Височините на Феликс

Расказ од Марта Маркоска (откупна награда „Нова Македонија“, 2015)

Другарките на Феликс ѝ раскажаа дека уште кога биле мали си замислувале дека кога ќе пораснат и ќе се омажат, иако некои од нив се омажија на свои неполни седумнаесет години, ќе живеат на море. Поточно, не баш на море, но тие така го прераскажуваа живописното сеќавање од детството, туку покрај вода. Да, тие посакувале да живеат секаде каде што има вода. Дали знаеле дека ќе пораснат во толку порочни човечки суштества па потсвесно водата ја поврзувале со миење на совеста? – си мислеше Феликс.
Феликс, од друга страна, никогаш не целеше многу високо. Таа само посакуваше да се омажи од љубов. А дали потоа ќе живее во колиба, па макар и онаква како на Чичо Том, или ќе живее под кирија во некое предградие на Њу Џерси, не сакаше воопшто да размислува. Додуша, таа потсвесно целела високо бидејќи и не можеше да си замисли нешто повисоко од 45-от кат во единствената висококатница во нејзиниот кварт. Да, таа воопшто не се сети дека можеби навистина целела високо, иако не знаела за тоа.
Гордон беше нејзиниот сопруг. Триесет и осум годишен маж со смеѓа коса, барем толку колку што му беше останала на главата. Косчест и висок околу 185 сантиметри иако не можеше да се смести во манекенското друштво, оти овие, навидум, идеални пропорци, кај него не беа баш најсразмерно распоредени. Како што, во шега, знаеше да рече бабата на Феликс: „тој имаше многу убави црти само не му беа распоредени на вистинските места“.
Малку подгрбавен и со орлов нос, се разбира, тоа само во профил можеше да се забележи, Гордон беше маж каква што секоја трета жена би трпела. Тој е од ние кои би биле подносливи за секоја, еве ако не трета, тогаш четврта жена, макар каква и да е таа како сопатничка покрај него. Беше поднослив. Не вревеше премногу и секојдневниот живот можеше да тече без некакви сериозни препреки. Феликс ја судри нејзината вечна желба за убав, висок, смеѓ маж, со нејзината желба, тој, истовремено да биде и поднослив. Си рече, ако успее да ги најде овие два, за неа најважни атрибути кај мажот, ќе стапи во брак, а ако не, тогаш ќе си купи куче и нему ќе му ги посвети сета своја љубов и внимание. Ете, судбината, или картите, или среќата, или квантната физика, така се поиграа со Феликс – таа да го најде Гордон кој беше сè освен човекот од нејзините соништа. Понекогаш кога сакаше да се утеши, размислуваше за животите на нејзините другарки. А и тие, речиси никоја од нив не го живее животот каков што го посакуваше. Џеси се омажи за месар, а целиот живот им проповедаше на луѓето колку е важно да се биде вегетаријанец. Линда се зеде со Пол што работи во ликер стор, а таа не помирисуваше алкохол дури ни на најлудите забави. Мерси ја запроси 8 години помлад од неа, штотуку излезен од адолесцентниот период, а таа целиот живот патеше од потребата за татковска фигура. Е па на Феликс и не ѝ е толку лошо, си размислуваше, кога вака ќе ги наредеше нејзините прос анд конс вагања на судбините на луѓето што ги познава. Феликс, од друга страна, работеше како продавачка во еден маркет за намирници. На секоја пауза излегуваше да си ги испуши своите минути на слобода и што е можно пострасно да го вовлече никотинот за секој следен пат да си докаже дека може подобро и подлабоко да вовлече од претходниот. Татко ѝ би се гордеел. Со него постојано се натпреваруваа кога таа беше дете: кој подалеку ќе го фрли камчето во водата, кој подалеку ќе го фрли хартиеното авионче и чие повеќе ќе се одржи во воздухот, кој може подолго да се плази пред огледалото, кој повеќе може да изоди со две нозе во еден чорапа. Мајка ѝ беше замината од дома уште додека таа спиела и сонувала каков живот посакува за себе кога ќе порасне. Феликс го запозна Гордон повторно во еден ист таков натпревар како оние што ги имаше со татко ѝ. Една вечер, во локалниот бар, додека играјќи билијард со нејзината другарка Кејт, ѝ пријде малскиот провокатор со предлог дека ќе ѝ даде 100 долари ако се охрабри да го залапа Гордон без никакво однапред предупредување. Феликс, без никакво размислување и ни грам сомнеж, ги грабна 100те долари и му се фрли на Гордон додека тој чекаше ред пред тоалетот. „Каква штета може да има од едно залапување?“ – си мислеше. Ем заработи 100 долари, ем некого ќе направи среќен. До ден денеска не разбра дали тој што ѝ ги даде парите во опклада беше некој негов пријател или пак познаник на кого Гордон му ги имаше дадено тие 100 долари за да поткупи некоја женска да му пријде.
Како и да е, целта беше постигната. Еве ги сега и по цели 8 години тие сè уште се заедно. Кога се расправаа, Феликс знаеше да му го префрли тоа на Гордон дека да не ѝ понуделе 100 долари никогаш немала да биде со него. А тој на тоа само ќе ги кренеше рамениците што Феликс не знаеше дали да го протолкува како рамнодушност, демек му е сеедно дали ќе се заедно, или како недостаток на вокабулар, слабост на неговите ментално-интелектуални и вербални капацитети и незнаење како да се справи со ваквиот нејзин напад. Гордон, од друга страна, не сметаше дека е важно во каква било прилика да ѝ се спротивстави на Феликс, затоа што очигледно тој нејзе ја посакувал повеќе одошто таа него. Тој беше од оние мажи што се задоволуваше со купување на ситнурии од дуќаните на кои пишуваше: СЀ ЗА 9.99 ДОЛАРИ. А кога ќе најдеше некоја, за него, скапоценост, се чувствуваше како херој. Како да завршил на Харвард. И тогаш ја опсипуваше Феликс со многу бакнежи и нежности, како што тоа не го правеше секој ден, туку само кога се чувствуваше како херој. Феликс ја одбиваше таа негова особина на победоносно освојување на нејзините врат, уши, глава, и други делови од телото, во денот на неговото триумфирање врз безначајни предмети. Тогаш и таа се чувствуваше така – безначајно. Еден ден Гордон дојде дома и свечено изјави:
„Го купив предметот кој уште од детството сакав да го поседувам.“
„Си купил дилдо?“ – зајадливо му дофрли Феликс.
„Боже Феликс. Од каде доби таква блесава асоцијација. Ти личам ли јас на некој што би купил дилдо?“
Феликс сакаше да го задева Гордон со безобразни муабети затоа што отсекогаш го сметаше по малку смотан во креветот. Уживаше во овие нејзини мали триумфи што си ги приредуваше како најслатко самозадоволство.
„Феликс, го купив сребреното синџирче на кое е потпишан пронаоѓачот на синџирчињата за очила.“
Гордон мислеше дека ја открил Америка секогаш кога ќе најдеше некој предмет, за кој, само тој сметаше дека заслужува специјално внимание. При тоа никој друг, освен него, не беше запознаен со историјата, потеклото и смислата на тој предмет, а уште помалку со смислата на потписот на пронаоѓачот на толку бесмислено нешто.
„Гордон, со тоа синџирче можеш да се об…“
Не беше сигурна дали ќе сфати што сака да каже, но не ја доврши реченицата.
„Подобро ќе беше да си купел дилдо. И, секако, покорисно.“
Гордон не беше подготвен да се расправа, па не ѝ го поземаше муабетот на ваквите нејзини шеги околу неговата неспретност во креветот.
„Гордон, што велиш навистина да појдеш во тој дуќан и да го замениш тоа синџирче со дилдо? Не мислиш дека ќе ни заврши повеќе работа?“
Гордон се направи како воопшто и да не ја слушна оваа нејзина изјава, маѓепсан од потписот на синџирчето веднаш потрча да пребарува слики на гугл за да дознае што е можно повеќе за историјатот на ова синџирче.
„Ако тебе ти е непријатно, тогаш ќе појдам јас и ќе го заменам тоа проклето синџирче со едно пристојно дилдо“ – сега со малку повишен тон му се обрати Феликс.
„Гордон, ако не појдеш да го замениш тоа безвредно синџирче ризикуваш да се расправаш со мене сè додека не го замениш.“
„Гордон, ме слушаш ли јас што зборувам? Ако не скокнеш веднаш да го замениш тоа безвредно синџирче ќе го фрлам од балконот.“
„Гордон, ако не ми обрнеш внимание што зборувам, ти ветувам дека тоа синџирче и потписот на неговиот безвреден пронаоѓач ќе завршат како потпис на асфалтот.“
„Гордон, те уверувам дека ќе летате низ балконот и ти и твоето синџирче и ќе бидете убав примерок за некој пронаоѓач – од форензиката!“
Му го дрпна синџирчето од рака, заканувачки расфуче со него низ воздухот и во мигот кога се напна да го фрли што подалеку преку балконот, се препна од стариот свеќник што Гордон го имаше купено за 9.99 долари, а таа не дозволи таква грдосија, како што ја нарекуваше, да стави на трпезариската маса, па Гордон го имаше зафрлено на балконот.
Феликс никогаш не целеше многу високо. Додуша, таа потсвесно целела високо бидејќи и не можеше да си замисли нешто повисоко од 45-от кат во единствената висококатница во нејзиниот кварт. Да, таа воопшто не се сети дека можеби навистина целела високо, иако, досега, не го знаеше тоа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *