Заспаните убавици (извадок)

Извадок од прозниот запис Заспаните убавици на Сашо Димоски.

МАША

Проба] да замислиш една картонска кутија во која би можел да затвориш небо. Обои го во црно, црвено, виолетово, можеби и сино, не е важно; само биди сигурен дека тоа е небо. Обиди се и да ги затвориш ѕвездите на тоа небо, без оглед на тоа дали се направени од гипс, од шлаг, од снег или од згусната магла, или, пак, се само обични ѕвезди. Не е важно. Потоа обиди се да сонуваш и наутро да го прераскажеш својот сон седнат покрај својата имагинарна картонска кутија. На крајот отвори ја и види дали таму те чека насмевка.

Железото отсекогаш мирисало на темнина. Да, на темнина, иако вие не знаете како мириса темнината. А железото е составено од помали темнини отколку вистинската темнина. Иако сите имаме свои различни темнини, мојата не ја давам за ништо на овој свет. Во нејзината благородна суштина можам да го затворам секој еден недостаток, така што тој ќе се врати како женска воздишка и ќе ме чека на перницата. Ви велам, темнината е толку благородна во својата серодна утроба. Веке одамна знам дека токму тука започна сѐ и дека таму ќе се заврши сѐ. Таа е секој еден почеток и секој еден крај; само во нејзините тишини можеш секогаш да се предадеш самиот на себе.

Ми се случуваат настани што не знам како да ги разберам. Со големо задоволство ја гледам секоја една капка што се слева полека по нејзиното лице. И не настојувам да ја отстранам. Во совршеноста на обликот таа припаѓа таму и само таму. Затоа и сакам да ја гледам како плаче. Понекогаш намерно ја доведувам до состојба на лудило – само за да пушти понекоја солза.

И, ви велам, железната темнина се повторува секогаш, па каде и да одите. Таа не го менува обликот нити својствата; нити, пак, некогаш зборува со различен глас од оној што го носи уште од своето блескаво раѓање, па дури ни за време на својот пубертет. Додека растев и станував свесен за своите пречки, јас никогаш не се обидов да променам што било бидејќи немав сила. Никогаш немав доволно сила. Така, ги прифаќав сите мои пречки како намерно поставени нешта ставени во заграда. Во молкот меѓу запирките во моите загради живееше онаа вистинска болка. Таа немок да ѝ се спротивставам на совршеноста на тишината што ја поседуваше само запирката.

Уште кога првпат ја сретнав, знаев дека ќе биде вака, дека ќе претставуваме само некаков чуден дијалог во моментите кога сме заедно, а кога нема да сме, секој еден миг ќе го користиме за да мислиме на другиот. Со текот на времето, другиот стана сосема друг, не во онаа смиела дека тоа не сум јас, туку во онаа дека се потчини на туѓината.

Затоа ви кажувам дека единствена мерлива величина е тишината. И понекогаш буквата, иако никогаш немавме никаква потреба од букви. Белилото е бескрајно говорење, буквите се кршење на совршениот говор. А ние само ги следиме, само се раководиме според нивните упатства. Како коњи со своите огламници: така ние со буквите. Буква, буква, буква… Смешно е. Дури и идентитетот ни е даден преку буква. Некој што не не познава не може да знае за нас без суштината на таа буква, без редоследот што тие го даваат, а говори за нас. На крајот, ние сме никој без буквите. А зборот? Зборот е нешто друго. Тој не е само збир на букви, тој е значење, надзначење, подзначење. Сѐ што може да биде едно значење. Зборот е моќ, дури и на почетокот беше зборот, бидејќи со него се создава. Зборот има онолкава моќ колку што ние ќе му дадеме. Тој е зависен од нас, а не ние од него. Исто е и со природата: ние ги одредуваме нејзините делови, ги именуваме, ако сакаме, можеме и да ги заборавиме, да ги истребиме. Дури и самите така се создадовме: со зборот.

Но железните отпечатоци во мојата темнина не поседуваат никакви букви, нити, пак, зборови. А нејзините многу често пискаат, и тоа предизвикува главоболка.

Мојот проблем се состои само во тоа што не успеав да го зачувам зеленилото на паркот во кој првпат се сретнавме и во тоа што дозволив да избледат боите на твојот свет. Покрај тоа, допуштив само една грешка што случајно остана да се провлекува натаму: никогаш не купив соодветна боја за ѕидовите на нашата спална соба.

Иако дневниот престој отсекогаш беше обоен во црвено, таа боја понекогаш гушеше како недостиг на воздух и често не се чувствував пријатно во дадената атмосфера. Таа се загледуваше во нив мислејќи дека ќе пронајде некаква неправилност во формата на плафонот или во нијансите на бојата. Намерно така ја обоивме: да има неколку нијанси на црвена, бидејќи, во спротивен случај, би било монотоно. Дури ставивме и црвени светилки: за амбиентот да биде најсоодветен. Кога ќе прегореа црвените светилки на двете столни ламби, никогаш не купувавме во друга боја. Мораше да биде црвена, исто како што паркот во кој шетавме заедно мораше секогаш да биде зелен, иако времето се менуваше.

Во сите бизарности, таа знаеше да воведе понекој минорен миг на светлина. И знаев дека сите мои бизарности се обоени во боите на нејзината женственост. Надја значеше најголема револуција во бојата на моето секојдневие. На врвовите од нејзините прсти спиеја сите бои на виножитото, a јас отсуствував од нивното раѓање. Можеби понекогаш и не се раѓаа за мене.

Ви велам, темнина.

Секоја своина секогаш се сведува на темнина. И тогаш почнувам да плачам од убавина. Да, вистински да плачам.

Иако до некаде ме збунува овој парадокс на очекуваното, во оној момент кога таа сосема полуде не откажувајќи се од мене, единствената работа што ми недостигаше беа само нејзините замрзнати солзи. Но и темнината доби некаков изменет мирис. Основната железна нота беше тука, но како да беше променета. Или, подобро: како веке да не беше моја. Како да се отуѓи.

Кога сега ги гледам ѕидовите од мојата картонска кутија, сфаќам колку многу избледеле. Колку се промениле. Колку остареле. И во овие мигови, един­ственото нешто што ми недостига не е мојата темнина, нити, пак, тишината што често ја придружуваше, туку тоа се сите црвени недостатоци на моето секој- дневие.

Албертина застана надмено над картонската кутија и меѓу забите прозбо- ри:

Никој не верува во црвено повеќе.

Потоа ја поклопи кутијата со едно ладало.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *