За секого по нешто, за некого ништо (извадок)

Извадок од книгата „За секого по нешто, за некого ништо“ на Бранко Прља.

Балот мал, голем алал

Си бил еден бал, голем, а мал. Дошол таму еден голем крал и си седнал. Другиот крал, домаќин на тој бал, го погледнал. Му пришол и го прашал: – Вие сте голем крал, а јас мал, што ве носи на овој бал? Големиот крал одговорил:

– Моето кралство големо е, но, за мене мало е. Тажен сум јас, иако голем како бедем, беден се чувствувам ептен.

– Зошто кралу мил, толку си се натажил? – го прашал кралот мал.

– Синот го изгубив, без наследник останав. Сега сум сам, како дрво без гранки патам. Така дојдов тука, за да се расположам. И гледам, очи плакнам, но никако не разбирам како сите весели, а таков бал мал? – одговорил големиот крал.

Кралот мал се насмевнал и рекол: – Среќни сме ние, зашто мали сме и иднината не ја знаеме, можеби утре нема да постоиме, но за неа не мислиме. Корењата ни ги исекоа, стеблата избушија, гранките ни исушија, а листовите одамна паднаа. Знаеме дека повеќе од тоа не можеме да изгубиме. Затоа се веселиме и играме, наместо да плачеме и жалиме. Утре, можеби нема да постоиме и тоа го прифаќаме. Затоа нашиот бал е мал, а голем алал.

 

 

Кап! И пак.

Си била една капка, што имала страв од капнување.

Еден ден си кажала: – Да не се капне треба, да не се биде капнувачки миг. Да се биде стоик, стабилен лик, а не само променлив облик! – Додека така си размислувала, од возбуда се напрегнала, па ненадејно се откачила и надолу тргнала. Вреснала и од под се расплеснала. Кога се свестила, веќе испарила и пак капка станала.

– Какво чудо! Какво патување лудо! Сакам пак! – викнала и кап!

 

 

Мав?

Ова е приказна за еден слон. Тој слон бил дебел како балон и тромав како мав. Така си одел и по пат викал: – Јас сум мав!

Го пресретнал глушецот и го прашал: – Што е мав? – Слонот застанал, па се замислил. Мислел, мислел, но не му текнувало, па кажал: – Да го прашаме писателот, тој мора да знае, зашто оваа приказна негова е.

Така заедно тргнале и писателот под едно дрво го нашле, како седи и во ладовината си мези. – Што е мав? – го прашале во еден глас, а писателот се насмевнал, па кажал:

– Е, ајде де! Од кај да знам пак јас!? Така ми дојде, па низ ракав на хартија отиде!

Слонот се налутил, па викнал: – Како така!? Кога веќе морам да зборувам, зарем глупости да тропам! – И, трас! Го смачкал писателот со нога и заедно со глушецот си заминале дома.

 

Наполеон мал, а успеал

Си бил еден друг крал, голем, а мал, Наполеон што се викал. Никого не сакал, Жозефина сал и по некој од него помал. Викаат дека не спал, едвај три саати дал’. Пет работи наеднаш правел и не се заморувал. Ако те погледнел, веднаш те вкочанувал, тој Наполеон мал. Се наоружувал, војувал и постојано думал како страв во коските да им внесе на другите. И успеал!

Антиприказна

Оган вода гаси. Трева крава пасе. Нога човек оди. Мисла се мисли. – помисли еден Денко ден. Тој Денко убав беше и посака да се исонча Сонце. Излезе така Сонце надвор на Денко и се сонча да се соблече. Му касна оса рака, па го долета, а тој дома одлета. Огледало се гледа во Денко, а тој во него и наеднаш се разбуди, па за рака се фати:

– Болката не опстои, зашто само мислата постои, а јас постојам зашто мислам, затоа одлучувам болката да ја негирам! – рече Денко и така би, зашто така помисли.

 

 

Неприказна

Писателот реши приказна да напише, но ни хартија ни пенкало не најде. Бара по собата тој, но во неа нема ништо, освен него и друг никој. Така одлучува со ноктите вена да си исече, па со крв по ѕидови приказна да напише. Тој сече, ама крв не тече, ниту раката го пече, зашто ја снема, а ни ѕид никаде нема, наоколу само празнина. Го фати писателот дилема и таман глава да го заболи, кога сфати дека ништо на рамена не му тежи. Сака да вика, ама не трепери ни гласна жица. Помисли да бега, ама како, кога нозете му ги нема. Така остана и приказна стана.

 

 

Како на Данил животот му се замрсил

Еден ден Данил излегол да се прошета и го сретнал Данил.

– Тоа сум јас! – заклучил првиот.

– Не, тоа сум јас! – одговорил другиот.

Тука расправа и тепачка настанала, толпа се собрала, па дури и полиција на крај ги разделила, толпата ја растерала, а нив дома ги пратила. Оттогаш Данил уште неколку пати го сретнал Данил, а и Данил, Данил, никој не застанал, туку по патот си продолжил, но во себе ептен се растревожил.

Така животот на четворицата им се замрсил.

 

 

Кој чиј нос носи

Еден Бос изгубил нос. Го барал насекаде, но не го нашол никаде. Се испаничил, па седнал и заплакал. Оттука Роб поминувал, па што го мачи го прашал. Кога дознал дека Бос изгубил нос, својот му го подарил, само овој да не тажел. Утредента, кога на работа Бос стигнал како по обичај носот си го дигнал. Кога – чудо! Никој не го фермал, туку само се потсмевнувал. “Што не чини?” Бос се запрашал, па во огледало се погледнал. Дигнал глава горе, кога носот му се спуштил доле.

– Каков нос, што гледа во патос, како да сум Лос, а не Бос! – крикнал Лос. Во меѓувреме Роб го нашол носот на Бос, па си го ставил и станал Сноб. Кој и другар да пресретнувал, веднаш помислувал: “Не се тие во мојата лига, види како носот ми се дига!” Така било и така останало, сѐ додека Лос не го сретнал Сноб, па се степале и носевите си ги откорнале, кога наеднаш сфатиле дека веќе не ги разликувале. Така збунето некое време стоеле, секој в рака држејќи го својот (или туѓ) нос, па на место си ги вратиле и се разотишле. Но, ете и ден денес сеуште не се знае кој чиј нос носи.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *