Вест од несвест (извадок)

Извадок од книгата „Вест од несвест“ на Бранко Прља.

 

ИНТЕРМЕЦО

 

Ајнштајн: Јаболкото паднало на главата на Исак Њутн, не затоа што било привлечено од гравитацијата на Земјата, туку зашто мислите во главата на Њутн го излуделе Телепатскиот Црв, кој со телекинеза го џитнал јаболкото кон главата на Њутн.

 

Телепатскиот Црв: Да, тоа е точно, но, колку да се знае, да беше Ајнштајн долу, ќе му го срушев и дрвото на глава!

 

Њутн: И тој Црв и Ајнштајн се луди. Тотално луди! Си играат со светот и вселената како да се богови. Запалете ги!

 

Јаболкото: И мене ми е доста. Сѐ си доби признание: Њутн, Земјата, Гравитацијата, сѐ освен јас. Зарем не бев јас тоа што го просветли Њутн!?

 

 

ВО СВЕТОТ НА КОНСУМЕРИЗМОТ

 

Тоа беше нашата рубрика “Филозофија, религија, наука, благи  работи и семејни интриги на познатите, не толку богати, но славни научници, на шпански начин”. Се надеваме дека уживавте. А сега реклама.

 

Консумерист: Жена ми ме прати во продавница да купам некои работи. Па, да видиме што треба да земам:

 

– “МУСЛИ СТАДО”, житарки полни со идеолошки витамини и религиски минерали.    Играчка-награда, идол којшто кажува некоја од пораките за придружување кон народното стадо кога ќе повлечеш рачка врзана за него. Исклучително важно за насочување на младите мозоци.

 

– Шампон: “ДЕТЕ-ШАМПИОН”, шампон кој прави шампион од детето во послушноста. Служи за перење на мозокот на децата, ефикасен за сите возрасти, но што е најбитно ги отстранува свест-вошките (нанороботи накркани со електронски еквиваленти на хемиските  психоактивни состојки; еден од најновите производи на надземјето), толку ситни, а толку опасни за зачувувањето на поредокот во нашиот свет.

 

– “КОКАИНСКА-КОЛА”, за моменти на депресија и потиштеност. Опасна ако не се меша со:

 

– „ПРОЗАИК“, нашата омилена дрога, која го урамнотежува преексплозивниот карактер на кокаинот и ги умртвува лошите нус-мисли за слободата, таа одвратна и непожелна работа во нашето совршено општество…

Вест од несвест (извадок)

Консумеристот влегува во супермаркет на кој пишува “Веруј!” Се меша со толпата. Гледа надолу и се движи незабележително. Ја слуша музиката во позадина. Полека ги крева рацете. Нозете почнуваат да му цупкаат. Појако е од него. Заигрува. Неколку други купувачи му се придружуваат. Сите земаат производи од полиците, се поддаваат со нив, ги прегрнуваат, ги креваат високо во воздух… Наеднаш темница… Потоа блесок!

 

Водителот Боб: Добра вечер, драги гости. Дојдовте од сите краишта на сите Вселени да го проследите вечерашниов процес. И нема да се разочарате, зашто вечерва имаме многу интересен гостин. Кажете ни, Господине Консумерист, што се случи со вас?

 

Консумерист: Прво би сакал да ги поздравам сите луѓе што ги познавам а кои ја следат програмава. Не знам, Боб, добро ми тргна. Бев пратен да ја шпионирам таа манијакално-потрошувачка материјалистичка квазивселена, но работите некако тргнаа наопаку, бев вовлечен од некоја непозната магиска сила, но слушајте!

 

Проблемот не е во нив производителите, тие само се обидуваат да преживеат. Проблемот не е ни во жителите на тој свет. Тие заедно создале еден вид симбиоза, совршена соработка на паразит и домаќин, тука луѓето не се жртви на производителите. Би можеле работите да ги поставиме и инаку. Можеби, производителите се жртва на луѓето, зашто тие мораат да работат деноноќно на измислување нови и интересни, поинтересни и  попривлечни производи само да ги задоволат муштериите. Тие се некој вид робови на муштериите, а не обратно. Но,  како и да е, мислам дека нивото  на   хармонија во тоа општество е највисоко досега, од сите општества, па дури и од тоа кај мравките.

 

Водителот Боб: Интересно гледиште, господине Консумерист. Да видиме што мисли публиката. Дали успешно сте ја извршиле вашата мисија и дали можеме да ве пратиме на следното ниво од нашата возбудлива игра, или ве враќаме назад. Сега!

 

Публиката: (Се слушаат гласови од секаде. Господин Консумерист малку се тргнува од силината на викањето.) Назад! Понатаму! Назад! Понатаму!… (и така некое време)

 

Водителот Боб: Помина времето за гласање. Мене ми се чини дека “Назад” е погласно. Да, имам потврда од жирито. Ни останува уште да ви ја соопштиме формата во која

ќе се реинкарнирате на Земјата, а тоа е формата на црв!

Вест од несвест (извадок) 1

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.