Расказ од збирката „Големиот куфер“ на Иван Додовски.
Јас, кутрата, најдобро ја знам неговата историја. Од првиот миг кога ме подзеде меѓу прстите, до мојот последен лет над неговата глава, јас му бев придружничка, верна, клета и нема. А сега, додека лежам фокнеровски носталгична и речиси мртва, раскажувањето ми станува судбина.
Низ главава ми се слева целиот порој на првите чувства и во сеќавањето с# уште ми ѕвони првиот ласцивен галеж, во чаршијата, во онаа стара продавница за ликовни материјали што веќе ја нема. Паметам како да беше вчера: тој влезе со неприроден занес, разгледуваше по рафтовите од дуќанот и потем се сврти кон мене. Првиот поглед! Потем с# беше нужна стихија. Заедничкиот живот ни мина како и сечиј друг живот – во љубов и во препирка. Првите години на страста ги замени трезвеното лудило на средовечноста, а староста, најпосле, дојде за да го заврши немирот. Со текот на годините се опуштаа неговите некогашни млади прсти од раката, и наместо стисок, с# повеќе сеќавав благ допир. Потем, од неговите прсти остана само благото придржување при моето бавно, старечко движење. Најпосле, се случи бесмислено и неочекувано да замине. По толку заеднички напрегања, во мигот на последниот творечки занес, тој ме напушти за да прегрне друга. Но, тоа треба поинаку да го раскажам, без сентименталности.
Неговото име првпат го слушнав во неговото ателје – Марче Ѕвездановски. „Доволна ми е само една страсна прегратка со тебе и неповторливо ќе ја насликам смртта на капитализмот!“, ми рече кога првпат стапнав во неговото уметничко дувло обложено со црвени платна. Така, всушност, почна нашата љубов. Скришно од погледите на историјата што се пишуваше околу нас. Никој не знаеше за нашата најинтимна врска. Само јас и тој знаевме дека сме секогаш заедно, неразделни. Легната меѓу неговите прсти, или припиена до неговите гради на кои го сеќавав нежниот раб од џебот на неговата кошула под сакото, секогаш скриена толку блиску до срцето, јас бев секаде кај што беше и тој, сеприсутна… Во блескавите денови на славата, во галерии и хотели, на приеми кај Претседателот, на свечени академии по повод Денот на Победата, Денот на Републиката, Денот на Армијата, а и пред тоа, во деновите на неговото себепрогласување за комунист-дисидент, и с# до смртта, со која побегна наврапито, оставајќи ме сама во староста и истрошена, јас бев единствениот доверлив сведок. Јас гледав, слушав. Сето тоа сега може да се раскаже само бледо, како неповрзана, парчосана историја.
Никој не може да го објасни неговото трајно лудило. Тоа беше како непозната напивка што сте ја испиле некогаш, некаде, а не се сеќавате кога и каде, иако ве опила трајно, за цел живот. Таква беше неговата вера. И тој често ми зборуваше за неа. Но зборовите сепак не искажуваа с#.
За него ги дознав следниве податоци: во средината на веков бил бедно детиште, со коштилави раце и слепоочници, со издигнато чело и љубопитни очи свртени кон лицето на војната што беше дошла. Може, значи, да се рече дека с# почна со доаѓањето на војната. Тогаш со кисела насмевка ги поздравувал војниците по тесните сокаци на населбата, по белите авлии од улицата шаркал со црно ќумурче нивни профили, кои секако добивале карикатурален израз. Се чуделе тогаш маалските старци кој ги кадросува провокативно фашистичките солдати на источно-балканската царштина. И трепереле од зазор дека во таа уметност ќе биде прочитан отпор и потсмев, отпор преку потсмев. А сето тоа било само игра на една детска рака, еден посег кон непознати предели. Така с# почнало, но тоа потем станало трајна навика на раката. Таа рака почна да ги црта идеолошките пресметки, таа рака до скоро ме притискаше да бидам и јас дел од тоа инспиративно лудо противење. Таа рака, сега, сепак, како што веќе реков, е испружена кон еден последен заграб. Таа не ја наслика својата смрт, таа нејзе ја прегрна. Но, да се вратам на раскажувањето…
Поминале деновите од првите воени години. Сувите ѓевреци и детските игри се проретчиле. Егзотиката на отпорот станала неумитна опсесија. На еден таен состанок на повозрасните од населбата тој се мушнал со качкет на глава, со сериозен изглед на лицето, желен да го чуе откровението што го насетувал. „Револуција!“ Тогаш првпат го слушнал тој збор. Во него тоа побудило лудило, нешто како копнеж на телото по пазуви на жена. Може да се рече дека тоа било љубов, страст, моќно либидо во кое нашле утока сите мечти и од кое изизвириле пак назад силите на животот. Тоа, тогаш, кратко кажано, му се присторило како име на самата смисла. Затоа тоа име толку трескавично го повторуваше целиот свој живот.
Потем, секако, следувале деновите во партизани. На зелените падинки на Пелистер, под сенките на столетни шуми, на шпартани листови од бакалско блокче, со кусо моливче ги цртал бесмртните лица на соборците. Тоа биле првите мигови на љубов, на прегратка со Револуцијата. Имало, навистина, и смрти и умирања, и маки и страдања, и напор и самонапрегања. Сето тоа фанатично се исцртувало во блокчето на Марче Ѕвездановски. Разбрав, во врска со тој период од неговиот живот, уште две нешта. Од ден-на ден ги кинел листовите од блокчето и им ги подавал на борците за да завиткаат тутун, така што не остана ниеден цртеж од неговите први денови на полетна вљубеност. А крајот на војната го дочека жив, смртно опиен од слатките мириси на новото време и, секако, ранет во левото рамо токму при последниот јуриш за ослободување на градот.
По војната се сретнавме, како што веќе знаете, во една стара продавница за ликовни материјали во градската чаршија. Оттогаш за работите знам непосредно.
Во чаршијата, во тоа време, како на заслужен борец и уметник, градските власти му доделија ателје. Тоа се наоѓаше во една стара двокатна куќа со жолта фасада и тесни прозорчиња, впрочем слична на повеќето чаршиски куќи чии долни катови беа дуќани. До вториот кат, каде што се наоѓаше неговото ателје, водеа долги и високи дрвени скали, премачкани со мрсна боја. Тоа беше темен влез во едно ново царство. Горе, пак, во тесното сопче, среде мемлата и пајажините, Марче Ѕвездановски ја продолжи својата опсесија, дури многу пожестоко отколку под пространоста на планинските сенки. Неговото ателје стана чудно дувло. Ги обложи старите излупени ѕидови со црвени платна, а на нив постепено ја сликаше својата љубов.
Во тоа дувло доаѓаа само двајца, еден беден млад новинар и еден постар музичар, кој со оглед на новото време мораше да ја прифати службата на трубач во градскиот партиски дувачки оркестар. Се разви меѓу овие тројца една необична врска. И таа беше причината зошто се собираа во ателјето. Сите на некој начин беа вљубени. А ги јадеше јанѕа. Таа јанѕа, сепак, тешко може да се објасни со два збора. Таа беше нешто како сврдле што копаше во нив со текот на годините. Најкратко може да се опише како бездна што ги делеше нивните соништа од нивните животи.
Првпат нивната врска стана сомнителна кога кај органот се разбра дека Марче Ѕвездановски престанал да слика композиции со прегладнети партизани. Тогаш се слушна дека сликал монументален акт на жена, чие тело го обоил во јарка црвена боја. И новинарот и музичарот, додека траеше сликањето на актот, мораа да одат „на разговор“ кај органот. Ги интересираше надлежните во која фаза е сликањето и што мислат двајцава за делото на уметникот. Тука почна општата јанѕа за Марче Ѕвездановски, новинарот и музичарот.
– Никогаш не ќе ја сфатат мојата вљубеност! – им рече Марче Ѕвездановски на двајцата едно попладне.
– Јас потполно те разбирам! – рече новинарот.
– И јас! – само одобрувачки мрдна со главата музичарот.
– А тие мислат дека саботирам! – пак подзеде уметникот. – Тие сакаат да & ги земат на Револуцијата шармот, убавината, мистиката, вознесот…
– Вчера дискутирале за нас во Партијата, – рече музичарот – и ми пренесоа дека нашите собирања се сомнителни. Зошто, велам? Мирисаат на декаденција, ми велат. Ги изместуваат светлите придобивки. Слушај, ми вели во доверба еден другар, за твое добро е да се тргнеш од уметникот. Ти барем знаеш, ми вели, музичар си. Ете, така, свири си по линија, дувај си и …
– Во редакцијата, – рече новинарот, припалувајќи евтин тутун – и мене ми пратиле благонаклона вест…
– Другари, – рече ненадејно и гласно Марче Ѕвездановски, леејќи ракија во три чаши – да наздравиме!
Новинарот и музичарот се најдоа малку затечени, се поткренаа од столчињата, ги подзедоа чашите. Гледаа де во уметникот, де во актот зад него. Црвеното некако им склокоти меѓу слепочниците, а чадот од цигарата на новинарот ги замаја.
– Во што ќе наздравиме? – праша новинарот.
– Во име на свирењето по линија! – декламираше уметникот.
– Во име на петте линии што треба да ги заборавам во името на едната линија! – извика музичарот, го помрдна своето тромаво тело, се зацрвени од кикот во обравчињата.
– Да ни е жива црвената Револуција, раскошна и вечна, која не ќе можат да ја осквернат простаците! – рече некако издолжено и фанатично новинарот.
Наздравија. Слушнав удар на чашките. Оттогаш не наздравија никогаш веќе. Новинарот по година-две загина на голооточка скрка, дробејќи го каменот на својата партиска нелинијност. Музичарот, пак, имаше поинаква судбина. Тој „се покаја“. Навраќаше кај органот и ги рецитираше разговорите од тесното сопче со црвени платна. Потем цел живот си дуваше во трубата, а сега е пензиониран музичар. Дава приватни часови по труба и, за чудо, има многу млади ученици, меѓу кои е и синчето на градоначалникот, избран на првите демократски избори кај нас. Марче Ѕвездановски, секако, го изгуби ателјето. Неколку години беше во еден вид домашен притвор. Не комуницираше речиси со никого. Јас му бев единствената утеха.
Сите години што поминаа по тој настан Марче Ѕвездановски ги доживеја како беспоштедна борба. „Револуција!“ – си повторуваше себеси со извик, честопати. И упорно сликаше. Беа тоа монумнетални платна, со јарки ликови на луѓе што сакаат да умрат во име на идеалот. Имаше на тие платна оган, крв, сонце. Кога го рехабилитираа, кон крајот на седумдесеттите, тие платна се продадоа за големи суми и висеа по ѕидовите на националните и воени установи во земјата. Некои од нив, откупени од државата, во вид на подароци, стасаа до Каиро, Њу Делхи и другите градови на „неврзаните и мирољубиви“ земји.
Треба, меѓутоа, нешто да појаснам. Милоста што го стаса Марче Ѕвездановски, славата што дојде, парите што ги трошеше, не му го сменаа текот на занесот. Го направија само понервозен. Нешто го јадеше повеќе отколку порано. „Да не сум се продал на бесчесни масони, на мрачни непријатели на Револуцијата!?“ – се потпрашуваше со крајче од умот. Таа јанѕа не го остави. Се престори сиот во непрестана критика на системот. Лудилото, сепак, беше благородна фиданка на неговата младешка заљубеност. Не сакаше свртување кон Запад, сакаш враќање кон чистите, некорумпирани мугри на светиот поредок.
Кога на почетокот на деведесеттите падна системот, и тој падна болен. Му откажа едната нога, некаква гангренозна ѕверка сакаше да му го поткопа стаменитото одење по врвиците на светлата идеја. Кога по операцијата сфати дека му е ампутирана левата нога, се згрчи во лицето, косата му попаѓа. Останаа на него само очите, и тие тогаш кажуваа с#. Паметам, со пластичната вештачка нога и со патерици, накривнувајќи, еден ден се довлечка до централниот плоштад. Имаше таму неброен народ. Марче Ѕвездановски се подисправи и викна:
– Мамето ќе ви го расплачи новиот капитализам!
Се свртија неколкумина, а Марче Ѕвездановски сакаше да каже уште нешто. Ама се засркна од солзи. Почна да плаче како дете, се стетерави, ќе паднеше. Некои луѓе го подзедоа, го седнаа на една клупа.
– Ме стигнаа и в болница… Мислиш не знам… Ци-ја… Додека ние градевме, тие работеа против нас… Мислат дека сум готов без една нога…
Еден младич покрај него подзапре, зачуден.
– Рече нешто, чиче?
– Уште не е крај… – пак си продолжи Марче Ѕвездановски, како за себе.
– Како? – пак праша младичот.
– Светската револуција не е завршена! – викна силно Марче Ѕвездановски и почна да мавка со патериците, облеан во радост, фанатичен во очите, напрегнат во јуриш.
Јас сум сведок дека неговото подостарено тело тогаш го однесоа во болница, го наклукаа со инјекции и тоа мирно се опушти во креветот. Марче Ѕвездановски спиеше долго. Не знам, навистина не знам дали сонуваше и што. Тоа никој не го знае. Но знам дека следните денови с# почесто бладаше, ретко стануваше од креветот, на главата му ставаа ладни облоги. Како да живееше на работ на еден друг свет, со ококорени очи, небаре чекајќи откровение… Никој, дури ни јас, која останав, по негова волја, припиена до неговиот џеб од болничките пижами, не ги сфатив до крај неговите неповрзани зборови. Можев само да насетам нешто, оти зборуваше за себе. Мислам дека сакаше да рече оти сонува чесен живот, оти има право да сонува за тоа… Зборуваше можеби и за страста, за незгасливото… Црвени соништа, си реков.
Последната вечер, кога не очекував, околу полноќ, полека стана од креветот и се смести со напор во инвалидската количка што му беше на дофат. Слушнав како се движат гумените тркала на количката, како таа поткрцнува под малата тежина на Марче Ѕвездановски. Тој се упати кон ходникот, а потоа и кон вратата од собата во која беа дежурниот доктор и дежурната медицинска сестра. Во полутемниот ходник на болницата во која беше згрижен Марче Ѕвездановски, почувствував нешто чудно, како миг на стивнување. Во тој молк сетив дека од зад затворената врата на докторската соба допираат звуци. Се обидов да ги разберам. Ми стана јасно, беа звуци што доаѓаа од телевизор, беа зазбивтани звуци на жена што го доживуваше својот сладосен врв. На мое изненадување, Марче Ѕвездановски, се доближи до клучалката и ѕирна.
Дали можеше на екранот да ја види таа гола жена што свршуваше? Не знам. Но знам како заврши с#. Марче Ѕвездановски, сиот небаре озарен, ме потфати меѓу прстите и ме фрли нагоре кон таванот, и самиот повтејќи да стане, да се извиши на едната пластична и на другата здрава нога.
– Револуција! – викна со лудачка радост, и рипна нагоре, летна од количката со раширени раце, небаре упатен кон нечија прегратка.
Јас, обична дрвена четка за сликање и верен сведок на еден осаменички и фанатичен живот, паднав на подот, се раскостив. На крајот, утеха ми стана само раскажувањето, во кое, сепак, никој не сака да поверува.