Тегли (извадок)

Извадок од романот „Тегли“ на Јордан Коцевски.

Секогаш кога работата ќе ме однесе на високи места што бараат акробатски вештини пред мене се појавува ликот на мојот професор по физичко. Ме мотивираше со зборовите „твојата грда фаца не е причина за твоите лоши резултати“. Човекот гледаше нешто во мене што јас не го пронаоѓав. Секој час ме тераше да направам нешто потешко и бараше уште повеќе од мене. Кога виде дека не попуштам под притисок реши да ми стане личен тренер. Тоа беше… па како оној типон од „Пеколна кујна“, Рамзи, да е до тебе додека готвиш. Знаеш да готвиш, ги имаш состојките и знаеш како да ги подготвиш, но јадењето никогаш не е доволно добро за него, дури и кога финалниот производ е совршен. Не само што ме донесе на државниот натпревар по гимнастика, туку ме претвори во совршен провалник. Иако верувам дека тоа не беа неговите намери. Не е тој виновен што да се биде флексибилен и вешт, способен да се качуваш, да се нишаш и да држиш рамнотежа, да се протнеш низ тесен простор или да скокнеш далеку и да се пречекаш безбедно се вештини неопходни за безгрешен грабеж. Благодарение на тие вештини во моментов се наоѓам во дворот на богаташот.

Да се биде добар гимнастичар не може да ве спаси од кучиња чувари. Тука главна улога играат проникливост и памет. Постојат неколку работи што треба да ги знаете за кучињата чувари. Прво и најважно од сѐ: без разлика колку и да мислите дека сте тивки, тие можат да ве чујат. Знам дека можам да се движам без некој човек да ме слушне или забележи, но кучињата се нешто сосем друго. Затоа секогаш сум подготвен. Пред да ви објаснам како, дозволете да ви го кажам вториот важен факт: без разлика колку се тренирани кучињата или на која сорта припаѓаат, бескорисни се доколку не успеат да лавнат.

Што значи да си подготвен? Прво нешто што правам е ја откривам сортата на кучињата со кои треба да се соочам. Зависно од тоа кучињата може да бидат крволочни, безмилосни, агресивни или послушни; може да се насочени кон заштита на сопственикот, куќата или одредена област. Тренингот е најважен во градењето на нивниот карактер. Добро тренирано куче ќе ја игнорира храната што им е фрлена туку-така. За моја среќа, ова не го научив од сопствените грешки, туку додека гледав „Discovery“ и се погоди епизода од „MythBusters“ токму на оваа тема. Според мене, без сомнеж докажаа дека куче што поминало добар тренинг не ја ни погледнува храната фрлена од некој што не е нивниот сопственик.

Токму затоа повеќето богаташи сакаат да имаат куче чувар наоколу. Чувството за безбедност им се зголемува пропорционално со бројот на кучиња што ги имаат и саатите поминати во нивно тренирање. Дел од тренингот е посветен на нивниот условен рефлекс. На пример, некој непознат му дава месо на кучето што треба да стане чувар, со состојки од кои ќе му се слоши, а потем добива квалитетно месо од неговиот сопственик/тренер. Ова се повторува повеќе пати и кучето почнува да го поврзува месото добиено од други со болка.

Доброто нешто кај овој процес е што може да се искористи и обратно. Секоја вечер што ја поминував на дрвото фрлав ќофтиња во дворот, сочни, свежи, лиги да ти потечат од нив. Кучињата ги игнорираа првите неколку пати, но по некое време ги пробаа и одлучија дека им се допаѓаат.  Јас продолжив да ги хранам и понатаму.

Двете ќофтиња во моите раце, денес имаат специјален зачин – прав за спиење. Направив тивок звук за да ме слушнат кучињата. Ги чекам да дојдат со релаксиран став. Ниту едно куче не лае додека не забележи закана, што значи дека најпрво ќе добијам предупредување во форма на ’ржење што нема да се слушне во куќата. Чекорите доаѓаат одлево. Ги фрлам ќофтињата на неколку чекори од мене и го чекам пристигнувањето на кучињата. Би требало да ја препознаат локацијата како нивното ново место за хранење и да ја препознаат миризбата на храната во која уживаа последниве неколку недели.

Четири жолти очи се видливи во темницата и набрзо двата добермани се појавуваат со трк. Еден ме здогледува, застанува и неговите бели заби сјаат во ноќта. Јас сум смирен… опуштен… Вториот го продолжува јуришот кон мене, поминувајќи го партнерот. Нема предупредување пред неговиот скок. Не трепкам. Завршува пред ќофтето. Почнува да го јаде, повремено погледнувајќи кон мене. Првото куче го здогледува другото ќофте и забележува дека неговиот партнер е речиси готов со сопствената посластица. Со трчање доаѓа до ќофтето. Пред да започне со мезето ми упатува заканувачки поглед, потенцирајќи го предупредувањето со тоа што ми ги покажа неговите остри заби. „Ќе се справам со тебе подоцна, натрапнику“ – вели погледот. Јас не реагирам.

Двете кучиња завршија со јадење и се подготвуваат да го спроведат испрашувањето на непознатото лице пред нив. Тргнуваат кон мене. Нивните чекори стануваат тешки. Пред да успеат да пуштат предупредувачки звук паѓаат во длабок сон.

Патот до влезната врата од куќата сега е безбеден. Додека одам дотаму дозволете ми да ви одговорам на прашањето што го оставив неодговорено. Да се работи во секторот на достава е совршено доколку испорачувате нешто на прагот од куќата што планирате да ја ограбите. Размислите што се случува кога некој доставувач ќе ви чукне на вратата или ви ѕвони на влезната порта. Колку време ви треба додека да дојдете до вратата и да ја отворите? Секунди, половина минута, минута? Без разлика на времето, факт е дека во тие мигови не можете да видете што прави доставувачот.

Што се случува откако ќе ја отворите вратата? Започнувате разговор во кој тој се претставува, прашува дали сте вие лицето на кое треба да му го достави пакетот и ви дава документ што треба да го потпишете. Го земате листот и пенкалото, што тој со задоволство ви го обезбедува, го потпишувате и му го давате назад на доставувачот. Колку време ви треба за да го направите тоа? Дали додека потпишувате му обрнувате внимание на човекот пред вас? Не, погледот ви е насочен кон  листот хартија. Може да оспорите дека се работи само за неколку секунди и ништо не може да се случи за толку кратко време. Жалам што ќе ви ја уништам илузијата на безбедност, но многу информации протекуваат во тие неколку секунди.

Па, ајде да ви објаснам што сè некој како мене, еден искусен провалник и крадец,  може да дознае во текот на една испорака. Првите неколку секунди поминати во чекање пред вратата се доволно да се забележи нејзиниот механизам на заклучување (посебно во моментот кога некој ја отклучува и ја отвора вратата), видот на врата и, најважно од сè, безбедносниот систем. Што значи дека за овие неколку секунди можам да го започнам планирањето за како успешно да ја совладам главната препрека од вашата тврдина.

Вториот пат кога ќе ги тргнете очите од мене, краткото време додека потпишувате, доволно е да ѕирнам во внатрешноста на вашиот дом. Размислите колку често излегувате пред вратата кога примате некоја пратка без да ја затворите зад себе. Повеќето луѓе не го прават тоа. Најчесто ја држат вратата целосно или доволно широко отворена. За тоа време јас можам да дознам каква личност сте, посебно кога се работи за безбедноста. Можам да откријам дали сте параноичен лик кој поставува камери на секое ќоше (што значи дека најверојатно би имале тивок аларм и други сигурносни изненадувања), личност што се потпира на најновата технологија (тоа вообичаено подразбира дека ќе имате спуштен гард доколку некој провали) или невнимателен, некој што го остава тивкиот аларм на видно место. А доколку имам многу среќа, тогаш би биле наивна будала што верува исклучиво во безбедноста обезбедена од висок ѕид и кучиња.

Уште еден важен момент при испораката е контактот со лицето што планирате да го ограбите. Времето што им треба на сопствениците да отворат, разговорот со нив, нивниот изглед секој пат кога ќе ја спроведете испораката, нивниот став, изразите на лицето, дури и начинот на кој го држат пенкалото додека ја потпишуваат приемницата на пратката откриваат многу информации за тоа кои се тие и колку се способни да се заштитат.

Еве, мојата мета на пример. Тој е типичен средовечен богат човек. Начинот на кој се доближува до вратата и ја отвара ми кажува дека е многу смирена личност, од оние на кои не им се брза. Исто така ми открива дека би можеле да бидеме во истата линија на професии, затоа што воопшто не го слушам кога доаѓа. Секогаш се смее и е добро расположен. Неговата насмевка ми изгледа искрена. Секогаш ми остава бакшиш по потпишувањето.

Што се однесува, пак, до неговиот физички изглед, не ми изгледа како да вежба. Ако се соочиме верувам дека би го совладал за помалку од половина минута. Сепак, мора да истакнам дека невообичаено беше што има многу цврст стисок при поздравување. Веројатно има работа во која често ги употребува дланките. Очигледно е од луѓето што се трудат сѐ да биде на место, бидејќи секогаш е педантен и се потпишува уредно над линијата. Можам да дискутирам за уште многу заклучоци околу неговиот карактер, но сѐ се сведува на два збора: лесна мета.

Ако можам олку многу детали да откријам со само една посета, замислете што сѐ би дознал со повеќе од една испорака. На пример, погледнете го овој комплициран безбедносен систем на влезната врата од куќата што се наоѓа пред мене. Изгледа невозможно да се помине, нели? Најверојатно и богатиот сопственик на овој прекрасен имот го мисли истото. Може да спие како бебенце заштитен од најновиот и најсофистицираниот систем. Безбеден е…

Дали? Ќе ви кажам една тајна: сè може да биде изработено за направа што функционира на оперативниот систем Андроид. Па повеќе од една испорака значи и повеќе од една фотографија на сигурносниот систем од вратата. Таквите фотографии сликани со вистинските филтри и под соодветен агол кога се во рацете на вистинското лице можат да создадат чуда. Ваквите чуда ги нарекувам Андроид апликации. Не се евтини, но совршено си ја исполнуваат намената. Дали сега се чувствувате безбедни затоа што го имате најсовремениот сигурносен систем кој треба да ве заштити од крадци?

Зависно од системот што треба да го „хакнат“ апликациите можат да имитираат глас, да детектираат отпечатоци, да пробијат нумерички кодови, па дури и кодови со букви. Среќа што јас имам човек способен да ги сработи ваквите чуда за мене. Сѐ што треба да направам сега е да го извадам телефонот, да ја вклучам апликацијата и да оставам магијата да си го направи своето. Програмата е направена специјално за овој безбедносен систем и ја користи леќата која тукушто ја ставив на камерата од телефонот. Може да го провали кодот за дваесет до четириесет секунди врз база на регистрирање на топлотниот сигнал на контролната табла со бројки во комбинација со интензитетот на оцртување на отпечатоците. Потоа ќе се инфилтрира во безжичната мрежа и ќе го онеспособи тивкиот аларм и сите камери. Вратата би требало да се отклучи за три, два, еден… voila. Се разбира, имав и резервен план доколку вратата не се отклучеше на ваков начин. Добро е што денес ми е среќен ден.

Влегувам внатре и тивко ми се испушти „влегов“. Не, не шепнав за да ви се пофалам или да си ја зголемам самодовербата, ниту пак затоа што се изненадив што успеав. Туку затоа што никој не може да биде толку многу успешен како мене без партнер. Ова беше нашата вообичаена рутина, да му дадам до знаење дека сум влегол за тој да почне да го следи секое мое движење и да ме информира за движењата на чуварите или сопствениците. Затоа да се остане во постојан контакт е многу важно, посебно кога ќе ви затреба помош за да изнесете нешто што е поголемо или потешко отколку што сте очекувале. Најважната улога партнерот ја игра во случај кога ви треба брзо и неочекувано бегство.

Мојот партнер ме има спасено повеќе пати. Еднаш, откако го собрав пленот и го ставив во ранецот, целосно се опуштив мислејќи дека ќе излезам исто лесно како што сум влегол. Не се ни посомневав дека сум активирал тивок аларм. За среќа мојот партнер ја забележа невообичаената раздвиженост на чуварите, кои од претходните статични позиции се распрскале на повеќе места. Ме предупреди во вистинскиот момент, пред да влезам во нивната стапица. Сепак, еден од чуварите успеа да пукне кон мене. Куршумот ми ја лизна раката, но доволно длабоко за да оставам крвава трага зад мене. Покрај темните дамки што откриваа каде се движам, тесниот ходник и двете мали соби, јасно ми беше дека нема каде да бегам или да се скријам. Барем така си мислев. Мојот партнер пронајде лесно достапен отвор од вентилација, доволно голем за да се искрадам што подалеку од неволјата. Ме водеше до него и надвор на безбедно. Единственото лошо нешто за нас во приказнава беше што морав да го оставам пленот. Мислев дека ќе ме прекори, дека ќе вика, дека ќе е лут што останавме без пари по четиримесечно планирање. Нему му беше мило што сум здрав и жив.

Сигурно сега се прашувате зошто претходно не го спомнав партнерот и зошто шепотам сам на себе. Комуникацијата со него ни е преку специјален, речиси невидлив микрофон прикачен на моето грло, кој е изработен да го регистрира само мојот глас без разлика колку и да биде тивок . Ми поверувавте, нели? Зошто не би, кога знаете дека поседувам едно чудо „high-tech“ алатки. Сепак, вистината е дека рапортирав од навика и не, таков микрофон не постои (барeм колку што знам).

Партнерот не е присутен поради сочната расправа што ја имавме во врска со деталите околу денешната акција. Многу пиво се излеа за време на нашиот течен дијалог. Сакаше поинаку да ја завршиме работава и порано. Неговиот пристап, посебно точката на влез, ми беше многу ризичен и аматерски. Ми рече дека ако јас не сакам да влезам така, тогаш тој ќе ја заврши целата работа. Истакнувајќи дека јас сум тој што секогаш „влегува“ поради моето искуство и физичките предиспозиции, му реков дека мора да сме трпеливи и дека ќе биде по мое. Ова го потенцирав така што криглата пиво ја лупнав на масата.

„Значи, така?“, ме праша. „Тогаш ќе го направам тоа сам и по мое, па ќе видиме дали си во право.“ Ретроспективно гледано, можеби не требаше да му се изнасмеам в лице. Оттогаш не се имаме видено, ниту чуено. Ете сега знаете зошто сум сам и зошто си шепотам како некој забеган.

Го продолжив движењето во куќата. Забележувате ли дека знам каде одам? Досега би требало да ви е јасно дека знам што барам и каде ќе го најдам. Бидејќи ја следите оваа авантура од самиот почеток, сигурно си претпоставувате како сум дошол до оваа информација. Сепак, ќе ви кажам: трпеливо набљудување. Една од намените на топлотниот сигнал при набљудување на движењето на сопственикот е да се открие сефот, местото каде што се крие богатството. Може да биде зад некоја слика, под креветот, во кујната, под некоја штица. Некои луѓе се толку инвентивни што ги кријат вредните предмети во замрзнувач, во дупка во душекот од креветот на спалната или двоседот, во водоотпорно ќесе во машината за перење… Што имаат сите овие места заедничко? Едноставно: сопственик.

Колку често во текот на денот го посетувате сефот кажувајќи си дека е совршеното скришно место и мислите дека никој не ве гледа? Не срамете се, домаќинот на оваа куќа живее со иста таква заблуда. Да бидам искрен, неговото скришно место ме заинтригира. Го гледав како влегува овде, во овој мал плакар под скалите. Доаѓа тука најмалку двапати во денот, еднаш задолжително пред спиење. Тоа што најмногу ме заинтересира е како неговиот топлотен сигнал исчезнува брзо откако ќе влези во плакарот. Изгледаше како да се спушта во нешто, некаде под земја.

Тоа многу ме возбуди, посебно затоа што значи дека неговиот сеф е долу, а штом е долу тоа значи дека е голем најмалку колку една просторија.  Какви богатства чува не знам. Сигурно се вредни и убави, зашто секоја вечер им се воодушевува триесетина минути. Одовде започнува непознатото, тука лежи предизвикот.

Ја отворам вратата од плакарот. Како што влегувам и ја затворам вратата зад мене, темницата ме проголтува. Ништо не гледате, нели? За разлика од вас, јас дојдов подготвен. Ја вклучувам опцијата „night vision“ на моите очила и сѐ станува зелено. Без гајле, дозволете јас да ве водам и доаѓајте по мене. Знаејќи дека тоа што го барам е под мене, ги игнорирам сите кутии, метлата, правосмукалката и другите нешта. По само неколку секунди успевам да ја пронајдам вратата на подот. Ја повлекувам рачката нагоре. Под неа се кријат скали. Тесни се. Многу. Среќа што немам клаустрофобија, но се запрашувам дали собата ќе биде голема колку што очекував.

Скалите се од дрво. Произведуваат невообичаен звук на крцкање под притисокот на моите стапала. Вообичаено сум потполно тивок додека работам. Сепак звуците не ме загрижуваат. Ги затворив и двете врати зад мене, од плакарот и над скалите, што значи дека нема шанси звукот да биде чуен од заспаниот газда на горниот кат.

Дали сте возбудени исто колку мене додека го правам последниот чекор надолу? Конечно ќе можам да видам какви сè убавини имам испорачано овде. Подгответе се за колекцијата на… на тегли? Што е ова бе? Полици со тегли? Што колекционер е овој? На зимница во изумирање? Заеби, нема шанси… аааааа. Ете го. На крајот од собата, во ѕидот по полиците. Најпрво ќе го соберам кешот, а потоа колку што можам повеќе од богатствата.

Од оваа глетка моето внатрешно дете се разбуди и со разиграни чекорчиња се доближувам до сефот. Сигурно се прашувате, зошто сум толку среќен? Зарем не треба да сум загрижен што има сефови што ќе треба да ги отворам? Множината од именката „сеф“ ми предизвикува морници на среќа по моето тело. Досега не сум се соочил со сеф што го немам отворено. Ајде да видиме на кој вид сефови припаѓаат овие. Верувале или не, на најдобрите ‒ отклучени. Ха-ха, не ми се верува колку е вообразен типов. Да оставиш сеф вака е како да ја предизвикуваш судбината, а судбината на овај газда само што се промени.

ОК, подготвени? Ќе го отворам првиот сеф сега. Ете ги… Господе.

Успешно го потиснувам нагонот да повратам. Потребата да го издишам целиот воздух од градите во крик е посилна. Веднаш ги поставувам двете дланки врз отворената уста. Крикот одекнува во мене. Дишењето ми е забрзано и во неправилни интервали. Ги стегам очите најсилно што можам во обид да ја избришам ужасната сликата што ја видов внатре. Можеби ми се причини. Да проверам повторно? Ќе го видам ли истото? 

Ги отворам очите. Не постои магија што ќе ја избрише одвратната глетка. Неволно правам несмасни чекори назад со надеж дека ќе избегам од виденото. Нешто цврсто го сопира моето движење и почнувам да се лизгам надолу со грбот на она што претпоставувам дека се полиците. Слушам звуци од удар настакло врз стакло. Дишењето постепено ми се смирува и речиси е во нормала. Нешто ми поминува пред лицето и паѓа во мојот скут. Болката ме вади од шокот. Мозочните ќелии почнуваат повторно да функционираат испраќајќи предупредувачки импулси до моите мускули кажувајќи им да почнат да се движат и да излезат. БЕГАЈ!

Сè уште седам на подот од темната соба за која мислев дека е огромен сеф. Тоа што го видов… Ајде вака ќе го формулирам: мојот партнер нема да работи со мене повеќе, ниту, пак, ќе може да работи воопшто. Сѐ што забележав беше уплав на неговиот лик и згрчено испружената рака што посегнува кон отворот. Неговите прсти беа тенки. ТРЧАЈ! Едно од неговите очи беше надвор од шуплината и висеше прикачено на нервите. Врвот од носот му недостигаше. Имаше нешто во неговото лице… уште нешто… БЕГАЈ! …покрај невообичаената позиција на последен повик за помош во која му беше закочена вилицата. Тој… немаше уши? Госпеде, му фалеа, нели? Мора да бегам од овде!

Им заповедав на нозете, но ми откажуваат послушност. Имам нешто во скутот. Слушам звук од некаде. Знам дека би требало да го познам, но во моментов не ми значи ништо. Ја наведнувам главата и погодете што? Тегла. Истиот звук повторно допира до моите уши и овај пат нозете ми се нетрпеливи. Не, сѐ уште не. Морам да видам што има во неа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *