колку што во мојата храброст има разум и логика. Повеќе ѝ се радувам на една изградена зграда, на една пробиена улица, на едно ново училиште и на еден отворен нов музеј, отколку на земја, привидно слободна, но опустошена и без пари. Ова се моите пароли. Можеби не ви се допаѓаат, знам. Моите политички ставови никому не му ги натурам. Јас кон нив не се однесувам како кон религиозна догма. Според мене, тие мора постојано да бидат во дослух со општеството и со приликите во него. Тие мора да се прилагодуваат, да се менуваат. Промените се предуслов за развојот и на природата и на човекот. Ако секоја идеја е константна и не се менува, тогаш кажете ми како таа ќе се развива. И, верувајте, налудничавите манифести кои повикуваат на непромисленост се само опојни, празни зборови. Треба да се пронајде најдобриот начин секоја состојба и ситуација максимално да се искористи. А за тоа навистина понекогаш треба ум, но и голема храброст. Признавате ли?

            Исидор замолчи. Тишина. И гледај чудо. Сите на масата почнаа да му аплаудираат. И тие што го поддржуваа и тие што не го поднесуваа.

            Таков беше Исидор, загребска, интелектуална, уметничка и политичка легенда.

            Вечерата продолжи во помирна атмосфера. Хоровиц раскажуваше комични и интересни случки со своите пациенти, Франгеш го објаснуваше необјаснивиот концепт на своето ново дело, Мостер, нормално, зборуваа за пари и за своите идни инвестиции. Хоиќ зборуваше за новата ограда на својата семејна куќа, индиректно кажувајќи им на градоначалникот и на Кршњави дека на зградата на Привремениот женски лицеј ѝ треба сериозно реновирање. Градоначалникот ги набројуваше градските квартови во кои ќе се постави неопходното улично осветлување, а Кршњави овој пат на долго  и на широко го оправдуваше напуштањето на позитивизмот во новите согледби кон ликовното творештво. Спласнаа политичките натегања. По монологот на Исидор политичките теми паднаа во втор план, па на масата почнаа да се кажуваат вицеви и шеги. Полека сите сфатија дека главната причина на нашата зедничка софра беше една скромна годишница, а не грубото расчистување на сметките помеѓу политичките неистомисленици.

            Виното се трошеше, чашите постојано се полнеа и празнеа, а печеното телешко беше изедено. Гостите, еден по еден стануваа од масата и приоѓаа до високите прозорци во салонот. Седнуваа на удобните масивни фотелји или на канабето и пушеа. Како да се одмараа од обилното јадење и пиење. Се поделија во парови и разговараа тивко меѓусебе создавајќи густи никотински облаци кои полека се креваа кон високиот плафон.

            „Сега е времето за добар коњак“ – помислив и ја погледнав Емилија. Таа како да ми ги прочита мислите. Ми кимна со главата. На малата ниска масичка, веднаш до застаклениот орман беа наредени елегантните чаши за коњак од чешки кристал и неотворено шише реми мартин.

            – Сакам да разговарам со вас насамо, ако може – му се обратив на Исидор и му ја подадов кристалната чаша со коњак.

            – Секако, драг Едуард, повелете – ми возврати Исидор.

            Очигледно беше задоволен од своите покажани ораторски особини и силното влијание на неговите убедливи зборови врз присутните. Во зениците му се отсликуваше пламенот од свеќникот кој стоеше на масичката спроти него. Со поглед на задоволен човек гледаше во мене, исправен и во фотелјата, со поткрената глава. Седнав до него и разговорот почна а со тоа започна конечната фаза во реализацијата на планот на Емилија.

            Почувствував дека ова е добра прилика. Исидор беше во свој елемент, полн со себе, ме гледаше во очи и сакаше да ме чуе. Почнав од далеку, како мојот добар пријател, а негов познаник, директорот на Привремениот женски лицеј постојано ми се жалел дека имал големи проблеми да обезбеди добар и стручен кадар за своето училиште. Постојано – ја продолжив приказната – наставници доаѓале, останувале месец-два, најмногу една наставна година и си оделе. Кршњави внимателно ме слушаше и во неколку наврати погледна кон Хоиќ кој заедно со Хоровиц и едниот од браќата Мостер стоеја на другиот крај од салонот. Не зборуваше, ме остави да ја докажам својата приказна. Можеби, реков, тоа е поттикнато од привремениот карактер на училиштето, наставниците кои таму работат се чувствуваат несигурни за своите работни места, па работата во училиштето ја сметаат за привремена, ја искористуваат првата посериозна прилика и си одат.

            Исидор и понатаму само ме слушаше и потпивнуваше од коњакот. Помислив дека доаѓа моментот кога треба да поентирам, пред Кршњави да го изгуби интересот да ме слуша.

            – Сакам да му помогнам на господинот Хоиќ, тој е добар човек и уште поголем пријател, а и сами знаете колку квалитетен посветен директор и наставник е тој. Мора да признаете дека уште долго хрватската образовна фела ќе чека да се појави личност која ќе напише поголемо дело од делото на Иван Хоиќ.

            Кршњави ја стави чашата на масичката.

            – Едуард, знаете дека ве почитувам и како човек и како професионалец. Исто така и господинот Хоиќ го почитувам и можеби скришно, но целосно го поддржувам во неговата работа со лицејот. Знам и за неговите проблеми и, верувајте ми, постојано му помагам. Тоа, на прв поглед не се гледа, но ја има целата моја поддршка во неговото настојување женскиот лицеј да стане елитно училиште во Загреб. За тоа „привремен“ сега не би сакал да зборувам, но можам да ви кажам дека тоа е само политика за да се затворат некои погани, но моќни усти кои воопшто не му мислат добро ни на градот, ни на Хрватска.

            Почувствував дека разговорот оди во добра насока. Пред да продолжи Исидор, ја побарав со поглед Емилија. Стоеше во друштво на градоначалникот и постариот од браќата Мостер. Ме погледна и таа неколку пати. Добро знаеше за што разговарам со Исидор Кршњави во тие моменти.

            – Знам и за проблемите со наставниците – продолжи Кршњави. – Хоиќ го наведува овој проблем во секој свој извештај упатен до надлежните за образованието. Но не се согласувам со вас дека сите си одат од лицејот. Има таму наставници кои предаваат повеќе од десет години.

            – Знам, почитуван Исидор, – веднаш возвратив – но морам тука да го спомнам проблемот со наставниците по пеење. – Постојано се менуваат и, ќе се сложите, тоа влијае врз квалитетот на наставата. Колку што знам, токму во овој момент во лицејот нема наставник по пеење.

            Исидор се сложи со мојата констатација, потврдувајќи дека лицејот постојано има проблем со наставниците по пеење.

            – Тука сакам да помогнам, почитуван – продолжив. – Сакам да му помогнам на добриот Хоиќ, да му помогнам на лицејот, на хрватското образование и култура, на мојот Загреб, сакам да ви се понудам за помош и вам, а сакам да му помогнам и на еден мој драг и ценет пријател за кого сум сигурен дека би бил одличен наставник по пеење.

            – Да чујам, кој е тој ваш пријател, драг Едуард? – се заинтересира Исидор.

            Не чекав повторно да ме праша.

            – Сигурно го знаете, почитуван. Андон, Андон Цветков, од Турција, поточно од Македонија. Знаете, одамна го познавам господинот, се запознавме на студии во Дрезден, јас студирав хемија, а Емилија и Андон музика. Во Загреб е подолго време и, знаете, совршено научи хрватски. Не треба да ви кажам дека зборува уште пет-шест други јазици – почнав да го фалам Андон и да ја регистрирам секоја реакција на лицето на Исидор. – Андон е вљубеник во хорското пеење. Тоа најмногу го интересираше на студиите во Дрезден, а сигурно знам дека има искуство и со раководењето со црковните хорови во неговата родна Битола, во Македонија.

            Исидор смирено ме слушаше, па кога подзастанав тој продолжи:

            – Го знам господинот Андон. Маркантен, висок, црн. Постојано го забележувам на премиери,  промоции и изложби. Симпатичен човек, питом. И ми велите дека би бил одличен наставник по пеење.

            Бев изненаден кога ова прашање Исидор го постави релативно брзо по започнувањето на нашиот разговор.

            – Сигурен сум, добро ги знам неговите музички квалитети. Ви гарантирам, убеден сум во тоа – потврдив, свесен дека разговорот добро се одвива. – Но има еден проблем. Андон не е наш државјанин. Турски е. Разговарав и со Хоиќ и тој ми кажа дека не може на своја рака, без посебно одобрение, да го прими како наставник по пеење во лицејот. Затоа би ве замолил, доколку ова не ги прекршува вашите убедувања и ингеренции, да ми помогнете, односно, да ни помогнете за да може квалитетен наставник да ги образува нашите деца.

            – Ова не е лош предлог. Ќе направам сè што можам – брзо ми одговори Кршњави и ненадејно стана од фотелјата, ме потапка по рамото и појде до градоначалникот со кого веднаш започна разговор. Неколку мига останав подзамислен во фотелјата. „Да не погрешив нешто, да не реков нешто погрешно, непромислено?“ – се преиспитував.

            Гостите остана скоро до полноќ, но јас не се сеќавав повеќе на ништо, не знам ни со кого, ни за што сум разговарал. Бев блед, а Емилија ми каже дека сум бил и нервозен. Јас едноставно бев збунет и цело време во мислите си го повторував разговорот со Кршњави, барајќи ги во него сопствените погрешни зборови.

            Кога си отидоа гостите, сè и раскажав на Емилија. Многу ме зачуди нејзината реакција.

            – Ќе видиш, чувствувам, сѐ ќе биде в ред. Ајде сега да си легнеме – ми рече смирено.

            И ноќта ми помина нервозно. Се раздени, а јас око не склопив.

            Неколку недели чувствував внатрешен немир. Тоа го забележа и Андон. Ми рече:

            – Те гледам, те јаде некаква јанѕа.

            Јас се изнасмеав, па го натерав да ми го објасни зборот „јанѕа“. Андон на долго и на широко ми го објаснуваше значењето на „јанѕа“. Се уверив дека тоа што го чувствував во мене навистина беше јанѕа.

            Деновите поминуваа, но јанѕата во мене не исчезнуваше. „Ме јадеше“ – како што би рекол Андон.

            По десетина дена, точно напладне, Хоиќ задишан влета во мојата канцеларија и ми кажа дека добил уверение од племенитиот господин Исидор Кршњави дека може како наставник по пеење во Привремениот женски лицеј да го прими лицето Андон Цветков.

            – Знам дека ова е твое дело, па затоа не можев да чекам и веднаш дотрчав до тебе –  одвај дишејќи ми објаснуваше Хоиќ. – Кажи му на Андон дека од понеделник е наставник по пеење во лицејот – продолжи Хоиќ, па одеднаш стана и се поздрави со мене. – Морам да одам, имам предавање, но ова морав веднаш да ти го кажам. Поздрави го Андон. Пријатно.

            Порано си дојдов дома и сè ѝ раскажав на Емилија. Се радувавме. Многу бевме среќни. Разговорот ни го слушна Славка. И таа се израдува за вработувањето на Андон.

            Кога полека се стишуваше радосната еуфорија, така сè повеќе јас и Емилија станувавме свесни дека сме соочени со еден навистина голем проблем – како ова да му го соопштиме на Андон и каква ќе биде неговата реакција?

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *