Извадок од романот „Зборови“ на Јордан Коцевски.
Глава 1
Мирисот на застојаност од книгите не можеше да ја потисне нејзината арома од собата. Совршената комбинација на мирис од кожа, коса и парфем секогаш го пронаоѓаше патот до неговите ноздри. Во оваа соба најсилно го чувствуваше нејзиното присуство. Затоа брзо ја затвори вратата по него. Чајот во двете шолји кои ги држеше со левата дланка заигра од движењето. Неколку врели капки успеаја да го префрлат ѕидот на едната шолја и брзо го најдоа патот до неговата изложена кожа. Го потисна импулсот да реагира. Вдиша длабоко и ги затвори очите. Кога ги отвори, погледот му заврши на празните столови. Два. Еден поблиску до масата, додека другиот малку одлепен. На масата пред вториот стол имаше книга.
Ова беше нивната соба за читање, собата во која уживаа најмногу, собата каде што обожаваше да се изгуби со денови. Просторот беше мал и немаше многу во него: масата со двата стола, столна ламба и полици со книги. Полиците беа прицврстени на ѕидот и исполнети со книги подредени по азбучен ред, освен средната полица, онаа која имаше исклучиво книги со цврст повез и чии ‘рбети беа испишани со наслови на разни јазици. Таа полица беше полупразна. Исклучок беше и книгата која осамнуваше отворена на масата. Онаа која не дозволуваше да му избега од погледот откако влезе. Му требаа шест чекори за да дојде зад вториот стол. Гледаше во бројот на страницата на којашто беше отворена книгата. Не дека не знаеше, знаеше. Четириесет и прва страница. Се наведна преку столот и го доближи лицето најблиску што можеше до книгата. Долгиот здив кој го зеде му испрати морници по телото. Шумско овошје. Раката му лизгаше по десната страница од книгата. Движењето беше лесно, врвовите од прстите речиси не ја допираа хартијата. Кога паднаа од работ на книгата, продолжија нагоре по неговиот врат, неговиот образ, точно под десното око. Контрастот на меко и грубо, како што прстите продолжија надолу, по неговата вилица.
Воздивна и се упати кон другиот стол. Ја повлече книгата од под мишката и ја остави на масата. Чајот кој испаруваше го остави на средината од масата. Две големи шолји. Нане. Мечката од Берлин му се смееше од порцеланот на едната. Седна и ја отвори книгата. Сонцето ја фрлаше неговата сенка врз буквите на хартијата пред него. Го помести столот налево, поблиску до другиот. Гребењето кое го предизвика движењето ја наруши тишината во собата.
„Знам дека требаше да го подигнам столот“, го прекина ехото со сопствениот глас. „Не сакаме да се оштети подот.“ Удобно се смести во столот и ја погледна книгата. Зраците паѓаа под вистинскиот агол. Немаше сенка.
Не дебатираа многу кога одлучија оваа југоисточна соба да ја претворат во читална. Сепак, нему воопшто не му се допадна идејата да имаат „стаклен ѕид“ во собата. Имаше милиони причини зошто класичните ѕидови со прозорци се подобри, затоа што ја чуваат топлината и не мора да ги миеш неколку пати неделно и најважно од сè затоа што луѓето од спротивната зграда не можат да те видат. Последниот аргумент кој го презентираше беше: „што ако те посакувам и одлучам да те грабнам сега и овде?“ Нејзиното смеење беше природно гласно. Кога се смири, а обично тоа траеше, му одговори: „никогаш нема да ме избереш мене место книга.“
Чувството дека е како на излог или дел од современа уметничка изложба исчезна уште првата недела. Ѕидот целосно направен од стакло и југоисточната ориентација на собата несомнено придонесоа кон совршеноста на нивната соба за читање. Собата имаше природно осветлување преку целиот ден. Утрата беа совршени. Токму пред да замине на работа. Двата стола еден до друг. Чајот од нане со мед. Соседот ја пуши неговата утринска пура гледајќи ги. Завидува. Таа му мавта. Песната на птиците одѕвонува во собата. Насмевки. Сонце. Среќа. Бојата на зраците кои продираат во собата. Нане и шумско овошје.
Посегна по чајот. Отпи. Како што ја враќаше шолјата на масата, го забележа времето на рачниот часовник.
„Речиси е време да тргнам.“ Го стави бележникот меѓу страниците и ја затвори книгата што ја читаше. Ја постави пред себе и погледна кон празниот стол. „Извини, морам да одам. Ќе те оставам да го допиеш чајот додека се спремам.“ Се исправи, го истегна вратот лево, па десно.
„Не, среда е денес. Одам во ‘централната’ градинка.“ Почна да чекори кон вратата полека. Ја префрли шолјата во левата дланка. Вдиша длабоко. Ја отвори врата и излезе брзо. Ја затвори уште побрзо. Издиша. Остана пред вратата неколку секунди.
„Во ред“, си рече и почна да се движи низ тесниот ходник кон спалната. Го погледна брачниот кревет. Празен. Тенкото ќебе паѓаше од десната страна на креветот. Повторно ли се извлеков од под ќебето утрово?, се праша. Дел од ќебето висеше на врвовите од две кули од книги. Гледаше во нив. Едната беше кулата „класици“, а другата „мистерии“. Најверојатно ќе додадам уште една книга тука вечерва. Помисли покажувајќи кон хоризонтално наредените книги од купот „мистерија“. Погледна кон креветот, растурениот чаршав и стутканата перница. Дали да го наместам креветот?
Веднаш си одговори „за кого?“ Нема да му пречи вечерта да се прикраде под ќебето на истиот начин на кој се измолкнал утринава. Така ќебето ќе си се врати на место. Да се мести креветот наутро беше… „Бескорисно“, заклучи на глас.
Се доближи до плакарот. Ги побара панталоните внатре. Не беа каде што ги остави, или поверојатно каде што ги фрли синоќа. На подот, пред плакарот. Погледна надолу уште еднаш во потрага по нив. Се изненади што имаше чорапи на стапалата. Кога ли ги обу? Се обиде да виде дали ги има доволно повлечено нагоре по ногата, но му пречеше некоја ткаенина што паѓаше до зглобот. Ткаенината ги немаше поларните мечиња од неговите пижами. Панталони. Не беше во пижами, туку во панталони. Кога се облеков…? Брзо сфати дека не се облече утринава. Синоќа кога се шмугна под постелата, не се ни потруди да се преслече.
Погледна околу него. Кулите од книги му оневозможуваа да седне на подот и да ги собуе чорапите. Затоа имаше доволно простор да ги подигне стапалата. Се потпре со раката на плакарот за да не падне и ја подигна ногата. Го наведна носот колку што можеше до подигнатото стапало. „Да, чорапиве се од вчера.“ Помисли да ги смени, но одлучи дека миризбата не е толку лоша. Сепак, неговите стапала ќе го поминат остатокот од денот во чевли, така што никој друг нема да ги мириса.
Ја отвори лизгачката врата од плакарот. Неговата бела кошула со крем и кафени линии кои формираа квадрати, по некое чудо, беше на место. Го фрли горниот дел од пижамите зад себе, очекувајќи дека ќе падне на креветот. Ја облече кошулата и ја постави раката на лизгачката врата. Застана. Го наведна телото во плакарот и благо се заврти надесно. Вдиша низ носот. Капини. Ја затвори вратата и излезе од спалната соба.
Продолжи кон дневната. На масата го чекаше книгата која денес планираше да им ја чита на дечињата од градинка. Ја зграпчи во од. Ги обу чевлите и ја постави раката на влезната врата. Не ја отвори веднаш. Ја наведна главата, воздивна и ја заврти назад.
„Зарем?“, ја постави левата дланка на устата и дувна. Се насмевна и се заврти кон дневната соба. „Претпоставувам дека сепак сум заборавил да ги измијам забите.“ Нишајќи ја главата продолжи низ дневната. „Вчера се избричив.“ Застана. Воздивна. „Добро, одам.“
Го погледна огледалото во тоалетот. Ја остави книгата врз друга, која, пак, се наоѓаше врз пералната за алишта. Главата ја заврти на двете страни и помина со прстите по вилицата, продолжувајќи да притиска надолу по вратот. Која е поентата да се бричам секој ден? Ја зеде четката за заби, стави паста и почна да ги мие забите. Додека ги миеше забите, го гледаше одразот во огледалото. Брадата му беше едвај забележлива. Тенка. Светла боја. А не му ни растеше брзо. Додека образите му беа како на бебе, без ниедно влакно на нив.
Плукна и повторно се погледна. Одразот изгледаше доволно љубезен, со сигурност подобро од изборниот постер на моменталниот градоначалник со неговата небричена брада, кој нему му личеше како бараба. А сепак го избраа. Добар сум вака, заклучи, но посегна по бричот. Подобро денес, а потоа ќе паузирам пет дена.
Брзо заврши со бричот, се плисна со млака вода на лицето и пак го погледна одразот во огледалото. Иако се чувствуваше делумно освежен, не изгледаше воопшто поинаку од првиот пат кога се погледна. Го избриша лицето со крпа и стави малку лосион по бричење. Беше многу внимателен да стави колку што е можно помалку. Се нервираше секогаш кога носот ќе му беше надразнет од туѓите нападни парфеми, и затоа не сакаше другите да ги изложи на тоа непријатно чувство.