Трамонтана (извадок)

Извадок од романот Трамонтана на Наташа Сарџоска

Што има викендов, ја прашав. Викендов сме на улицата Сент Оноре, сакаш да дојдеш, ми рече Карен. Да, да, секако, ѝ реков јас, ѝ кажав дека сакам да ја изгубам оваа контрола, да се откачам од сѐ. Но се препнав. Контролата ми доаѓаше однадвор, од работата, и ја прифаќав. Ја прифаќав контролата зашто се немав себеси. Ја прифаќав надворешната контрола зашто немав внатрешна контрола. Следниот викенд сум во Стразбур, ѝ реков, додека таа чекаше неколку секунди потврден одговор. Знаеш. Сувопарни парични планови за нечија подобра иднина и за нечии човекови права. Но јас сум засегната за моите права и за мојата иднина. Јас сакам возбуда. Зовриена крв. Да, да, Алма, јасно ми е, Карен се преправаше дека ме слуша, а всушност, веќе покажуваше симтоми на прегореност зашто работеше во смени и сакаше едноставно да си има целосна бројка на присутни гости. Чуј, ќе го најдеш тоа што го бараш таму, лозинката е Зигмунд Фројд, кодот е 7863, бројот на зградата е 88, ама биди точна, пуштаат гости точно до 20 часот, ах, да, и да знаеш на оваа забава не се наплаќаат пијалаците, ќе има: open bar, знаеш, нели, што подразбира тоа, апсинт во изобилие, ќе има и лобе, знаеш штрафти, ќе се шмрка, дресинг код: échangiste, гласно смеејќи се ми го спушти телефонот.

Слегов на метрото Конкорд и се упатив нагоре кон улицата Сент Оноре влечејќи се по улицата Ројал. Глетката кон густите окер-портокалови светла, смешани и слеани со пурпурно-сивите светла од излозите, и далечните сини и црвени одблесоци на француското знаме зад мене, во далечината на непрегледниот плоштад Конкорд, ми ја зовриваше крвта. Чекорев по улицата Сент Ооноре до следната раскрсница: одлево беа Амбасадата на САД и хотелот Софител Фобур, а оддесно беше раскошниот излог на Хермес. Бројот на зградата каде што бев упатена беше по истата редица броеви како и луксузниот салон на Хермес. Се најдов некаде пред барот Буда. Божествените имиња толку добро им прилегаат на небожествените места. Луѓето ги сакаат зашто им создаваат тенок слој на етеричност и лежерност. Изговор за бегство, за лет, за препуштање. Хермес. Буда. Само слободата може во нас да го разискрува и разгорува пламенот. Огнот на летот. Жарот на бестелесноста. Огнот на полноумноста.

Хермес. Буда. Зигмунд Фројд. Тие имиња за мене значеа нешто и ништо.

Сакав да бидам лишена од значења и од очекувања.

Веднаш ми ја отворија вратата. Внатре, лицата на луѓето не се разликуваа од нивните контури и сенки. Околу шанкот, целосно импровизиран во дневниот салон, се вртеа најнесигурните во себе, оние кои обично имаа високи позиции во француското општество, седеа на скапи кожени фотелји и одлучуваа безмилосно и свирепо за туѓи животи, тие, токму тие, сега и тука се тетеравеа со дланките по џебовите и се шуткаа како обезглавени поданици, барајќи лесна дрога, лесен секс, лесен залог, лесен изговор, лесна дрога колку да се каже дека консумирале нешто. Нарачуваа секакви коктели. Пиеја како тинејџери. Не знаеја за себеси. Не се знаеја себеси. Губеа секаква слика и поим за себеси.

Веднаш ја здогледав Карен. Со неа беа и Кзавиер, Себастијан, Нели. Пиевме коктел со дива орхидеја, со апсинт, рибизли и сок од малини. Потоа џин со цеден лајм, бибер и босилек. Потоа џин со ѓумбир, сок од краставица, ливчиња босилек и белка од јајце. Околу мојата половина сетив нечии раце. Јас сум Адријан, издавач сум. Тој беше најмладиот брат од тројцата уметници. Најстариот беше режисер, средниот пијанист. Но јас не сакав совршени мажи. Не сакав чисти лица и беспрекорни тела. Сакав тела врежани со безгранична плот. Лукаво се измолкнав и заминав во другата просторија. На каучот седеше жена со ширум раширени нозе и се бакнуваше со еден постар црномурен маж. Тој длабоко со дланката навлегуваше во нејзината вагина. Излегов од тој круг зашто таму не бев во центарот на мојата потреба. Веднаш до таа соба имаше претсобје и таму беше возбудливо зашто таму се наоѓаа оние што знаеја што сакаат и што бараат. Не беа љубопитни. Тие беа во кругот на одлучноста. Ме погледнаа неговите црни очи и веднаш го сетив неговиот дебел јазик длабоко во моето грло. До бедрата ми го залепи својот цврст стегнат пенис што провираше со сите свои облини преку неговите црни панталони. Имаше бела кошула, златен синџир, исончано тело. Немаше влакна. Личеше на Италијанец, Шпанец, Либанец. Имаше арапски останки, а европски стил. Ги откопча панталоните и додека со шаката цврсто ме стискаше околу вратот мигум ми го начука низ разрезот на мојот виолетов свилен фустан. Околу нас луѓето се ѕвереа како гладни хиени. Не беа научени на оргазам. Оргазмот беше привилегија на малкумина. Често европската култура на телото се меша со лесен секс, со куси авантури, безначајни телесни размени, а многу ретко со длабоки исконски оргазми. Мојот ’рбет се виткаше како змеј додека од устата испуштав пламени јазици. Оргазмот ми се исфрли како змија од утробата и прсна во неговото уво. Беше задоволен и бликаше со своите немилосрдни мускули. До нас имаше уште еден повозрасен пар. Жената имаше подврски и син свилен фустан, а мажот носеше костум и кравата. Ѕирнав несигурно кон импровизираниот шанк за да проверам дали ме виделе Карен и Нели. Мажот и жената што водеа љубов до нас веќе беа заминати во некои други соби. Јас не забележав ништо и никого. Оргазмот е мала смрт. La petite mort. Нашите сетила згаснуваа. Не слушав. Не гледав. Не мирисав. Само вресок. Само грч. Го повлеков работ од фустанот врз бедрата и си го покрив полот. Бев исполнета. Секако и во секоја смисла. По моите нозе се слеваше сперма.

Кога се вратив кај Карен, веднаш дотрча Адријан, сакајќи да ме запознае со ќерката на Ширак, Шарлен. Знаеш дека не сакам да знаат каде работам, затоа претстави ме како писателка. Мило ми е, Алма, Адријан ми е издавач. Во Париз имаше толку многу писатели и поети што воопшто не ќе ѝ беше сомнително ако ѝ кажев дека пишувам ремек-дела. Моите пријатели се забавуваа и се чинеше како воопшто да не виделе што се случи со мене и со црномурниот маж со бела кошула. Него веќе и го немаше. Го барав со погледот, но никаде ни трага од него. Ни глас. Ни сенка. Имав чувство како и никогаш да не се случил.

Која сум, што сакам, каде се водам себеси, зошто не можам да се размножам, зошто не оставам траги и коски од себеси, се измачував до несвесност со овие прашања. Не сакав да најдам одговор за нив. Ги оставав отворени да ѕунат како кимвали во мојата глава, да ројат како инсекти во моите поткожни ткива, да брмчат како пчели околу застоена чоколадна торта. Не се плашев ниту од болести. Имав немерлива доверба во своето тело и во својот имунитет. Се напив уште еден коктел со апсинт. Ми се допадна неговата боја која, и покрај темницата во тој стан од 200 квадратни метри, зрачеше со синило. Тонејќи во синилото, имав чувство како тула да беше паднала од мојата утроба, како камен да се беше стркалал по моите нозе. Бев олеснета. Кога сите луѓе секој ден би секретирале доволно ендорфин и серотонин, светов би бил мирно и ведро место за живеење, зашто сите би развивале емпатија и духовна великодушност, би се врзувале еден со друг, би доживувале бурни полови односи и би заборавале на сите површни тегоби ограничени во времето и просторот коишто не ги поседуваме, чиишто гости сме на неопределен и непознат рок. Но луѓето не сакаат мир. Не сакаат ведрина. Луѓето полесно се снаоѓаат во немир и во беспокој. Луѓето се плашат повеќе од својата светлина отколку од својата темнина. Од деца нѐ учат да поставуваме прашања на кои нема одговор, нѐ свикнуваат на мачење и на мачнина, нѐ водат кон измачување, кон себеизмачување, нѐ стројат во сложеност, обеспокоеност, немилосрдност, борба, натпревар, од мали нозе нѐ учат да трчаме уште пред да проодиме, да врескаме уште пред да прозбориме, да бидеме она што не сме, да бидеме како другарчето до нас, како синот на пријателката на мама, како братучетката на сосетката, како глумицата од телевизискиот екран, како тато што сакал да биде кога бил мал. Како никој, од мали нозе, нашите дланки се научени да ги заплеткуваат стварите, без да знаат да ги одврзат, и така се губиме, и така реалноста нѐ убива, и така животот нѐ победува уште пред да заврши, уште пред да нѐ окончи, и така, животот нѐ живее нас наместо ние да го живееме него.

Можеби одговорот го имаше Буда. Можеби Хермес. Можеби Фројд. Можеби затоа ги биравме тие лозинки и кодови за влез, затоа што немавме во себеси влез. Можеби затоа одевме на тие места со божествени имиња, зашто внатре во нас вирееше паднатиот човек. Можеби затоа ја носев марамата: за да не заборавам дека јас сепак можам да летам.

Без да се поздравам, излегов слегувајќи пеш од третиот кат, без лифт, гледајќи низ матните стакла кон внатрешниот двор. Во ноќта ми се чинеше како да одекнуваа само моите потпетици. Полека го наметнав шалот Хермес, додека си повторував во себеси дека чинеше 1.000 евра и дека беше составен од кашмир и свила. Не знам зошто, ама ми беа важни тие информации, ми беа стожер, ми беа скелет, ме држеа да не паднам, ме уверуваа дека јас сум исто што и обликот, дека формата сум самата јас и дека сѐ што е вон од мене е и во мене. Иако знаев дека тоа не е вистина, некако полесно ми беше да живеам со погрешни уверувања. Се упатив пак кон плоштадот Конкорд. За миг застанав гледајќи кон авенијата Шанзелизе на чијшто недогледен крај блескаше победоносно Триумфалната капија. Ми се насолзија очите. Но не од тага. Не. Не беше тоа тага. Тоа беше патина, одмерена и спокојна меланхолија. Се вратив неколку чекори назад по калдрмата, мазна и црнкаво-сива како кожа од змија. Влегов во црното такси-возилото. Црниот Арап ме прострела со очите.

Знам. Знам, се гледа тоа по вашите очи, по опуштеноста на вашата уста, по олабавените образи разлеани со белина, по надмениот и пркосен раб на вашите усни, се гледа, се гледа длабоко во вашата заднина, преку вашите очи, дека ве одминуваат посебни светла, посебни траги се движат во вашите внатрешни патишта, посебни животинки пискаат внатре во вашите дамари, пламени јазици пиштат од вашата несреќа, сакаат да ја кажат, но се губат во вашата плашливост, во вашиот кукавичлук, се гледа, се гледа дека во вас свршуваат непознати мажи и дека воопшто не се грижите за вашето здравје и ризикот од венерични болести, се гледа дека купувате органска храна, дека пиете секое утро сок од 2 килограми портокали со 2 кафени лажички спирулина, се гледа дека така се убедувате себеси во добронамерноста и буржоаската должност, но токму таму лежи вашата замка, вашата стапица е во себезалажувањето, се гледа и дека носите марами Хермес зашто ви создаваат чувство на воздушна чистота, онаа што не постои во вашата загадена душа, и се гледа дека ја криете вашата духовна беда со парфемите Герлан кои врз вашите сетила постилаат цветни полјани, се гледа дека вашата долна облека е свилена, се гледа дека вашите пари се лесни, се гледа дека не сте мајка, се гледа и дека не сте родиле, вашата карлица е тесна, се гледа, вечерва сте имале оргазам, се гледа, себична сте, не знаете да сакате, не знаете да делите, празна сте, госпоѓо, се гледа дека цицате добро, ама ретко, скоро никогаш, зашто тоа не е според католичките канони, се гледа дека кога тоа го правите си ја миете устата со сапун, се гледа дека не може да ве купат, се гледа дека сте емотивно стерилна. Кучка.

Има некаков проблем, како низ облак го прашав. Не, нема никаков проблем, госпоѓо, само малку бев замислен. Па зошто ме гледате така нападно, му реков. Па сакав да кажам нешто, госпоѓо, ама не знаев дали смеам, еве ќе се обидам, се гледа, се гледа на вашиот врат, дека, дека, дека, вие, како да кажам, дека сте имале асфиксија, но внимавајте, чувајте се, госпоѓо, низ вратот минуваат каротидните вени, мал погрешен притисок на мажот, додека ве набива, може да ви го одземе пулсот и дотокот на крв, со еден збор животот.

Погледнав низ прозорецот како да гледав низ магла. Се очекуваше да заплачам. Да бидам трогната. Да ја гризнам усната. Да му се оправдам. Да се извлечам. Таксистот како да очекуваше многу од мене. Затоа молчев и гледав. Не сакав кога се очекува од мене. Бев неспособна да реагирам и одговорам. Се брзам, може да побрзате и ако може помалку да гледате во мене, дрско му наредив како што ѝ прилегаше на мојата класа.

Ја завртев главата кон булеварот разлеан со сини и црвени светла чиишто бодри бои ги бришеа контурите и пограничјата на градот и се прелевеа едни во други стопени во белата светлина. Подголтнав сакајќи да се голтнам себеси. Го отворив прозорецот за да земам воздух. Ми продре студен бран остар кислород во ноздрите и ме разбуди. Го затворив веднаш прозорецот плашејќи се од животот. На стаклото видов исечоци од нејасен одблесок: на возачкото место наместо човек видов крзно од волк. Местото беше празно. На него имаше само облини, само облик, само облак.

*

Автомобилите наоколу завиваа како хиени. Париз е грабливец. Одлево поминавме покрај Опера Гарние, потем низ тесните улички се доближивме до Пигал и Мулен Руж. Тука француските дами на ноќта ги пречекувале германските војници за време на војната, и сите војници, и сѐ уште ги пречекуваат загубените души со грст телесна топлина. Париз го викаат островот на Франција, го викаат и Панама. Моето срце беше овој град. Светлината толку свечено се топеше што не можев јасно да ги разликувам контурите на луѓето, излозите, возилата, уличните светилки. Молчев и гледав. Немав веќе храброст да ги погледнам неговите црни мавритански очи. Имаше некаков сокриен пакт, некаква беспрекорна грижа во париските таксисти. Туѓинци, а сепак, блиски како семејство. Тие знаеја сѐ за животот. А сепак, како да не го досегнуваа. Секој од нив во себе чуваше пламенче страв и кротка љубов за своето семејство. Секој од нив во себе го познаваше опасниот лик на Париз. Беа претпазливи. Внимаваа. Не качуваа секого. Возеа само, молчеа и чувствуваа соучесништво со патниците. Беа како господари на некој неумерен и неоткриен простор. Внатре, во париските такси-возила, ми се чинеше како да сум на психотерапија. Тие не беа превозни средства. Тие беа превозни мисли.

Кога стигнавме тој излезе да ме допрати до портата на мојата зграда. Не знаев како да му искажам благодарност и покорност. И покрај неговата дрскост, неговата грижа ме порази. Можеби затоа што никој никогаш не ми ја покажал. Се обидов да се сетам: никој никогаш не ме испратил до дома.

*

Кога влегов дома, веднаш отидов до бањата. Пуштив да тече силен млаз вода, додека си правев во кујната чај од маточина со две-три капки лимон. Ги запалив придушените светла, една свеќа од ванила на Окситан ен Прованс и го пуштив Мајлс Дејвис. Завладеа синилото на самотијата. Ширум ги отворив прозорците, како да сакав да влезе бистар ноќен воздух и да ми прави друштво во моите гради, како да сакав да ме исчисти надворешниот живот и како да сакав дури и низ мојата уста да ми ги отвори очите. Ги фрлив алиштата во корпата и влегов во бањата преполна со густа и натежната бела пареа како восок во црква, како памучно поле лете, како детско легло. Истурив врз себе масло од лаванда. Во вагината си набив прст налепен со сода бикарбона. Мижев. Долго мижев. Ги стискав очите. Ги стискав мислите. Го стискав копчето на светилката и иако беше темно, сакав да бидам сигурна дека сум ја згаснала. Ја стискав кваката на вратата и иако беше заклучено, сакав да бидам сигурна дека е навистина заклучено. Го стискав мочниот меур и иако беше полн, не сакав да ја пуштам течноста. Стискав. Држев во себе сѐ. Стискав. Го стискав во себе животот.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *