Сашо Димоски (1985, доктор по драмски уметности) е македонски писател и драмски уметник. Од своето деби во 2015 создал портфолио кое обединува преку педесет наслови изразени во прозни книги, драмско и балетско авторство, раскази, радио- и ТВ-продукции, театролошки есеи и научни истражувања.
Се издвојуваат: Дневникот на Хулиганот (2015, проза адаптирана за сцена во Македонската опера и балет), Алма Малер (2016, роман, адаптиран за сцена во Македонскиот народен театар, преведен на српски и англиски јазик), Петтото годишно време (2017, роман, награден со Рациново признание, преведен на албански јазик), Ние, другите (книга собрани драмски текстови изведени на сцена), Заспаните убавици (проза, 2018). Драмски текстови: Федра (СМГ Љубљана, НТ Џинот, Велес, 2016), Медеја (ФАД Стоби, 2017), Ана Комнена (НТ Џинот, Велес, 2017), Парламентарки (НТ Охрид, НТ Ниш, 2017), Шумата на моето дрво (НТ Џинот, 2017), Госпоѓиците од Авињон (Македонски народен театар, 2017), Кралските копилиња (НТ Џинот, 2018), како и петнаесет сценски адаптации. Се издвојуваат и два текста за кореограф: Црвената соба (МОБ, 2016) и Дервишот и смртта (ХНК Сплит, 2017).
Раскази, театролошки студии и драмски текстови му се објавени во неколку хрестоматии дома и во странство. Неговата уметност била претставена на повеќе од триесет фестивали во регионот и пошироко, на кои дел од продукциите биле и наградени.