Вилино (извадок)

Извадок од книгата „Вилино“ на Винка Саздова.

Следниот ден Видан не знаеше што да прави со себе. Размени збор-два со еден од гостите што го сретна во градината, прошета по уличките од соседството, ја отвораше и затвораше книгата на Руми без ништо да прочита, ѕуреше во небото. И како што минуваше денот, празнината што се беше населила во него сѐ повеќе се зголемуваше. Како сѐ што беше живо и радосно Вили да го беше однела со себе. Белки не се заљубив? Не, мигновено ја отфрли оваа помисла. Стар сум за тоа, моите сокови одамна пресушиле, за друго се работи. Е за што, де!? Има луѓе што се како сонце, што те греат, а има и такви што се како зимски дожд, што во мраз ти ја претвораат душата, почна да си објаснува. Огнена и Тони во која група спаѓаат? се запраша. Не знам, поита да си одговори. А знаеше, ама нејќеше да си признае.

Го вклучи мобилниот телефон. Имаше два пропуштени повици и една порака. Беа од Стефан. И толку. Како сиот свет да го беше заборавил. Не ја прочита пораката, зашто беше убеден дека знае што содржи, а освен тоа, доколку ја прочиташе, ќе мораше да му одговори. А нему не му беше до комуникација. Со никого. Освен со… Вили!? воздивна. Зошто остануваш во зандана кога вратата е ширум отворена? одеднаш му прелетаа зборовите на Руми што којзнае кога ги беше прочитал. Му заѕуни струна во градите. Ќе одам во Вилино!

мигновено одлучи. Вили тоа нема да го разбере поинаку одошто е. Таа ниту им додава, ниту им одзема на нештата. За неа нештата се такви какви што се. А какви се? И кому се правдам? Јас сум слободен човек кој…, сопре. Врага сум слободен! Слободните луѓе не бегаат, туку се фаќаат во костец со животот, ентузијазмот му спласна. Како и да е, одам! не си дозволи да се премисли.

Со крупни чекори се упати накај рецепцијата за да ја замоли девојката да му резервира билет за првиот автобус што утре изутрина ќе трга за Вилино. И додека таа зборуваше на телефон, нему погледот му го привлече фотографијата што беше закачена на столбот зад неа. Еден човек седеше пред некој индонезиски храм со рацете склопени во молитва. Лицето му беше спокојно, погледот благ, веѓите црни и густи, косата бујна и немирна. Не е можно? Бездомникот!?

„Би сакал нешто да ве прашам”, очите не ги тргаше од фотографијата.

„Повелете”, пресретлива насмевка.

„Оваа фотографија…” покажа.

„Денес ја закачив”, поита да му објасни мислејќи дека се исчудува како досега не ја забележал.

„Кој е на неа? Простете, можеби не треба да сум љубопитен…”

„Не, воопшто! Тоа е Исак. Сопственикот на пансионов.“

„Сопственикот!?“

„Сега е на Бали. Штотуку ни ја прати. Убава е, нели? Морав да ја закачам, смирува. Како да е тука, со нас.“

„Да, да“, збунето гледаше во сликата.

„Го познавате?”

„Не“, одмавна со главата. „Всушност, да! Тој ми го препорача пансионов.“

„Можеби следниот пат кога ќе дојдете, ќе го затекнете“, и таа се вгледа во фотографијата.

„Можеби“, тага во гласот, и самиот не знаејќи зошто.

„Но сликава сигурно ќе ја нема. Ќе ја тргнам штом ќе чујам дека се вратил”, весела смеа.

„Ќе ја тргнете?“ ги крена веѓите.

„Скромен е, не сака фалби и величање.“

„Разбирам”, сега ептен зажали што не поразговара повеќе со него во паркот.

Не знаеше дека толку ќе се радува. Срцето му тупотеше забрзано, од лицето не му се симнуваше усмевката. Така по цел пат.

По три и пол саати возење и сопирање во две попатни гратчиња, конечно стигнаа. „Вилино!” објави возачот паркирајќи на еден мал плоштад. Видан слезе последен, му требаше време да ги размрда нозете од толку седење.

Плоштадот беше послан со темни гранитни коцки и окружен со камени куќи, чиниш нацртани. Пред нив се извишуваа стари багремови дрвја, со гранки егзотично подадени на сите страни. На средината се наоѓаше чешма во облик на птица од чиј клун бликаше буен млаз вода, а околу неа дрвени клупи. Расцрцорени птици летаа игриво по синото небо. По некој минувач полека си врвеше по патот. Отспротива, пред една продавница, двајца мажи седеа на камените скали со шишиња пиво в рака. Типична сцена за малите места, се поднасмевна и тргна кон нив.

„Добар ден“, ги поздрави.

„Дал ти Бог добро“, му отпоздравија во еден глас. Беа исто облечени, во штофени панталони, волнени елеци, дебели карирани кошули, качкети на главата, износени чевли на нозете. Дури и лицата им беа исти. Потемнети од сонце и измрежани со длабоки брчки.

„Повели, седни“, едниот од нив му покажа на камената скала до него.

„Не, фала, не сум за седење”, одмавна со главата.

„А за што си?“ шеретски го погледна другиот.

„Дали знаете кај би можел да ја најдам Вили?“

„Вили!? Па тоа и пилињата го знаат!” прсна во смеа. Му се придружи и човекот до него.

Чекајќи го одговорот, Видан ја префрлаше тежината на телото од едната нога на другата и луташе со погледот наоколу.
„Оди само право по улицава”, едниот маж со раката му покажа кон една од двете калдрми што се разгрануваа од плоштадот, „и ете си кај Вили!“

„Благодарам”, го премести ранецот на другото рамо и тргна.

„Само право“, му повтори човекот.

Чекореше полека препуштајќи му се на восхитот што го обзеде. Го слушаше појот на птиците, се вгледуваше во чардаците на куќите, во портите, во пенџерињата со плетени завеси, во саксиите со најразлични цвеќиња. Го пленија камените куќи, калдрмите светнати од многу одење по нив, жуборот на водата што се слушаше од сите страни. Му се допаднаа и луѓето што ги среќаваше попат. Сите со јадри лица, со румени образи и бистар поглед. Тук-таму ќе здогледаше и по некој дојденец, како него, се познаваа по облеклото и одот.

Ја здогледа уште оддалеку. Ниска, полничка, безмалу тркалезна, како топче. Се движеше меѓу масите смеејќи се со гостите. Кога го виде, насмевката ѝ стаса до ушите.

„Еј, Видан!“ му мавна и поита да го пресретне. Одот и беше лесен, како на дете. Локните на косата ѝ потскокнуваа, лицето ѝ блескаше.

„Сепак дојде, а?!“ ги подаде рацете кон него.

„Дојдов“, топло ѝ ги стегна дланките.

„Е стварно ме израдува!” од очите ѝ извираа безброј мали сонца.

„Ех“, малку усрамено воздивна.

„Ајде“, го повлече за рака. „Погледни!” горделиво му ја покажа розовата камена куќа со големи прозорци, со дрвен чардак што лебди и висока резбана врата над која пишуваше: Кај Вили. Пред неа, на калдрмата, беа наредени десетина тркалезни дрвени маси и столчиња со потпирки за рацете и со жолти перничиња на седалата. На секоја маса имаше мала вазна со ситни модри цвеќиња. Истото цвеќе бујно се прелеваше од саксиите со кои беше окружена кафетеријата. Одново се вгледа во куќата. Таванот на чардакот беше преполн со гнезда од ластовици. Глетката беше како од разгледница. Го трогна. Го потсети на некој живот што само го сонувал, а никогаш не го живеел.

„Многу убава куќа“, гласот и погледот му беа копнежливи. „Никаде не сум видел ваков розов камен. Да се чудиш што дарува природата.”
„Го има близу, во планината. Татко ми оттаму го вадел и обликувал. Ѕидари ја изѕидале. Кафетеријата е на приземјето, јас живеам горе. Сакаш ли да видиш како изгледа внатре?“ направи еден чекор кон вратата и сопре. „Туку не, има време, прво да здивнеш. Сигурно си уморен.“

„Не баш“, одмавна со главата, ама изразот на лицето друго кажуваше.

Беше уморен, многу. Стана рано, патуваше долго, а и возбудата го совлада.

Вили го фати под рака и го одведе до масата што беше најнакрај, до влезот на куќата.

„Тука е најубаво. Има видик, сѐ ти е на дланка, а башка и никој нема да ти седи зад грб“, ѓаволесто се насмеа.

Видан го спушти ранецот наземи и седна до ѕидот. Таа остана да стои простум, гледајќи го со детска љубопитност. Во еден миг, преку лицето ѝ прелета сенка.

„Ќе ти донесам еден сок што веднаш ќе те накрене“, поита накај влезната врата.

Чекајќи ја, Видан ги набљудуваше совршено вклопените камења со кои беше изѕидана куќата. Чиниш мозаик, се воодушевуваше од мајсторството на градителите.

„Така“, Вили го спушти послужавникот на масата. На него беа наредени чаша полна до врв со црвено-портокалов сок, мала порцеланска шолја со кафе што испаруваше и кружна румена вафла од која се прелеваа филови.

„Првин сокот“, ја стави чашата пред него.

Сокот имаше вкус на ананас, манго, папаја, цимет… кој да знае? И не само што беше неверојатно вкусен, туку в миг го освежи, силата му ја врати.

„Ова е некој магичен напиток, а!?“ му се засили синилото во очите.

„Магија е самиот живот”, Вили ја извади кутијата со цигари од скутникот што ѝ беше опашан врз долгото темно здолниште. „Пробај сега од вафлата”, запали цигара вртејќи ја главата на другата страна, за да не му пречи димот. „Обична е, како за почеток. Во светот на вафлите се влегува полека, треба привикнување.”

Тој прашално ја погледна сакајќи да проникне дали се мајтапи со него, па кога нејзиното лице не му кажа ништо, ги зеде виљушката и ножот и пресече едно мало парче од топлата вафла. Меѓу двете теста имаше фил од ванила и чоколада, резанки јагоди, малини, некои бели топчиња што крцкаа и уште неколку нешта што не можеше да ги одгатне.

„Не сум многу по благото, ама ова е навистина вкусно”, со сласт ја испразни чинијата. Вкусовите беа сосем непознати за него, но убави.
Вили молчеше не тргајќи ги очите од него. Го гледаше задоволно, како што мајката си го гледа детето додека слатко јаде.

„Каде можам да се сместам?“ ја праша кога прејде на кафето.

„Тука нема многу избор. Има соби само по приватните куќи. Но има една жена што се занимава со вистински екотуризам. Со домашна кујна, пити, вршници, планински речни риби, што уште не.“

„Сеедно ми е“, ги собра рамената.

„А не, не е сеедно, ќе видиш!” Вили го извади телефонот од џебот на престилката и се јави некому. Додека таа зборуваше, тој шеташе со очите на сите страни.

„Баш си среќлија, Ната има една слободна соба“, радосно го спушти телефонот на масата, а тој со кимање на главата ѝ се заблагодари.

„Местово е многу интересно, вакви куќи немам видено“, Видан покажа со главата кон камените куќи отспротива. „Сакам сѐ да ми раскажеш, ама не денеска. Ми треба одмор, некако сѐ ми дојде премногу”, си го протри челото.

„И јас сум капната кога доаѓам од градот. Чудо како го исцедува човека. Овде ќе закрепнеш”, се исправи. „Е па ајде!“

„Да платам прво“, го извади паричникот од џебот.

„Денеска си мој гостин“, го отпаша скутникот. „Почекај ме малку“, тргна навнатре.

„Фала ти!“ ѝ довикна.

Се врати бргу. „Наваму”, го поведе по едно мало сокаче.

Поминаа покрај неколку куќи, сите камени, како исцртани. И сите со лебдечки чардаци. Наоколу се разлеваше весела детска смеа и нечиј пој. А нему, чемер во градите. Кај сум си го потрошил животот? Кај сум трчал? го ожалостија идиличните глетки и спокојната радост со кои беше обвиено Вилино.

„Еј, кај одлета?“ Вили сети дека се сневесели.

„Ех, зар нема каде?“ малодушно одговори.

„Има време за мислење. Сега диши. Само диши. И ништо друго.“
Јас и не правам ништо друго освен што дишам, ама ако дишеш не значи дека живееш, сакаше да каже, но одмолча. Му се виде премногу страдална таа изјава, не сакаше мигот да го уништува.

„Стасавме!“

Дрвената порта што ја отвори Вили заѕуни. Големиот двор во кој зачекорија му измами воздишка. Разгранет орев и под него маса со дрвени клупи од двете страни, камен бунар на средината, отстрана лежалка врзана за два багрема, на крајот мала градина со разновиден зеленчук. Една жена со седа коса собрана во плетенка и лице измрежано со брчки доаѓаше накај нив. Рацете ѝ беа полни со крупни, зрели домати.

„Ова ти е домаќинката, Ната“, ја претстави Вили.

Таа ги остави доматите на масата и му ја подаде раката. Стисокот ѝ беше силен, машки, погледот бистар.

„Да ви ја покажам собата или малку ќе седнеме?“

„Како сакате…“ не му беше до седење, ама не сакаше да биде неучтив.

„Нека се смести првин“, Вили му ги прочита мислите.

„Тогаш ајде“, домаќинката тргна накај скалите.

„Те оставам со убаво“, Вили го потапка по рамото. „Знаеш кај сум, а знаеш и дека си добредојден”, сѐ на неа се смееше. Му се чинеше дека дури и косата ѝ се смее.

Тој промрмори неколку збора на благодарност и киниса по скалите. Ната стоеше пред една ширум отворена врата. Во собата се мирисаше на чисто, штотуку испрано. Прекривката на креветот, постелнината, завесите. Беше едноставно наместена, без ништо отповеќе. Кревет, масичка и една фотелја до неа, мало биро крај прозорецот, дрвен орман. Прозорецот голем, со плетени завеси. На дрвениот под рачно ткаено килимче. Сѐ во топли, песочни тонови. Само перничињата на креветот беа во боја на циклама.

Легна на креветот со намера малку да се одмори, а заспа. Се разбуди дури следниот ден, со појот на првите петли. Нивниот пој го врати во некои одамна минати времиња што не се ни сеќаваше дека ги доживеал. И пак заспа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *